Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 ноември 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 186 став 1 во делот
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорените делови од членот 186 од Законот биле излишни и непотребни во текстот на содржината на одредбите, бидејќи упатувале да се оценува дали синдикатот, односно здружението на работодавачи биле основани и дејноста ја вршеле во согласност со закон и дали активноста на синдикатот и нивниот претставник била во согласност со закон и колективен договор, а со тоа се доведувало во прашање нивното слободно делување и опстојување. Од овие причини оспорените делови од одредбите од Законот не биле во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и со членот 51 од Уставот, според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот.
Во однос на оспорениот член 196 од Законот, во иницијативата се наведува дека не можело да се бара судска заштита во случај на повреда на права на синдикатот, односно здружението на работодавачите, кои биле утврдени со статутот или други правила на синдикатот, односно здружението, затоа што остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредува со закон и со колективни договори. Од овие причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 196 од Законот како несогласен со повеќе одредби од Уставот и тоа: член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 32 став 5, член 51 и Амандманот XXV од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека Законот за работните односи во членот 186 став 1 предвидел дека синдикатот, односно здружението на работодавачите не можат да бидат распуштени или нивната дејност запрена по административен пат, ако се основани и дејноста ја вршат во согласност со закон.
Според ставот 2 на овој член од Законот, активноста на синдикатот и на нивниот претставник не може да се ограничува со акт на работодавачот, ако тоа е во согласност со закон и колективен договор.
Според членот 196 од овој закон, член на синдикатот, односно здружението на работодавачите може да бара судска заштита во случај на повреда на неговите права утврдени со статутот или другите правила на синдикатот, односно здружението.
4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно членот 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.
Согласно членот 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Согласно членот 37 од Уставот, заради остварување на своите економски и социјални права, граѓаните имаат право да основаат синдикат. Синдикатите можат да основаат свои сојузи и да членуваат во меѓунродни синдикални организации. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на синдикално организирање во вооружените сили, полицијата и органите на управата.
Законот за работните односи, во делот XVIIII насловен како „Синдикати и здруженија на работодавачи“, со одредбите од членовите 184-202, ги уредил прашањата на основањето на синдикатите и здруженијата на работодавачи, доброволноста на нивното членство, заштитата, здружување на повисоки нивоа, статутите на овие асоцијации, правната способност и запишувањето во регистар кој се води во министерството за труд, постапка за упис во регистарот, имот на синдикактот и здружението на работодавачите, судска заштита на членските права, судска заштита на правото на здружување, синдикални претставници и нивна заштита, престанок на дејствување на синдикатите и здруженијата на работодавачите, забрана на дејствување на синдикатот и здруженијата на работодавачите и други прашања.
Согласно овие одредби од Законот, работниците имаат право, по свој слободен избор, да основаат синдикат и во него се зачленуваат под услови пропишани со статутот или правилата на тој синдикат. Синдикатот е самостојна, демократска и независна организација на работници во која добрволно се здружуваат заради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други поединечни и колективни интереси. Работодавачите имаат право, по свој слободен избор, да основаат здружение и во него да се зачленуваат, под услови пропишани со статутот или правилата на тоа здружение. Здружението на работодавачите е самостојна, демократска и независна организација во која работодавачите доброволно стапуваат заради претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други интереси. Синдикатите и здруженијата на работодавачи можат да се основаат без било какво претходно одобрување.
Согласно членот 202 од овој закон, дејствувањето на синдикатот, односно здружението на работодавачите ќе се забрани со одлука на редовниот суд, надлежен според седиштето на синдикатот, односно седиштето на здружението на работодавачите, доколку неговата дејност е спротивна на Уставот и закон.
Постапката за забрана на дејствувањето на синдикатот, односно здружението се покренува на барање на органот овластен за регистрација или надлежен суд.
Во образложението на пресудата за забрана на дејствувањето на синдикатот, односно здружението на работодавачи мора да се назначат дејностите поради кои дејствувањето на синдикатот, односно здружението е забранета.
Со пресудата со која се забранува дејствувањето на синдикатот, односно здружението судот мора да одлучи за имотот на синдикатот, односно здружението во согласност со статутот на синдикатот, односно здружението.
Изреката на правосилната пресуда за забрана на дејствување на синдикатот, односно здружението се објавува во „Службен весник на Република Македонија“.
Врз основа на правосилна пресуда, органот надлежен за водење на регистар ги брише организациите од регистарот. Примерок од правосилната пресуда се доставува и до Централниот регистар на Република Македонија.
Од погореизнесеното, Судот оцени дека законодавецот со Законот статусно ги дефинирал наведените асоцијации на работниците и работодавачите, како самостојни, демократски и независни организации во кои зачленувањето е на доброволна основа заради остварување на економските, социјалните и други поединечни и колективни интереси, а нивните статути задолжително треба да ги имаат елементите на демократско застапување. Со Законот се дадени правата за основање и делување на синдикатите и здруженијата на работодавачи, меѓутоа неспорно е дека овие организации не се надвор од правата и обврските регулирани со законите во правниот поредок на Републиката, ниту може да се смета дека нивното основање и дејност може да биде спротивно на законите кои важат за сите субјекти во правото. Оттука не може уставно да се проблематизираат оспорените делови од членот 186 од Законот, ниту со оваа законска регулатива се ограничувале правата на синдикатите и здруженијата на работодавачите, туку напротив нивното делување е уредено да биде во согласност со законите во правниот поредок, како и колективните договори во согласност со закон. Впрочем, со одредбите од членот 186 од Законот се заштитува слободното и демократско делување на синдикатите и здруженијата на работодавачи во склад со законите во државата, а не спротивно од нив со што се остварува уставното начело на владеење на правото.
Во однос на оспорениот член 196 од Законот, исто така од наводите во иницијативата не може уставно да се проблематизира законската определба член на синдикатот, односно здружението на работодавачите да може да бара судска заштита во случај на повреда на неговите права утврдени со статутот или другите правила на синдикатот, односно здружението. Ова, пред се, поради тоа што станува збор за асоцијации на работници и работодавачи кои со своето членство сами се организирале на доброволна основа, ги основале и регистрирале синдикатите, односно здруженијата на работодавачи согласно одредбите од Законот и во рамки на своето самосотојно и независно постоење во општствено-економскиот живот во земјата, законодавецот со одредбите од Законот, им дал овластување со свои акти – статути, да го уредат делувањето, демократското застапување, начинот, условите и телата на функционирањето и управувањето во своите организации. Ова е елемент на слободно внатрешно уредување на односите на членовите во овие асоцијации, и во тие релации се остваруваат извесни права и обврски во нивното функционирање и претставување, како е тоа уредено со статутите, од што секако можат да произлезат за членството основи за спорови пред надлежните судови за судска заштита во случај на повреда на права утврдени со статутите или други правила на синдикатите, односно здруженијата. Оттука, не постојат уставни пречки законодавецот да го уреди и правото на судска заштита, како што е тоа предвидено со оспорениот член 196 од Законот, а со тоа не се попречува евентуалното водење и на други судски спорови од работен однос, поради повреда на права предвидени со закон и со колективни договори. Со оглед на изнесеното, Судот смета дека и за оспорениот член 196 од Законот не може основано да се постави прашањето на согласноста со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот во иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.97/2010
10 ноември 2010 година
С к о п ј е
јк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски