У.бр.159/2010

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 14 став 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 септември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на

а) член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 97/2010 од 20 јули 2010 година);

б) Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 97/2010 од 20 јули 2010 година),
в) Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на јавните обвинители („Службен весник на Република Македонија“ бр. 97/2010 од 20 јули 2010 година).
г) Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на членовите на Судскиот совет на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 97/2010 од 20 јули 2010 година) и

д) Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 97/2010 од 20 јули 2010 година).
2. Уставниот суд на Република Македонија, по сопствена иницијатива, поведе постапка за оценување на уставноста на актите означени во точката 1 на ова решение.
Според Судот, наведените законски одредби претставуваат интервентна, временски ограничена мерка во платите на носителите на јавните функции за надминување на неповолните економски односи во државата и пошироко, при што неспорно е дека законодавецот има право и да ја уредува материјата на платите на носителите на јавните функции во Република Македонија и да врши нивни измени во такви услови. Но, како спорно се поставува прашањето дали оспорените измени не го нарушуваат системот на плати меѓу носителите на судската функција и другите избрани и именувани лица во Република Македонија, воспоставен уште во 1990-тите години, особено ако се има предвид дека во услови на криза товарот од рестриктивните мерки треба да го понесат сите подеднакво.

Доколку, пак, законодавецот се водел од принципот дека на носителите на судската функција не може да им се намали платата дури и во кризна состојба, тогаш се поставува прашањето зошто во оваа категорија на функционери се опфатени и членовите на Судскиот совет на Република Македонија и на Советот на јавните обвинители на Република Македонија кои немаат судска функција со оглед дека само вршат избори и разрешувања на судии односно јавни обвинители. Од друга страна, се поставува прашањето дали не се врши дискриминација на Уставниот суд, кој несомнено не е дел од организацијата на државната власт во која спаѓа судството, туку е посебен орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста, но кој по својата суштина врши судска функција во рамките на уставно утврдените надлежности меѓу кои спаѓаат и одлучувањето за слободите и правата на човекот и граѓанинот. Според тоа, се поставува прашањето дали со утврдувањето на две основици за формирање на плата не се нарушува системот на платите и не се создава нееднаквост меѓу носителите на судската функција и другите избрани и именувани лица во Република Македонија, како и дали на тој начин не се доведува во прашање темелната вредност-владеењето на правото.

3. Судот на седницата утврди дека со Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на СР Македонија“ бр.36/90 и „Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/91, 23/97, 37/2005, 84/2005, 121/2007, 161/2008, 92/2009, 42/2010 и 97/2010) се определува дека основицата за пресметување на платата на избраните и именуваните лица во Република Македонија е просечната месечна плата по вработен во Републиката за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика (член 11), дека таа основица се множи со утврдениот коефициент (член 10 став 1) и дека коефициентот изнесува од 2,2 до 4,5 (член 12).

Со Законот за изменување на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2010 од 14 мај 2010 година) се определува дека основицата за пресметување на платата на судиите е основицата која ја имаат избраните и именуваните лица во Република Македонија согласно со Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија (член 1). Притоа, таквата основица се множи со утврдениот коефициент (член 5 став 1 од Законот за платите на судиите-„Службен весник на Република Македонија“ бр.110/2007), кој коефициент изнесува од 2,8 до 3,7 (член 7 став 1 од Законот).

Со Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2010 од 14 мај 2010 година) се определува дека основицата за пресметување на платата на јавните обвинители е основицата која ја имаат избраните и именуваните лица во Република Македонија согласно со Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија (член 1). Притоа, таквата основица се множи со утврдениот коефициент (член 5 став 1 од Законот за платите на јавните обвинители-„Службен весник на Република Македонија“ бр.153/2009), кој коефициент изнесува од 2,8 до 3,7 (член 6 став 2 од Законот).

Со Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Судскиот совет на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2010 од 14 мај 2010 година) се определува дека основицата за пресметување на платата на членовите на Судскиот совет е основицата која ја имаат избраните и именуваните лица во Република Македонија согласно со Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија (член 1). Притоа, таквата основица се множи со утврдениот коефициент (член 4 од Законот за платите на членовите на Судскиот совет на Република Македонија-„Службен весник на Република Македонија“ бр.139/2009), кој коефициент изнесува од 3,7 до 4,0 (член 5 од Законот).

Со Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2010 од 14 мај 2010 година) се определува дека основицата за пресметување на платата на членовите на Советот на јaвните обвинители е основицата која ја имаат избраните и именуваните лица во Република Македонија согласно со Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија (член 1). Притоа, таквата основица се множи со утврдениот коефициент (член 4 став 1 од Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија – „Службен весник на Република Македонија“ бр.139/2009), кој коефициент изнесува од 3,7 до 4,0 (член 5 од Законот).

Според тоа, пресметувањето на платата на избраните и именуваните лица во Република Македонија, на судиите, на јавните обвинители, на членовите на Судскиот совет на Република Македонија и на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија се врши врз иста основица, таа основица е еднаква со просечната месечна плата по вработен во Републиката во претходната година според податоците на Државниот завод за статистика, таквата основица се множи со утврдениот коефициент кој се движи во законски определена рамка и сето тоа претставува систем на платите на носителите на јавните функции во Република Македонија.

Но, во член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2010 од 20 јули 2010 година) се определува дека: „Основицата утврдена согласно со членот 11 од Законот за плата …, во износ од 23.153 денари, се применува заклучно со исплатата на платите за декември 2011 година, а од јануари 2012 година се применува основица во износ од 25.726 денари.“

Со член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2010 од 20 јули 2010 година) се определува дека:„Основицата утврдена согласно со член 5 став 2 од овој закон е во износ од 25.726 денари и ќе се применува заклучно со декември 2011 година.“

Во член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на јавните обвинители („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2010 од 20 јули 2010 година) се определува дека: „Основицата утврдена согласно со член 5 став 2 од овој закон е во износ од 25.726 денари и ќе се применува заклучно со декември 2011 година.“

Со член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на членовите на Судскиот совет на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2010 од 20 јули 2010 година) се определува дека: „Основицата утврдена согласно со членот 4 став 2 од овој закон е во износ од 25.726 денари и ќе се применува заклучно со декември 2011 година.“

Во член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2010 од 20 јули 2010 година) се определува дека: „Основицата утврдена согласно со членот 4 став 2 од овој закон е во износ од 25.726 денари и ќе се применува заклучно со декември 2011 година.“

Другите одредби од наведените четири закони се во функција на реализација на наведениот член 1 од секој од тие закони.

Според тоа, од изнесените законски измени, направени на 20 јули 2010 година, произлегува дека се утврдени два различни износи на основицата за пресметување на плата на носителите на јавните функции во Република Македонија: едниот износ за избраните и именуваните лица во Република Македонија во висина од 23.153 денари, а другиот износ за членовите на Судскиот совет, судиите, членовите на Советот на јавните обвинители и за јавните обвинители, во висина од 25.726 денари, при што се определува различните износи на основиците да важат до крајот на 2011 година.
Од образложението на предлог-Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија произлегува дека износот од 23.153 денари бил утврден како намалување на платата на избраните и именуваните лица за 10 % (25.726 денари намалени за 10 %), а од образложенијата на четирите предлог -Закони произлегува дека износот од 25.726 денари за наведените четири категории носители на јавни функции не бил намален бидејќи на тие категории не можело да им се намалува платата по ниеден основ, освен поради индивидуална одговорност, заради остварување на независноста на судството (според образложението на предлог-Законот за платите на судиите, „Службен весник на Република Македонија“ бр.110/2007, тоа произлегувало од Универзалната декларација за независноста на правосудството, донесена од ООН во 1987 година, потоа од Препораката бр.(94) 12 за независноста, ефикасноста и улогата на судиите, донесена од Комитетот на министрите на Советот на Европа во 1994 година и од Европската повелба за статусот на судиите, донесена од Советот на Европа во 1998 година. Сепак, од содржината на наведените меѓународни акти не произлегува дека намалувањето на платите е исклучено и во услови на економска криза на општеството).
4. Според член 8 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба (став 1). Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (став 2).

Согласно член 50 став 1 од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1). Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони.

Според Амандман XXV на Уставот, судската власт ја вршат судовите (став 1). Судовите се самостојни и независни (став 2).

Според Амандман XXIX точка 1 на Уставот, Судскиот совет на Република Македонија ги избира и разрешува судиите и судиите поротници, утврдува престанок на судиската функција, ги избира и разрешува претседателите на судовите, ја следи и оценува работата на судиите, одлучува за дисциплинската одговорност на судиите, одлучува за одземање на имунитетот на судиите, предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија од редот на судиите и врши други работи утврдени со закон.

Според Амандман XXX точка 1 на Уставот, функцијата на јавното обвинителство ја вршат Јавниот обвинител на Република Македонија и јавните обвинители (став 2). Јавните обвинители ги избира Советот на јавните обвинители без ограничување на траење на мандатот (став 5).

Според член 108 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.

Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, покрај другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите, ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност (алинеи 1, 2 и 3).

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, дека таа темелна вредност се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите, при што секој мора да ги почитува Уставот и законите, дека Собранието на Република Македонија ги донесува законите, при што граѓаните мораат да бидат еднакви пред Уставот и законите и не можат да бидат дискриминирани во слободите и правата според полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Заради заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, граѓанинот може да се обрати до судовите и до Уставниот суд на Република Македонија, при што судовите ја вршат судската функција самостојно и независно, а Уставниот суд како орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста, одлучува за согласноста на законите со Уставот, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност. Судскиот совет на Република Македонија, пак, покрај другото ги избира и разрешува судиите, а Советот на јавните обвинители ги избира јавните обвинители.

Имајќи ја предвид изнесената уставна поставеност, нема сомнение дека законодавецот има уставно овластување да ги уредува општествените односи, односно да ги определува правата и обврските на граѓаните, а во тие рамки да ги утврдува и правата на носителите на јавните функции во Република Македонија, вклучително и нивната плата, па и нејзините промени во услови на криза. Но, како спорно се поставува прашањето дали предвидувањето различни износи на основицата за пресметување на плата на носителите на јавните функции во Република Македонија во услови на криза (23.153 денари за избраните и именуваните лица на Република Македонија, а 25.726 денари за судиите, јавните обвинители, членовите на Судскиот совет и членовите на Советот на јавните обвинители) не го нарушува системот на плати на носителите на јавните функции во Република Македонија и дали товарот на рестриктивните мерки треба нееднакво да се распореди меѓу носителите на јавните функции во услови на криза. Ова особено што и судиите и јавните обвинители се исто така граѓани и нивниот посебен статус и улога во општеството не им обезбедува имунитет во ситуација кога државата, справувајќи се со комплексноста на економската ситуацијата, презема мерки кои се однесуваат на сите граѓани. Во услови на економска криза секој граѓанин има пропорционална одговорност за отстранување на негативните последици од кризата, а носителите на јавни функции, вклучително и судиите и јавните обвинители, треба солидарно да учествуваат во тој процес заедно со сите други граѓани.

Доколку, пак, законодавецот се водел од принципот дека на носителите на судската функција не може да им се намали платата дури и во кризна состојба, иако од содржината на меѓународните акти наведени во образложенијата на означените четири закони не произлегува дека тие правила се однесуваат и во услови на криза, тогаш се поставува прашањето зошто во оваа категорија на функционери се опфатени и членовите на Судскиот совет на Република Македонија и на Советот на јавните обвинители на Република Македонија кои немаат судска функција со оглед дека вршат избори и разрешувања на судии односно јавни обвинители. Од друга страна, пак, се поставува прашањето дали не се врши дискриминација на Уставниот суд, кој несомнено не е дел од организацијата на државната власт во која спаѓа судството туку е посебен орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста, но кој по својата суштина врши судска функција во рамките на уставно утврдените надлежности, меѓу кои спаѓаат одлучувањето за согласноста на законите со Уставот и согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, како и одлучувањето за слободите и правата на човекот и граѓанинот. Притоа, треба да се има предвид член 111 став 1 од Уставот, според кој, функцијата судија на Уставниот суд е неспојлива со вршење друга јавна функција и професија или со членување во политичка партија, исто како што судиската функција е неспојлива со членување во политичка партија или со вршење на друга јавна функција или професија утврдена со закон (Амандман XXVII точка 2 на Уставот), функцијата избран член на Судскиот совет е неспојлива со членување во политичка партија или со вршење на други јавни функциии и професии утврдени со закон (Амандман XXVIII точка 1 став 10 на Уставот) и функцијата Јавен обвинител на Република Македонија и јавен обвинител е неспојлива со членување во политичка партија или со вршење на други јавни функциии и професии утврдени со закон (Амандман XXX точка 1 став 10 на Уставот). Тоа значи дека Уставот на ист начин обезбедил претпоставки за независноста на судиите, обвинителите и уставните судии, а тој принцип не е испочитуван при последните измени на платите на носителите на овие значајни јавни функции. Токму во насока на обезбедувањето на независноста на судиите на Уставниот суд е и уставното решение од 111 став 4 од Уставот, со кое се утврдени крајно рестриктивни услови и случаи за престанување на функцијата, односно за разрешување на судијата на Уставниот суд од должноста. Така, се утврдува дека на судија на Уставниот суд функцијата му престанува ако поднесе оставка. Судијата на Уставниот суд ќе биде разрешен од должноста ако биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или кога трајно ќе ја загуби способноста да ја врши својата функција, што го утврдува Уставниот суд.

Тргнувајќи од наведеното, пред Судот се постави прашањето дали оспорените член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на судиите, член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на јавните обвинители, член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на членовите на Судскиот совет на Република Македонија и член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, со кои се определуваат различни износи на основицата за пресметување на плата на носителите на јавни функции во Република Македонија, се во согласност со темелната вредност владеењето на правото и со уставното начело на еднаквост утврдени во член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот.

Во однос, пак, на другите членови од четирите закони со кои се вршат измени и дополнувања на законите за платите на судиите, јавните обвинители, членовите на Судскиот совет на Република Македонија и членовите на Советот на јавни обвинители на Република Македонија, се поставува прашањето дали тие одредби можат да останат во правниот поредок по евентуалната интервенција во член 1 од секој од четирите закони, имајќи предвид дека се тие во функција на реализација на членот 1 од тие закони, односно дали нивното натамошно опстојување во правниот поредок не би значело повреда на принципот на владеењето на правото, утврден во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.159/2010
22 септември 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски