61/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 22 септември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 374 точка в) од Уредбата за спроведување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр. 66/2005, 73/2006, 40/2007, 62/2007, 42/2009 и 38/2010).

2. Ацо Павлоски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Уредбата наведена во точката 1 на ова решение.

Подносителот смета дека со оспорената одредба биле погодени македонските иселеници, пензионери, бизнисмени и студенти кои привремено живееле во Република Македонија, а имале регулиран престој и работеле во земјите на Европската унија и кои во текот на годината повеќе пати доаѓале во Република Македонија, односно заминувале во странство заради најразлични причини (инвестирање, посета на роднини и пријатели, здравствено лекување) при што тие ги користеле сопствените превозни средства, односно автомобили за приватна употреба. Тој смета дека со оспорената одредба им бала ограничена слободата на движење, им се одземала сопственоста на приватните возила, така што произлегувало дека тие би требало на секои шест месеци да купуваат други средства за приватна употреба во патниот транспорт, бидејќи повторно не им се дозволувал влез во татковината со истото превозно средство. Ваков дискриминаторски закон бил во употреба за време на поранешната СФРЈ и тој не бил европски закон, бидејќи никаде во Европа не се водела евиденција за тоа колку средствата за приватна употреба во транспортот престојувале на територија на друга членка на Унијата во текот на една година, туку слободно ја поминувале границата без каква и да било евиденција. Понатаму во иницијативата се наведува дека оспорената одредба претставувала озаконета присила на државјани на Република Македонија против сопствената волја да ја напуштаат сопствената држава со своите средства за приватна употреба во патниот транспорт кои потекнувале од земјите каде што живеат и работат и дека со истата на македонските иселеници временски им се ограничувала слободата на движењето на 12 месеци, бидејќи после 6 месеци слободно движење во сопствената држава со сопственото возило морале да ја напуштат Република Македонија. Со оспорената одредба на граѓаните им била ограничена сопственоста врз возилата што се употребуваат за приватни цели, бидејќи доколку тие останеле подолг период од 6 месеци во текот на 12 месеци, средството за транспорт ќе им било одземено, односно истите ќе биле третирани како царински прекршители во сопствената држава.

Подносителот, исто така, смета дека оспорената одредба била спротивна и на веќе потпишаното асоцијативно членство во Европската унија со што Република Македонија се обврзала да ги почитува, спроведува, усогласува и применува европските закони и регулативи со цел започнување преговори за полноправно членство во ЕУ. Наместо Царината да ја овозможува слободата на движење на стоки, луѓе, идеи, средства и капитал, со оспорениот член била ограничена слободата на движење на луѓе и средства, што било спротивно на основите на Европската унија која почивала на слободата на движењето на луѓе, стоки, капитал и идеи.

Поради наведените причини оспорената одредба била спротивна на член 11 став 3, член 27 ставови 1 и 2, член 30 став 1 и 3, член 49 став 1, член 51 став 1 и 2, член 54 став 3, член 1 од Протоколот кон Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи и спротивна на потпишаното и ратификувано асоцијативно членство на Република Македонија со Европската унија, поради што подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 374 точка в) од Уредбата и истиот да го поништи.

3. Судот на седницата утврди дека според член 374 од Уредбата за спроведување на Царинскиот закон, роковите за завршување на постапките на привремен увоз се:

„в) за средства за патен транспорт кои приватно се употребуваат:
– од студенти: периодот во кој студентот останува на царинското подрачје единствено за студирање;
– од лица кои извршуваат задачи кои имаат определено траење: периодот во кој ова лице останува во царинското подрачје единствено за извршување на својата задача;
– во други случаи, вклучувајќи животни за јавање или влечење и возила влечени од нив: шест месеци во период од дванаесет месеци“.

4. Согласно членот 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 27 од Уставот, секој граѓанин на Република Македонија има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира местото на своето живеалиште. Секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката. Остварувањето на овие права може да се ограничи со закон единствено во случаите кога тоа е потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.

Со членот 30 ставови 1 и 3 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување и никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободата и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Согласно ставот 3 од членот 54 од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Привремениот увоз е регулиран со Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр. 39/2005 и 4/2008), во кој во член 151 е определено дека со постапката на привремен увоз се овозможува употреба на странска стока во царинското подрачје, со целосно или делумно ослободување од плаќање на увозни давачки и без примена на мерки на трговска политика, ако истата е наменета за повторен извоз во непроменета состојба, освен вообичаеното намалување на вредноста заради нејзината употреба.

Согласно членот 151 од овој закон, одобрение за привремен увоз се дава на барање на лице кое ја употребува стоката или ја организира нејзината употреба.

Согласно членот 153 од Законот, царинскиот орган го определува рокот во кој увозната стока мора да биде повторно извезена или за неа да биде одредено ново царински дозволено постапување или употреба на стока. Тој рок мора да е доволно долг за да се исполни целта на привремениот увоз. Стоката може да остане во постапка на привремен увоз најдолго 24 месеца. Царинскиот орган, во зависност од случаите, може да одреди и покус рок. Одредбите од овој став не ја исклучуваат примената на посебните рокови пропишани во согласност со членот 154 од овој закон. Во зависност од исклучителни околности, царинскиот орган може, врз основа на образложено и оправдано барање на странката, да ги продолжи роковите наведени во ставовите 1 и 2 на овој член заради исполнување на целта на привремениот увоз.

Согласно членот 154 точка 1 од Законот, целосно ослободување од плаќање на увозни давачки во постапката на привремен увоз, во согласност со посебните услови и роковите определени со прописот од членот 257 на овој закон се одобрува, меѓу другите, и за транспортни средства.

Овие одредби од Царинскиот закон, понатаму се разработени во Уредбата за спроведување на Царинскиот закон, која во член 370 предвидува целосно ослободување од увозни давачки за средства за патен, железнички, воздушен и воден транспорт кога тие:

а) се регистрирани надвор од царинското подрачје на име на лице со седиште или живеалиште надвор од царинското подрачје; Меѓутоа доколку транспортните средства не се регистрирани, горенаведениот услов може да се смета за исполнет кога тие се сопственост на лице со седиште или живеалиште надвор од царинското подрачје;
б) се употребуваат од лице со седиште или живеалиште надвор од царинското подрачје.

Согласно оспорената одредба на членот 374 точка в) од Уредбата, роковите за завршување на постапките на привремен увоз се:

в) за средства за патен транспорт кои приватно се употребуваат:
– од студенти: периодот во кој студентот останува на царинското подрачје единствено за студирање;
– од лица кои извршуваат задачи кои имаат определено траење: периодот во кој ова лице останува во царинското подрачје единствено за извршување на својата задача;
– во други случаи, вклучувајќи животни за јавање или влечење и возила влечени од нив: шест месеци во период од дванаесет месеци.

Од наведените одредби произлегува дека привремениот увоз претставува посебна царинска постапка со која се овозможува странска стока, вклучително и возила што се регистрирани надвор од Македонија, на име на лице со седиште или живеалиште надвор од Македонија да се внесат и употребуваат на територијата на Република Македонија без плаќање на увозни давачки. Ваквата стока, вклучувајќи ги и транспортните средства, односно возилата мора да биде увезена за одредена цел и мора да биде наменета за повторен извоз во одреден рок во непроменета состојба, освен вообичаената амортизација поради нејзиното трошење при користењето. На овој начин привремениот увоз практично овозможува и државјаните на Република Македонија, кои се истовремено и државјани на други држави во кои работат и престојуваат да доаѓаат во Република Македонија со сопствените возила купени и регистрирани во таа држава, без притоа да подлежат на увозни давачки за тие возила (кои инаку, би биле предмет на редовен увоз, согласно царинските закони на Република Македонија) и со истите возила повторно да се вратат во земјата каде што работат и живеат.

Од наводите во иницијативата произлегува дека подносителот не го оспорува самиот привремен увоз, туку рокот од шест месеци, за период од 12 месеци, колку што максимум може да престојуваат возилата за приватна употреба на територијата на Република Македонија. Од одредбите на Уредбата и одредбите на Царинскиот закон произлегува дека овој рок не се однесува за сите случаи и дека тој може и да се продолжи. Имено, во самата оспорена одредба е предвидено дека во случај кога средствата за приватен транспорт се употребуваат од страна на студенти, тој период е всушност времето во кое студентот останува на царинското подрачје единствено за студирање; кога пак транспортните средства се употребуваат од страна на лица кои извршуваат задачи кои имаат определено траење, периодот во кој треба да заврши привремениот увоз се врзува за периодот во кој овие лица остануваат во царинското подрачје единствено за извршување на својата задача, додека пак рокот од шест месеци за период од 12 месеци се однесува на други, неопределени случаи. Од овие одредби може да се заклучи дека доносителот на Уредбата при определувањето на посебните рокови за завршување на постапката за привремен увоз, сепак водел сметка за целта поради која се внесуваат средствата за транспорт што приватно се употребуваат и лицата што ги употребуваат, што пак е во согласност со наведената одредба од член 153 од Царинскиот закон, според кој рокот за повторен извоз на стоката мора да е доволно долг за да се исполни целта на привремениот увоз и дека во зависност од исклучителни околности, царинскиот орган може, врз основа на образложено и оправдано барање на странката, да ги продолжи роковите наведени во овој член заради исполнување на целта на привремениот увоз.

За Судот, според тоа, се неприфатливи наводите во иницијативата дека оспорената одредба претставувала озаконета присилба на државјаните на Република Македонија против сопствената волја да ја напуштат сопствената држава, а особено наводите дека со нив им било ограничена слободата на движењето, од причина што ова прашање воопшто не е предмет на регулативата од областа на царините, туку подлежи на сосема други правила и прописи.

Наводите во иницијативата дека со оспорената одреба на граѓаните им било ограничено правото на сопственост, за Судот исто така, се неприфатливи. Имено, уставно загарантираното право на сопственост не е апсолутно право затоа што и сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Во таа смисла и сопственоста е ограничена ако се работи за јавен интерес утврден со закон. Според мислењето на Судот, иако во Царинскиот закон, изрично не е прокламиран јавниот интерес, со овој закон се уредува системот на царинската заштита на стопанството на Република Македонија што несомнено претставува јавен интерес за државата. Со оспорената одредба не се ограничува правото на сопственост врз средствата за средствата за патен транспорт, туку напротив со утврдениот режим на привремен увоз се овозможува тие да се користат согласно нивната намена – превоз за приватни потреби – и на територијата на Република Македонија, без при тоа да се плаќаат увозни давачки на кои, овие средства, согласно нивната намена и нивното странско потекло, инаку би подлежеле доколку не постои овој вид на царинска постапка.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од член 374 точка в) од Уредбата за спроведување на Царинскиот закон со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 61/2010
22 септември 2010
Скопје
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски