У.бр.96/2010-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 декември 2010 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 54-д алинеја 3 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр. бр.35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009 и 50/2010) и член 53 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2010).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.96/2010 од 20 октомври 2010 година поведе постапка за оценување на уставноста на членовите наведени во точката 1 од оваа одлука. Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорените членови со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 54-д алинеја 3 од Законот за извршување, на извршителот ќе му се изрече мерката трајно одземање на правото за вршење на должноста извршител ако неуредно и несовесно ја врши функцијата член на Дисциплинската комисија.

Во членот 53 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување, се предвидува дека ако настане престанок на должноста извршител пред денот на влегувањето во сила на овој закон, министерот за правда во рок од осум дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, определува извршител од редот на именуваните извршители од истото подрачје, којшто веднаш ќе ја преземе канцеларијата на извршителот чија должност престанала и ќе ја продолжи работата по предметите, со сите овластувања кои му припаѓаат на извршител согласно со закон. Пред преземањето на канцеларијата на извршителот чија должност престанала од страна на определениот извршител, ќе се изврши селекција на предметите, книгите и документите на извршителот чија должност престанала од страна на Комисијата која ја формира министерот за правда, составена од претставник на Министерството за правда, Комората на извршители и судија од подрачјето на надлежниот основен суд за кое е именуван извршителот.

Претседателот на Комората со решение ќе го овласти именуваниот, односно определениот извршител да располага со посебната сметка на извршителот чија должност престанала.

5. Владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Дисциплинска комисија, според членот 59 став 2 од Законот, е орган на Комората кој го избира Собранието на Комората, составен од пет члена и нивни заменици, со мандат од три години, со право на повторен избор и според ставот 4 на овој член од Законот, дисциплинската комисија ја спроведува дисциплинската постапка по предлог на овластен подносител и донесува одлука по предлогот, а начинот и поблиските услови во врска со работењето на Дисциплинската комисија ќе бидат уредени со Статутот и другите акти на Комората.

Од анализата на наведените законски одредби јасно произлегува дека дисциплинската комисија е колективно тело кое функционира врз база на Статутот и други акти на комората. Оттука, Судот оцени дека не е јасно кои дејствија преземени од еден член на Комисијата претставуваат неуредно и несовесно вршење на функцијата член на Комисијата, ако се има во вид фактот дека станува збор за колективно тело и колективна одлука.

Од друга страна, пак, според Судот, извршувањето на оспорената мерка, претставува ограничување на вршење на јавна функција што е во спротивност со член 23 од Уставот.

Од наведените причини Судот оцени дека оспорениот член 54-д алинеја 3 од Законот не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 23 од Уставот.

6. Правната заштита на сопственоста е темелна вредност на уставниот поредок согласно член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот.

Според член 30 став 3 од Уставот никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Од анализата на законската одредба на член 53 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување, а во корелација со наводите во иницијативата Судот оцени дека истата не е во согласност со темелната вредност на уставниот поредок – правната заштита на сопственоста.

Имено, овластувањето во оспорената законска одредба да именуваниот извршител покрај работата по предметите, да ја преземе и канцеларијата на извршителот на кого му престанала должноста извршител, според Судот, се повредува правото на сопственост. Ова од причина што, сопственоста како институт во себе содржи право на располагање, држење и користење на стварта. Во конкретниов случај со правото на преземањето на канцеларијата на извршителот чија должност престанала, му се попречува правото на располагање и користење на канцеларијата која е негова сопственост, а кои се правни елементи на сопственоста.

Од наведените причини Судот оцени дека оспорениот член 53 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 од Уставот на Република Македонија.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, д-р Трендафил Ивановски, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.96/2010
15 декември 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски