Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 јануари 2011 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на Упатството за начинот и постапката за задолжување на општините и јавните претпријатија во Република Македонија, број 09-42967/1 од 14 ноември 2007 година, донесено од министерот за финансии.
2. Тодор Петров од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, членот 114 од Уставот на Република Македонија предвидувал дека на граѓаните им се гарантирало правото на локална самоуправа. Единиците на локалната самоуправа биле општините. Во општините можело да се основаат облици на месна самоуправа. Општините се финансирале од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката. Локалната самоуправа се уредувала со закон кој се донесувал со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што морало да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Законите за локално финансирање, локални избори, општински граници и за градот Скопје, се донесувале со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што морало да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓале на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека Законот за јавен долг, кој со измените од 2008 година, инкорпорирал и одредби за локалното финансирање (прашањето за задолжжувањата на општините) бил донесен само со мнозинство од присутните пратеници, спротивно на одредбите од цитиранииот член 114 од Уставот, како и спротивен на членовите 115 и 117 од Уставот.
Во иницијативата, исто така, се цитира членот 3 од Законот за јавен долг, дека носителите на јавниот долг се задолжуваат во согласност со критериумите и постапките утврдени со овој закон. Меѓутоа, Упатството кое било донесено 2007 година, не било усогласено со измените и дополнувањата на Законот за јавен долг од 2008 година, објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2008, а со тоа Упатството не било усогласено со членот 3 од тој закон. Имено, со оспореното Упатство, министерот за финансии без законско овластување, ги пропишувал начинот и постапката за задолжување на општините и јавните претпријатија во Република Македонија, а одредбите од членовите 16, 17, 21, 22, 24, 25 и 26 од Законот за јавен долг или други одредби од овој закон, не давале основ министерот да донесува посебен подзаконски акт, како што било Упатството во случајов. Воедно, Упатството во уводниот дел, се повикувало, меѓу другите, и на членот 50 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа кој со последната измена на Законот во „Службен весник на Република Македонија“ број 156/2009, бил избришан, а кој уредувал одредени елементи како општината можела да се задолжува и да дава гаранции за јавните претпријатија кои се основани од општината.
Со оглед на изнесеното, а поради тоа што во процесот на имплементирањето на законите кои ја уредуваат предметната материја на јавниот долг и задолжувањата на носителите на јавниот долгг, министерот за финансии упатува со оспорениот акт како тоа да се реализира, но без основ во законите за донесување на таквот упатство, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспореното Упатство и да донесе времена мерка за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија што се презмени врз основа на оспорениот акт.
3. Судот на седницата утврди дека Упатството, во уводниот дел се засновува на член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000, 44/2002 и 82/2008), што е општа законска одредба која гласи: „министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон“.
Во уводниот дел децидно е наведено дека донесувањето на Упатството се заснива на членот 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, а тоа било во врска со одредби од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.61/2004, 96/2004 и 67/2007) – членови 18 став 2, член 21 став 2 и член 50, како и со одредби од Законот за јавен долг („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005) – членови 16, 17, 21, 22, 24, 25 и 26. Упатството е донесено од министерот за финансии, не е објавено во „Службен весник на Република Македонија“, и е интерен, работен акт во форма на упатство за работење на релација министер кон трите категории носители на јавен долг: 1. општина, 2. јавно претпријатие основано од општина и 3. јавно претпријатие основано од државата.
Содржината на актот упатува на примена на наведените закони од страна на наведените носители на јавен долг, и притоа јасно се наведува дека Упатството е изработено согласно Законот за јавен долг и Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и се однесува на трите категории носители на јавен долг, при што концизно е упатено како да ги водат законски пропишаните активности за реализација на задолжувањата, кои податоци практично да ги достават до надлежните органи, на кој начин да поднесат барања на мислења за задолжување и добивање на заем обезбеден со државна гаранција и да дадат соодветен извештај за работата во врска со задолжувањата.
4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.
Поаѓајќи од правните елементи што го прават прописот, а според кој треба да содржи општи норми на однесување и да уредува односи на субјектите во правото на општ начин, произлегува дека оспореното Упатство нема карактер на пропис поради што не е подобен за уставносудска оцена.
Имено, според содржината на оспорениот акт, тој не е пропис туку претставува само интерен акт на министерот за финансии со кој се даваат напатствија на општините, јавните претпријатија основани од општините и јавните претпријатија основани од државата, за практично стекнување на статус носители на јавен долг согласно законски пропишаните услови.
Со оглед на тоа дека оспорениот акт не претставува пропис во смисла на членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, туку оперативен, интерен акт на министерот, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува за согласноста на оспорениот акт со Уставот, поради што се исполнети условите од членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.137/2010
26 јануари 2011 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски