Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 ноември 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 6 став 2, член 35 став 2 и член 36 став 2 од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005, 61/2006, 36/2007, 161/2008, 6/2009, 114/2009, 35/2010).
2. Авни Алити од Куманово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата членот 6 став 2 од Законот за државните службеници не бил во согласност со членот 9 од Уставот на Република Македонија бидејќи овој член не ги ставал во подеднаква положба сите граѓани на Република Македонија, односно студентите кои имале завршено прв циклус од високо образование кој траел 3 години. Имено, овој член од Законот не предвидувал еднаква можност овие граѓани да можат да се вработуваат барем во вршење на најниско звање од II група на државен службеник за вршење на стручните работи во државната администрација, од причини што според овој член за вршење на стручните работи се предвидува да студиите на високо образование VII/1 степен, и со најмалку 240 кредити според ЕКТС, а не и со 180 ЕКТС кредити колку што стекнувале тие со студии од 3 години.
Подносителот на иницијативата, понатаму наведува дека членот 6 став 2 не бил во согласност ниту со членовите 23, 32, 44 став 2 и член 51 од Уставот на Република Македонија.
Со наведените членови од Уставот, не биле во согласност ниту членот 35 став 2 и членот 36 став 2 од Законот за државните службеници. Ова од причина што студентите кои завршиле прв циклус на студии со рок на траење од 3 години и немале 240 кредити според ЕКТС не можеле да имаат 200 бода по основ на вреднување на образованието како прв и главен сегмент кој ја сочинувал основната плата на државниот службеник, туку нивното образование се вреднувала со 150 бода и нивното образование било третирано како високо. Исто така, тие не можеле да добиваат ниту додаток на плата.
3. Судот на седницата утврди дека според член 6 став 2 од Законот раководни звања се:
– генерален секретар, секретар на градот Скопје и секретар на општина (во натамошниот текст: секретар),
– државен советник со стекнати 300 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен и најмалку шест години работно искуство во струката, од кои две години во државната служба,
– раководител на сектор со стекнати 300 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен и најмалку пет години работно искуство во струката, од кои две години во државната служба,
– помошник раководител на сектор со стекнати 300 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен и најмалку четири години работно искуство во струката, од кои една година во државната служба и
– раководител на одделение со стекнати 300 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен и најмалку четири години работно искуство во струката, од кои една година во државната служба.
Согласно член 35 став 2 од истиот закон, образованието утврдено во членот 6 став 1 на овој закон се вреднува, и тоа за:
– стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен 200 бода,
– вишо образование 150 бода и
– средно образование 100 бода.
Според член 36 став 2 од Законот за државните службеници додатокот на плата за звање се вреднува, и тоа:
Група Звање Бодови
I генерален секретар 706
I секретар на градот Скопје 661
I секретар на општина со седиште
во град 596
I секретар на општина со седиште
во село 506
I државен советник 516
I раководител на сектор 496
I помошник раководител на сектор 406
I раководител на одделение 346
II советник 281
II виш соработник 246
II соработник 231
II помлад соработник 201
III самостоен референт 196
III виш референт 181
III референт 166
III помлад референт 146
4. Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверрување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.
Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Согласно член 44 став 2 од Уставот, образованието е достапно на секого под еднакви услови.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Законот за државните службеници ги уредува опфатот на државната служба, статусот, правата, должностите и одговорностите на државните службеници, системот на плати и надоместоци на плати за државните службеници, како и надлежностите на Агенцијата за државни службеници (член 1).
Според членот 3 од Законот, државен службеник е лице вработено во државната служба кое врши стручни, нормативно-правни, извршни, управни, управно-надзорни, плански, материјално-финансиски, сметководствени, информативни и други работи од надлежност на органот во согласност со Уставот и со закон (став 1). Државната служба, во смисла на овој закон се органите на државната и локалната власт и другите државни органи, основани согласно со Уставот и со закон.
Имајќи го во вид специфичниот карактер на работите кои ги извршуват државните службеници, во Законот за државните службеници е предвиден посебен начин, како и услови кои треба да ги исполнува едно лице за да добие статус на државен службеник.
Имено, во член 6 став 1 од Законот се предвидува дека во државната служба во зависност од видот на образованието, работното искуство, одговорноста и сложеноста на работните задачи, се утврдуваат 13 звања систематизирани во три групи: I раководни, II стручни и III стручно-административни.
Оспорениот став 2 на членот 6 од Законот ги утврдува раководни звања.
Вреднувањето на студиски програми со кредити по ЕКТС е определено во членот 105 од Законот за високото образование, според кој студиските програми се вреднуваат со кредити по ЕКТС. Секоја година на студиската програма содржи 60 кредити.
Студиските програми од прв циклус кои содржат од 180 до 240 кредити и траат три до четири години според видот на програмата се вреднуваат како стручни или како академски студиски програми.
Студиските програми на втор циклус кои содржат 60 кредити и заедно со 180 кредити стекнати на првиот циклус на додипломски академски студии и траат една година се вреднуваат како специјалистички студии.
Студиските програми од втор циклус кои содржат 120 кредити и заедно со 180 кредити стекнати на првиот циклус на академски студии и траат две години, односно кои содржат 60 кредити и заедно со 240 кредити стекнати на првиот степен на академски студии и траат една година, се вреднуваат како магистерски студии.
Студиските програми од втор циклус кои се организираат како континуирани (единствени) студии и содржат 60 плус 60 кредити и заедно со 180 кредити стекнати на првиот циклус на академски студии и траат две години, можат да се вреднуваат по завршувањето на првата година како специјалистички студии, а по завршувањето на втората година како магистерски студии.
Студиските програми од трет циклус кои можат да содржат 180 кредити или да бидат вреднувани соодветно на карактерот на студиите од трет степен и заедно со 300 кредити стекнати на вториот циклус на магистерски студии и траат три години се вреднуваат како докторски студии.
Студиските програми за усовршување, после завршувањето на првиот или втор циклус на студии содржат најмалку 10, а најмногу 60 кредити.
Од анализата на наведените уставни и законски одредби, Судот оцени дека оспорениот член 6 став 2 од Законот за државни службеници е во согласност со член 9 од Уставот, од причина што, нема нееднаквост на граѓаните, како што се тврди во иницијативата од причина што граѓаните што не ги исполнуваат условите определени во оспорениот член 6 од Законот, не се во еднаква положба со оние што ги исполнуваат, па не може да имаат и исти права. Од овие причини Судот оцени дека со оспорениот член 6 став 2 од Законот не е повреден член 9 од Уставот на Република Македонија.
Неосновани се наводите во иницијативата и по однос на согласноста на член 6 став 2 од Законот со член 32 став 2 од Уставот. Ова од причина, што достапностa на секое работно место се однесува на секого и под еднакви услови. Поради тоа Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 6 став 2 од Законот со наведената уставна одредба.
Оспорените членови 35 став 2 и 36 став 2 од Законот, со кои се утврдува вреднувањето на образованието, односно додатокот на плата за звање, според Судот не се во спротивност со членовите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата, од причина што начинот на вреднувањето на наведените категории соодветствува, односно е во корелација со звањата утврдени во член 6 од Законот, а кои се утврдени во зависност од предвидените услови. Имено, со ваквото вреднување, е обезбедено вреднување на секое звање во зависност од видот, обемот, сложеноста и одговорноста за извршувањето на работата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.154/2010
17 ноември 2010 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски