Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 ноември 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 1 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за политички партии („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2007).
2. Демократскиот сојуз на Србите во Македонија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредба од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, со оспорениот член, сo кој се утврдува дека политичка партија можат да основаат најмалку 1.000 граѓани на Република Македонија кои имаат избирачко право и кои го дале својот потпис за основање само на една политичка партија, се оневозможувало помалите етнички заедници не само легално, туку и легитимно да изберат свои претставници во Собранието на Република Македонија. Ова затоа што многу мал број политички партии, односно граѓани ќе можеле да го исполнат бараниот услов за регистрирање на политичка партија, што било спротивно на член 8 став 1 алинеја 5, член 16 ставовите 1 и 2 и член 20 ставовите 1 и 2 од Уставот
Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба и да го врати политичкиот плурализам во Република Македонија овозможен со определбата присутна во правниот поредок на Република Македонија пред оспорената законска измена, според која потписите на 500 граѓани биле потребни за основање на политичка партија, која бројка била ниту мала, ниту голема, сосема прикладна и разбирлива, постоела 16 години и била востановена.
3. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за политички партии, во Законот за политичките партии (“Службен весник на Република Македонија” број 76/2004), членот 11 став 1 се менува и гласи: “Политичка партија можат да основаат најмалку 1.000 граѓани на Република Македонија кои имаат избирачко право и кои го дале својот потпис за основање само на една политичка партија. “
4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Оспорената одредбата од член 1 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии во делот кој се однесува на утврдувањето на минималниот број на граѓани како услов за основање на политичка партија, била предмет на разгледување пред Уставниот суд на Република Македонија, при што Судот, со Решение У. бр.23/2007 оценил дека тоа не претставува ограничување на остварувањето на слободата на политичкото здружување и дејствување, како фундаментално политичко право на граѓаните. Имено, утврдувањето на минимален број на членови за основање политичка партија, во суштина е поврзано со легитимната цел да се промовираат такви облици на здружување и дејствување кои ќе бидат носители на идеи зад кои стои респектибилно тело со определено влијание на исходот на изборите за претставничките тела. Според тоа, Судот оценил дека утврдениот минимален број од 1000 граѓани како услов за основање на политичка партија во однос на бројот на граѓаните кои имаат општо избирачко право во Републиката, не е прекумерен и е прифатлив и не може да се смета дека претставува пречка за основање и пререгистрација на политички партии, поради што Судот не го поставил прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со уставните одредби.
Со оглед дека ова законско решение повторно се оспорува со новодоставената иницијатива, од истите причини, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.100/2010
10 ноември 2010 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски