158/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 октомври 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за дел од МЗ „Тафталиџе 1“, „Тафталиџе – 30“ УБ 1 Општина Карпош Скопје, донесена од Советот на општина Каропош („Службен гласник на општина Карпош“ бр. 2/2006)

2. Мирослав Крстевски од Скопје, преку полномошник Слаѓана Јанкулоска-Цибрева, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорената одлука се повредувале, односно ограничувале стекнатите сопственички права на повеќе граѓани во населбата Тафталиџе, меѓу кои и на подносителот на иницијативата Мирослав Крстевски. Понатаму се наведува дека подносителот на иницијативата, пред повеќе години, врз основа на одобрение за градба на катот од неговата куќа на западната страна отворил прозорци за да влегува светлост и воздух во просториите на катот. Новиот сопственик на соседната барака – Ирана Најдов Литл, пред две години го приватизирала земјиштето под бараката и слободното дворно место со Решение за приватизација на градежно земјиште без платен надоместок, донесено од Министерството за финансии – Управа за имотно правни работи, а заради дооформување на градежна парцела откупила од соседните парцели уште 35 квадратни метри кое земјиште, според наводите во иницијативата, се водело како пат-улица, а претставувало паркинг простор кој подносителот на иницијативата и другите соседи од улица Париска го користеле за паркирање. Подносителот смета дека постапката за отуѓување на градежното земјиште била спроведена спротивно на законските прописи.

Покрај тоа, во иницијативата се наведува дека врз основа на оспорениот Детален урбанистички план на лицето Ирена Најдов Литл и биле издадени Локациски услови за градба на објект кој треба да се залепи до објектот на подносителот на иницијативата кој ќе треба да ги затвори прозорците на катот од куќата и да ја пресече баџата од покривот.

Во иницијативата се наведува дека издадените Локациски услови на лицето Ирена Најдов Лител, изготвени според оспорениот детален урбанистички план биле спротивни на член 2 и член 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање како и со повеќе членови од Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот, кои подносителот ги цитира.

Во иницијативата понатаму се наведува дека подносителот на иницијативата со изградбата на својот објект во 1988 година врз основа на валидни одобренија за градба издадени од надлежни органи, се стекнал со одредени сопственички права како и со правото да има прозорци на катот од куќата и дека за целиот овој изминат период од 22 години никој ова стекнато сопственичко право не му го оспорувал. Тој смета дека е незаконски денес, по толку години, со измени на Деталниот урбанистички план и давање на Локациски услови на соседот да се загрози неговото стекнато право со што се загрозува неговата сопственост.

На крајот од иницијативата се наведува дека поради овие причини оспорената одлука за донесување на Деталниот урбанистички палан за дел од МЗ „Тафталиџе 1“, Тафталиџе 30 УБ 1 е донесена спротивно на Уставот на Република Македонија, Законот за просторно и урбанистичко планирање и Правилниците кои ја регулираат оваа материја, и од тие причини предлага Уставниот суд да ја поништи оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената Одлука за донесување на Детален урбанистички план за дел од МЗ „Тафталиџе-1“, „Тафталиџе-30“ УБ1 Општина Карпош Скопје е донесена од страна на Советот на Општина Карпош, на 22 февруари 2006 година, врз основа на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002). Оспорената одлука содржи 9 члена.

Според член 1 од Одлуката, со оваа одлука се донесува Деталниот урбанистички план за дел од МЗ „Тафталиџе-1“, „Тафталиџе-30“ УБ1 Општина Карпош Скопје.

Деталниот урбанистички план е изработен според одредбите за спроведување на Генераланиот урбанистички план на Град Скопје, Законот за просторно и урбанистичко планирање, барањата во Програмата за содржината на Планот, Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот и Правилникот за поблиска содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистички планови.

Според членот 2 од Одлуката, просторот за кој се доенсува Деталниот урбанистички план за дел од МЗ „Тафталиџе-1“, “Тафталиџе-30“ УБ 1, Општина Карпош е изготвен во две фази: Нацрт План и Предлог – План.

Понатаму во овој член е дадена содржината на Планот.

Согласно членот 5 од Одлуката, составен дел на Оваа одлука се: текстуален дел; графички приказ на планските решенија; и билансни показатели за планскиот опфат.

Согласно членот 6 од Одлуката, деталниот урбанистички план се заверува со печат на Советот на Општината Карпош и потпис на Претседателот на Советот на Општината.

Согласно членот 7 од Одлуката, одделението за урбанизам, уредување на Општината, во рок од 30 дена од завршувањето на целосната законска постапка за донесување на Деталниот урбанистички план ќе обезбеди комплетна документација за реализација на Планот.

Согласно член 8 од Одлуката, деталниот урбанистички план со сите негови делови се чува во Одделението за урбанизам на Општината Карпош.

Согласно член 9 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Карпош“.

4. Според член 110 став 1 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, од наводите во иницијативата произлегува дека повод за нејзино поднесување претставува незадоволството на подносителот на иницијативата од Локациските услови издадени на лицето Ирена Најдов Литл за градба на објект непосредно до куќата на подносителот на иницијативата, како и Решението за приватизација на градежно земјиште издадено во полза на истото лице, кои всушност претставуваат поединечни акти за оценка на чија што уставност и законитост Уставниот суд не е надлежен.

Во иницијативата отсуствуваат наводи за тоа од кои причини подносителот смета дека оспорената Одлука за донесување на деталниот урбанистички план не била донесена во постапка согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, од кој аспект само може Уставниот суд да ги оценува урбанистичките планови.

Судот, исто така, укажува дека Уставниот суд нема надлежност да ја оценува содржината на Деталниот урбанистички план, ниту пак евентуалните промени во намената на објектите предвидени во нив. Во таа смисла дококу подносителот сметал дека врз основа на Деталниот урбанистички план била извршена измена, така што земјиштето кое претставувало паркинг простор било сега предвидено како земјиште за градба, тој можел во постапката за донесување на самиот Детален урбанистички план, односно на Јавната анкета која била спроведена согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, да даде забелешка во оваа смисла.

Уставниот суд исто така не е надлежен да ја оценува законитоста на постапката за отуѓување на градежното земјиште, на што се повикува подносителот во иницијативата, ниту пак да ја оценува согласноста на Деталниот урбанистички план со Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот.

Имајќи предвид, дека со иницијативата предметната одлука се оспорува од аспект на нејзината содржина и во однос на акти чија што оценка не е во надлежност на Уставниот суд, како и фактот што во неа нема јасни и конкретни причини за оспорување на предметната одлука од аспект на постапката за донесување на Деталниот урбанистички план, односно фазите за донесување на планот уредена со закон, Судот оцени дека иницијативата не е подобна за мериторно решавање од уставноправен аспект.

Поради наведеното Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.158/2010
20 октомври 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски