Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 27 октомври 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 4 став 1 во делот
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 16 став 4, член 25, член 26 став 1 во делот: „општините во градот Скопје“ и член 26 став 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
3. Тодор Петров од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредби и делови од одредби од Законот означен во точките 1 и 2 од ова решение.
Подносителот на иницијативата ги цитира член 8 став 1 алинеи 4 и 9 од Уставот и наведува дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за јавен долг („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2008) локалната самоуправа се сведувала на дел од државната власт, спротивно на Уставот, бидејќи во постапките за задолжувањето општините се упатувале на процедури утврдени за институциите на законодавната, извршната и судската власт. Исто така, последната измена на Законот била донесена само со мнозинство од присутните пратеници, но не и со мнозинство гласови и од присутните пратеници кои им припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија, што било спротивно на членот 114 од Уставот.
Со оглед на тоа што во наведениот закон биле инкорпо-рирани одредби за задолжувањето на општините, што навлегувало во нивните изворни надлежности по прашањата за локалното фина-нсирање со оспорените одредби законодавецот внел збрка и спротивно на членот 8 од Уставот, локалната самоуправа ја свел на дел од законодавната, извршната и судската власт.
Врз основа на наведеното подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби и делови од одредби, а потоа истите да ги поништи. Воедно, се предлага донесување на решение согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд.
Во прилог на иницијативата се прилагаат неколку дописи на Министерството за финансии, од чија содржина, според подносителот на иницијативата произлегувало дека истото ги узурпира правата на општините.
4. Судот на седницата утврди дека, Според член 4 став 1 од Законот, задолжувањето на општините, јавните претпријатија и трговските друштва кои се во целосна или во доминантна сопственост на општините се врши во согласност со овој закон и со Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа.
Задолжувањето на општините во градот Скопје, градот Скопје, јавните претпријатија и трговските друштва кои се во целосна или во доминантна сопственост на општините во градот Скопје и градот Скопје се врши во согласност со овој закон, Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и со Законот за градот Скопје (став 2).
Начинот и постапката за задолжувањето на општините, јавните претпријатија и трговските друштва кои се во целосна или доминантна сопственост на државата, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, поблиску ги пропишува Владата на Република Македонија (став 3).
Сервисирањето на обврските настанати со задолжување на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје го вршат општините, општините во градот Скопје и градот Скопје (став 4).
Во случај кога Република Македонија се задолжува и им ги отстапува на користење средствата на општините, општините во гра-дот Скопје и градот Скопје со позајмување преку државата (оn-lending), сервисирањето на обврските го врши општината, општината во градот Скопје и градот Скопје кои се крајни корисници на сре-дствата добиени со задолжување на Република Македонија (став 5).
Во случај кога Министерството за финансии, во име на општината, општината во градот Скопје и градот Скопје, ќе изврши сервисирање на обврската од ставот 4 на овој член, Министерството за финансии има право на наплата на побарувањето кое вклучува главнина, камата, затезна камата и други трошоци настанати заради неможност на општината, општината во градот Скопје и градот Скопје како краен корисник на задолжувањето, да изврши сервисирање на обврската на датумот на пристигнување (став 6).
Според ставот 7 од истиот член од Законот, доколку општините, општините во градот Скопје и градот Скопје не извршат плаќање на побарувањето од ставот 5 од овој член кон Мини-стерството за финансии, Министерството за финансии има право:
– да насочи средства од буџетската сметка на општината, општината во градот Скопје и градот Скопје на сметката на Буџетот на Република Македонија, до износ потребен за наплата на побарувањето и/или
– да задржи дел од дотациите кои треба да се распределат на општината, општината во градот Скопје и градот Скопје, до износ потребен за наплата на побарувањето.
Ставот 1 од членот 4 се оспорува во делот: „со овој закон“, ставот 2 во делот: „овој закон“, а останатите ставови (3 до 7) се оспоруваат во целина.
Во оспорениот член 16 став 4 од Законот е предвидено дека, во преговорите од ставот 2 на овој член задолжително учествуваат претставници од Министерството за финансии и други овластени претставници избрани од Владата на Република Македонија.
Според членот 23 став 6 од Законот, доколку носителот на јавниот долг, во чие име е издадена државна гаранција, е општина, општина во градот Скопје и градот Скопје, јавно претпријатие или трговско друштво кое е во целосна или во доминантна сопственост на државата, општината, општината во градот Скопје и градот Скопје, Министерството за финансии, за наплата на побарувањето од ставот 5 на овој член, има право:
– да насочи средства од буџетската сметка на општината, општината во градот Скопје и градот Скопје на сметката на Буџетот на Република Македонија, до износ потребен за наплата на побарувањето и/или
– да задржи дел од дотациите кои треба да се распределат на општината, општината во градот Скопје и градот Скопје, до износ потребен за наплата на побарувањето.
Членот 24-а е со наслов: „Забрана за задолжување“.
Во ставот 1 од овој член од Законот е предвидено дека, јавните претпријатија и трговските друштва кои се во целосна или доминантна сопственост на државата, не можат да започнат со постапка за задолжување од денот на донесувањето на одлуката за распишување на парламентарни избори до завршувањето на изборот на пратеници во Собранието на Република Македонија.
Според ставот 2 од членот 24-а од Законот, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје и јавните претпријатија формирани од општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, не можат да започнат со постапка за задолжување од денот на донесувањето на одлуката за распишување на локални избори до завршувањето на изборот на градоначалник или членови на советот.
Делот IV од Законот е со наслов: „Долг на јавните претпријатија и на трговските друштва кои се во доминантна сопственост на државата, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје“. Оспорувањето се однесува на делот: „општините, општините во градот Скопје и градот Скопје“.
Во оспорениот член 25 став 1 од Законот е предвидено дека, иницијатива за поведување на преговори за склучување на договор за заем, во случај на долгорочно задолжување, јавното претпријатие, односно трговското друштво кое е во целосна или во доминантна сопственост на државата, започнува само по претходна согласност на Владата на Република Македонија.
Иницијативата од ставот 1 на овој член задолжително содржи позитивно мислење од Министерството за финансии (став 2).
Во преговорите од ставот 1 на овој член задолжително учествуваат претставници од Министерството за финансии и други овластени претставници од Владата на Република Македонија (став 3).
Јавното претпријатие, односно трговското друштво кое е во целосна или во доминантна сопственост на државата може да склучи договор за заем, по донесување на посебен закон за секое ново задолжување кај странски заемодавачи (став 4).
Јавното претпријатие, односно трговското друштво кое е во целосна или во доминантна сопственост на државата може да склучи договор за заем, по претходно донесена одлука од Владата на Република Македонија, за секое ново задолжување кај домашни заемодавачи (став 5).
Во случај кога договорот за заем предвидува позајмување преку државата (оn-lending), а јавното претпријатие, односно трговското друштво кое е во целосна или во доминантна сопственост на државата е краен корисник на заемот, министерот за финансии склучува договор за заем, по донесување на посебен закон за секое ново задолжување кај странски заемодавачи (став 6).
Во членот 26 став 1 од Законот е предвидено дека, сите носители на јавниот долг, освен општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, се должни до Министерството за финансии да доставуваат најдоцна до петнаесеттиот ден од месецот месечна информација за промените на состојбата на секое задолжување во претходниот месец.
Оваа одредба се оспорува по однос на делот: „општините во градот Скопје“.
Според ставот 4 од истиот член од Законот, министерот за финансии поблиску ги пропишува видовите и содржината на информациите од ставовите 1 и 2 на овој член.
5. Согласно член 8 став 1 алинеи 4 и 9 од Уставот, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и локалната самоуправа се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според членот 114 ставовите 1 и 2 од Уставот, на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа. Единици на локалната самоуправа се општините.
Во општините можат да се основаат облици на месна самоуправа, според ставот 3 од истиот член од Уставот, а општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката, според ставот 4 од членот 114 од Уставот.
Согласно Амандманот XVI со кој се заменува ставот 5 на членот 114 од Уставот, локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Законите за локалното финансирање, локалните избори, општинските граници и за градот Скопје, се донесуваат со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.
Согласно точка 1 на Амандман XVII на Уставот со кој се заменува ставот 1 на членот 115 од Уставот, во единиците на локалната самоуправа, односно во градот Скопје како посебна единица на локална самоуправа, граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здра-вствената заштита и во други области утврдени со закон.
Согласно ставовите 2 и 3 на член 115 од Уставот, општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката. Републиката со закон може да и довери вршење на определени работи на општината.
Од анализата на означените уставни одредби произлегува дека општината е основна вредност на правниот поредок на државата, издвоена од државниот апарат, со надлежности утврдени за неа со Уставот и со закон, кои надлежности ги врши самостојно, со сопствени и државни средства, под надзор од државните органи.
Со цел појаснување на предметот на уредување на Законот за јавен долг, значењето на изразите што се користат во оспорените одредби, но и во целината на Законот, како и заради добивање на јасна престава за фактичката и правна состојба по предметот, во претходната постапка се направи анализа на содржината на повеќе одредби од Законот за јавен долг, Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, Законот за локалната самоуправа и Законот за град Скопје.
Така, според член 1 од Законот за јавен долг, со овој закон се уредува/уредуваат управувањето со јавниот долг, намените на државниот долг, постапката и начините на задолжување, постапката на издавање, сервисирање и престанок на државни гаранции, како и информирањето за јавниот долг.
Според членот 2 точка 1 од Законот, државен долг се сите финансиски обврски создадени со задолжување на Република Македонија, вклучувајќи го долгот на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, не вклучувајќи го долгот на јавните претпријатија и трговските друштва кои се во целосна или во доминантна сопственост на државата, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје и на Народната банка на Република Македонија.
Јавен долг е државниот долг и долгот на јавните пре-тпријатија и трговски друштва кои се во целосна или доминантна сопственост на државата, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје и на Народната банка на Република Македонија (точка 2).
Носители на јавниот долг се Владата на Република Македонија, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, јавните претпријатија и трговските друштва кои се во целосна или во доминантна сопственост на државата, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје и Народната банка на Република Македонија (точка 3).
Задолжување е постапка за создавање на финансиски обврски со склучување на договор за заем и/или издавање на државни хартии од вредност (точка 4).
Краткорочно задолжување е задолжување со рок на достасување до една година (точка 6).
Долгорочно задолжување е задолжување со рок на достасување од една година и подолг од една година (точка 7).
Сервисирање на долг се сите плаќања по основа на достасана камата и главнина кои произлегуваат од долг, како и сите други плаќања по настанати трошоци согласно со условите под кои е настанат долгот (точка 8).
Државна гаранција е потенцијална обврска за плаќање преземена од Република Македонија во име на носителот на јавен долг за чија сметка е издадена гаранцијата (точка 11).
Според членот 3 од Законот, носителите на јавниот долг се задолжуваат во согласност со критериумите и постапките утврдени со овој закон.
Во оспорениот член 4 ставови 1 и 2 од Законот, пак е определено дека задолжувањето на општините, јавните претпријатија и трговските друштва кои се во целосна или во доминантна сопственост на општините, како и задолжувањето на општините во градот Скопје, градот Скопје, јавните претпријатија и трговските друштва кои се во целосна или во доминантна сопственост на општините во градот Скопје и градот Скопје се врши во согласност со овој закон, Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и со Законот за градот Скопје.
Според тоа, членот 3 од Законот содржи начелно повикување за уредување на критериумите и постапките за задолжување за сите носители на јавниот долг согласно одредбите од Законот за јавен долг, но покрај оваа одредба од значење е и членот 4 ставови 1 и 2 од истиот законот, која одредба упатува на одредбите од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и Законот за градот Скопје кога носители на јавниот долг се субјектите опфатени токму во наведената одредба од Законот. При ваква состојба, оспорените делови од членот 4 ставови 1 и 2 од Законот не значат негирање на одредбите од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и Законот за градот Скопје, туку напротив значат повикување на нивната примена, пришто ваквата меѓусебна поврзаност е потребна токму заради комплексноста и спецификата на односите што настануваат помеѓу учесниците во постапката за задолжување.
При ваква состојба од значење се и следните законски одредби:
– Член 2 точка 15 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, според кој задолжување е постапка за создавање на финансиски обврски со склучување на договор за заем и/или издавање на хартии од вредност.
– Член 2 точка 16 од истиот закон, според кој, гаранција од општината е потенцијална обврска за плаќање, преземена од општината, во име на јавното претпријатие и трговското друштво кои се во целосна или во доминантна сопственост на општината, за чија сметка е издадена гаранцијата.
– Член 2 точка 17 од наведениот закон, според кој, краткорочна позајмица се парични средства обезбедени од Централниот буџет на Република Македонија со цел за надминување на временска неусогласеност на приходите и другите приливи со расходите и другите одливи со обврска за враќање до крајот на тековната фискална година во која истата е одобрена, без камата и
– Член 2 точка 18 од Законот, според кој, долгорочна позајмица се парични средства обезбедени од Централниот буџет на Република Македонија со обврска за враќање најмногу до пет години, без камата.
Исто така, треба да се има предвид дека Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа содржи посебна глава IV. со наслов „Задолжување“.
Од оваа глава на Законот од посебно значење е членот 18 став 1, според кој, општината може да се задолжува во земјата и странство според условите утврдени со овој и со друг закон.
Тргнувајќи од содржината на оваа одредба произлегува дека законодавецот при носењето на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа оставил дел од прашањата поврзани со условите за задолжување на општините да биде предмет на уредување и со друг закон, пришто не треба да се изгуби од предвид дека задолжувањето на општината во земјата и во странство може да се направи само по претходна согласност на Владата на Република Македонија, утврдена врз основа на мислење на Министерството за финансии, согласно член 18 став 2 од наведениот закон. Притоа, согласно ставот 5 од истата одредба од Законот, општината не може да даде под хипотека имот на општината, кој служи за вршење на дејностите од јавен интерес утврдени со закон, а согласно членот 18-а, општината при обезбедување на задолжу-вањето, не може да воспостави заложно право врз имот, кој служи за вршење на дејности од јавен интерес утврдени со закон.
Според членот 19 став 1 од истиот закон, општината може да се задолжува краткорочно со заем што ќе се отплати во рок од 12 месеца од денот на склучувањето на договорот за задолжување (идентичен рок како во членот 2 точка 6 од Законот за јавен долг). Во членот 20 од Законот е уредена постапката и условите, како и потребите за долгорочно задолжување. Во двата случаи (краткорочно и долгорочно задолжување) е определена формула за пресметување на максималниот износ на заемот (член 19 став 2 и член 20 став 4) со цел сигурна исплата на позајмениот износ.
По однос на уредноста на прашањата поврзани со финансирање на општините по пат на заем треба да се имаат предвид и членовите 22 и 47 од Законот за градот Скопје, како и член 11 став 5 од Законот за локалната самоуправа.
Поконкретно, во членот 22 од Законот за градот Скопје е предвидено дека, градот Скопје и општините во градот Скопје се финансираат од сопствени извори на приходи, приходи од даноци, приходи од Буџетот на Република Македонија и буџетите на фондовите, приходи од задолжување во согласност со закон и од други приходи утврдени со закон.
Според членот 47 став 1 од истиот закон, градот Скопје и општините во градот Скопје можат да се задолжуваат во земјата и во странство според условите утврдени со закон, а според ставот 2 од истиот член од Законот, градот Скопје и општините во градот Скопје можат во согласност со закон да даваат гаранции и да преземаат обврски кои произлегуваат од долгорочни заеми на јавните претпријатија што тие ги основале.
Во членот 11 ставови 1 и 5 од Законот за локалната самоуправа е предвидено дека, во согласност со економската политика на државата, општината се финансира, од сопствени извори на приходи и други извори на финансирање, а општината има право да се задолжува на домашниот и странскиот пазар на капитал, во согласност со закон.
Врз основа на анализата на наведените законски одредби, а имајќи ги предвид посебно член 18 ставови 1 и 2 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, член 22 и 47 од Законот за градот Скопје и член 11 ставови 1 и 5 од Законот за локалната самоуправа се утврди дека законодавецот во наведените закони во целост ја уредил проблематиката за финанси-рање на единиците на локалната самоуправа, вклучително и правото и постапката за задолжувањето. Притоа од значење е што станува збор за закони што се донесени со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.
Во состојба кога правото и постапката за задолжување на единиците на локалната самоуправа, како прашања од значење за локалното финансирање, целосно се уредени Судот оцени дека законодавецот не го повредил Амандманот XVI од Уставот кога Законот за јавен долг (основен и измена и дополнување) го донел со обично мнозинство. Ова ако се има предвид и тоа што задолжу-вањето на единиците на локалната самоуправа не може да добие карактер на проблематика што се однесува исклучиво на локалното финасирање, бидејќи задолжувањето е комплексна проблематика која во конкретни ситуации бара вклучување на Република Македонија или Министерството за финасии како субјекти кои преговараат, се задолжуваат или пак гарантираат за позајмениот износ за потребите на локалната самоуправа. Оттаму, произлегува дека во овој случај не се работи за финансирање кое настанува од сопствени локални приходи, туку за финансирање кое настанува по пат на заем од државата или странство, односно кое настанува надвор од границите на локалната самоуправа, од каде во Законот за јавен долг е уредена проблематика што не може да се однесува исклучиво на финансирањето на единиците на локалната самоуправа, како што сака да прикаже подносителот на иницијативата.
Впрочем, државниот долг по основ на задолжување создава финансиски обврски кои не се однесуваат исклучиво на финансиската состојба на општината, туку може да има сериозни импликации по однос на вкупниот долг на државата, нејзиниот кредитен рејтинг или пак углед во финансиската сфера, од каде и се наметнува потребата од посебно уредување на јавниот долг заради спречување на неконтролирано задолжување на сите субјекти, меѓу кои и општината, во земјата и странство.
Од понатамошната анализа на оспорениот член 4 ставови 3 до 7 од Законот произлегува дека, во различни ситуации, општините и градот Скопје, но и Република Македонија и Министерството за финансии можат да се јават како субјекти што ги сервисираат обврските настанати со задолжувањето. Во овие одредби е уредено како се постапува кога локалната самоуправа нема да го изврши плаќањето на побарувањето од направеното задолжување, ако тоа е направено во нејзина корист, а во оспорениот член 23 став 6 е уредено како се постапува кога локалната самоуправа и други субјекти се носители на јавниот долг за кој е издадена државна гаранција, но истиот не го плаќа.
Од анализата на членот 16 од Законот во кој е содржан оспорениот став 4 произлегува дека Владата на Република Македонија е овластена да склучува договори за заем во име на Република Македонија (став 1), а носителите на законодавната, судската и извршната власт започнуваат иницијатива за поведување на преговори за склучување на договор за заем, по претходна согласност на Владата на Република Македонија (став 2) и по задолжително позитивно мислење од Министерството за финансии (став 3). Во оспорениот став 4 од членот 16 од Законот е предвидено дека, во преговорите задолжително учествуваат претставници од Министерството за финансии и други овластени претставници избрани од Владата на Република Македонија.
Идентична уреденост по однос на истата проблематика, но која се однесува само на општините е содржана во членот 18 став 2 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, според кој општината може да се задолжува во земјата и странство само по претходна согласност на Владата на Република Македонија, утврдена врз основа на мислење на Министерството за финансии.
Според тоа, оспорениот член 16 став 4 од Законот за јавен долг не се однесува на уредување на права и обврски на општините и не може да се доведе во корелација со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата. Од членот 16 од наведениот закон единствено ставот 7 може да се поврзе со локалната самоуправа, бидејќи определува дека договорот за заем за задолжување на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје го склучува градоначалникот на општината, општината во градот Скопје и градот Скопје (надлежност што изворно произлегува од членот 50 од Законот за локалната самоуправа).
Од посебната анализа на оспорениот член 24-а од Законот произлегува дека со него се предвидува забрана за задолжување на начин што се определува дека јавните претпријатија и трговските друштва кои се во целосна или доминантна сопственост на државата, како и општините, општините во градот Скопје и градот Скопје и јавните претпријатија формирани од општините, општините во градот Скопје и градот Скопје не можат да започнат со постапка за задолжување од денот на донесувањето на одлуката за распишување на парламентарни избори до завршувањето на изборот на пратеници во Собранието на Република Македонија, односно од денот на донесувањето на одлуката за распишување на локални избори до завршувањето на изборот на градоначалник или членови на советот. Според тоа, оваа одредба не го уредува правото, постапката и условите за финансирање на единиците на локалната самоуправа, туку определува забрана за задолжување во конкретни ситуации (парламентарни и локални избори) која се однесува на широк круг на субјекти, помеѓу кои и за општините, општините во градот Скопје и градот Скопје.
Од анализата на оспорениот член 25 од Законот произлегува дека воопшто не се однесува на единиците на општините или градот Скопје, туку ја уредува проблематиката за долгорочно задолжување на јавните претпријатија, односно трговски друштва во целосна или делумна сопственост на државата, од каде оваа одредба не може да биде предмет на оцена од аспект на наводите од иницијативата.
Членот 26 од Законот го уредува прашањето за доставување на информации за промените на состојбата на секое задолжување, при што погрешно од страна на подносителот на иницијативата се означува дека оспорениот став 1 од оваа одредба се однесува на општините, бидејќи обврска за давање на информации во оваа одредба се однесува на сите носители на јавен долг, освен општините, општините во градот Скопје и градот Скопје. Нивната обврска за информирање е содржана во ставот 2 на членот 26 од Законот, според кој општините, општините во град Скопје и градот Скопје се должни до Министерството за финансии најдоцна 15 дена по завршувањето на кварталот да доставуваат квартални информации за промените на состојбата на секое задолжување во претходниот квартал, како и за промените на состојбата на издадените гаранции. Оттаму, во овој случај во прашање е неадекватно оспорување на законската одредба.
Понатаму во оспорениот член 26 став 4 од Законот за јавен долг е предвидено дека, министерот за финансии поблиску ги пропишува видовите и содржината на информациите од став 1 и 2 од овој член. Имајќи ја предвид вака изнесената содржина наспрема причините за оспорување наведени во иницијативата, по однос на оваа одредба Судот оцени дека не може да се доведе во корелација со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.
Од сумарната оцена на уставноста на оспорените одредби и делови од одредби произлегува дека не може основано да се постави прашањето за согласност на оспорените делови од членот 4 став 1 и 2, член 4 ставови 3 до 7, член 23 став 6 и член 24-а од Законот за јавен долг со членот 8 став 1 алинеја 9 од Уставот и Амандманот XVI на Уставот. Според Судот, локалната самоуправа, како темелна вредност на уставниот поредок, како уставна категорија детерминирана со закон не се повредува со закон кој не е донесен согласно Амандманот XVI на Уставот и со кој се доуредуваат односите што настануваат помеѓу општината и другите субјекти во постапките за задолжување на општините, бидејќи финансирањето по пат на задолжување со создавање на јавен долг не е исто што и локално финансирање од сопствени приходи. Задолжувањето за разлика од изворните приходи на општината е вонреден основ за остварување на приход на општината, но и на другите субјекти кон кое се пристапува во вонредни законски утврдени околности.
Врз основа на наведеното произлегува дека оспорените делови од членот 4 ставови 1 и 2, членот 4 ставови 3 до 7, членот 23 став 6 и член 24-а и оспорениот дел од насловот IV од Законот за јавен долг се во согласност со членот 8 став 1 алинеја 9 од Уставот и Амандманот XVI на Уставот.
6. По однос на оспорените член 16 став 4, член 25 и член 26 ставови 1 и 4 од Законот Судот оцени дека иницијативата треба да биде отфрлена заради постоење на процесни пречки за постапување, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, според кој, иницијативата ќе се отфрли ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Во конкретниот случај оспорениот член 16 став 4, член 25 и член 26 став 1 од Законот не уредуваат односи што се однесуваат на локалната самоуправа, туку на други субјекти, а оспорениот член 26 став 4 од Законот не може да се доведе во корелација со уставните одредби од Уставот наведени во иницијативата, од каде постојат процесни пречки за постапување на Судот по однос на тој дел од иницијативата.
Врз основа на направената анализа, Судот оцени дека ниту една од оспорените одредби и делови од одредби не може да биде предмет на оцена од аспект на повреда на членот 8 став 1 алинеја 4 од Уставот и поделбата на државната власт на законо-давна, извршна и судска. За да се покрене прашањето за повреда на овој принцип во иницијативата треба да се докаже дека постои мешање помеѓу државните власти во нивните уставно утврдени надлежности, но не и нивно изедначување со непостоечка власт во поделбата на државната власт (локалната самоуправа), како што неразбирливо тврди подносителот на иницијативата.
Оттаму, по однос на член 16 став 4, член 25 и член 26 ставови 1 и 4 од Законот иницијативата се отфрла согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот.
Имајќи го предвид изнесеното произлегува неоснованост на барањето на подносителот на иницијативата за донесување на решение согласно членот 27 од Деловникот.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.136/2010
27 октомври 2010 година
С к о п ј е
м.л.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски