59/2010-0-0

Вовед

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на

a) уставноста на член 130 став 2 и член 138 став 2 од Законот за заштита и спасување (“Службен весник на Република Македонија” број 36/2004, 49/2004 и 86/2008) и

б) уставноста и законитоста на Уредбата за висината и начинот на остварувањето на надоместокот на граѓаните во извршувањето на правата и должностите во заштитата и спасувањето (“Службен весник на Република Македонија” број 12/2006 и 34/2010), донесена од Владата на Република Македонија, број 19-136/1 од 26 јануари 2006 година.

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесe иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, како и за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата, означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорените одредби од Законот и оспорената Уредба се повредувале членовите 8 став 1 алинеите 3 и 4, 32 став 5, 51, 61 став 1, 68 став 1 алинеја 2, 88 став 1 и 91 алинеите 1 и 5 од Уставот на Република Македонија, бидејќи Владата со закон не можела да биде овластена со свој акт да ја утврдува висината на надоместокот за извршување на должностите во силите за заштита и спасување, туку тоа морало да биде уредено со закон и со колективни договори, согласно членот 32 став 5 од Уставот, а не со уредба-пропис што го донесувала Владата на Република Македонија. Имено, според иницијаторот Уредбата во целина не била во согласност со Уставот, затоа што од нејзината содржина произлегувало дека таа не била извршен пропис во смисла на членот 91 алинеја 5 од Уставот, со оглед дека со неа не се вршело доуредување, односно разработување, конкретизирање и допрецизирање на одредби од Законот, туку се утврдувала висината на надоместокот на граѓаните повикани заради извршување на правата и должностите од областа на заштитата и спасувањето во врска со учеството во силите за заштита и спаување што ги формира Републиката, а кои што можело да се утврди само со Законот за заштита и спасување.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 130 став 2 од Законот, определува дека висината на надоместокот за извршување на должностите во силите за заштита и спасување што ги формира Републиката, ги утврдува Владата и не може да биде поголем од три просечни месечни плати.

Судот, утврди и дека оспорениот член 138 став 2 од Законот, определува дека поблиски прописи за висината и начинот на остварувањето на надоместокот на граѓаните во извршувањето на правата и должностите во заштитата и спасувањето донесува Владата.

Судот, исто така утврди дека врз основа на оспорените одредби од член 130 став 2 и член 138 став 2 од Законот, Владата на Република Македонија, ја донела оспорената Уредба со која се определува висината на надоместокот на граѓаните повикани заради извршување на правата и должностите од областа на заштитата и спасувањето во врска со учеството во силите за заштита и спасување што ги формира Републиката, како и начинот на остварување на надоместокот на граѓаните повикани за извршување на правата и должностите од областа на заштитата и спасувањето.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Според член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Со членот 35 од Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ број 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008 и 10/2010), е определено дека за извршување на законите Владата донесува уредби со законска сила, уредби, одлуки, упатства, програми, решенија и заклучоци, а според членот 36 став 2 од Законот, со уредба Владата го уредува извршувањето на законите; утврдува начела за внатрешна организација на министерствата и другите органи на државната управа и уредува други односи во согласност со Уставот и со законите.
110
Со Законот за заштита и спасување се уредува системот за заштита и спасување на луѓето, животната средина, материјалните добра, природните богатства, животинскиот и растителниот свет и културното наследство од природни непогоди и други несреќи во мир, вонредна состојба и воена состојба во Република Македонија.

Според членот 4 од Законот, заштитата и спасувањето е работа од јавен интерес за Републиката. Заштитата и спасувањето во Републиката ги организираат и спроведуваат државните органи, органите на државната управа, органите на единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, јавните установи и служби, трговски друштва, здруженија на граѓани, граѓаните и силите за заштита и спасување, на начин уреден со овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон, како и со нормативите, стандардите и правилата на техничката практика.

Со членот 93 од Законот е определено дека заради заштита и спасување на луѓето и материјалните добра од природни непогоди, епидемии, епизоотии, епифитотии и други несреќи, согласно овој закон, се формираат единици и штабови за заштита и спасување (сили за заштита и спасување), кој се формираат како републички и просторни сили за заштита и спасување.

Во членот 94 од Законот е определено дека Републичките сили за заштита и спасување ги формира Републиката и тие се формираат за дејствување во определени региони односно подрачја на определен број на општини. Просторните сили за заштита и спасување ги формираат единиците на локална самоуправа, трговските друштва, јавните претпријатија, установите и службите и тие се формираат за дејствување на подрачјето на општината.

Според член 95 од Законот силите за заштита и спасување имаат постојан и резервен состав.

Со членот 96 од Законот, е определено дека постојаниот состав на силите за заштита и спасување го сочинуваат вработените во Дирекцијата, тимовите и територијалните професионални противпожарни единици. Резервниот состав на силите за заштита и спасување го сочинуваат воените обврзници во резерва доколку не се ангажирани во Армијата на Република Македонија и граѓаните кои имаат должност за учество во силите за заштита и спасување.

Во Глава XV од Законот, содржани се одредби за надоместоците за извршување на правата и должностите во заштитата и спасувањето.

Со членот 126 од Законот, е определено дека граѓаните повикани заради извршување на правата и должностите од областа на заштитата и спасувањето од областа на заштитата и спасувањето, во врска со учеството во силите за заштита и спасување што ги формира Републиката и извршувањето на обврските и другите должности во заштитата и спасувањето утврдени со овој закон, имаат право на паричен надоместок утврден со овој закон.

Според членот 127 од Законот, граѓаните од членот 126 на овој закон, имаат право на следниве парични надоместоци:

-плата, пензија или други парични примања;
-трошоци за превоз, сместување и исхрана;
-еднократна парична помош во случај на смрт, повреда или оштетување на организмот;
-погребни и други трошоци;
-за изведување обука, тренинг и вежби за заштита и спасување и
-пронаоѓање и уништување на неексплодирани средства.

Според членот 128 став 1 од Законот, граѓаните кои се во работен однос или вршат самостојна дејност, примаат паричен надоместок по основа на невработеност или примаат пензија, имаат право на паричен надоместок во висина на плата или надоместок исплатен за последниот месец пред повикувањето или ангажирањето на кои е пресметан и уплатен придонес за пензиско и инвалидско осигурување, односно во висина на пензијата.

Според ставот 2 од истиот член од Законот, граѓани кои не се во работен однос, не вршат самостојна или професионална дејност, не примаат паричен надоместок по основа на невработеност или не остваруваат право на пензија, имаат право на паричен надоместок во висина на просечна нето плата по работник во Републиката објавена од Државниот завод за статистика во последниот месец пред повикувањето, односно ангажирањето (во натамошниот текст: просечна месечна плата).

Со членот 129 од Законот е определено дека граѓаните распоредени на должност во резервниот состав на силите за заштита и спасување, имаат право и на разлика од надоместокот на членот 127 алинеја 1 на овој закон до висината на платата на вработениот во Дирекцијата за заштита и спасување, доколку надоместокот е понизок од платата.

Според членот 130 став 1 од Законот, граѓаните распоредени на должности во силите за заштита и спасување што ги формира Републиката, имаат право и на разлика од надоместокот на членот 127 алинеја 1 на овој закон до висината на надоместокот за извршување на должностите во силите за заштита и спасување, доколку надоместокот е понизок од надоместокот за извршување на должностите во силите за заштита и спасување.

Со оспорениот став 2 од членот 130 од Законот, е определено дека висината на надоместокот за извршување на должностите во силите за заштита и спасување што ги формира Републиката, ги утврдува Владата и не може да биде поголем од три просечни месечни плати.

Во членовите 131-137 од Законот, определени се висините на надоместоците на граѓаните кои ги примаат, а кои се однесуваат за трошоци за превоз, сместување и исхрана; еднократна парична помош во случај на смрт, повреда или оштетување на организмот; погребни и други трошоци; за изведување обука, тренинг и вежби за заштита и спасување и за пронаоѓање и уништување на неексплодирани средства.

Со членот 138 став 1 од Законот, е определено дека средствата за надоместокот на граѓаните во извршувањето на правата и должностите во заштитата и спасувањето се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.

Со оспорениот став 2 од членот 138 од Законот, е определено дека поблиски прописи за висината и начинот на остварувањето на надоместокот на граѓаните во извршувањето на правата и должностите во заштитата и спасувањето донесува Владата.

Врз основа на оспорените одредби од член 130 став 2 и член 138 став 2 од Законот, Владата на Република Македонија, на седницата одржана на 26.01. 2006 година, ја донела оспорената Уредба за висината и начинот на остварувањето на надоместокот на граѓаните во извршувањето на правата и должностите во заштитата и спасувањето, број 19-136/1 од 29 јануари 2006 година.

Уредбата содржи вкупно 17 члена распоредени во 3 дела, а составен дел на оваа Уредба се и 12 обрасци.

Во Делот I. Општа одредба од уредбата, е содржан членот 1, во кој е определено дека со Уредбата се определува висината на надоместокот на граѓаните повикани заради извршување на правата и должностите од областа на заштитата и спасувањето во врска со учеството во силите за заштита и спасување што ги формира Републиката, како и начинот на остварување на надоместокот на граѓаните повикани за извршување на правата и должностите од областа на заштитата и спасувањето.

Во Делот II. Висината и начинот на остварувањето на надоместокот на граѓаните за извршувањето на правата и должностите во заштитата и спасувањето, се содржани членовите 2-15.

Со членот 2 од оспорената Уредба, определено е колкав процент изнесува висината на надоместокот за извршување на должностите во силите на заштитата и спасувањето, во зависност од звањето кое граѓанинот го има во вршењето на соодветните задачи. Така, висината на надоместокот за извршување на правата и должностите во заштитата и спасувањето за Командант на Главниот штаб за заштита и спасување изнесува 240%, за Началник на Главниот штаб за заштита и спасување-230%, за Помошници на началникот на Главниот штаб за заштита и спасување-220%, за Командант на подрачен штаб за заштита и спасување-200%, за Началник на подрачен штаб за заштита и спасување-190%, за Помошници на началникот на подрачен штаб за заштита и спасување-180%, за Командир на чета за заштита и спасување-170%, за Раководител на тим за брз одговор-150%, за Командант на штаб за заштита и спасување во единиците на локалната самоуправа-130%, за Командант на штаб за заштита и спасување во трговските друштва, јавните претпријатија, установи и служби-130%, за Заменик командир на чета-125%, за Началник на штаб за заштита и спасување во единиците на локалната самоуправа-125%, за Помошници на началникот на штабот за заштита и спасување во единиците на локалната самоуправа-125%, за Командир на вод-120%, за Извршител во тим за брз одговор-120%, за Членови на штаб за заштита и спасување во трговските друштва, јавни претпријатија, установи и служби-120%, за Командир на вод-120%, за Заменик командир на одделение-115%, за Водител на екипи-110% и за Извршител за административно-технички и оперативни работи-110%.

Со членот 3 од оспорената Уредба, уреден е начинот на кој вработените граѓани можат да го остварат своето право на надоместок пред надлежните органи, за нивната ангажираност во силите за заштита и спасување што ги формира Републиката.

Со членовите 4-11 и членот 14 од оспорената Уредба, определен е начинот на исплатата на надоместоците, односно со тие одредби е уредена техничката примена на исплатата врз основа на соодветни обрасци.

Со членовите 12 и 13 од оспорената Уредба, определени се начините на остварување на надоместокот на еднократна парична помош во случај на повреда согласно членот 134 од Законот, надоместокот на еднократна парична помош во случај на смрт или загинување согласно членот 133 од Законот и надоместокот за погребни и други трошоци согласно членот 135 од Законот.

Членот 14 од Уредба, содржи одредба за видот на образецот кој ангажираните граѓани треба да го пополната, а за исплата на надоместок заради нивно ангажирање како предавачи во обуката.

Според член 15 од Уредбата, обрасците од број 1 до број 12 се составен дел на оваа уредба.

Во Делот III. Преодни и завршни одредби, се содржани членовите 16 и 17.

Според членот 16 од Уредбата, со денот на влегувањето во сила на оваа уредба престануваат да важат одредбите во членовите 1, 3-6, 8 и 10-18 од Уредбата за висината и начинот на остварувањето на надоместоците на граѓаните во извршувањето на правата и должностите во одбраната, кои се однесуваат на граѓаните повикани за извршување на права и должности во силите на цивилната заштита (“Службен весник на Република Македонија” број 25/2003), кои се однесуваат на силите на цивилната заштита.

Според членот 17 од Уредбата, оваа уредба влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

Од анализата на цитираните законски одредби, произлегува дека со Законот за заштита и спасување, на граѓаните повикани заради извршување на правата и должностите од областа на заштитата и спасувањето, што ги формира Републиката и извршувањето на обврските и другите должности во заштитата и спасувањето утврдено со овој закон, им е утврдено право на паричен надоместок заради нивниот ангажман во силите за заштита и спасување (член 126 од Законот). Со Законот се утврдени и видовите на паричните надоместоци на кои граѓаните имаат право (член 127 од Законот).

Законодавецот со овој закон, ја уредил и висината на паричниот надоместок на кој ангажираните граѓани во заштитата и спасувањето согласно овој закон имаат право и тој за граѓаните кои се во работен однос, примаат пензија или примаат паричен надоместок по основ на невработеност, е утврден во висина на плата или надоместок исплатен за последниот месец пред повикувањето или ангажирањето на кои е пресметан и уплатен придонес за пензиско и инвалидско осигурување, односно во висина на пензијата, додека за граѓаните кои не се во работен однос, не примаат пензија или други надоместоци, е утврден во висина на просечна нето плата по работник во Републиката објавена од Државниот завод за статистика во последниот месец пред повикувањето, односно ангажирањето (просечна месечна плата) (член 128 од Законот).

Понатаму, законодавецот со овој закон, уредил дека граѓаните распоредени на должност во резервниот состав на силите за заштита и спасување, имаат право и на разлика од плата, пензија или други парични примања, до висината на платата на вработениот во Дирекцијата за заштита и спасување, доколку надоместокот е понизок од платата (член 129 од Законот).

Со Законот, исто така, е уредено дека граѓаните кои се распоредени на должности во силите за заштита и спасување што ги формира Републиката, имаат право на разлика од плата, пензија или други парични примања, до висината на надоместокот за извршување на должностите во силите за заштита и спасување, доколку надоместокот е понизок од надоместокот за извршување на должностите во силите за заштита и спасување (член 130 став 1 од Законот).

Со овој закон, се определени и висините на надоместоците за трошоци за превоз, сместување и исхрана; еднократна парична помош во случај на смрт, повреда или оштетување на организмот; погребни и други трошоци; за изведување обука, тренинг и вежби за заштита и спасување и за пронаоѓање и уништување на неексплодирани средства (членовите 131-137 од Законот).

Тргнувајќи од анализата на оспорениот член 130 став 2 од Законот, произлегува дека законодавецот определил дека висината на надоместокот за извршување на должностите во силите за заштита и спасување што ги формира Републиката, не може да биде поголем од три просечни месечни плати, што значи дека со Законот, покрај тоа што е утврдена висината на надоместоците, туку е утврден и максимумот, односно горниот лимит на исплаќање на парични средства, како надоместок за извршување на должностите во силите за заштита и спасување, а од анализата на оспорениот член 138 став 2 од Законот, произлегува дека законодавецот со овој закон, препуштил Владата со свој пропис поблиску да ја уреди материјата за висината и начинот на остварувањето на надоместокот на граѓаните во извршувањето на правата и должностите во заштитата и спасувањето. Оттука, оспорениот член 138 став 2 од Законот, преставува само овластување на Владата на Република Македонија кое е во функција на извршување на законските одредби, да донесе акт со кој ќе се доуреди конкретното определување на висината на надоместоците.

Од анализата на одредбите содржани во оспорената Уредба, произлегува дека со неа се врши доуредување на одредбите од Законот, конкретно доуредување на висината на паричните надоместоци, со нивно процентуално изразување, поименично за сите извршители, ангажирани во силите за заштита и спасување по звања и позиции, на што упатува членот 2 од оспорената Уредбата. Исто така, со оспорената уредба е определен и начинот на кој граѓаните можат да го остварат реализацијата на исплатата односно правото на надоместоците пред надлежните органи.

Од овие причини, неосновано со иницијативата се тврди дека оспорените законски одредби биле спротивни на одредбите со Уставот, имајќи предвид дека со Законот за заштита и спасување е утврдено правото, видот и висината на паричниот надоместок, а со оспорениот член 130 став 2 од Законот и максимумот за исплатата на паричните надоместоци за граѓаните ангажирани во силите за заштита и спасување, што значи дека со закон се определни висините на надоместоците и нивниот максимум. Исто така, имајќи предвид дека со оспорениот член 138 став 2 од Законот, е дадено овластување на Владата со подзаконски пропис да ги доуреди прашањата од предметната законска материја, според Судот, тоа овластување е во рамките на уставните овластувања на Владата на Република Македонија како носител на извршната власт и неосновани се наводите дека оспорената уредба не била во согласност со Уставот и Законот, бидејќи таа претставува операционализација на Законот, во смисла на доуредување на прашањата за надоместоците и начинот на кој граѓаните можат да го остварат правото на нивна исплата пред надлежните органи.

Поради изнесеното, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со одредбите од членовите 8 став 1 алинеите 3 и 4, 32 став 5, 51, 61 став 1, 68 став 1 алинеја 2, 88 став 1 и 91 алинеите 1 и 5 од Уставот на Република Македонија, како и согласноста на оспорената уредба со Уставот и Законот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 59/2010
26 јануари 2011 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски