208/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 февруари 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 206 од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2008 и 158/2010).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 206 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и 52 став 4 од Уставот на Република Македонија. Ова од причина што со оспорената одредба законодавецот немал исти критериуми спрема сите започнати предмети за решавање на предметот за запишување на правата на недвижностите пред денот на влегувањето во сила на Законот, туку вршел раздвојување на започнатите предмети кои ќе продолжат во согласност со одредбите на новодонесениот закон и за започнатите предмети кои ќе продолжат во согласност со одредбите на Законот кој престанал да важи (член 223 став 1).

Понатаму , подносителот наведува дека законодавецот за донесување на оспорената одредба немал основ во Уставот. Од содржината на оспорениот член произлегувало дека поднесените барања до денот на влегувањето во сила на овој закон за запишување на правата на недвижностите ќе се решавале според новиот Закон што значи сите подносители на наведените права кои овие права ги стекнале според досегашниот закон кој престанал да важи користењето на тие права ќе се врши според условите на новиот Закон, што претставувало повреда на правото на сигурност на граѓаните како елемент на владеење на правото.Според подносителот, барањата што биле поднесени требало да се решат според прописите кои важеле во моментот на поднесување на барањето и не можело да се доведува во прашање остварувањето на наведените права поради донесување нов закон.

Од друга страна, со оспорениот член се создавала правна ситуација, односно можност да се применува законот и на односи кои биле поднесени пред неговото влегување во сила со што законот имал повратно дејство.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 206 од Законот „Решавањето на предметите за запишување на правата на недвижностите, за спроведување на промени во катастарот на недвижностите, за издавање на податоци од премерот и катастарот на недвижностите и за заверка на геодетски елаборати за извршени геодетски работи за посебни намени, започнато пред денот на влегувањето во сила на овој закон, ќе продолжи во согласност со одредбите на овој закон, освен за предметите по кои се постапува од страна на надлежна второстепена комисија, односно надлежен суд, за кои решавањето ќе продолжи во согласност со одредбите на Законот за премер, катастар и запишување на правото на недвижностите („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/1986, 17/1991, 84/2005, 109/2005 и 70/2006).

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Со Законот за катастар на недвижности се уредуваат основните геодетски работи, премерот на недвижности во функција на катастарот на недвижностите, воспоставување и одржувањето на катастарот на недвижностите и други прашања (член 1).

Според член 2 точка 2 од Законот, катастар на недвижности е јавна книга во која се врши запишување на правото на сопственост и на другите стварни права на недвижностите, на податоци на недвижности како и на други права и факти чие запишување е утврдено со закон.

Согласно член 3 од наведениот закон воспоставувањето и одржувањето на катастарот на недвижности, управување со геодетско-катастарскиот информационен систем, како и воспоставувањето, одржувањето и јавниот пристап до Националната инфрастрктура на просторни податоци се работи од јавен интерес.

Во Главата XVIII „Преодни и завршни одредби“ е поместен оспорениот член 206 од Законот со кој се уредува прашањето дека запишувањето на правата на недвижностите, спроведувањето на промени, издавањето на податоци од премерот и катастарот на недвижности и заверка на геодетски елаборати кои започнале пред денот на влегување во сила на овој закон, ќе продолжи во согласност со овој закон, освен за предметите по кои се постапува од страна на надлежна второстепена комисија или надлежен суд решавањето ќе продолжи согласно одредбите од претходниот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/1096, 17/1991, 84/2005, 109/2005 и 70/2006).

Во членот 224, пак, од Законот е предвидено дека овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Во членот 33 од Законот за изменување и дополнување на Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.158/2010) е предвидено дека: „Решавањето на предметите за запишување на правото на недвижностите и за спроведување на промени на катастарот на недвижностите започнато пред денот на влегување во сила на Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2008), а по кои се постапува од страна на Агенцијата и второстепена комисија, односно Управен суд, ќе продолжи во согласност со одредбите на овој закон (се мисли на измените) и Законот за катастар на недвижности.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби, а во корелација со наводите содржани во иницијативата, Судот оцени дека со оспорениот член од Законот, не е пропишано ретроактивна примена на Законот од кои причини не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со него се повредувал принципот на правна сигурност на граѓаните како елемент на владеење на правото и принципот на забрана на повратно дејство на законите утврдено во член 52 став 4 од Уставот.

Ова од причина што со оспорениот член се предвидува дека постапките за запишување, за спроведување на промени, за издавање на податоци и за заверка на геодетски елаборати за посебни намени (што значи започнатите постапки за кои веќе е поднесено барање во катастарот) ќе продолжат во иднина според одредбите од овој закон, а постапките по предметите кои се во поодмината фаза и кои се решаваат пред второстепена комисија или пред надлежен суд ќе продолжат според претходниот закон, што значи по законот по кој започнало нивното решавање.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба од законот нема повратно дејство и се однесува на оние постапки кои сеуште траат и се во определена фаза од постапката и дека целта на законодавецот не била да му даде повратно дејство на законот со кој се уредуваат прашања на запишување и други прашања на катастарот на недвижностите. Ова од причина што повратно дејство има ако една норма се однесува на односи кои се завршени пред влегувањето во сила на нормата, а повратно дејство нема ако нормата регулира незавршени односи или односи кои се во тек, како што е во конкретниот случај.

Дека целта на законодавецот не била на законот да му даде повратно дејство зборува и фактот што и со измените на законот (член 33 кој не е оспорен) предвидено е дека решавањето на предметите за запишување и спроведување на промени во катастарот кои започнале, а не завршиле пред измените, а по кои постапува Агенцијата, второстепена комисија или Управен суд ќе продолжи согласно измените на Законот за катастар и основниот Закон за катастар на недвижности.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 206 од Законот, со наведените уставни одредби.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.208/2010
2 февруари 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски