67/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 ноември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 146 ставовите 2 и 3 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/2005, 110/2008 и бр.83/2009).

2. Душко Чангов од Скопје, во својство на единствен содружник на правното лице „Техно-Интерекспорт“ Душко ДООЕЛ – Скпоје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, истата се поднесува исклучиво во однос на примената на оспорените одредби кога странката е правно лице, односно трговско друштво, а не кога странката е физичко лице. Во иницијативата се наведува дека Уставниот суд, постапувајќи по други иницијативи, донел Решение У.бр.188/08 од 17.12.2008 и Решение У.бр. 23/09 од 28.10.2009 година со кои одлучил да не поведе постапка за оспорените одредби, со образложение дека овие одредби се уставни од причина што Законот за парничната постапка уредил и посебна постапка за ослободување од плаќање на судски трошоци. Не било спорно дека со оспорените одредби со кои било уредено ослободување на странката од плаќање судски трошоци, се утврдувало дека истите одредби ги идентификувале само оние странки кои се со статус на физички лица, но не и странките кои се правни лица, како што се трговските друштва. Наспроти ова, кај правните лица, односно кај трговските друштва, имотната состојба била ирелевантна од следните причини: имотот на трговските друштва бил неразделен од друштвото, односно ако не постоел имот, не постоело ни трговско друштво, бидејќи трговското друштво било персонификација на имотот.

Ако овие факти не биле спорни, тогаш не смеел да биде спорен и фактот дека трговските друштва немале основ да бараат ослободување од плаќање на судски трошоци по основ на имотна состојба, бидејќи самото постоење на трговското друштво подразбирало постоење на имот. Токму овој факт докажувал дека Законот за парничната постапка ги ослободувал од плаќање судски такси исклучиво физичките лица како странка во постапката, но не и трговските друштва, односно правните лица, поради што тие биле ограничени во слободниот пристап до судот, доколку не биле во можност да ја платат судската такса во рок од 15 дена.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да ја преиспита уставноста на наведените одредби, со кои само на правните лица кои имаат блокирани сметки им се ограничувал слободниот пристап до судот, со што им се повредувале правата и слободите по две основи: – прво, по основ што целосно им бил оневозможен слободен пристап до судот, и второ, биле дискриминирани во однос на физичките лица и во однос на правните лица кои во даден временски период, кога ја поднесувале тужбата, биле солвентни, односно Законот за парничната постапка не им го ограничувал слобидното располагање со парични средства од нивната жиро сметка.

3. Судот на седницата утврди дека според член 146 став 2 од Законот за парничната постапка, судот нема да постапува по тужба ниту да преземе друго дејствие за кое не е платена судската такса. Според став 3 на овој член, ако тужителот не ја плати судската такса во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на тужбата, се смета дека тужбата е повлечена.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеите 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Оспорените одредби од Законот за парничната постапка, биле предмет на оценување на Уставниот суд на Република Македонија по однос на нивната согласност со одредби од Уставот, при што со Решение на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.188/2008 од 17.12.2008 година, Судот не повел постапка за оценување на уставноста на член 146 ставовите 2 и 3, членот 410-а, член 417-а и 429-а од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005 и 110/2008). Според ставот на Судот, законодавецот имал овластување со закон да ја уреди постапката пред судовите, при што законот мора да биде во согласност со Уставот и да го обезбеди правото на секој граѓанин да се повика на заштита на уставно утврдените слободи и права пред судовите врз начелата на приоритет и итност, независно од, покрај другото, неговото социјално потекло и имотна положба, со што се обезбедува остварувањето на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; владеењето на правото; хуманизмот, социјалната правда и солидарноста; почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, како и определбата на Република Македонија за социјална држава. Според ставот на Судот, не можело да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со одредбите од Уставот наведени во иницијативите, бидејќи покрај законските определби дека судот нема да постапува по тужбата, ако не биде платена судската такса, односно дека тужбата ќе се смета за повлечена ако тужителот во рок од 15 дена, а кај посебните постапки во рок од 8 дена, од денот на поднесувањето на тужбата, не ја плати судската такса, Законот истовремено ја уредил и постапката за ослободување од плаќање на трошоците на постапката, пропишувајќи обврска за тужителот, кој нема средства, заедно со тужбата да достави и барање за потполно или делумно ослободување од плаќање на трошоците, како и докази за основаноста на таквото барање (уверение за материјалната состојба, потврда за невработеност, акт за остварување на социјална помош, …). На тој начин Законот определил обврска за тужителот, кој нема средства, пред поднесувањето на тужбата да ги обезбеди потребните докази заради ослободување од плаќање на трошоците, од една страна и од друга страна обврска на судот да се произнесе по барањето без одлагање, а дотогаш тужбата не може да се смета за повлечена поради неплатена судска такса. Со тоа, Законот обезбедил забрзување и економичност во судските постапки врз уставниот принцип на итност, како и дисциплина во плаќањето на трошоците на постапката како јавни давачки, водејќи притоа сметка за остварување на правото на секој граѓанин на судска заштита на своите слободи и права независно од социјалното потекло и имотната положба.

Прашањето за тоа дали постои дискриминација во правото за слободен пристап пред судовите и можноста да се повикаат на заштитата на слободите пред судовите на граѓаните и правните лица кои немале парични средства да ги авансираат судските трошоци со плаќање на судските такси, во однос на граѓаните и правните лица кои можеле да ги плаќаат судските такси и дали со тоа се повредувале членовите 9 и 50 став 1 и членот 54 став 3 од Уставот, повторно било предмет на разгледување пред Уставниот суд, при што со Решение У.бр. 23/2009, Судот ја отфрли иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 146 ставови 2 и 3, член 410-а, член 417-а и член 429-а од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008 и 83/2009), со образложение дека овој суд веќе ја оценувал уставноста на оспорените членови од Законот и притоа со Решение број 188/2008 од 17.12.2008 година, не повел постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби, а во конкретниот случај нема основи за поинакво одлучување.

Со сега доставената иницијатива повторно се бара оценување на уставноста на член 146 ставовите 2 и 3 од Законот, од аспект на примената на овие одредби кога странката во спорот е правно лице – трговско друштво кое поради инсолвентност, односно времено блокирана жиро сметка, не е во состојба да ги плати судските трошоци во определениот рок. Притоа, во иницијативата не се наведуваат уставните одредби во однос на кои се бара оценката на уставноста, но се наведува дека Законот за парничната постапка не уредувал на кој начин да им се обезбеди слободен пристап до судот на овие правни лица и дека поради тоа им бил оневозможен слободен пристап до судот и биле дискриминирани во однос на физичките лица и во однос на оние правни лица кои во дадениот временски период на поднесување на тужбата биле солвентни.

Имајќи предвид дека овој суд веќе ја оценувал уставноста на оспорените членови 146 ставовите 2 и 3 од Законот за парничната постапка и притоа со Решение број 188/2008 од 17.12.2008 година, не повел постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби, а со оваа иницијатива се бара повторна оцена на уставноста на истите одредби од Законот од причини кои веќе биле предмет на разгледување пред Судот, при што не се наведуваат аргументи кои би оделе во насока за промена на ставот на Судот по покренатото прашање, Судот оцени дека во конкретниот случај нема основи за поинакво одлучување, односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот, за отфрлање на иницијативата.

Наводите во иницијативата за тоа дека оспорените одредби се оспоруваат исклучиво во однос на нивната примена кога странката е правно лице, односно трговско друштво, а не кога странката е физичко лице, според Судот, претставуваат барање за интерпретација на одредбите во нивната примена, што не е надлежност на Уставниот суд, поради што Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот, за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.67/2010
17 ноември 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски