У.бр.228/2009-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 став 2 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 22 септември 2010 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за месечниот надоместок на членовите на Советот, за присуство на седници на Советот, за внатрешни и надворешни членови на Комисиите, надоместоци за склучување на бракови и друго, број 07-736/7, донесена на седница на Советот на Општина Желино, на 05.08.2009 година, објавена во “Службен гласник на Општина Желино” за 2009 година, број 11 од 23.09.2009 година.

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Фатмир Изаири, градоначалник на Општина Желино, со Решение У.бр. 228/2009 од 7 јули 2010 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Уставот и Законот.

5. Судот на седницата утврди дека Советот на Општина Желино, на седницата одржана на 05.08.2009 година, врз основа на членовите 32 и 45 од Законот за локалната самоуправа (“Службе весник на Република Македонија”, број 5/2002), одредби на Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избраните и именуваните лица во Република Македонија и членовите 22, 23, 26 и 27 од Статутот на општината Желино, “Службено гласило” број 10/2006, донел Одлука за месечен надоместок на членови на Советот, за присуство на седници на Советот, за внатрешни и надворешни членови на комисиите, надоместоци за склучување на бракови и друго.

Со членот 1 од оспорената одлука, бил утврден месечниот надоместок на членовите на Советот, за присуство на седници на Советот, надоместоците на внатрешните и надворешните членови на комисиите, надоместоците за склучување на бракови и други надоместоци кои произлегувале за вршење на неопходни работи.

Според членот 2 од оспорената одлука, месечниот надоместок за присуство на седници на Советот, бил утврден во процентуален износ од 84% од просечната месечна нето плата во Република, исплатена за претходната година. За внатрешните и надворешните членови на комисиите, надоместокот за дневница бил утврден на 1.000,00 денари и за учество во склучување на бракови, надоместокот за дневница бил утврден по 1.000,00 денари неделно (без оглед на склучените бракови во текот на неделата).

Во членот 3 од оспорената одлука, било определено и дека на членовите на Советот на општина и на членовите на комисиите на Советот, надоместоците за патни и дневни трошоци, кои произлегувале од редовното вршење на функциите, за службено патување во земја и надвор од земјата, им се исплаќале според прописите кои се однесувале на државните службеници, вработени во општинската администрација.

Со членот 4 од оспорената одлука, било определено дека со донесувањето на Одлуката, престанувала да важи Одлуката бр. 07-1085/5 од 12.11.2007 година која ја регулирала оваа материја, а според член 5, оспорената одлука влегувала во сила со денот на донесувањето и ќе се објавела во службено гласило на општината.

6. Согласно членот 8 став 1 алинеи 3 и 9 од Уставот на Република Макеоднија владеењето на правото и локалната самоуправа се утврдени како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 51 од Уставот, во Република Македонија е определено дека законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 45 од Законот за локалната самоуправа, членовите на советот имаат право на надоместок за присуство на седници и надоместок на патните и дневните трошоци, во рамките утврдени со закон.

Со членот 1 од Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката (“Службен весник на Република Македонија”, број 121/2007), во Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката (“Службен весник на СРМ број 36/90 и “Службен весник на Република Македонија”, број 38/91, 23/97, 37/2005 и 84/2005), по Дел “V. Надоместок на определени материјални трошоци и други примања”, додаден е нов “Дел V-a Надоместоци на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје” со пет нови членови 29-а, 29-б, 29-в, 29-г и 29-д.

Со членот 29-а се уредува дека на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје им припаѓа месечен надоместок за присуство на седниците на советот и надоместок на патните и дневните трошоци, а средствата за исплата на надоместоците се обезбедуваат во буџетот на општината и во Буџетот на градот Скопје.

Според членот 29-б од Законот, месечниот надоместок за присуство на седници на советот се утврдува во процентуален износ од просечната месечна нето плата во Републиката исплатена за претходната година, но не повеќе од 70%, а висината на месечниот надоместок за присуство на седниците се утврдува со одлуката за извршување на буџетот на општината и Буџетот на градот Скопје.

Со членот 29-д од Законот, е определено дека на членовите на советот на општините и на членовите на Советот на градот Скопје им се исплатуваат надоместоци за патни и дневни трошоци за службени патувања во земјата и во странство според прописите кои се однесуваат на државните службеници вработени во општинската администрација и во администрацијата во градот Скопје.

Со членот 4 од Законот за изменување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката (“Службен весник на Република Македонија”, број 161/2008), во членот 29-б бројот “70” е заменет со бројот “84”. Наведената измена се однесува на месечниот надоместок за присуство на седници на советот и била во примена во времето на донесувањето на оспорената одлука.

Од анализата на одредбите од членот 45 од Законот за локалната самоуправа и членот 29-а од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, Судот утврди дека законодавецот го утврдил правото на надоместок за присуство на седница и правото на надоместок на патни и дневни трошоци за членовите на советот.

Судот утврди дека овие одредби не предвидуваат право на други надоместоци на членовите на советот, како што е на пример за ангажираност на членови (внатрешни и надворешни) во работни тела-комисии и за ангажираност на членовите на советот за склучување на бракови. Имено, со одредбите од Законот за локалната самоуправа се решени прашањата за правото и висината на надоместокот на членовите на советот за присуство на седница на советот и за патните и дневните трошоци кои ги упатува на регулативата од Законот за државните службеници, а во конкретниот случај Судот утврди дека Советот на општина Желино, определува надоместоци во висина каква што доносителот на актот тоа го сметал за потребно без притоа да постои законски основ за определување на тие надоместоци.

Со оглед на тоа што Законот за локалната самоуправа и Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, не предвидуваат право на советниците на посебен надоместок за работа на внатрешните и надворешните членови на комисиите на советот на општината и надоместоци за склучување на бракови, какво што право е определено со одредбите од членот 1 и членот 2 од оспорената одлука, Судот утврди дека оспорената одлука не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот и со законите.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.228/2009
22 септември 2010 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски