2/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 22 декември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за IV Урбана единица (месна заедница Воска), дел ЈУГ, Општина Охрид 2002-2007, бр.07-1055/17, донесена од Советот на Општина Охрид на 29 јули 2005 година („Службен гласник на општина Охрид“ бр.6/2005).

2. Аднан Асан, Музафер Рашид, Абдурахман Асан и Хамид Муедин, сите од Охрид, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и закoнитоста на Одлуката означена во точкaта 1 на ова решение.

3. Според наводите во иницијативата при изработката на Деталниот урбанистички план за наведената урбана единица од страна на изработувачот на планот како и од страна на Општината Охрид не биле почитувани одредбите од Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот и поради тоа бараат да се испита законитоста на оваа одлука и истата да биде укината. Имено, на простор од околу 200 м2 се предвидувале две градежни парцели на лицето Хамил Ќани од Охрид и со изградба на двете семејни куќи би се нарушило функционирањето на објектите во кои живеат подносителите на оваа иницијатива. Новопредвидените објекти биле лоцирани на самата гранична линија и не било запазено растојанието кое било предвидено согласно Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот.

4.Судот на седница утврди дека Советот на општина Охрид на седницата одржана на 29 јули 2005 година ја донел оспорената одлука во која со членот 1 било определено дека се донесува предметниот план за IV Урбана едница (месна заедница Воска), дел југ- Охрид 2002-2007. Во членот 2 е определено дека овој план опфаќа простор со површина од 9,04ha, и истиот ги опфаќа границите на ул.”Гоце Делчев” од североисток, кракот на ул. “Гоце Делчев” од северозапад, ул.”Васил Стефоски” од југозапад и ул.“Бистрица” од југоисток. Во членот 3 е определено дека предметниот план е изработен од страна на Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови Скопје и “Урбан” ДОО Охрид и дека истиот содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија, на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфраструктурата. Во членовите 4 и 5 се уредени прашањата за заверката со потпис и печат и архивирањето на примероците од Планот. Според членот 6 Одлуката влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на општина Охрид“.

Од увидот и анализата на документацијата доставена од Советот на општина Охрид, Судот утврди дека:

– Нацрт-Деталниот урбанистички план е изработен од Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови Скопје и „УРБАН“ ДОО од Охрид со тех.бр.04/2002 од декември 2003 година;

– На Нацрт-планот била изработена Стручна ревизија од Архитектонскиот факултет од Скопје со тех.бр.05-285/5 од 17 декември 2002, во која има забелешки кои треба да се отстранат, усогласат и вградат во планот;
– Изготвувачот на планот во одговорот на ревизијата од февруари 2003 година воглавно ги прифаќа забелешките, а за неприфатените дал образложение;
– Министерството за транспорт и врски даде Стручно мислење број 13-8066 од 25 јули 2003 година на Нацрт-планот со забелешки дека истиот е изработен согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96, 28/97,18/99,102/00, 53/01 и 2/02), Правилникот за поблиска содржина, размер и начин на донесување на просторните и урбанистичките планови (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/97) и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.69/99, 102/2000 и 2/2002).

– Со Заклучок бил утврден Нацрт-планот бр.22-343/4 од 01 април 2004 година Советот на општина Охрид го утврдил Нацрт-планот;
– За организирање на јавната презентација и јавната анкета во траење од 15 дена решение број 22-343/3 /1 од 1 април 2003 година и за таа цел е подготвено Соопштение од истиот датум дека ќе се организира јавна анкета во периодот од 9 април до 24 април 2004 година (има десет работни дена), со излагање на текстуалните прилози во просториите на Општина Охрид, а јавната презентација се одржуваше секој вторник и четврток, од 13-14 часот и бил составен записник за сите присутни заинтересирани граѓани;

– Соопштението било објавено во печатениот медиум на 2 февруари 2009 година.

– Од извештајот од јавната анкета бр.08-343/5 од 23 јуни 2004 година произлегува дека биле поднесени 18 забелешки, од кои 6 се целосни прифатени, 5 се делумно и 6 не се прифатени;

-Известување за постапување по извештајот од спроведената јавна анкета и стручна консултација со образложение дека прифатените забелешки се вградени во планот изготвено под бр.08-343/7 од 28 март 2005 година;

– Барањето за давање согласност на Предлог-Планот е упатено до Министерството за транспорт и врски 08-343/8 на 30 март 2005 година.

Оспорената одлука е донесена на 29 јули 2005 година;

Согласноста на Предлог-Планот бр.13-3925/2 од 8 април 2005 година на Министерството за транспорт и врски до општината Охрид била доставена на 10 август 2005 година видно од приемниот печат.

5. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Републиката е и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005) влезе во сила со денот на неговото објавување во „Службен весник на Република Македонија“, а се применува од 1 јули 2005 година.

Во членот 84 од овој закон е утврдено дека со денот на влегувањето и примената во сила на истиот престанува да важи Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/ 2002).

Судот утврди дека со оглед на тоа што постапката за донесување на оспорената одлука започнала и се водела во време на важењето на претходниот закон за просторно и урбанистичко планирање, во конкретниов случај се применуваат одредбите на тој закон.

Според член 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1996, 28/1997,18/1999, 53/2001 и 45/2002) просторното и урбанистичкото планирање e континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓусебно се усогласуваат, со цел да се обезбеди уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата.

Според член 7 од Законот, во зависност од просторот што е предмет на планирање се донесува, покрај другите и детален урбанистички план.

Деталниот урбанистички план, според член 11 став 1 од Законот, се донесува за одделни делови од населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план. Според содржината на став 3 од оваа одредба, деталниот урбанистички план содржи синтезен графички приказ на планските решенија во границата на урбаното подрачје со билансни показатели за урбаните модули и инфраструктурата. Деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план. Во ставот 4, е определено дека документацијата на деталниот урбанистички план за постојната состојба и проекциите претставуваат документациона основа на планот, која заедно со нацрт-планот се доставува на стручна ревизија според член 19 на овој Закон.

Од содржината на член 17 став 1 од Законот произлегува дека плановите од член 7 од овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план, а по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета.

Одлука за јавна анкета по нацрт деталниот урбанистички план во општината донесува градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на општинската администрација (член 17 став 7).

Според член 18 од Законот, јавната анкета по деталниот урбанистички план ја организира општината и се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата. За времето и местото каде ќе биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. Извештај за јавната анкета за деталните урбанистички планови со образложение за неприфатените забелешки изработува општината (став 4).

Во смисла на член 19 од Законот, на нацртот на плановите од член 7 од овој закон, пред организирањето на стручната расправа, односно јавата анкета, се врши стручна ревизија. Стручната ревизија на урбанистичките планови според програмата од членот 13 на овој закон ја врши стручна научна институција или комисија што ја определува, односно формира министерот надлежен за работите за уредување на просторот.

Согласно член 20 од овој закон, измените и дополнувањата на плановите се вршат по иста постапка пропишана за нивното донесување, доколку со овој закон не е поинаку уредено.

Според член 22 ставовите 6 и 7 и член 23 од овој закон, урбанистичките планови се донесуваат по издавањето согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот.

Судот смета дека од анализата на доставената документација и утврдената фактичка состојба може да се констатира дека постапката за донесување на Деталниот урбанистички план за IV урбана единица месна заедница Воска – Охрид 07-1055/17 од 29 јули 2005 година, донесена од Советот на општина Охрид е спроведена согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, бидејќи во постапката за изработување и донесување на оспорената одлука за наведениот Детален урбанистички план се испочитувани сите фази на постапката предвидени во овој закон. Од овие причини не може да се постави прашањето за согласност на оспорените одлуки со одредбите на Уставот на Република Македонија и Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Судот констатира од увидот во Извештајот за спроведената јавна анкета дека подносителите на иницијативата воопшто не учествувале на јавната анкета и не дале свои сугестии, забелешки и приговори

. Со оглед на тоа дека наводите во иницијативата за несогласноста на планот со Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот се главниот акцент во истата, Судот оцени дека не е надлежен да се произнесува по истите.

Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Судот одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со уставот и со законите.

Имајќи ја предвид оваа одредба од Уставот, цениме дека Судот не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на прописите од ист правен ранг, во конкретниот случај оспорената одлука со споменатиот правилник.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.2/2010
22 декември 2010 година
С к о п ј е
мдш

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски