89/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 ноември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 11 став 1 и член 37 став 1 алинеја 1 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006 и 35/2008).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 11 став 1 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 1, 3, 4 и 11, член 51 и Амандман XXV од Уставот, од причини што судијата одлучува непристрасно само со примена на законот врз слободна оцена на доказите како што е предвидено со оспорената одредба, а не и со примена на Уставот и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, како што е тоа предвидено со Амандман XXV со кој е заменет член 98 од Уставот.

Според подносителот на иницијативата оспорениот член 37 став 1 алинеја 1 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 1, 3, 4 и 11, член 51, Амандман XXV и член 101 од Уставот, од причини што единството во примената на законите од страна на судовите се обезбедува преку судските одлуки за конкретни случаеви што ги донесува Врховниот суд на Република Македонија на редовните и вонредните правни средства, а не преку начелни ставови и начелни правни мислења, како што е тоа предвидено со оспорената законска одредба.

Оттука, според подносителот, оспорената законска одредба немала основ во Уставот, затоа што во член 101 од Уставот не било предвидено дека Врховниот суд на Република Македонија единството во примената на законите од страна на судовите го обезбедува со начелни ставови и начелни правни мислења.

Тргнувајќи од уставната определба дека судовите судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, според подносителот со оспорената одредба се повредувало уставното начело на самостојност и независност на судовите и се влијаело при одлучувањето.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 11 став 1 од Законот, судијата одлучува непристрасно со примена на законот врз основа на слободна оцена на доказите.

Според оспорениот член 37 став 1 алинеја 1 од Законот, Врховниот суд на Република Македонија на општа седница утврдува начелни ставови и начелни правни мислења по прашања од значење за обезбедување на единство во примената на законите од страна на судовите по сопствена иницијатива или по иницијатива на седниците на судиите или судските оддели од судовите.

4. Согласно член 8 став 1 алинеите 1, 3, 4 и 11 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право претставуваат едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според Амандман XXV од Уставот, со кој е заменет член 98 од Уставот на Република Македонија, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратифкувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови.

Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите како и постапката пред нив се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 2 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006 и 35/2008) судовите судат и своите одлуки ги засноваат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Целите и функциите на судската власт опфаќаат непристрасно применување на правото независно од положбата и својството на странките, заштита, почитување и унапредување на човековите права и основни слободи, обезбедување еднаквост, рамноправност, недискриминација по кој било основ и обезбедување правна сигурност врз основа на владеење на правото (член 3).

Во членот 10 од наведениот закон е предвидено дека постапката пред судот се уредува со закон и се заснова врз начелата на заемност и легитимност, рамноправност на странките, судење во разумен рок, правичност, јавност, контрадикторност, двостепеност, зборност, усност, непосредност, право на одбрана односно застапување, слободна оценка на доказите и економичност.

Според оспорениот член 11 кој е поместен во дел I „Основни начела“ врз кои се темели судската власт е предвидено дека судијата одлучува непристрасно со примена на закон врз основа на слободна оцена на доказите.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби одредбите од Законот за судовите, а посебно членот 2 од Законот за судовите наспрема содржината на оспорениот член 11 став 1 и наводите од иницијативата дека судијата одлучува непристрасно само со примена на законот врз основа на слободна оцена на доказите, а не и со примена на Уставот и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот не се основани.

Ова од причина што, според Судот, со оспорената одредба, судијата согласно законското начело на слободна оцена на доказите утврдено во самиот закон го цени секој доказ посебно и сите заедно и одлучува согласно своето судиско уверување за решителните факти на кои се заснова пресудата или поточно речено, целта на законодавецот не била при одлучување судијата својата судска одлука да ја заснова само на закон, туку да го промовира начелото на слободна оцена на доказите.

Според Судот подносителот на иницијативата оспорената одредба ја гледа изолирано сама за себе, а не во корелација со другите одредби од Законот за судовите, што е погрешно.

Со оглед на наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 11 став 1 од Законот со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Според член 101 од Уставот, Врховниот суд на Република Македонија е највисок суд во Републиката и го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите.

Имајќи ја предвид наведената уставна одредба, уставотворецот му дава право и должност на Врховниот суд да обезбеди единство во примената на законите од страна на судовите и ова право и должност е операционализација во оспорениот член 37 став 1 алинеја 1 од Законот,според кој Врховниот суд на општа седница утврдува начелни ставови и начелни правни мислења по прашања од значење за обезбедување на единство во примената на законите од страна на судовите по сопствена иницијатива или по иницијатива на седници на судиите или судските оддели од судовите.

Според Судот, Врховниот суд при донесување на начелните правни ставови и мислења поаѓа од законските решенија кои постојат во правниот поредок и целта на тие ставови и мислења не е на Врховниот суд да му се пренесе законодавна власт и со тие правни ставови и мислења да се уредуваат односи, како што смета подносителот на иницијативата, туку да се обезбеди единство во примената на законите од страна на судовите, или поточно речено според Судот,овластувањето на Врховниот суд да утврдува начелни ставови и начелни правни мислење е во функција на обезбедување на начелото на владење на правото и начелото на еднаквост на граѓаните во примена на законите.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба од член 37 став 1 алинеја 1 од Законот за судовите не може да се доведе под сомнение во однос на одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.89/2010
10 ноември 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски