182/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 1 декември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитоста на Одлуката за утврдување потреба од изработување на Локална Урбанистичка Планска документација за изградба на џамија со намена Б 5 на КП бр. 2297 м.в. Средно поле КО Лажец Општина Битола, донесена од Советот на Општина Битола, бр. 07-1724/09 од 31.08.2010 година („Службен гласник на Општина Битола“ бр.10 од 03.09.2010 година).

2. Месната заедница с. Лажец Битола, преку полномошник адвокат Димитар Трајковски од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одлука била спротивна на член 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр, 24/2008 – пречистен текст). Ова од причина што со наведениот член било предвидено со урбанистички план на село на една градежна парцела да биде утврдена апроксимативна површина за градење наменета за комплексна градба или комплекс на градби. Џамијата како верски објект кој се планира да се гради во с. Лажец не претставувала апроксимативна површина за градење наменета за комлексна градба или комплекс на градби. С. Лажец немал урбанистички план.

Поради наведеното, се бара од Уставниот суд да покрене постапка за оценување на законитоста на наведената одлука и истата да ја поништи.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на Општината Битола, на седницата одржана на 31.08.2010 година, врз основа на член 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2008), член 26 (член 50-а) од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 91/2009) и член 70 од Статутот на Општината Битола („Службен гласник на Општината Битола“ бр. 10/2005), донел Одлука (заведена под број 07-1724/9) со која се утврдува потреба од изработување на Локална Урбанистичка Планска документација за изградба на џамија со намена Б 5 на КП бр. 2297 мв. Средно поле КО Лажец Општина Битола. Границата на Локалната урбанистичка планска документација се поклопува со границата на катастарската парцела КП бр. 2297 Битола со површина од 1000м2 (член 1).

Според член 2 на оваа одлука, финансирањето на постапката за изработка и донесувањето на Локалната урбанистичка планска документација ќе го врши подносителот на иницијативата. Според член 3 на истата одлука, Одлуката влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општината Битола“.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Оспорената одлука е донесена врз основа на член 26 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 91/2009) со кој Законот е дополнет со нов член 50-а, со кој се уредува постапката за донесување локална урбанистичка планска документација.

Со оспорената одлука се започнува постапка за донесување локална урбанистичка планска документација за изградба на џамија со намена В5 на КП бр. 2297 м.в. Средно поле КО Лажец Општина Битола, која постапка треба да заврши со донесување решение од страна на градоначалникот со кое се одобрува локалната урбанистичка планска документација.

Со оглед дека согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд е надлежен да одлучува за уставноста на законите и за уставноста и законитоста на прописите и општите акти кога тие ќе бидат донесени од надлежните органи, а не и во фазата на нивното подготвување, а со оспорената одлука само се започнува постапката за донесување локална урбанистичка планска документација и сеуште нема решение за одобрување на локалната планска документација како акт кој може да биде предмет на уставносудска оценка, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

Дополнително, Судот имаше предвид дека член 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2008 – пречистен текст), во однос на кој се бара оцена на законитоста на оспорената одлука (дури истата и да претставува пропис подобен за уставно-судска оцена) во време на донесувањето на Одлукате бил изменет со член 25 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 91/2009) и повеќе не е дел од правниот поредок на Република Македонија во содржина на која се повикува подносителот на иницијативата, што исто така претставува процесна пречка во смисла на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за одлучување по иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.182/2010
1 декември 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски