88/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членот 28 алинеи 1 и 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 октомври 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката за задолжување на Секторот за правни и општи работи и имот и имотно-правни работи на општина Аеродром, за склучување на договори за закуп со постоечките корисници на урбана опрема – киосци и локација на која што се поставенни киосците на територијата на општина Аеродром, број 07-109/4 од 29 март 2010 година („Службен гласник на општина Аеродром“ бр.8/2010), донесена од Советот на општина Аеродром.

2. Светлана Накова од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одлука на Советот на општината Аеродром не била во согласност со Уставот на Република Македонија затоа што граѓаните кои биле сопственици на киосците во општината Аеродром и кои требале да ги заменат со нови киосци какви што барала општината, со оспорената Одлука ќе требало да склучуваат договори за закуп и да плаќаат кирија на општината Аеродром и комунални такси за користење на градежното земјиште каде биле поставени киосците, меѓутоа општината ниту била сопственик на киосците ниту била сопственик на градежното земјиште.

3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 1 од оспорената одлука, Секторот за правни и општи работи и имот и имотно-правни работи на општината Аеродром се задолжува, да ги преземе сите потребни активности со цел да се склучуваат договори за закуп со постоечките корисници на урбана опрема – киосци и локации на кои се поставени киосците на територија на општината Аеродром согласно со Одлуката за утврдување на потреба за поставување на урбана опрема и за условите, начинот и постапката за издавање на одобрение за поставвување на урбана опрема, број 07-84/2 од 9 март 2010 година и Одлуката за измена и дополнување на оваа Одлука, број 07-94/4 од 16 март 2010 година, како и согласно со Програмата за поставување урбана опрема на подрачјето на општина Аеродром за 2010 година, број 109/2 од 29 март 2010 година.

Со членот 2 од оспорената одлука, се утврдува месечниот надомест за закуп на времениот објект, кој според булеварите на кои се поставени, како што е наведено во овој член од Одлуката, изнесува 400 или 200 евра во денарска противвредност. Наплатената закупнија е приход на општината.

Со членот 3 од оспорената одлука, се задолжува раководителот на Секторот за правни и општи работи и имот и имотно-правни работи на општина Аеродром, Јован Јанковски, да ги преземе сите потребни активности со цел склучување на договори за закуп со корисниците на киосци кои истите ги користат без никаков правен основ во кој договор прецизно ќе бидат утврдени условите и постапката за користење на киоскот и локацијата под закуп, на територијата на општина Аеродром (потпишување на договор, солемнизација и друго). Договорот за закуп на урбаната опрема ќе ја има содржината како што е наведена во Одлуката.

Според членот 4 од Одлуката, корисниците на киосци е потребно во рок од 60 дена од склучувањето и солемнизацијата на договорот за закуп да ги заменат постоечките киосци со типски киосци регулирани со основен проект за типски објект киоск со технички број 3110, кој го поседува општината Аеродром. Корисниците ќе бидат отстранети од страна на општината Аеродром ако не склучат договор за закуп во рок од 10 дена по стапувањето во сила на оваа одлука. Според членот 5, оваа одлука стапува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Аеродром“, а тоа е од 29 март 2010 година.

4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Според членот 36 став 1 точка 10 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), Советот на општината одлучува за начинот на располагање со сопственоста на општината.

Врз основа на оваа одредба од Законот, Советот на општината Аеродром ја донел оспорената одлука со која го задолжил својот Сектор за преземање на дејствија во врска со склучување на договори за закуп кои се однесуваат на урбана опрема – киосци и локации на територијата на општина Аеродром и дал задолжение на раководителот на Секторот, Јован Јанковски, да ги преземе сите потребни активности со цел за склучување на договорите за закуп, на начин и обрасци на договори како е упатено со Одлуката на Советот на општината.

Со оглед на тоа што оспорената одлука претставува акт на работење на Советот на општината за извршување на конкретни работни задолженија во врска со стопанисувањето со урбаната опрема и локации во општината и со тоа таа не е пропис или општ акт со кој на општ начин се уредуваат односите во правниот поредок, а од друга страна оваа одлука престанала да важи со донесувањето на Одлука на Советот на општината, за давање на согласност на договори за поставување на урбана опрема на територијата на општина Аеродром, број 07-152/6 од 26 април 2010 година („Службен гласник на општина Аеродром“ број 10/2010), Судот оцени дека се настапени деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.88/2010
13 октомври 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски