О Д Л У К А
1. СЕ ПОНИШТУВА членот 4 ставови 1 и 2 од Одлуката за одржување на јавна чистота и утврдување надоместок за одржувањето на јавната чистота број 07-2285/16 од 14 септември 2009 година („Службен гласник на општина Охрид“ бр.9/2009), донесена од Советот на општина Охрид.
2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на одредбите од Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.
3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.
4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Здружението на граѓани „Љубители на љубанишкиот крај“ и Месната заедница „Љубаништа“ во општина Охрид, Никола Петковски од Битола, Димитрија Атанасовски од Скопје и Светислав Здравев од Скопје, со Решение У.бр.148/2010 од 27 октомври 2010 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука. Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Одлуката со Устав и закон.
5. Судот на седницата утврди дека во членот 4 став 1 од Одлуката е предвидено за физичките лица, односно за домаќинствата кои постојано живеат на територијата на општината Охрид надоместокот за одржување на јавната чистота да изнесува 70, 60, 50 и 40 денари месечно. Надоместокот е утврден во зависност од местоположбата на живеалиштето по категории, односно реони, утврдени со Годишната програма наведена во член 2 од оваа одлука.
Според ставот 2 од овој член од Одлуката, за сопствениците на семејни згради и сопствениците на станови во колективни згради кои не живеат постојано во станбениот објект надоместокот изнесува 1500,00 денари годишно.
6. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.
Законот за комунални дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр.45/1997, 23/1999, 45/2002, 16/2004 и 5/ 2009) определил дека вршењето на комуналните дејности е од јавен интерес и дека во комунални дејности, меѓу другото, спаѓаат обработката и депонирањето на комунален цврст отпад и одржување на јавна чистота во градски и други населби. Комуналната дејност – изнесување и депонирање на смет можат да ја вршат јавни претпријатија за комунални дејности основани од општината кои како даватели на услугата можат да се овластат да ја утврдуваат и висината на цената и начинот на плаќање на оваа комунална дејност по претходна согласност на основачот. Средствата за вршење на комуналните дејности се остваруваат од цената на комуналните услуги која корисникот треба редовно да ја плаќа.
Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ бр.111/2008, 64/2009, 88/2010 и 114/2010) ги уредува условите и начинот на одржување на јавната чистота, правата и обврските на учесниците во одржувањето на јавната чистота, површините и објектите на кои се врши одржување на јавната чистота, собирање на смет и чистење на снег и мраз во зимски услови. Со членот 10 од овој Закон е предвидиено дека за поблиско уредување на односите за одржување на јавната чистота советот на општината, советите на општините на градот Скопје и Советот на градот Скопје донесува одлука. Со одредбите од членовите 24 и 25 од Законот, се уредени прашањата кои се однесуваат на средствата за одржување на јавната чистота.
Според наведените одредби од Законот, за одржување на јавната чистота се плаќа надоместок чија висина ја утврдува советот на општината, советите на општините на градот Скопје и Советот на градот Скопје, во зависност од изградената, уреденоста на јавните површини и потребата – обемот за одржувањето на јавните површини на нивното подрачје (член 24 ставови 1 и 2). На основата на овие законски критериуми, во ставот 3 од членот 24 од Законот, е определено дека советот на општината, советите на општините во градот Скопје и Советот на градот Скопје ја утврдува мерната единица по која би се наплаќал надоместокот од ставот 1 на овој член.
Имено, советот на општината има законско овластување со свој акт да определи колку ќе се плаќа услугата за одржување јавна чистота од страна на корисниците.
Врз основа на ова законско овластување, Советот на општина Охрид, ја донел Одлуката за одржување на јавна чистота и утврдување надоместок за одржување на јавната чистота.
Во членот 3 од оваа одлука, Советот на општината утврдил дека за одржување на јавната чистота се плаќа надоместок и висината на надоместокот се утврдува врз основа на изграденоста, уреденоста на јавните површини на територијата на општина Охрид и потребата – обемот за одржување на јавната чистота во зависност од местоположбата на живеалиштата на домаќинствата, односно седиштата на правните лица и деловните единици како и видот на дејноста што ја вршат.
Меѓутоа, Судот утврди дека со оспорените одредби од членот 4 од Одлуката се утврдува дека само за физичките лица односно домаќинствата кои постојано живеат на територијата на општината Охрид надоместокот за одржување на јавната чистота изнесува 70, 60, 50 и 40 денари месечно, зависно од местоположбата на живеалиштето по категории, односно реони, утврдени со Годишната програма наведена во членот 2 од Одлуката. За сопствениците на семејни згради и сопствениците на станови во колективни згради кои не живеат постојано во станбениот објект надоместокот изнесува 1.500,00 денари годишно.
Од изнесеното Судот утврди дека надоместокот за давањето на комуналната услуга – одржување на јавна чистота, е комунална давачка за чие определување со Законот за јавната чистота се уредени критериумите, односно висината на надоместокот е детерминирана со параметрите во членот 24 од Законот за јавна чистота во кои не е предвидено дека постојаното или непостојаното живеење на сопствениците на становите во општината, е елемент за определување на надоместокот, ниту тоа може да биде објективен и прифатлив критериум во однос на корисниците на услугата и нивните права и обврски. Ова особено што субјектот што ја дава услугата, за тоа е со закон обврзан како вршење на работи и задачи во рамки на своите надлежности и не станува збор за различен вид на услуги насочени кон различни корисници на тие услуги, туку станува збор за еден вид на услуга – одржување јавна чистота, во интерес на урбаното подрачје, за кое сите корисници, еднакво во рамки на законските критериуми ќе треба да го понесат финансискиот товар на надоместокот, без оглед дали постојано или непостојано живеат во сопствените станови во општината Охрид.
Тргнувајќи од изнесеното, Судот оцени дека одредбите од членот 4 ставови 1 и 2 од Одлуката не се во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9 и членот 51 од Уставот, како и со членот 24 од Законот за јавна чистота.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.148/2010
22 декември 2010 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски