180/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 декември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 25 став 2 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на деловите од одредбите од Законот, означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата со употребата на терминот „може“ во оспорените делови од членовите 25 став 2 и 36 став 3 од Законот, се дозволувало деловната способност на лицата во контекст на одредбите, да не биде задолжително својство на тие лица, а со тоа се дозволувало и деловно неспособни лица да бидат застапници. Од овие причини, оспорените делови од одредбите од Законот не биле во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека членот 25 од Законот предвидел:

„Здружението има едно или повеќе лица овластени за застапување на здружението (во натамошниот текст: застапник) избран, односно именуван на начин утврден со статутот.

Застапник на здружението може да биде деловно способно физичко лице кое има живеалиште или престојувалиште на територијата на Република Македонија во согласност со закон.

Правата и обврските застапникот на здружението ги врши во согласност со закон, статут и актите на здружението“.

Во делот од Законот, со наслов „Раководење со фондацијата“, е предвиден членот 36 кој гласи:

„Со фондацијата раководи директор.

Фондацијата може да има еден или повеќе директори овластени за застапување на фондацијата, избрани на начин утврден со статутот.

Директор може да биде деловно способно физичко лице кое има живеалиште или престојувалиште на територијата на Република Македонија.

Директорот своите права, обврски и одговорности ги врши во согласност со овој закон, статутот и актите на фондацијата“.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Поаѓајќи од содржината на наводите во иницијативата Судот утврди дека се оспорува уставноста на одредбата од членот 25 став 2 во делот: „може“ и на членот 36 став 3 во делот: „може“ од Законот за здруженија и фондации, бидејќи подносителот на иницијативата во „толкувањето“ на нормите сметал дека законодавецот требал поинаку да ги пропише одредбите и наместо зборовите „може“ требал да ги употреби зборовите „мора“ со што јасно ќе се определело дека застапниците на здруженијата и директорите на фондациите морале да бидат деловно способни лица. Меѓутоа, со одредбите од Законот се уредува „застапувањето“ на здруженијата и директорите на фондациите, во контекст на предметната материја на Законот и неспорна е интенцијата на законодавецот да го уредува прашањето на застапувањето, при што неспорно е исто така дека не регулира нормативни интерпретации кои ги изнесува подносителот во иницијативата дека со употребата на зборот „може“ во оспорените одредби од Законот, се дозволувало лицата застапници и да не бидат „деловно способни лица“. Со оглед на тоа, а имајќи предвид дека покрај наводите во иницијативата кои се „толкување“ на иницијаторот, а не правни аргументи за причините во што би се состоела неуставноста на оспорените делови од одредбите од Законот, Судот утврди дека се настапени деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки за одлучување по иницијативата, согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.180/2010
15 декември 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски