Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 септември 2010 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА членот 23 став 3 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија„ бр.36/2010).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на нејзиното објавување во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.60/2010 од 30 јуни 2010 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот 23 став 3 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.
Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на наведениот член од Законот со Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека во делот од Законот, кој се однесува на „Права и обврски на воениот и цивилниот персонал„, со одредбите од членовите 6-29, се уредени прашањата за заклетва на воениот и цивилниот персонал при стапување во служба во Армијата, извршувањето на наредбите на претпоставен старешина, униформа на воениот персонал и работна облека на цивилниот персонал, легитимација и посебни исправи, персонално досие, надлежност за донесување наредби, заштита на правата од службата, носење и употреба на оружје, обврска за чување на класифицирана информација, правна помош, здравствена заштита, осигурување на воениот и цивилниот персонал и други прашања.
Во одредбите кои се однесуваат на „здравствената заштита„, е содржан и членот 23 од Законот, кој гласи:
„(1) На воениот и цивилниот персонал по престанокот на службата во Армијата, Министерството за одбрана му ги надоместува трошоците направени при користење на здравствени услуги за лекување на повреда и заболување здобиено за време на службата во Армијата.
(2) На лице кај кое ќе се појави заболување по престанокот на службата во Армијата, Министерството за одбрана му ги надоместува трошоците направени при користење на здравствени услуги во врска со лекувањето на тоа заболување, ако во рок од две години од денот на отпуштањето од Армијата го пријави заболувањето во Министерството за одбрана и ако военолекарската комисија утврди дека заболувањето настанало за време на службата во Армијата.
(3) Правата од ставовите (1) и (2) на овој член не се однесуваат на воениот и цивилниот персонал на кого службата му престанала поради дисциплинска постапка, престанок на службата, односно работниот однос по негово барање, поради еднострано раскинување на договорот и поради истекување на договорот за работа на професионалниот војник.
(4) На воениот и цивилниот персонал кој поради влошување на заболување кое го имал пред стапување на служба во Армијата му престане службата во Армијата, Министерството за одбрана му ги надоместува трошоците направени при користење на здравствени услуги во врска со лекувањето на тоа заболување, до излекување, односно до стабилизација на заболувањето, а најдолго две години од денот на престанокот на службата во Армијата.
(5) Надоместокот на трошоците од ставовите (1), (2) и (4) на овој член на воениот и цивилниот персонал се врши по претходно приложена уредна документација за направените трошоци, издадена од јавната здравствена установа.„
5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно членот 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.
Од анализата на оспорената одредба од членот 23 став 3 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија во контекст и на останатите одредби од овој член од Законот, Судот утврди дека основ за остварување на здравствената заштита, како посебно право од страна на воениот и цивилниот персонал по престанувањето на службата во Армијата, е постоењето на заболување или повреда кои се во врска со вршењето на службата во Армијата или лицата по престанок на службата во Армијата се здобиле со заболување или повреда од вршењето на службата, меѓутоа во случајов станува збор за иста категорија на лица, со ист статус и нарушена здравствена состојба настаната од службата во Армијата. Со оглед на тоа, Судот утврди дека со оспорената одредба од Законот неосновано се издвојува дел од овој персонал дека не може да ги остварува правата од ставовите 1 и 2 од овој член од Законот, само поради начинот на кој им престанала службата. Меѓутоа, тие лица се дел од персоналот на кои заболувањата им настанале од вршењето на службата во Армијата, и поради тоа за сите нив подеднакво треба да се однесува здравствената заштита утврдена со овој закон и тие лица треба да имаат ист правен третман во однос на остварувањето на правото на здравствената заштита.
Тргнувајќи од уставно судската анализа, Судот оцени дека оспорената одредба од Законот не е во согласност со наведените одредби од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.60/2010
22 септември 2010 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски