103/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 октомври 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 59-а и член 100-б од Законот за изменување и дополнување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“ бр.161/2008).

2. Движење за социјална правда „ЛЕНКА“ од Скопје и Асоцијација „МАГНА КАРТА“ од Велес на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, наметнатата обврска на лицето кое стапува во нов работен однос, да го извести надлежниот инспекциски државен орган во случај кога од работодоавачот нема да му биде понуден договор за вработување, била во спротивност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, член 34, член 35 став 1 и член 51 од Уставот на Република Македонија. Имено, ваква обврска можеле да вршат само надлежните државни институции, односно Државниот инспекторат за труд.

Со внесувањето на ваква обврзувачка норма во нашиот правен поредок, според иницијативата се поткопувале основните начела на кои фундира нашата демократија – владеењето на правото и правната држава.

3. Судот на седницата утврди дека според член 59-а од Законот невработеното лице кое ќе стапи на работа кај работодавач без договор за вработување е должно за тоа веднаш писмено да го извести надлежниот инспекциски орган“.

Во членот 100-б од Законот се предвидува:

„Глоба во износ од 200 евра во денарска противвредност ќе се изрече на самото место на физичко лице за прекршок, ако писмено не го извести надлежниот инспекциски орган за стапувањето на работа кај работодавач (член 59-а).

Покана за плаќање на глоба од ставот 1 на овој член на сторителот на прекршокот, инспекторот на трудот ќе му врачи на местото на прекршокот.

Сторителот на прекршокот е должен глобата да ја плати во рок од осум дена.

Инспекторот на труд е должен на сторителот на прекршокот да му предложи постапка за порамнување, согласно со закон.

Ако инспекторот на труд констатира дека сторителот на прекршокот не ја платил глобата во рокот од став 3 на овој член, инспекторот на трудот ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка до прекршочен орган.

Глоба во износ од 700 евра во денарска противвредност ќе изрече надлежниот суд на физичко лице кое не ја платило глобата на самото место во предвидениот рок од ставот 3 на овој член“.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Согласно член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Во член 35 став 1 од Уставот е утврдено дека Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да го почитува Уставот и законите.

Од наведените уставни одредби, покрај другото, произлегува дека Уставот прокламира и утврдува право на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување. Уставот, исто така, ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност, која се остварува врз начелото на социјална праведност. Според тоа, прокламирањето на наведените уставни принципи произлегува од социјалниот карактер на државата, а видовите на правата од социјално осигурување и вработување односно засновање на работен однос, начинот, постапката и условите за остварување на овие права се оставени за уредување на законодавната власт.

Од анализата на цитираните уставни одредби, исто така, произлегува дека Република Македонија е социјална држава, во која социјалната правда е издигната на ниво на темелна вредност на уставниот поредок, а на сите граѓани им се гарантира еднаквост во слободите и правата пред Уставот и законите. Како начин за обезбедување на социјалната правда Уставот го прокламира и утврдува правото на материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Меѓутоа, под кои услови, во кој обем, за колкаво времетраење и на кој начин ќе се остварува ова право не е домен на уставната регулатива. Тоа е препуштено да се уреди со закон и со колективни договори.

Според член 1 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, со овој закон се уредуваат прашањата за размена на трудот, правата и обврските на работодвците, невработените лица и државата во врска со вработувањето и осигурувањето во случај на невработеност и други прашања од значење за вработувањето.

Оспорениот член 59-а од Законот утврдува дека невработено лице кое ќе стапи на работа кај работодвач без договор за вработување е должно за тоа веднаш писмено да го извести надлежниот инспекциски орган.

Од анализата на наведените одредби од Уставот и од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, според Судот произлегува дека ваквата обврска на граѓанинот, односно лицето кое ќе стапи на работа кај работодавач, не е во согласност со Уставот на Република Македонија. Ова од причина што на граѓанинот не може да му се востановуваат вакви обврски, бидејќи обврска за контрола на работодавачите за регулирање на правото на лицата кои засноваат работен однос, односно склучување договор за вработување на одредено или неодредено работно време, во смисла на Законот за работните односи, може да ја вршат само надлежните државни институции, односно Државниот инспекторат за труд, но во никој случај тоа не би можело да падне на товар на работникот.

Според Судот, целта на оваа мерка е оневозможување на несовесните работодавачи да вршат експлоатација на трудот и да не ги изигруваат обврските предвидени во Законот. Конкретниот начин преку кој законодавецот сакал да ја оствари целта на воспоставување на социјална дисциплина, според нас е непропорционална и истовремено претставува оптоварување на граѓанинот, односно работникот. Ова дотолку повеќе што е неопходно взаемно функционирање на институциите на системот и нивно координирано соработување со цел за исполнување на овие предвидени законски обврски. Оттука, востановената обврска со Законот за работникот значи повреда на уставното начело на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните бидејќи таквата обврска не е во функција на обезбедување поголема сигурност во сферата на работните односи.

Ова дотолку повеќе што ниту Законот за работните односи предвидувал ваква обврска на работникот, па со опстојување на оспорената законска одредба, всушност би се довело до постоење на два паралелни, на различни системи на уредување на работните односи, што е спротивно на принципот на владеење на правото и правната сигурност.

Од друга стана, пак, со оспорениот член 59-а од Законот, според Судот се повредува принципот на заштита на достоинството, бидејќи истиот предвидува работникот всушност сам себе да се пријави.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека обврската за работникот, кој стапува на работа кај работодвач без договор за вработување, писмено да го извести надлежниот инспекциски орган, како и предвидената глоба во оспорениот член 100-б од Законот, не е пропорционална и соодветна, бидејќи таква контрола на работодавачот треба да вршат инспекциските органи, а не работникот.

Тргнувајќи од направената уставно-судска анализа, Судот оцени дека оспорениот член 59-а и член 100-б од Законот, основано може да се доведат во прашање во однос на членовите од Уставот, на кој се укажува во иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Гзиме Старова.

У.бр.103/2010
27 октомври 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски