У.бр.164/2010

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 ноември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 5 став 1, во делот

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорениот дел се создавала конфузија и се девалвирала целата одредба бидејќи во практичната примена била можна злоупотреба. Имено, оспорениот дел од наведената норма бил нејасен, непрецизен и двосмислен, поради што истиот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 5 став 1 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија со колективен договор на ниво на гранка, односно на ниво на равотодавач и со договор за вработување можат да се утврдат поголеми права од правата утврдени со закон и колективен договор, ако тоа не е во спротивност со закон и овој колективен договор.

4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Судот, со Решение У.бр.16/2008 од 14 мај 2008 година, по повод поднесена иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, одлучил да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на меѓу другите и за член 5 став 1 во делот: „ако тоа не е во спротивност со закон и овој колективен договор“ од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.10/2008).

Како и во предметната иницијатива, подносителот на иницијативата се повикувал на повреда на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 51 од Уставот. Во однос на овие наводи, Судот во наведеното Решение го изразил следниот став:

Од анализата на овој член произлегува дека со колективен договор на ниво на гранка, односно на ниво на работодавач може да се утврдат поголеми права од правата утврдени со закон и општ колективен договор, доколку тоа не е во спротивност со закон и овој колективен договор. Доколку се утврдат помали права или понеповолни услови за работа од правата, односно условите за работа утврдени со општ колективен договор, се применуваат одредбите на општиот колективен договор. Тоа значи дека со овој колективен договор, како општ колективен договор за јавниот сектор, се утврдуваат права кои се задолжителни за сите работници и работодавачи на кои се однесува овој договор, а дека договорните страни можат да утврдат и поголеми права од овде утврдените, но само доколку тоа не е во спротивност со закон и овој колективен договор. При ваква регулатива, со иницијативата се покренува прашањето дали утврдените поголеми права со колективен договор на ниво на гранка, односно на ниво на работодавач од оние утврдени со општиот колективен договор, не смеат да бидат во спротивност со закон и со општиот колективен договор.

Во одговор на ова прашање, Судот имаше предвид дека Уставот определува дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори. Тоа значи дека Уставот препуштил со колективен договор да се доуредуваат правата и обврските на работникот и работодавачот и дека колективниот договор мора да биде во согласност со Уставот и со закон. Од друга страна, Законот за работните односи кој ги уредува колективните договори, утврдува постоење на три вида колективни договори: општ, посебен и поединечен, што значи дека законодавецот пропишал систем на колективно договарање со кој, како целина, се доуредуваат правата и обврските на работодавачите и работниците. Притоа, постои законско ограничување дека со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од закон. Исто така, постои и законско овластување со колективен договор да може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон.

Законот утврдува задолжителна и непосредна примена на општиот колективен договор за сите работодавачи членови на здружението на работодавачите потписници на колективниот договор или кои дополнително му пристапиле на здружението. Во случајот со општиот колективен договор за јавниот сектор, работодавачи за кои постои законска обврска за задолжителна и непосредна примена на овој колективен договор се органите на државната власт, јавните установи, заводите, агенциите, организациите и другите правни лица од јавниот сектор кои вработуваат работници и се финансираат од Буџетот на Република Македонија, а работници за кои постои законска обврска за задолжителна и непосредна примена на овој колективен договор се физичките лица кои засновале работен однос кај овие работодавачи. Задолжителноста и непосредната примена на општиот колективен договор значи дека со посебен или поединечен колективен договор не можат да се утврдат помали права од правата утврдени со закон и овој колективен договор, но исто така, тоа значи и обврска за договорните страни, при преговарањето и склучувањето на посебните и поединечните колективни договори, во кои можат да утврдат поголеми права, покрај почитувањето на законските одредби, да ги почитуваат и начелата и принципите врз кои се заснова општиот колективен договор, со оглед дека тие се однесуваат и се задолжителни и за договорните страни – работодавачи и работници кои склучуваат посебен или поединечен колективен договор.

Поради наведеното, според Судот, определбата искажана во Општиот колективен договор за јавниот сектор дека со колективен договор на ниво на гранка, односно на ниво на работодавач можат да се утврдат поголеми права од правата утврдени со закон и општиот колективен договор, ако тоа не е во спротивност со закон и овој колективен договор, не треба да се толкува во смисла на ограничување на правата на вработените утврдени со закон, туку треба да се толкува во функција на обезбедување на владеењето на правото и заштита на веќе договорените права со општ колективен договор, што е во интерес на двете договорни страни при преговарањето и склучувањето на посебен и поединечен колективен договор.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека член 5 став 1 во делот „ ако тоа не е во спротивност со закон и овој колективен договор“ не може да се доведе под сомнение за согласноста со член 8 став 1 алинеја 3 , член 32 став 5, член 51 и член 54 од Уставот, како и член 12 ставовите 2 и 3 од Законот за работните односи.

Имајќи предвид дека во предметната иницијатива не се изнесуваат поинакви аргументи од оние што Судот веќе ги оценувал и изразил свој став, според Судот, наводите во иницијативата не може да претставуваат основ за поинакво одлучување во овој предмет. Тргнувајќи од наведеното Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата поради res judicata.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.164/2010
24 ноември 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски