271/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 1 декември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Урбана заедница 6, Урбан блок 6.2.Опфат 1, Општина Охрид 2009-2014, бр.07-2508/9, донесена од Советот на општина Охрид на 30 септември 2009 година („Службен гласник на општина Охрид“ бр.10/2009 од 2 октомври 2009 год).

2. Иво Захариев, Верка Каровска, Александар Илиќ и Илија Петановски, сите од Охрид, преку полномошникот Ацо Балоски, адвокат од Охрид на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и закoнитоста на Одлуката означена во точкaта 1 на ова решение.

3. Според наводите во иницијативата Иво Захариев, сопственик на недвижноста обележана како КП.бр.15199; Верка Каровска, сопственик на недвижноста обележена како КП.бр.16587 ГП 283; Александар Илиќ, сопственик на недвижноста обележана како КП.бр.15206 и Илија Петановски, сопственик на недвижности обележани како КП.бр.15164 и КП.бр.15165, сите од Охрид, биле непосредно заинтересирани граѓани и жители на урбаниот блок 6.2, на кои им биле повредени или ограничени нивните сопственички права и истите бараат да се измени даденото урбанистичко решение. Имено, подносителите на оваа иницијатива искажуваат незадоволство поради законската забрана за овозможување на пристап од магистралната улица “Туристичка” и поради тоа што доносителот на планот виртуелно и нелогички предвидел пристап до нивните семејни куќи и на тој начин им биле одземени помали или поголеми површини од нивните дворни места, со цел да се предвидат осум нови паркинг простори. Притоа, наведуваат дека доставениот Нацрт-предлог за иззмена на деталниот урбанистички план, со цел за рационално уредување на просторот, не бил прифатен и покрај поднесените приговори и доставените забелешки во поднесените анкетни листови од нивна страна и од другите граѓани.

Во таа смисла наведуваат дека постоеле евидентни суштествени повреди на постапката за донесување на оспорената одлука односно не била запазена задолжителната строга формална процедура за донесување на истата. Поради тоа истата била противзаконита, се засновала на нецелосно утврдена фактичка состојба на работите, не постоел евидентен јавен интерес за вака конципираниот детален урбанистички план за оваа урбана заедница. Имено, во втората фаза на предлог-планот биле примени бројни забелешки, но не постоел слух кај доносителот на планот во таа фаза да ги прифати забелешките. Подносителите на забелешките не биле известени на погоден начин, за тоа кои измени биле прифатени а кои не биле прифатени; не била извршена стручна ревизија на нацрт-планот по завршената прва фаза на донесување и не биле вклучени истакнати научни и стручни работници со цел да ги разгледаат понудените нови идеи од иницијаторите и општината преку нејзините органи не ја истакнала на јавен увид конечната верзија на деталниот урбанистички план. На овој начин се легализирале измени на истиот кои биле спротивни на членовите 4, 17, 18, 19, 21, 22, 23, 24 и 31, а при тоа биле повредени и неправилно применети членовите 13, 22, 25 и 26 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005, 137/2007 и 151/2007), поради што можело да настане ненадоместлива материјална штета за подносителите на оваа иницијатива.

Врз основа на изнесеното истите предлагаат согласно одредбите на член 110 став 1 алинеја 2 и член 112 став 2 од Уставот на Република Македонија одлуката да биде прогласена за противзаконита и противуставна со донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија кои би биле преземени врз основа на оспорената одлука, а по поведувањето на постапката за оцена на законитоста Судот да ја поништи оспорената одлука.

4.Судот на седница утврди дека Советот на општина Охрид на седницата одржана на 30 септември 2009 година ја донел оспорената одлука во која со членот 1 било определено дека се донесува предметниот план за Урбана заедница 6-УБ 6.2 опфат 1 општина Охрид 2009-2014. Во членот 2 е определено дека овој план опфаќа простор со површина од 10,45 ha, и истиот ѓи опфаќа границите на Булевар Туристичка, Даме Груев, Прв градски ринг и Јане Сандански. Во членот 3 е определено дека предметниот план е изработен од страна ИН -ПУМА Скопје и дека истиот содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија, на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфра-структурата. Во членовите 4 и 5 се уредени прашањата за заверката со потпис и печат и архивирањето на примероците од Планот. Според членот 6, Одлуката влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на општина Охрид“.

Од увидот и анализата на документацијата доставена од Советот на општина Охрид, Судот исто така утврди дека Нацрт-Деталниот урбанистички план е изработен од Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија „ИН-ПУМА“ од Скопје со тех.бр.06/2008 од октомври 2008 година;

На Нацрт-планот била изработена Стручна ревизија од А.Д. за урбанизам, архитектура и инженеринг „ЗАУС“ од Скопје со тех.бр.06/2008 од октомври 2008 година, во која има забелешки кои треба да се отстранат, усогласат и вградат во планот;
Изготвувачот на планот во одговорот на ревизијата бр.08-655/1 од 20 октомври 2008 година ги прифаќа забелешките, а за три неприфатени забелешки дал образложение;
Министерството за транспорт и врски дало Стручно мислење број 16-13113 од 29 декември 2008 година на Нацрт -планот со забелешки дека истиот бил изработен согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005, 137/2007 и 151/2007), Правилникот за поблиска содржина, размер и начин на графичка обработка на урбанистичките планови (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/2006) и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/2006 и 140/07).

Управата за животна средина како орган во состав на Министерството за животна средина и просторно планирање дала мислење дека просторот кој бил предмет на изработка на Деталниот урбанистички план за урбана заедница 6, Урбан блок 6.2. Опфат 1, Охрид (2008-2013) не се граничи со крајбрежјето на Охридското езеро, заради што не е предмет на разгледување од аспект на заштита на Охридското езеро утврдена во Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро (“Службен весник на Република Македонија” бр.45/77) и Законот за заштита на природата (“Службен весник на Република Македонија” бр.67/04, 14/06 и 84/07).
Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид доставиле одговор на барањето за изготвување на заштитно-конзерваторски основи за изработка на ДУП за УЗ.6 од УБ.6.2, каде е наведено дека назначениот опфат не припаѓа во границите на заштитената споменичка целина ниту пак за горенаведениот простор постојат податоци за евидентиран или заштитен археолошки локалитет и поради тие причини не било потребно да се изработуваат Заштитно –конзерваторски основи.
Со Одлука број 07-145/3 од 29 јануари 2009 година Советот на општина Охрид го утврдил Нацрт-планот;
За организирање на јавната презентација и јавната анкета во траење од 15 дена било донесено решение број 09-1027/1 од 30 јануари 2009 година и за таа цел било подготвено соопштение од истиот датум дека ќе се организира јавна анкета во периодот од 2 февруари до 13 февруари 2009 година (има десет работни дена), со излагање на текстуалните прилози во големата сала на Општина Охрид и Месната заедница Даме Груев. Јавната презентација се одржла на ден 09.02.2009 годинан во исатата сала од 12 до 14 часот и бил составен записник за сите присутни заинтерсирани граѓани. Исто така градоначалникот на Општина Охрид донел решение за формирање на Комисија за изработка на извештај по спроведената јавна анкета и јавна презентација заведено под број 09-1027 /19 од 11февруари 2009 година

Соопштениото било објавено во „Нова Македонија“ на 2 февруари 2009 година.

Од извештајот од јавната анкета бр.09-1027/12/15 од 20 февруари 2009 година произлегува дека биле поднесени 86 забелешки, од кои 27 се целосни, 18 се делумно и 41 не се прифатени;

Поединечни известувања со образложение за прифатени и неприфатени забелешки се изготвени на 27 јули 2009 година, секое од нив е со деловоден број 09-327/…, и за подносителите на иницијативата постои доказ за доставување на известувањата;

Барањето за давање согласност на Предлог-Планот е упатено до Министерството за транспорт и врски на 2 март и на 26 мај 2009 година под бр.09-541/3.

Оспорената одлука била донесена на 30 септември 2009 година;

Согласноста на Предлог-Планот бр.16-9134/2 од 23 септември 2009 година на Министерството за транспорт и врски до општината Охрид била доставена на 24 септември 2009 година видно од приемниот печат.
Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005,137/2007 и 151/2007-исправка), во чие време на важење била донесена оспорената одлука.

Во членот 3 од наведениот закон е утврдено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со “II. Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.

Според членот 7 од овој закон, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следните планови: Просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.

Согласно член 11 ставовите 1 и 2 од Законот, детален урбанистички план, за каков што се работи во конкретниот случај, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфраструктурата.

Според ставот 3 од овој член од Законот, графичките прикази на планот содржат: граница на планскиот опфат, регулациони линии, парцелација на градежното земјиште, површини за градење на градби определени со градежни линии, максимална висина на градбата изразена во метри до венец, намена на земјиштето и градбите, планско решение на секундарната сообраќајна мрежа со нивелманско решение и плански решенија на сите секундарни комунални и телекомуникациски инфраструктури.

Според ставот 4 од овој член од Законот, текстуалниот дел од планот содржи: општи услови за изградба, развој и користење на земјиштето и градбите, посебни услови за изградба на поединечни градежни парцели, податоци за сообраќајните, комуналните и телекомуникациските инфраструктури и други параметри.

Според член 17 став 1 од Законот, за изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон , општините и градот Скопје донесуваат годишна Програма. Според ставот 2 од истиот член од Законот, програмата од ставот 1 на овој член општините и градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.

Понатаму, согласно член 18 од Законот, изработување на урбанистички планови вршат правни лица кои поседуваат лиценца, што ја издава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот под услови утврдени во овој член од Законот.

Според одредбата од членот 21 став 1 од Законот плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план. На нацртот на плановите, согласно членот 21 од Законот се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и друг закон. Стручна ревизија на плановите од член 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општината и буџетот на градот Скопје врши овластено правно лице од член 18 став 1 на овој закон, определено од градоначалникот на општината или на градот Скопје. Согласно став 5 на овој член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Во членот 23 од Законот е уредена поконкретно постапката за донесување на генерален урбанистички план (во оваа постапка се оспорува донесен детален урбанистички план).

Во член 24 од Законот, се утврдува дека по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1). Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите од став 1 на овој член го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот (став 2). За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (став 4). Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината (став 5).

Според член 24 став 6 од Законот, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Според став 7 на овој член од Законот, извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот, а согласно ставот 8, врз основа на извештајот, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.

Во членот 24 став 10 од Законот утврдено е дека времето и местото каде ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со сопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположба и површина на опфатот на планот.

Според член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Во ставот 2 на овој член од Законот утврдено е дека на плановите изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Согласно ставот 3 на член 25 од Законот мислењето од ставот 1 и согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на мислењето и согласноста не одговори во наведениот рок ќе се смета дека мислењето и согласноста се издадени. Според ставот 5 на истиот член по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Во членот 31 став 1 од Законот, помеѓу другото е предвидено дека во постапката за изработување на плановите задолжително се применуваат стандардите и нормативите за уредување на урбанистичкото планирање.

Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот, во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Од списите по предметот произлегува дека постапката за планирање започнала врз основа на Програма за изработка на урбанистички планови за општина Охрид за 2009 година. Истиот плански опфат бил евидентиран како предмет на започнато урбанистичко планирање и според програмите за планирање на општината за планскиот период 2009- 2014 година. Според тоа неосновани се наводите од иницијативата за повреда на членот 17 став 2 од Законот за просторното и урбанистичко планирање.

Соопштението за организирање и спроведување на јавната анкета со означување на време и место на спроведување било објавено во „Нова Македонија“ на 18 април 2009 година од каде нема повреда на членот 24 став 10 од Законот за просторното и урбанистичко планирање.

Исто така, неосновани се наводите за повреда на членот 24 став 4 од Законот, во кој е предвидено јавната анкета да се спроведе со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Со оглед на тоа што јавна анкета, на која учествувале подносителите на иницијативата, била организирана и спроведена и тоа со траење од десет работни дена како што е определено во членот 24 став 4 од Законот неосновани се и наводите од иницијативата за повреда на наведената одредба заради неспроведување на јавна анкета.

Имајќи предвид дека по повод спроведената анкета заинтересираните лица ставиле забелешки по однос на Планот и на истите им било одговорено, сметаме дека општината Охрид во постапката за планирање го испочитувала и членот 24 став 6 од Законот, од каде се неосновани наводите од иницијативата за негова повреда.

Судот утврди дека од увидот во доставената и прибавена документација произлегува дека Советот на општината Охрид во постапката која претходела на донесувањето на оспорената одлука ги почитувал сите фази на постапката утврдена со Закон. Судот констатира дека е потребно да им се укаже на подносителите на иницијативата дека нема надлежност да ја оценува содржината на Деталниот урбанистички план ниту пак евентуалните промени во намената на објектите во него. Во таа смисла секој подносител на иницијатива кој смета дека врз основа на Деталниот урбанистички план била извршена иззмена може во постапката на донесување на истиот односно на јавната анкета која била спроведена согласно Законот да даде свои забелешки. Исто така ако сметаат дека им било повредено правото на сопственост со донесувањето на одлуката за изменување на Деталниот урбанистички план, таквото свое право можат да го остварат во редовна судска постапка.

Од изнесената правна и фактичка состојба произлегува дека оспорената одлука е донесена во целост во постапка како што е предвидено со одредбите од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, односно дека истата не може да се доведе под сомнение по однос на нејзината согласност на членовите 4, 13, 17, 18, 19, 21, 22, 23, 24, 25, 26 и 31 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.271/2009
1 декември 2010 година
С к о п ј е
мдш

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски