У.бр.112/2010

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Делов­ни­кот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Репуб­лика Македонија” бр.70/1992), на седни­ца­та одржана на 27 октомври 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставно­ста на член 29-б став 1 алинеи 1, 2, 3, 4 и 5 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на СРМ“ бр.36/1990 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 121/2007, 161/ 2008, 92/2009 и 42/2010).

2. Стамен Филипов од Скопје и Советници на општина Старо Нагоричане, застапувани од адвокат Милован Трајковиќ од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во двете иницијативи, со оспореното законско решение советниците од општините со помал број на жители биле ставени во нерамноправна положба со другите членови на совет на општините со поголем број на жители. Имено, на овој начин не се вреднувала работата според вложениот труд на работното мест, туку вреднувањето се вршело според бројот на жители.

Во иницијативата понатаму се наведува дека според Зако­нот за локалната самоуправа надлежностите на советот на општините биле исти без оглед на бројот на жителите во поединеч­ните општини. Од овие причини, според иницијативата, оспорениот член од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 ста­вови 3 и 5 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 29-б од Законот, месечниот надоместок за присуство на седници во советот се утврдува во процентуален износ од просечната месечна нето плата во Републиката исплатена за претходната година, но не повеќе од:
– 40% во општини до 10.000 жители,
– 50% во општини до 10.001 до 25.000 жители,
– 60% во општини до 25.001 до 50.000 жители,
– 70% во општини до 50.001 жител и
– 100% во Градот Скопје.

4. Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 од Уставот се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓу­народното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Маке­донија се еднакви во слободите и правата независно од полот, раса­та, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политич­кото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во членот 32 ставови 3 и 5 од Уставот, секој вработен има право на соодветна заработувачка и остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колектив­ни договори.

Законот за дополнување на Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македони­ја и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на Република Македонија“ бр.121/2007) во членот 1 предвиду­ва дека во Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на СРМ“ бр.36/1990 и „Служ­бен весник на Република Македонија“ бр.38/1991, 23/1997, 37/2005 и 84/2005) по делот „V Надоместок на определени материјални трошоци и други примања“ се додава нов дел V-а со пет нови членови 29-а, 29-б, 29-в, 29-г и 29-д. Насловот на делот V-а гласи „Надоместоци на члено­вите на советите на општините и на членовите на Советот на Градот Скопје“.

Според член 29-а од Законот, на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје им припаѓа месечен надоместок за присуство на седниците на советот и надоместок на патните и дневните трошоци (став 1). Средствата за исплата на надоместоците од ставот 1 на овој член се обезбедуваат од буџетот на оштината и во буџетот на градот Скопје (став 2).

Оспорениот член 29-б од Законот за изменување и допол­нување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и имену­вани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.42/2010) предвидува дека месечниот надоместок за присуство на седници на советот се утврдува во процентурален износ од просечната месечна нето плата во Републиката исплатена за претходната година, но не повеќе од:

– 40% во општини до 10.000 жители,
– 50% во општини до 10.001 до 25.000 жители,
– 60% во општини до 25.001 до 50.000 жители,
– 70% во општини до 50.001 жител и
– 100% во Градот Скопје“.

Во членот 34 од Законот за локалната самоуправа („Служ­бен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) е предвидено дека бројот на членовите на советот се утврдува во зависност од бројот на жителите во општините и не може да биде помал од девет ниту поголем од 33 члена и тоа во општините со:

– до 5000 жители – 9 членови на советот,
– од 5001 до 10.000 – 11 членови на советот,
– од 10.001 до 20.000 – 15 членови на советот,
– од 20.001 до 40.000 – 19 членови на советот,
– од 40.001 до 60.000 – 23 членови на советот,
– од 60.001 до 80.000 – 27 членови на советот,
– од 80.001 до 100.000 – 31 членови на советот,
– над 100.000 – 33 членови на советот.

Според член 36 од истиот закон, Советот:

1. Го донесува статутот на општината и други прописи,
2. Донесува буџет на општината и годишна сметка на општината,
3. Ја утврдува висината на сопствените извори на приходи за финансирање на општината, во рамките утврдени со закон,
4. Основа јавни служби во рамките на надлежноста на општината и врши надзор над нивната работа,
5. Именува членови во управните одбори на јавните служ­би, кои ги основа,
6. Усвојува програми за работа и финансиски планови за финасирање на јавните служби, кои ги основала општината,
7. Ги усвојува извештаите за извршување на буџетот и годишната сметка на општината,
8. Одлучува за давање дозвола за вршење дејност од јавен интерес од локално значење, во согласност со закон,
9. Ги усвојува извештаите за работата и годишните сметки на јавните служби, кои ги основала општината,
10. Одлучува за начинот на располагање со сопственоста на општината,
11. Одлучува за начинот на вршење на финансиска конттрола на буџетот на општината, во согласност со закон,
12. Го избира лицето кое раководи со подрачната единица на Министерството за внатрешни работи во општината, во согласност со закон,
13. Го разгледува и усвојува годишниот извештај за јавната безбедност на подрачјето на општината, кој го доставува до министерот за внатрешни работи и народниот правобранител,
14. Може да дава препораки на раководното лице на подрачната единица на Министерството за внатрешни работи од областа на јавната безбедност и безбедноста во сообраќајот и
15. Врши и други работи утврдени со закон.

(2) Доколку советот не ги усвои извештаите од ставот (1) точките (7) и (9) на овој член, може да покрене постапка за вршење на контрола над материјалното и финансиското работење пред надлеж­ниот орган за надзор.

(3) Раководното лице од ставот (1) точка 12 на овој член е избрано ако за него гласале мнозинство од сите совети на општините, кои ги опфаќа подрачната единица на Министерството за внатрешни работи.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби, Судот оцени дека со оспорената законска одредба не се повредуваат уставните норми на кои се укажува во поднесените иницијативи. Имено, според Судот, право е на законодавецот да врз осно­ва на определен критериум го утврдува процентот на месечен надо­месток за наведените дејствија на членовите на советот на општи­ните, како и на советот на градот Скопје кој што основ е даден во членот 29-а од истиот закон. Во конкретниов случај тој критериум за определување на процентуалниот износ е бројот на жители во конк­ретна општина, од кој всушност и зависи обемноста, тежината и анга­жираноста на советниците која што работа е дополни­телна, односно истите не се вработени во општините.

Впрочем, бројот на жители, исто така е основен критериум и при определување на бројот на членови на советот во секоја општи­на. Оттука, логично произлегува дека со оспорената законска одредба не може да се доведе под сомнение прашањето на еднаквост и рамноправност на граѓаните, на што се укажува во иницијативата, бидејќи не станува збор за општина со еднаков број на жители, а следователно на тоа и на еднаков ангажман на членовите на советот на општините, како и на градот Скопје.

Тргнувајќи од направената уставно судска анализа Судот оцени дека оспорениот член 29-б од Законот, не може да се доведе под сомнение по однос на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, член 9, член 32 ставовите 3 и 5 и член 51 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.112/2010
27 октомври 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски