17/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 13 октомври 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 14 став 1 точка 11 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување (“Службен весник на РМ” број 142/2008, 64/2009 и 156/2009).

2. Лазо Гиноски, Ѓорѓи Симовски, Петар Атанасовски и Руменка Миовска-Кузмановска, сите од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорениот член од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба од Законот, била спротивна на член 34 и член 52 став 4 од Уставот, бидејќи таа утврдувала нов понеповолен начин на пресметка и плаќање на придонеси за невработени лица корисници на паричен надоместок за време на привремена невработеност и со тоа овој надоместок, како еден од елементите на пензиската основица, ќе бил неповолен и ќе допринел пониска пензиска основица да се пресметува во време на остварување на правото на пензија. Имено, поинаква би била ситуацијата ако паричниот надоместок за привремена невработеност се пресметувал и понатаму сопоред поранешните одредби од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, како што во минатото тоа било регулирано и на тој начин корисниците би оствариле поволна пензиска основица и не би биле оштетени од новата законска регулатива. Исто така, за подносителите на иницијативата, неспорно било дека законодавецот можел да ги менува законите и на нов и поинаков начин да ги уредува односите во определена област, но морало да се води сметка за правната сигурност на граѓаните и веќе стекнатите права и интереси на граѓаните на кои тие закони се однесувале, што не било случај со оспорената одредба, која упатувала на повратно дејство понеповолно за граѓаните.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 14 став 1 точка 11 од Законот, основица за пресметка и плаќање на придонеси за невработени лица корисници на паричен надоместок за време на привремена невработеност е надоместокот во случај на невработеност

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјално потекло, политичката и верската припадност, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со членот 34 од Уставот, на граѓаните на Република Македонија им се гарантираат правото на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а со членот 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Според став 4 на овој член, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога е тоа поповолно за граѓаните.

Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување е објавен во Службен весник на Република Македонија број 142/2008 на 10 ноември 2008 година кога влезе и во сила, а се применува од 1 јануари 2009 година за јануарската плата или дел од плата, надоместок на плата, пензија, односно друг паричен надоместок, додека членот 31 ќе се применува од 1 јануари 2010 година, а членот 25 од 1 јануари 2011 година.

Со Законот, се уредуваат видовите на придонеси од задолжителното социјално осигурување (придонеси); обврзници за плаќање на придонеси; обврзници за пресметка и уплата на придонеси; основиците на кои се плаќаат придонеси; стапките на придонеси; начинот на пресметка; роковите на плаќање на придонеси; контрола на пресметување и уплата на придонеси како и други правила кои се значајни за утврдување и плаќање на придонесите (член 1).

Според оспорениот член 14 став 1 точка 11 од Законот, основица за пресметка и плаќање на придонеси за невработени лица корисници на паричен надоместок за време на привремена невработеност, претставува надоместокот во случај на невработеност.

Во Глава XIII Преодни и заврши одредби со членот 32 од Законот, уреден е преодниот режим на односи во правото од предметната материја до влегувањето во сила на Законот.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби, од аспект на тоа дали оспореното законско решение упатува на повратно дејство, понеповолно за граѓаните, Судот утврди дека Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување е во примена по неговото објавување, а не и пред тоа, од каде произлегува дека со Законот не е пропишана ретроактивна примена, поради што не може да се прифати тврдењето во иницијативата за ретроактивна примена на оспоренoто законско решение, а со тоа и прашањето за последиците од ретроактивното дејство на неговата примена во смисла на одредбите од член 52 став 4 од Уставот. Тоа дотолку повеќе што Законот, се применува после неговото донесување односно сметано од 1 јануари 2009 година, па во иднина и право е на законодавецот да го уреди воспоставувањето на правниот режим уреден со Законот кој важи по, а не пред неговото донесување и влегување во сила. Во конкретниот случај, со оспорената одредба се уредува основицата за пресметка на придонесите за невработените лица корисници на паричен надоместок за време на привремена невработеност. Всушност, со оспорената одредба се утврдува начинот на пресметка на придонеси чија примена зависи од остварувањето на идни односи во правото и идни постапки кои ќе се создадат по примената на Законот. Според Судот, оваа одредба се однесува подеднакво за сите субјекти кои не оствариле услови за пензија, а ќе ги остварат во иднина, односно, се однесува за субјектите кои започнале да примаат паричен надоместок по примената на Законот, како и за субјектите кои започнале да го примаат паричниот надоместок пред примената на Законот, а до неговата примена не оствариле право на пензија. Имено, правото на паричен надоместок кој го примаат невработени лица е право од осигурување во случај на невработеност, а правото на пензија е право по основ на задолежително пензиско и инвалидско осигурување. Притоа, осигуреници со задолжително пензиско и инвалидско осигурување, се и невработените лица кои примаат паричен надоместок. Отука, произлегува дека основицата за пресметка на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување за невработени лица корисници на паричен надоместок, е во корелација исклучиво со остварувањето на правото на пензија, а не со други права. Пресметката на пензиите, како елемент на пензиското право, според Судот, зависи од остварено право на пензија, а не од остварено право на паричен надоместок, па според тоа пресметката на пензиите се врши во моментот на настанувањето на правото на пензија, според регулативата која важи во моментот кога тоа право е стекнато, а не според прописи за пресметка кои биле во важност пред тоа, односно кога тоа право сеуште не настанало. Оттука, според Судот, неосновани се наводите во иницијативата дека пресметката на придонесите требало да се врши не според основицата во периодот на остварувањето на правото на пензија, туку според основицата во периодот кога невработените лица се стекнале со правото на паричен надоместок по основ на привремена невработеност, бидејќи погрешно со иницијативата се поистоветува правото на пензија и правото на паричен надоместок, а со тоа и погрешно основицата за пресметка и плаќање на придонеси се доведува во корелација со остварено право на паричен надоместок.

Наводите во иницијативата дека оспореното законско решение навлегувало во веќе стекнати права на субјектите, според Судот, се неосновани. Ова од причини што оспорената одредба се однесува за лица кои во иднина ќе се стекнат со пензиско право. Доколку Законот би упатувал на повратна примена и оспорената одредба би важела за субјектите кои веќе оствариле право на пензија, тогаш би постоеле услови за нејзино проблематизирање од аспект на невлегувањето во веќе стекнатите права, што тука не е случај. Ова дотолку повеќе што Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување ги уредува обврските по основ на задолжително социјално осигурување, а не правата по основ на невработеност или по основ на пензиско и инвалидско осигурување. Имено, во случајов, оспорената одредба не уредува права, туку начин на пресметка на придонеси, кој инструмент сам за себе е неприменлив туку зависи од моментот на настанување на друг правен услов, конкретно од моментот на настанување на правото на пензија. Оттука, според Судот, право е на законодавецот да го уредува правниот режим на начин кој важи за сите идни односи во правото кои настануваат по а не пред примената на Законот, а не и за завршени односи во правото кои произлегуваат од веќе стекнати права по основ на пензионирање.

Неосновани се, исто така, наводите во иницијативата дека законодавецот со оспореното законско решение, уредил норма без преоден режим за лицата кои веќе имале стекнати права по законите кои ја уредувале нивната положба, како лица со статус на привремено невработени со право на паричен надоместок, бидејќи Судот утврди дека законодавецот со член 32 од Законот уредил преоден режим конкретно и за неуплатените придонеси, како и за започнатите постапки до 1 јануари 2009 година за наплата на неуплатените придонеси.

Оспореното законско решение, според Судот, не може уставно да се проблематизира и од аспект на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, во смисла на одредбите од член 9 од Уставот, бидејќи одредбата која се оспорува се однесува за иста категорија на лица корисници на паричен надоместок во случај на невработеност, кои се во иста правна положба и правни односи, односно се однесува за сите невработени лица-корисници на паричен надоместок, кои ќе остварат во иднина право на пензија согласно со закон. Имајќи го предвид наведеното, Судот утврди дека оспорената одредба ја обезбедува правната сигурност на граѓаните како елемент на владеењето на правото, па и од овој аспект, според Судот, оваа одредба не може уставно да се проблематизира.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 17/2010
13 октомври 2010 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски