Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 29 септември 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 162 став 2 од Законот за банките (“Службен весник на Република Македонија” број 67/2007, 90/2009 и 67/2010) и член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за банките (“Службен весник на Република Македонија”, број 90/2007).
2. Анита Бегова, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените членови од Законот, означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорениот член 162 став 2 од Законот бил спротивен на членот 9 од Уставот затоа што заради ова законско решение се доведувало физичките и правните лица кои имале побарувања од банка по основ на депозити да имаат различна положба околу истекот на роковите за пријавување на нивните побарувања, а потоа и за нивно намирување. Понатаму, наведува дека оспорениот член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за банки (“Службен весник на Република Македонија”, број 90/2007), бил спротивен на член 52 став 4 од Уставот, бидејќи упатувал на повратно дејство и ќе довел до проблеми во смисла на намирувањата на побарувањата на физичките и правните лица по основ на депозити во банка ако ликвидационата односно стечајната постака започната до денот на влегувањето во сила на овој закон, била во завршна фаза, односно била пред заклучување или бришење на правниот субјект. Со стапувањето во сила на овој закон, според подносителот постоела голема веројатност дотогаш уредно навремените и регуларно пријавените побарувања да бидат задоцнето намирени од стечајната односно ликвидационата маса.
3. Судот на седницата утврди дека со членот 162 став 1 од Законот е определено дека рокот за пријавување на побарувањата на доверителите, одреден со решението на судот за отворање на стечајна постапка на банка, не може да биде подолг од 20 дена, а според оспорениот став 2 од истиот член од Законот, рокот од ставот 1 на овој член не се однесува на побарувањата на правни и физички лица по основ на депозити во банката и се сметаат за пријавени со денот на отворање на стечајната постапка на банката.
Судот, утврди исто така, дека според оспорениот член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за банките (“Службен весник на Република Македонија”, број 90/2007), побарувањата на правни и физички лица по основ на депозити во банка во постапките на стечај и ликвидација започнати до денот на влегувањето во сила на овој закон се сметаат за пријавени.
4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, помеѓу другото, претставува една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Според став 4 на овој член, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога е тоа поповолно за граѓаните.
Со Законот за банките (“Службен весник на Република Македонија”број 67/2007, 90/2009 и 67/2010) се уредува основањето, работењето, супервизијата и престанокот на работењето на банките и на филијалите на странски банки во Република Македонија, како и отворањето и работењето на филијали на банки од земји членки на Европската унија (член 1).
Во членот 7 став 1 од Законот, во 23 точки се наведени активностите што можат да ги вршат банките.
Во Делот XVI и Делот XVII од Законот се содржани одредбите за стечајната и ликвидационата постапка.
Во членот 157 став 9 од Законот е определено дека на стечајната постапка на банка соодветно се применуваат одредбите од Законот за стечај, доколку поинаку не е определено со Законот за банките. Според членот 4 став 5 од Законот за стечај (“Службен весник на Република Македонија” број 34/2006, 126/2006 и 84/2007) одредбите од овој закон не се применуваат на стечајната постапка над банки, штедилници, друштва за осигурување и други финансиски организации, освен одредбите со кои се уредуваат прашања кои не се уредени со посебните закони. Од овие одредби произлегува дека прашањата за стечај и ликвидација на банка се уредени со Законот за банките и со Законот за стечај само за прашања кои не се уредени со посебните закони, а во конкретниот случај – Законот за банките.
Со членот 162 став 1 од Законот е определено дека рокот за пријавување на побарувањата на доверителите, одреден со решението на судот за отворање на стечајна постапка на банка, не може да биде подолг од 20 дена, а според оспорениот став 2 од истиот член рокот од ставот 1 на овој член не се однесува на побарувањата на правни и физички лица по основ на депозити во банката и се сметаат за пријавени со денот на отворање на стечајната постапка на банката. Во случајов, законодавецот со оспорениот став 2 од членот 162 од Законот, определил исклучок од преклузивниот рок од 20 дена, определен во ставот 1 од наведениот член и пропишал дека тој рок не се однесува на побарувањата на правни и физички лица по основ на депозити во банката, односно дека тие побарувања се сметаат за пријавени со денот на отворање на стечајната постапка на банката. Од анализата на оспорената одредба од Законот, произлегува дека законодавецот уредил еднаков правен режим кој се однесува подеднакво за сите субјекти во правото, по ист основ, во случајов по основ на банкарски депозити, поради што судот оцени дека во конкретниот случај не може да се подведе под сомнение согласноста на оспорената законска одредба со членот 9 од Уставот. Од друга страна, прашањето за редоследот на намирувањето на пријавените побарувања од доверителите е прашања на примена на една цела комплексна материја уредена со закон, каде редоследот на намирувањата зависи од многу елементи утврдени со закон. Во овој случај, Судот утврди дека ова прашање не е предмет на уредување со оспорената одредба од Законот, која уредува ослободување од обврска за пријавување на побарувања по основ на депозити.
Со оспорениот член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за банките (“Службен весник на Република Македонија”број 90/2009), е определено дека побарувањата на правни и физички лица по основ на депозити во банка во постапките на стечај и ликвидација започнати до денот на влегувањето во сила на овој закон се сметаат за пријавени. Од анализата на оспорената одредба од измените на Законот, произлегува дека законодавецот го уредил преодниот период на стечајните и ликвидационите постапки на банка, кои биле започнати, а не биле завршени до стапување на сила на измените и дополнувањата на Законот. Тргнувајќи од изнесеното, Судот утврди дека со оваа оспорена одредба од измените на Законот не е пропишана ретроактивна примена на Законот која е понеповолна за граѓаните, поради што не може да се прифати тврдењето во иницијативата за ретроактивна примена на оспоренoто законско решение, а со тоа и прашањето за последиците од ретроактивното дејство на неговата примена, во смисла на одредбите од член 52 став 4 од Уставот. Ова од причина што овој член се однесува на незавршени постапки за стечај и ликвидација од каде во прашање се постапки што се уште траат и со изменувањето и дополнувањето на Законот само се создава обврска на надлежните органи веќе започнатите постапки да ги продолжат со примена на измените на Законот кој се однесува на предметната материја.
Тргнувајќи од напред наведеното, Судот утврди дека во конкретниот случај не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со одредбите на Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У. Бр. 214/2009
29 септември 2010 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски