Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 47 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 јануари 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за утврдување на висина на цена на м3 испорачана вода, бр.02-26/2 од 7 март 2007 година, донесена од Управниот одбор на Јавното комунално претпријатие “Скопска Црна Гора” с.Мирковци, Општина Чучер- Сандево и објавена во („Службен гласник на Општина Чучер-Сандево“ бр.3/2007.
2. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Симо Вучковски од Скопје со Решение У.бр.286/2009 од 17 ноември 2010 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката од точката 1 на ова решение затоа што основано се постави прашањето за согласноста на Одлуката со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 51 од Уставот, член 29 став 1 од Законот за комунални дејности, член 211 од Законот за водите и член 6 ставовите 1 и 2 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води.
3. Судот на седницата утврди дека во одговорот на наводите во иницијативата доставен од Јавното комунално претпријатие “Скопска Црна Гора“ под број 03-25/2 од 08.02.2010 година не бил изнесен фактот дека Управниот одбор на Јавното комунално претпријатие “Скопска Црна Гора” на седницата одржана на 24 март 2010 година ќе донесе нова одлука. Имено, на истата седница Управниот одбор на Јавното комунално претпријатие “Скопска Црна Гора” донел Одлука за определување на цената на водата за пиење бр.02-72/11 од 24 март 2010 година. Во членот 3 од оваа Одлука, се предвидува дека со денот на влегувањето во сила на оваа одлука престанува да важи Одлуката за утврдување на висината на цена м3 испорачана вода за пиење број 02-8/3 од 6 јули 2002 година и Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за утврдување на висина на цената на м3 испорачана вода, број 02-26/2 од 7 март 2007 година, донесена од Советот на Општина Чучер-Сандево, објавена во („Службен гласник на Општина Чучер-Сандево“ бр.3/2007).
Со тоа оспорената Одлука не е повеќе дел од правниот поредок на Република Македонија, а за променетата фактичка состојба не бил благовремено известен Судот. По однос на наводите во иницијативата Јавното комунално претпријатие “Скопска Црна Гора“ достави писмен одговор до Судот под број 03-25/2 од 08.02.2010.
4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно член 47 алинеи 1, 3 и 4 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја запре постапката ако во текот на постапката законот, другиот пропис или општ акт престанал да важи, било утврдено дека поведувањето на постапката било засновано врз погрешна фактичка состојба и дека отпаднале основите за сомневање во уставноста и законитоста.
Со оглед на тоа што со влегувањето во сила на Одлуката за определување на цената на водата за пиење бр.02-72/11 од 24 март 2010 година престанала да важи оспорената Одлука пред поведувањето на постапката за оценување на нејзината уставност и законитост и истата повеќе не е во правниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека се исполнети условите од членот 47 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за запирање на постапката, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.286/2009
26 јануари 2011 година
С к о п ј е
мдш
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски