У.бр.51/2010-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 декември 2010 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 42 став 1 во делот: „ако е дозволена жалба“ … од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006 и 150/2010).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.51/2010 од 13 октомври 2010 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот 42 став 1 во делот: „ако е дозволена жалба“ …. од Законот означен во точката 1 од оваа одлука. Постапката беше поведена затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од одредбата од Законот со Уставот.

4. Во делот од Законот за управните спорови, кој се однесува на „Постапка“, со одредбите од членовите 19-42 е уредена постапката по тужба и со членот 42 став 1 е предвидено: „Пресудата, односно решението содржи назив на судот, име и презиме на претседателот на советот и на членовите на советот и записничарот, имињата и презимињата на странките и нивните застапници, кратко излагање на предметот на спорот и денот кога пресудата, односно решението се изречени и објавени, диспозитив, образложение и поука за жалба, ако е дозволена жалба. Диспозитивот мора да биде одвоен од образложението“.

5. Судот на седницата утврди дека со членот 50 став 2 од Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Според Амандманот XXI со кој е заменет членот 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.

Уставот со тоа прокламира двостепеност во одлучувањето на судовите, како една од гаранциите за обезбедување и јакнење на законитоста во остварувањето на слободите и правата на граѓаните.

Амандманот XXI на Уставот го гарантира ова право без оглед на видот на судот, територијата на која тој ја остварува надлежноста или пак видот на споровите што се водат пред него, што значи дека ова право се гарантира секогаш кога е донесена одлука на суд во првостепена постапка. За целосно остварување на правото на жалба не е доволно истата само да се предвиди како правен лек, туку треба и понатаму да е уредена по однос на роковите за изјавување, причините поради кои може да се изјави и судот кој е надлежен да постапува по неа.

Под изразот „одлука“, во генеричка смисла се подразбира поединечниот правен акт што го донесува суд при постапувањето и решавањето на конкретна правна работа. Во формална смисла на зборот судскиот акт е правен акт кој го донесува судски орган (суд по определена судска постапка). Судски акт по правило се изразува во писмена форма и најчесто се нарекува пресуда, а може да се јави и во вид на одлука или решение.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби и од содржината на одредбите од Законот за управните спорови, неспорно е дека Управниот суд, како дел од судскиот систем, како првостепен суд, меѓу другото, донесува одлуки во форма на решение или во форма на пресуда. Поконкретно, Судот, според членот 39 од Законот, го решава спорот со пресуда. Со решение, Управниот суд одлучува за прашања од постапката, како што се отфрлање на тужбата од причините утврдени во членот 25 став 2 и членот 26 од Законот.

Од изнесените законски одредби, Судот утврди дека Управниот суд конкретната правна работа ја решава преку донесување на решение или пресуда, со што странките остваруваат судска заштита во првостепена постапка. Меѓутоа, законодавецот во Законот за управните спорови не го уредил, во посебно заглавие, правото на жалба против вака донесените одлуки, како гарантирано уставно право, туку во креирањето на ова право прифатил само редуцирана можност за нејзино изјавување, како што бил случајот со членот 39 став 2 од Законот, што Уставниот суд поради делумноста, го оценил со своја Одлука У.бр.231/2008 како неприфатливо и неуставно законско решение.

Соодветно на ставот на Уставниот суд во наведената Одлука, врз основа на уставносудската анализа на одредбите од Законот за управните спорови, Судот оцени дека на членот 42 став 1 во оспорениот дел „ако е дозволена жалба“ од Законот за управните спорови, е во несогласност со Уставот, бидејќи неспорно е дека Уставот го гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд, а Управниот суд е првостепен суд.

Од овие причини Судот оцени дека членот 42 став 1 во делот: „ако е дозволена жалба“ … од Законот е во несогласност со Амандманот XXI од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.51/2010
15 декември 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски