279/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 6 октомври 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 33 став 1 од Законот за превоз во патниот сообраќај (“Службен весник на Република Македонија” број 68/2004, 127/2006, 114/2009 и 83/2010).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 89 ставовите 10 и 11 и членот 90 став 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје, “Еуро Туринг”-Скопје, преку претставникот Риза Балкан од Скопје, ТД Расим туризам од с. Велешта и други 28 подносители и Слободан Новачки од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените членови од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, поднесена од Стамен Филипов, со која се оспорува членот 33 став 1 од Законот, новото законско решение уредено со измените на Законот, било противуставно бидејќи агенциите и претставништвата како превозници, повеќе не можеле да ги користат веќе стекнатите права со претходно нормираната одредба од Законот, односно не можеле да продаваат возни билети како што тоа го правеле автобуските станици. На тој начин, се овозможувало монополско однесување на автобуските станици на штета на агенциите и претставништвата, се предизвикувала нерамноправна положба на субјектите на пазарот, се ограничувале уставно загарантираните права на сопственост и повредувала правната сигурност на граѓаните како елемент на владеењето на правото. Подносителот наведува дека при нормирањето на оспорената законска одредба, законодавецот не ги земал во предвид одредбите од членот 12 точките 1, 3, 4, 5 и 6 од Законот за туристичката дејност според кои туристичките агенции вршеле услуга на организирање продажба на билети, прифаќање и превоз на патници и продажба и посредување во продажба на билети или резервација на места за сите видови превозни средства. Од тие причини оспорениот член бил спротивен на член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 7, член 9 став 2, член 30 ставовите 1 и 3, член 32 ставовите 1 и 2, член 51, член 54 став 1 и член 55 од Уставот на Република Македонија, поради што се предлага поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата која се оспорува како и донесување на решение за времена мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија, донесени односно преземени врз основа на оспорената законска одредба, бидејќи со нејзиното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

Со иницијативата поднесена од Еуро Туринг – Скопје, се оспорува членот 33 став 1 од Законот, со наводи дека тој бил спротивен на членот 55 став 2 од Уставот, бидејќи туристичките агенции со оспореното законско решение не можеле да продаваат возни билети, а со тоа се овозможувала монополска позиција на автобуските станици.

Со иницијатива поднесена од ТД Расим туризам од с. Велешта и други 28 подносители, се оспоруваат членовите 33 став 1, 89 ставови 10 и 11 и 90 став 5 од Законот. Според наводите, со оспореното законско решение од членот 33 став 1 од Законот, се овозможувала монополска позиција на превозниците кои истовремено биле и сопственици на автобуски станици на штета на туристичките агенции и не се обезбедувала еднаква правна положба на економските субјекти на пазарот, што било спротивно на членот 55 од Уставот. Исто така, според изнесените наводи, оспорените членови 89 ставови 10 и 11 и 90 став 5 од Законот, биле спротивни на членот 30 од Уставот со кој се гарантира сопственоста и забраната за одземање или ограничување на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, со исклучок кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Со иницијатива поднесена од Слободан Новачки од Скопје, се оспорува членот 33 став 1 во делот: “како што се автобуските станици” од Законот, со наводи како и првата иницијатива.

4. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 33 став 1 од Законот, е определена обврска за превозникот да продава возни билети на организирани места за продавање како што се автобуски станици. Во ставот 2 од овој член е определен исклучок од ставот 1, односно определена е можност превозникот да продава возни билети и во автобусот во случаи кога нема организирани места за продажба и обврска за превозникот за издавање на фискална сметка за продадените билети. Во ставот 3 од истиот член од Законот, е определено дека превозникот и автобуската станица можат да продаваат возни билети само за одобрени линии за кои е издадена дозвола во согласност со одобрениот возен ред и цената.

Судот, утврди и дека со оспорениот член 89 став 10 од Законот, е oпределена можност државниот инспектор за патен сообраќај да донесува решение со кое го одзема возилото, доколку по втор пат ја одзел сообраќајната дозвола од ставот 1 алинеја 1 на овој член од Законот, а оспорениот став 11 од истиот член од Законот, определува дека постапката за одземање на возило ја пропишува министерот за транспорт и врски.

Судот, исто така утврди дека во оспорениот член 90 став 5 од Законот е определено дека: “Доколку сообраќајната дозвола од ставот 1 алинеја 1 на овој член е одземена по втор пат, инспекторите за патен сообраќај ќе донесат решение за одземање на возилото”.

5. Согласно член 8 став 1 алинеите 3 и 7, од Уставот, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 9 став 2 од Уставот, е определено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно членот 32 ставови 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална безбедност за време на привремена невработеност и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со членот 55 од Уставот се гаранитира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Со Законот за превоз во патниот сообраќај пропишани се условите и начинот врз основа на кои може да се врши превоз на патници и стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај.

Во Глава IV. точка 1 од Законот, се определени и условите и начинот под кои превозникот може да врши меѓуопштински линиски превоз на патници.

Согласно членот 25 став 1 од Законот, е определено дека превозникот со вршење на меѓуопштински линиски превоз на патници може да отпочне по добивање на дозвола за определена линија издадена од Министерството за транспорт и врски.

Оспорениот член 33 став 1 од Законот, определува обврска за превозникот да продава возни билети на организирани места за продавање како што се автобуски станици, а по исклучок и во автобусот во случаи кога нема организирани места за продажба за што е должен да издаде фискална сметка за продадените билети.

Според членот 56 став 2 од Законот, на автобуските станици, може да се врши резервација и продажба на билети само за линии за кои е издадена дозвола и регистриран возен ред. Автобуската станица согласно членот 60 став 1 од Законот, е должна да води дневник за доаѓањето и поаѓањето на автобусите.

Имајќи ги предвид наводите содржани во иницијативите, дека со оспорената одредба од Законот се повредувал членот 55 од Уставот, бидејќи со неа се овозможувала монополска позиција на автобуските станици на штета на туристичките агенции и не се обезбедувала еднаква правна положба на економските субјекти на пазарот, по оцена на Судот, погрешно со иницијативата овие субјекти се позиционираат во иста категорија на субјекти, а со тоа и погрешно се приговара дека тие со оспорената одредба се ставени во нееднаква правна положба. Ова од причини што, според Судот таа категоризација е неоснована, бидејќи Судот, утврди дека овие субјекти припаѓаат на различни категории на вршители на дејност, уредена со различни закони, поради што не може да се подведе под сомнение согласноста на оспореното законско решение со Уставот. Имено, поаѓајќи од прашањата кои се уредени со Законот за превоз во патниот сообраќај, произлегува дека овој закон не уредува прашања од областа на туристичката дејност која ја вршат туристичките агенции, регулирани со Законот за туристичката дејност (“Службен весник на Република Македонија”, број 62/2004, 89/2008 и 12/2009). Во членот 12 став 6 од овој закон, утврдени се видовите на услуги кои ги вршат туристичките агенции, помеѓу другото и посредување и давање на услуги на патување и престој и други услуги врзани со нив, организирање продажба на билети и спроведување на излетнички програми, прифаќање и превоз на патници и продажба на билети за сите видови превозни средства и друго. Меѓутоа, во членот 15 став 1 точка 7 од истиот закон, утврдена е обврска на агенциите да склучува договори само со сообраќајни претпријатија чии превозни средства ги исполнуваат условите определени со пропис од областа на јавниот патен сообраќај. Законот за превоз во патниот сообраќај во посебна Глава IV точка 2, регулира прашања кои се однесуваат на слободниот превоз на патници, за однапред организирана група на патници, без попатно качување и слегување на патници, за кои релацијата, цената на превозот и другите услови се утврдуваат со договор меѓу превозникот и нарачателот на превозот како правно лице, притоа слободниот превоз на патници не смее да има елементи на линиски и посебен линиски превоз како што се релација, време на поаѓање и пристигнување и места за влегување и излегување на патници (член 46 ставови 3 и 4 од Законот).

Поаѓајќи од цитираните законски одредби, произлегува дека оспорената одредба од Законот, регулира прашања во врска со меѓуопштинскиот линиски превоз на патници, а не регулира прашања во врска со слободниот превоз на патници, кој во Законот е уреден на поинаков начин, како и прашања во врска со туристичките патувања и аранжмани, уредени со Законот за туристичката дејност. Имено, слободниот превоз на патници се уредува со договор кој се склучува помеѓу превозникот и нарачателот на превозот како правно лице, кое може да биде туристичка агенција која организира ваков тип на превоз при вршењето на туристичката дејност и истиот не смее да има елементи на линиски и посебен линиски превоз.

Поради изнесеното, според Судот, неосновани се наводите во две иницијативи, дека при нормирањето на оспорената законска одредба законодавецот не ги зел во предвид одредбите од членот 12 од Законот за туристичката дејност според кои туристичката агенција врши услуги и на продажба на возни билети, а со оспорената одредба од Законот, тоа право и е одземено што доведувало до монополско однесување на автобуските станици на штета на туристичките агенции, од причини што, Судот, утврди дека во конкретниот случај станува збор за возни билети, исклучиво кои се однесуваат само за меѓуопштинскиот линиски превоз, а не и за возни билети во врска со туристички патувања и превоз. Имено, дадената можност туристичките агенции помеѓу другото да организираат и продажба на билети, е во функција на прашањата кои Законот за туристичка дејност ги регулира, конкретно за спроведување на излетнички програми и слично, во врска со туристички патувања и аранжмани, за што агенциите се обврзани да склучуваат договори само со сообраќајни претпријатија чии превозни средства ги исполнуваат условите определени со пропис од областа на јавниот патен сообраќај, што значи тоа не се однесува за прашања во врска со меѓуопштинскиот линиски превоз, уредени со Законот за превоз во патниот сообраќај.

Според Судот, легитимно право на законодавецот е да ги утврди условите и начинот на вршење меѓуопштински линиски превоз на патници во внатрешниот патен сообраќај, во која смисла и да го услови вршењето на овој превоз со определување на организирани места за купување на возни билети под услови утврдени со закон. Тоа, истовремено, значи и овластување на законодавецот да цени и по потреба да ги менува, дополнува или укинува условите за вршење на овој превоз, вклучително и условите за продажба на возни билети со цел допрецизирање на одредбите и усогласување на оваа регулатива со правната регулатива на Европската унија со која се регулира превозот на патници и стока во патниот сообраќај. Притоа, законодавецот е обврзан да ги обезбеди условите кои ги пропишува да се однесуваат подеднакво на сите заинтересирани за вршење на оваа дејност. Во оваа смисла, законодавецот се определил, со измените на Законот од 2009 година, да го стесни кругот на местата кои ќе претставуваат организирани места за продавање на возни билети за меѓуопштинскиот линиски превоз, на начин што од овие места, се исклучени агенциите и претставништвата, како што било регулирано пред наведените законски измени, да претставуваат продажни места за возни билети од овој вид на превоз. Со оваа измена, интенцијата на законодавецот била што е можно повеќе да се заштитат патниците од можните грешки при издавањето на возни билети, како на пример дуплирање на билети, други малверзации, како и поради фактот што возните билети мораат да бидат унифицирани заради избегнување на случаи за една линија да се издаваат различни билети. Целта на ова законско решение, помеѓу другото била и евиденција на субјектите кои легално вршат превоз, а и елиминирање на нелегалните превозници и намалување на нелојалната конкуренција која негативно се одразува на финансиското работење на легалните превозници. На овој начин, според Судот, е обезбедено начелото на законитост, обезбедување на еднакви улови на правните и физичките лица кои се занимаваат со оваа дејност и транспарентност и ефикасност во постапката за распределба на возни редови за линиски превоз на патници.

Од уставноправен аспект, според Судот, оспореното законско решение, се однесува подеднакво за сите превозници кои вршат дејност на меѓуопштински линиски превоз и секој може да ја врши таа дејност во зависност од тоа кои услови од Законот ги исполнува, поради што Судот утврди дека со оспорената одредба од Законот не се повредуваат загарантираните уставни права на сопственост и на работа, нема дискриминација на превозниците кои се наоѓаат во иста фактичка и правна ситуација, ниту таа одредба создава правна несигурност на граѓаните, ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото и монополска положба на субјектите на пазарот.

Тргнувајќи од изнесеното, Судот оцени дека во конкретниот случај, не може да се постави прашањето за согласност на оспорената законска одредба со одредбите од Уставот.

6. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во врска со оспорените членови 89 ставовите 10 и 11 и 90 став 5 од Законот, Судот утврди дека по поднесувањето на иницијативата, била извршена измена и дополнување на Законот, односно со Законот за изменување и дополнување на Законот за патниот сообраќај (“Службен весник на Република Македонија” број 83/2010), односно со членот 23 од Законот, оспорените ставови 10 и 11 од членот 89 од Законот се бришани, а со членот 24 оспорениот став 5 на членот 90 од Законот, исто така, е избришан.

Бидејќи Судот утврди дека оспорените законски одредби не се повеќе во правниот поредок, за што веќе се произнел и овој суд со Решение У.бр.273/2009 од 15 септември 2010 година, согласно наведената деловничка одредба се настапени условите за отфрлање на иницијативите во овој дел.

7. Врз основа на гореизнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 279/2009
6 октомври 2010 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски