108/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи 1 и 2 и 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 10 ноември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уста-вноста на член 166 став 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010 и 124/2010).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 164 став 2, став 3 во деловите: “овите“ и „2“ и став 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредби и делови од одредби од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите од иницијативата со оспрените одредби се негирале, девалвирале и омаловажувале уставните одредби од членот 40 став 1 и членот 41 став 1 од Уставот. Ако тоа било така, тогаш законодавецот немал уставно право и овластување да ги пропише оспорените одредби, а имајќи го предвид членот 51 став 1 од Уставот. Освен тоа во Уставот никаде не било пропишано дека работничката или еден од родителите, кој не сакал да ја користи со Устав загарантираната посебна заштита, можел да се откаже од таа заштита. Според тоа, оспорените одредби и делови од одредби ги повредувале член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, член 9, член 40 став 1, член 41 став 1, член 42 став 1 и член 51 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека, според оспорениот член 164 став 2 од Законот за работните односи, на работничката која има дете од една до три години возраст, може да и се наложи да врши прекувремена работа или работа ноќе, само по нејзина претходна писмена согласност.

Во ставот 3 од членот 164 од Законот е предвидено дека, правото од ставовите 1 и 2 на овој член го има работникот-татко на детето, односно работникот кој го негува детето, доколку мајката умре, го напушти детето, односно врз основа на мислењето на надлежната лекарска комисија според прописите на здравственото осигурување е неспособна за самостојно живеење и работа.

Одредбата се оспорува во делот: „овите“, односно подносителот на иницијативата бара наместо изразот: „ставовите 1 и 2“ во одредбата да остане изразот „став 1“.

Во оспорениот став 4 од членот 164 од Законот е предвидено дека, на еден од работниците-родители кој има дете помладо од седум години или тешко болно дете или дете со телесен или душевен недостаток и кој живее сам со детето и се грижи за неговото воспитување и заштита, може да му се наложи да врши прекувремена работа или работа ноќе, само по негова претходна писмена согласност.

Во оспорениот член 166 став 1 од Законот е предвидено дека, работничка која користи отсуство поради бременост, раѓање и родителство, ако сака може да се врати на работа и пред истекот на отсуството, но не и пред 45 дена од денот на раѓањето на детето.

Делот: „ но не и пред 45 дена од денот на раѓањето на детето “ е внесен во одредбата по поднесувањето на иницијативата со последната измена и дополнување на Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2010).

5. Согласно член 40 став 1 од Уставот, Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството.

Според член 41 став 1 од Уставот, право на човекот е слободно да одлучува за создавање на деца, а според ставот 2 од истиот член од Уставот, Републиката заради усогласен економски и социјален развој, води хумана популациона политика.

Според член 42 став 1 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица.

Во оспорениот член 166 став 1 од Законот е дадена можност за работничка која користи отсуство поради бременост, раѓање и родителство да се врати на работа и пред истекот на отсуството, со тоа што со последната измена и дополнување на Законот за работните односи така дадената можност таа не може да ја користи пред 45 дена од денот на раѓањето на детето.

Според оцена на Судот со ваквата определба на законо-давецот не се доведува во прашање уставно утврдената посебна грижа и заштита на семејството, правото на човекот слободно да одлучува за создавање на деца, хуманата популациона политика, како и посебната уставна заштита на мајчинството, децата и малолетните деца.

Имено, токму како израз на интересот и грижата на државата за жената-мајка и детето законодавецот во оваа одредба и дава можност на работничката да го прекине отсуството поради бременост, раѓање и родителство и да започне со работа пред истекот на отсуството (не пред 45 дена од раѓањето на детето) само доколку таа смета дека тоа за нејзиното дете и за неа е во интерес. Притоа, смислата и содржината на уставната одредба од член 42 став 1 од Уставот е Републиката да ја утврди и обезбеди посебната заштита на жената-мајка, но тоа не значи априори забрана на жената сама да одлучува дали и во кој обем ќе ја користи таа заштита односно правата што Републиката и ги утврдила и обезбедила по тој основ, освен во случаите кога постојат сериозни основи за забрана за работа во посебни услови.

Според тоа, со оспорениот член 166 став 1 од Законот само се утврдува можност, доколку работничките самите сакаат, односно се согласуваат да започнат со работа пред истекот на отсуството со што според оцена на Судот не се доведува во прашање правото на заштита на мајка со дете и самохраниот родител, туку таа заштита се димензионира со оглед на различните социјални и економски околности во кои се наоѓаат овие лица, што не е спротивно на означените одредби од Уставот и овластувањето на законодавецот да ја димензионира политиката на таа заштита. Уште повеќе постои голема реалност вака дадената можност работничката да не ја користи кога тоа би можело штетно да се одрази на здравјето и интересот на детето, како и на нејзиното здравје.

Со оглед на тоа што во иницијативата со оскудни наводи, не се препознаваат конкретни причини за несогласност на оспорениот член 166 став 1 од Законот со членот 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 и член 9 од Уставот, во постапката не се направи анализа по однос на согласноста на одредбата со наведените уставни одредби.

Врз основа на изнесеното произлегува член 166 став 1 од Законот е во согласност со Уставот на Република Македонија.

6. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд покрај другото, е надлежен да одлучува и за согласноста на прописите со Уставот и законите.

Според член 28 став 1 алинеи 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иници-јативата, ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Предмет на оспорување, во оваа иницијатива се и член 164 став 2, деловите: „овите“ и „2“ од ставот 3 и ставот 4 од истиот член од Законот.

Во конкретниот случај се утврди дека Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.111/2006 од 18 октомври 2006 година, по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, веќе одлучувал по однос на сега оспорените член 164 ставови 2 и 4 од Законот, при што не повел постапка за оценување на нивната уставност. Притоа, одредбите биле оспорувани од аспект на нивната согласност со членот 8 став 1 и 3, член 9, член 32 став 4, член 42 став 1 и 3, член 51 и член 54 став 1 и 3 од Уставот на Република Македо-нија, што се идентични уставни одредби како во предметната иницијатива. Постои и идентичност во тогашната и сегашната иницијатива по однос на причините за несогласност со наведените одредби.

Воедно, оспорените одредби сметано од денот на доне-сување на наведеното решение (18 октомври 2006 година) до денот на донесувањето на ова решение не претрпеле никави измени или пак дополнувања.

Со оглед на тоа што во сега поднесената иницијатива не се нудат нови, различни аргументи од оние што биле предмет на разгледување во постапката по предметот У.бр.111/2006 произлегува дека нема основа која би довела до поинакво одлучување, од каде по однос на оспорениот член 164 ставови 2 и 4 од Законот се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

Со оспорување на деловите: „овите“ и „2 од членот 164 став 3 од Законот подносителот на иницијативата сака да постигне елиминирање на наведените оспорени делови од одредбата, што би довело до тоа членот 164 став 3 од Законот да не се повикува на содржината на двата претходни ставови (1 и 2), туку повикувањето да остане само по однос на ставот 1. Имајќи предвид што во постапката по предметот У.бр.111/2006, но и во оваа постапка не може да се постави прашањето за согласност на оспорениот став 2 од членот 164 од Законот со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата, како и тоа дека оваа одредба се уште останува во правниот поредок произлегува дека е беспредметно впуштањето во оцена на согласноста на наведените делови од членот 164 став 3 со Уставот.

Од друга страна, отстранување од правниот поредок на одредби кои не се меѓусебно усогласени, а припаѓаат во иста или различна законска материја не е надлежност на Уставниот суд, согласно членот 110 од Уставот, туку е надлежност на Собранието на Република Македонија.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.108/2010
10 ноември 2010 година
С к о п ј е
м.л

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски