169/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 декември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 234 став 2 точка 5 од Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр.28/2004, 84/2005, 25/2007, 87/2008, 42/2010 и 48/2010).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на поднасловот: „Оценка на законитост“ и член 43, член 162 став 4, член 208 став 2 точка 5 и член 231 став 4 во делот: „делумно или во целост“ од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорениот поднаслов и членот 43 од Законот се повредувала темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3, член 108, член 110 алинеја 2 и член 112 од Уставот на Република Македонија. Имено, Уставниот суд на Република Македонија е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста, а не друг суд, како што било предвидено со оспорениот поднаслов и членот 43 од Законот.

Оспорениот член 162 став 4 од Законот, бил неисправен од уставно-правен аспект бидејќи лицето кое пристапува во некое друштво можело да одговара за обврските на тоа друштво само откако тоа лице пристапило, а не и пред тоа, како предвидува оспорената одредба од Законот.

Членот 231 став 4 од Законот, исто така, според иницијативата, во делот: „делумно или во целост“ не можел да постои во правниот поредок затоа што забраната може да стои или не и не може да се дели на делумно.

Оспорената одредба на членот 208 став 2 точка 5 од Законот, била нејасна и непрецизна и создава правна несигурност затоа што не се знаело кој е тој друг начин со кој не се извршувале преземените обврски со договорот за друштвото.

Со оспорениот член 234 став 2 точка 5 од Законот, според наводите во иницијативата, обврската за доставување доказ дека лицето немало забрани според членот 231 став 4 од овој закон, се повредувал членот 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 11 став 1, член 13 став 1, член 23, член 25, член 32 став 1 и 2, член 51 и лен 54 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека во член 43 од Законот кој е поместен во поднасловот: „Оценка на законитост“ е предвидено дека ако договорот за друштвото, односно статутот и другите општи акти на друштвото, односно нивни одредби се во спротивност со закон, се ништовни.
Судот по предлог на содружник, односно на акционер, на член на орган на управување, односно на член на надзорен одбор или контролор, ако друштвото има орган на надзор, ја оценува законитоста на актите, односно на одредбите од актите од став 1 на овој член. Предлог може да поднесе и секое лице ако претходно докаже дека има правен интерес.
Ако судот оцени дека актот од став 1 на овој член, односно негова одредба е во спротивност со закон, донесува одлука со која што утврдува дека актот, односно одредбата е спротивна на закон.
Правото од став 2 на овој член може да се остварува по завршувањето на постапката за упис во трговскиот регистар.

Според член 162 став 4 од Законот лицето кое пристапува во друштвото во својство на командитор, одговара и за обврските што друштвото ги презело пред да стекне својство на командитор.

Во член 208 став 2 точка 5 од Законот е предвидено дека содружник, односно друштвото, со тужба, може да бара друг содружник да биде исклучен од друштвото ако за тоа постојат оправдани причини. Се смета дека постојат оправдани причини ако другиот содружник:

1) причини штета на друштвото или на некој од содружниците или ако со понатамошното негово учество во друштвото, како содружник, друштвото или содружниците ќе трпат штета;
2) се однесува спротивно на одлуките на содружниците, донесени на собир на содружниците или со одлучување преку допишување;
3) не учествува во управувањето со друштвото и со тоа го спречува и ограничува редовното работење на друштвото или остварувањето на правата на другите содружници;
4) намерно или грубо ги крши одредбите од договорот за друштвото, односно не ги извршува должносите што ги има како содружник; или
5) на друг начин не ги извршува преземените обврски со договорот за друштвото.

Според член 231 став 4 од Законот за управител не може да биде избрано лице на кое со правосилна судска одлука делумно или во целост му е забрането да врши професија, дејност или должност што е поврзана со функцијата управител на друштвото додека трае забраната.

Во член 234 став 2 точка 5 од Законот се предвидува дека кон пријавата за упис се приложува, меѓу другото и доказ дека нема забрани според член 231 став 4 од овој закон.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Согласно член 108 од Уставот, Уставниот суд е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Законот за трговските друштва претставува фундаментален системски закон, кој е од огромно значење за зајакнување на приватниот сектор.

Според членот 2 од Законот, овој закон се применува на трговецот – поединец, на трговското друштво, на стопанската интересна заедница и подружницата организирана од странско трговско друштво односно од странски трговец-поединец, запишани во трговскиот регистар, како и на тајното друштво.

Според член 234 став 2 точка 5 од Законот, кон пријавата за упис се приложува, меѓу другото, и доказ дека нема забрани според членот 231 стаав 4 од овој закон.

Тргнувајќи од содржината на оспорената одредба, а при тоа имајќи го во вид веќе заземениот став на Уставниот суд на Република Македонија во својата уставно-судска пракса со Одлука У.бр.181/2007, 118/2008 Судот оцени дека со истата основано може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот на Република Македонија. Ова од причина што во конкретниот случај доказ од управителот, односно од друштвото кое врши упис на управител, за околноста дали му е изречена забрана за вршење на професија, дејност или должност се сведува на барање изјава за негова осудуваност или неосудуваност, со оглед на тоа што забраната за вршење на дејност е споредна казна што се изрекува како дел од осудителната пресуда. Иако овие докази не се бараат во кривично-правен контекст, односно немаат само обвинувачки квалитет, обврската за нивното соопштување има ефект врз однесувањето на поединецот, што е проблематично како од аспект на заштита на човековото достоинство, така и од аспект на презумпцијата на невиност на која се надоврзува забраната од лицето да се бара било доказ за осудуваност, било доказ за неосудуваност.

Притоа, за Судот, не е спорно дека забраната за вршење на дејност изречена со осудителна пресуда мора да биде ефективна, односно дека не може да се дозволи лицето под таква забрана да ја врши таа дејност се додека забраната трае. Меѓутоа, утврдувањето на тој факт не може да биде обврска на поединецот кој е во прашање, туку на надлежниот орган кој врши упис на упправител и кој што ја утврдувале таа законска обврска ја има на располагање службената казнена евиденција, како инструмент за правилно применување на законот.

Оттука, Судот оцени дека со оспорениот член 234 став 2 точка 5 од Законот основано може да се постави прашањето на неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 13 став 1 и член 25 од Уставот.

6. Со оспорениот член 43 од Законот, се предвидува дека ништовни се договорот за друштвото, односно статутот и другите општи акти на друштвото, односно нивни одредби доколку се во спротивност со закон. Судот ја оценува законитоста на актите, односно на одредбите и актите по предлог на содружник односно на акционер, член на орган на управување …, како и на лице кое претходно докаже дека има правен интерес.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби, јасно произлегува дека судот, при уписот на податоци и документи на друштвото во трговскиот регистар, ex officio, односно по службена должност не ја испитува законитоста и вистинитоста на содржината на прилозите (исправите и доказите), ниту законитоста на постапката во која што се донесени. Имено, судот исклучиво по предлог на содружник … пристапува кон оцена на законитоста на односниот акт за кој е поднесен предлогот. Барањето за утврдување на тоа дека актот е во спротивност со закон е тужбата.

Актите на кои се врши оценка на законитост на начин како е погоре елаборирано, немаат карактер на општ пропис и не се однесуваат на неопределен број на субјекти, поради што Уставниот суд нема надлежност за нивна оценка во смисла на член 110 од Уставот, поради што не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека е поввреден принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, Имено, во конкретниов случај станува збор за прописи, односно акти врз основа на кои се врши упис на друштвото во трговскиот регистар и кои се однесуваат само за тоа трговско друштво и имаат карактер inter partes, поради што членот 43 од Законот не е во спротивност со Уставот на Република Македонија.

Оспорениот член 162 став 4 од Законот за трговските друштва предвидува дека лицето кое пристапува во друштвото во својство на командитор, одговара и за обврските што друштвото ги презело пред да стекне својство на командитор.

Основните карактеристики на командитното друштво се состојат во тоа што друштвото се основа со договорот за друштвото на неопределено време и истото има карактер на правен субјект. За да може да се основа друштвото потребно е друштвото да има барем еден содружник кој ќе одговори за обврските на друштвото лично со сиот свој имот, односно неограничено и солидарно, ако се најмалку два содружника и ако има најмалку еден содружник кој за обврските на друштвото одговара само до износот на запишаниот влог во друштвото (командитор).

Од анализата на оспорената одредба од Законот, како и од целината на законот, јасно произлегува дека командиторот во покривањето на загубата на друштвото учествува до висината на запишаниот влог, ако со договорот не е поинаку определено. Основно правило е дека командиторот не одговара за обврските на друштвото, само доколку во целост го уплатил влогот за кој се обврзал со договорот за друштвото. Оттука, јасно произлегува дека лицето кое пристапува во друштвото во својство на командитор е свесно и запознаено со состојбата во која се наоѓа друштвото и истото прифаќа да одговара и за обврските што друштвото ги презело пред да стекне својство на командитор, но само до висина на влогот во друштвото. Ова од причина што во командитното друштво одговорноста на командиторите е до висина на влогот во основната главнина на друштвото.

Поради наведеното, Судот оцени дека и оваа одредба на член 162 став 4 од Законот не е во спротивност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Оспорениот член 208 став 1 точка 5 од Законот, е поместен во поднасловот „Исклучување на содружник од друштвото“.

Во ставот 1 од член 208 од Законот, е предвидено дека со договорот за друштвото може да се определи содружникот да може да биде исклучен од друштвото. Во тој случај, во договорот за друштвото се определуваат условите, постапката и последиците од исклучувањето на содружникот од друштвото.

Според ставот 2 на член 208 од Законот се предвидува дека содружник, односно друштвото, со тужба може да бара друг содружник да биде исклучен од друштвото ако за тоа постојат оправдани причини. Се смета дека постојат оправдани причини ако другиот содружник, меѓу другото, на друг начин не ги извршува преземените обврски со договорот за друштвото.

Од анализата на наведените законски одредби, а во контекст на наводите во иницијативата, Судот оцени дека оспорениот член 208 став 1 точка 5 од Законот, не е нејасен и непрецизен. Ова од причини што оспорениот член 208 од Законот, предвидува дека со тужба поднесена од друштвото, односно негов содружник, се бара друг содружник да биде исклучен од друштвото доколку постојат оправдани причини. Една од тие е и неизвршување на преземените обврски со договорот за друштвото. Начините на неизвршување на преземените обврски се утврдуваат во судска постапка, и се различни за секој случај посебно, а од суштинско значење е последицата од тоа неизвршување на преземените обврски според договорот за друштвото. Од овие причини, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека оспорената одредба е непрецизна и нејасна и истата не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот – владеењето на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Ценејќи ги наводите истакнати во иницијативата по однос на членот 231 став 4 од Законот, а имено дека оспорените законски делови: „делумно или во целост“ не можело да постојат во правниот поредок затоа што забраната за вршење професија не може да се дели на делумна или целосна, сметаме дека истите се неосновани, од следниве причини:

Членот 231 од Законот е поместен во Пододдел 7 со наслов: „Управување со друштвото“ и поднаслов: „Услови за избор на управител“.

Оспорениот став 4 од членот 231 од Законот предвидува дека за управител не може да биде избрано лице на кое со правосилна судска одлука делумно или во целост му е забрането да врши професија, дејност или должност што е поврзана со функцијата управител на друштвото додека трае забраната.

Имајќи го во вид фактот дека функцијата управител има повеќе овластувања, Судот оцени дека законската определба за „делумно или во целост“забрането вршење професија, дејност или должност што е поврзана со функцијата управител, не е во спротивност со темелниот принцип на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија.

Ова од причини што овластувањето на управителот, глалвно се состојат во овластување во врска со водењето на работите (работењето) на друштвото и во врска со застапувањето на друштвото, што се две сосема различни овластувања.

Од друга страна, пак, не смееме да го занемариме фактот дека во оспорениот став 4 на членот 208 од Законот децидно се наведува дека забраната за вршење на професија, дејност или должност се заснива, односно произлегува од правосилна судска одлука што значи со конкретната одредба всушност се врши само извршување на правосилна судска одлука во смисла на одредбите на Кривичниот законик, поточно на член 33 став 1 точка 3, според кој за кривичните дела на кривично одговорните сторители може да им се изрече казната забрана на вршење на професија, дејност или должност и истите во смисла на ставот 6 на членот 33 од Кривичниот законик може да се изрече само како споредна казна заедно со казната затвор или со условна осуда со која е утврдена казна затвор.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.169/2010
15 декември 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски