138/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 ноември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 4 став 1 точка 4 од Правилникот за начинот и постапката за финансирање и усовршување на научно-истражувачки кадри („Службен весник на Република Македонија“бр.82/2009), и

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Конкурсот за доделување стипендии за студии од втор циклус во земјата за академската 2009/2010 година од ден 15 февруари 2010 година, објавен на интернет страната на Министерството за образование и наука на Република Македонија.

3. Пеце Цветковски од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените акти биле во директна спротивност со Уставот на Република Македонија, и тоа со членовите 8 став 1 алинеи 3, 8 и 11, 9, 11 став 1, 25, 47, 51 и 54, како и со одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација. Имено, ова од причина што по основ на возраст лицата кои се кандидирале за добивање на стипендија за последипломски студии биле дискриминирани и спречени во нивното право на образование. Оттука, се кршело и начелото на еднаквост, бидејќи сите биле рамноправни, односно изедначени во обврските и правата.

Како последица на оваа дискриминаторска одредба од Правилникот, подносителот на иницијативата смета дека погрешно е донесено решението од министерот за образование и наука, со кое на истиот по објавениот конкурс му била одбиена пријавата за доделување стипендија за студии од втор циклус за академските 2009/2010 година.

4. Судот на седницата утврди дека според член 4 став 1 точка 4 од оспорениот Правилник стипендија за последипломски студии во земјата се доделува на кандидатот кој, меѓу другото, го исполнува и условот на денот на конкурирањето да не е постар од 27 години за прва, односно 28 години за втора година.

5. Темелни вредности на уставниот поредок на Република
Македонија, во смисла на член 8 став 1 алинеи 3, 8 и 11 од Уставот се владеењето на правото, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 1 став 1 од Законот за научно-истражувачката дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2008 и 104/2008), овој закон ги уредува начелата, целите, јавниот интерес, остварувањето на научно-истражувачката дејност, субјектите на научно истражувачката дејност и начинот на финансирање на научно истражувачката дејност.

Во Глава XIII од Законот со наслов: „Овластување за подзаконски прописи“ е поместен членот 57 според кој во ставот 1 алинеја 4 се овластува министерот да донесе подзаконски прописи за начинот и постапката за финансирање, создавање и усовршување на научно-истражувачки кадри.

Министерот за образование и наука, црпејќи го овластувањето дадено во членот 57 став 1 алинеја 4 од Законот, го донел сега оспорениот Правилник.

Во членот 1 од Правилникот се предвидува дека со овој правилник се пропишуват начинот и постапката за финансирање, создавање и усовршување на научно-истражувачките кадри.

Според членот 2 од овој правилник, барањето за доделување стипендии, односно средства за изработка на магистерски и докторски труд го поднесува студентот на магистерските, односно докторските студии (кандидатот) до Министерството.

Согласно членот 3 од истиот правилник, барањата ги разгледува комисијата формирана од министерот и истата утврдува дали истите ги исполнуваат условите од конкурсот и составува предлог листа.

Оспорениот член 4 став 1 алинеја 4 од Правилникот, предвидува дека стипенција за последипломски студии во земјата се доделува на кандидат кој, меѓу другите, го исполнува и условот да на денот на конкурирањето не е постар од 27 години за прва, односно 28 години за втора година.

Од анализата на цитираните уставни и законски одредби, како и на целината на Законот за научно-истражувачка дејност, а во контекст на наводите во иницијативата, Судот оцени дека законодавецот во Законот утврдил солидна нормативна поставеност на постапката за финансирање, создавање и усовршување на научно-истражувачките кадри. Имено, Законот ги утврдил основните услови за остварување на наведената цел и истите ги поставил во јасни законски рамки за начинот и условите за остварување на ова право. Оттука, даденото овластување на министерот за образование и наука да го определи начинот и постапката за финансирање, создавање и усовршување на научно-истражувачките кадри, е во функција на остварување на правото на доусовршување на научните кадри, токму врз основа на принципот на недискриминација и нивна интеграција во рамките на системот на образование.

Имајќи го во вид фактот што со член 4 од оспорениот Правилник, министерот ги наведува условите, како дел од постапката за финансирање меѓу кои е и возраста на кандидатот како услов за добивање на стипендија за последипломски студии, Судот оцени дека истото нема уставно, ниту законско ограничување. Ова, ако се има посебно во вид фактот што во случајов станува збор за стипендија за која категорија, право е на државата да ги определува условите за нејзино доделување. Со оглед на тоа што доделувањето на стипендија е променлива категорија, која зависи од низа општествени услови, министерот има овластување да ги пропише условите под кои ќе се доделува стипендија за последипломски студии, а посебно за оние на кои им е најмногу потребно, на младите и невработени лица, со цел да го продолжат процесот на образование и нивно сопствено усовршување, а сето тоа во склад со економските услови во државата. Имено, право е на државата во зависност од економската моќ и актуелната општествена состојба да определи под кои услови ќе ги финансира, односно стипендира студентите, со што се потврдува уставната гаранција од член 44 од Уставот со кој се предвидува дека секој има право на образование и дека образованието е достапно на секој под еднакви услови, а кои услови ги предвидува и утврдува државата. Оттука министерот за образование и наука, според Судот, има право да ги пропише условите под кои ќе доделува стипендии за последипломски студии во земјата и странство, а се со цел да се поттикнат младите кадри за нивно продолжување на процесот на едукација и стручно усовршување.

Судот оцени дека пропишувајќи ги начинот и постапката за финансирање, создавање и усовршување на научно-истражувачките кадри, министерот врши само доразработка на овластувањето кое му е дадено со Законот за научно-истражувачка дејност, односно овластувањето на министерот е во функција на операционализација на Законот, а не повреда на слободите и правата на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот, ниту на забраната за дискриминација по било кој основ, како што се тврди во иницијативата.

6. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македцонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од фактот дека оспорениот Конкурс за доделување стипендии нема карактер на општ пропис во смисла на член 110 од Уставот, односно истиот не е пропис кој на општ начин уредува определени односи и прашања и не утврдува односи на неопределен број на субјекти во правото, erga omnes, Судот оцени дека Уставниот суд не е надлежен да ја оценува неговата согласност со Уставот и Законот за научно-истражувачката дејност, поради што, согласно цитираната деловничка одредба, иницијативата во овој дел ја отфрли.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.138/2010
10 ноември 2010 година
С к о п ј е
јк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски