У.бр.104/2009-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 став 1 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 22 септември 2010 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ членовите 27, 28 и 29 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група (“Службен весник на Република Македонија” број 113/2007).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.104/2009 од 23 јуни 2010 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 27 од Законот, определува дека во воспитнообразовните установи може да се организира верско образование како изборен предмет согласно со закон и дека при подготвувањето на наставниот план и програма со кои се утврдува изборниот предмет од областа на верското образование може преку органот надлежен за работите во врска со односите меѓу државата и верските заедници да бидат консултирани црквата, верската заедница и религиозната група.

Судот, исто така утврди дека со оспорениот член 28 од Законот, е определено дека верско образование како изборен предмет можат да изведуваат лица кои ги исполнуваат посебните услови предвидени за таа цел, а според оспорениот член 29 од Законот дека учениците помлади од 15 години можат да посетуваат верско образование како изборен предмет врз основа на согласност на родителите или старателите.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Уставот на Република Македонија во делот кој се однесува на граѓанските и политички слободи и права, со членот 9 утврдил дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, како и дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со членот 16 став 1 од Уставот се гарантира слободата на уверувањето, а со членот 19 ставовите 1 и 2 од Уставот се гарантира слободата на вероисповеста и се гарантира слободното и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата.

Во делот на Уставот кој се однесува на економските, социјалните и културните права, со членот 44 е утврдено дека секој има право на образование.

Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.

Во членот 45 од Уставот, е определено дека граѓаните имаат право, под услови утврдени со закон, да основаат приватни образовни установи во сите степени на образованието, освен во основното образование.

Поаѓајќи од содржината на изнесените одредби од Уставот, произлегува дека:

-граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата;
-секому му се гарантира слободно изразување на верата;
-верските заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот;
-тие се слободни во основањето на верски училишта и други социјални и добротворни установи;
-правото да се припаѓа на одредена вера подразбира и право да не се припаѓа на ниедна религија и да не се исповедува нејзиното учење;
-не постои државна религија која би била повластена и не се признаваат никакви привилегии на било која вера по било кој основ;
-постои слобода на здружување на граѓаните заради остварување на нивните уверувања врз основа на програми и дејствувања кои не се насочени, покрај другото и кон верска омраза и нетрпеливост.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 7 од Законот за средното образование (“Службен весник на Република Македонија” број 44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006, 30/2007, 49/2007, 81/2008, 92/2008 и 33/2010), во средното училиште е забрането секакво политичко и верско организирање и дејствување. Во средното училиште не се дозволува организирање на верско образование.

Со оспорениот член 27 став 1 од Законот, се определува дека во воспитно образовните установи може да се организира верско образование како изборен предмет согласно со закон. Во ставот 2 од истиот член, е определено дека при подготвувањето на наставниот план и програма со кои се утврдува изборниот предмет од областа на верското образование може преку органот надлежен за работите во врска со односите меѓу државата и верските заедници да бидат консултирани црквата, верската заедница и религиозната група.

Според оспорениот член 28 од Законот, верско образование како изборен предмет можат да изведуваат лица кои ги исполнуваат посебните услови предвидени за таа цел, а според оспорениот член 29 од истиот закон, учениците помлади од 15 години можат да посетуваат верско образование како изборен предмет врз основа на согласност на родителите или старателот. Овие оспорени членови претставуваат доуредување на оспорениот член 27.

Од анализата на оспорените членови 27, 28 и 29 од Законот, произлегува дека во сите воспитнообразовни установи може да се организира верското образование како изборен предмет, изведувано од лица кои исполнуваат посебни услови за таа цел, како и обврска за родителска, односно старателска согласност за посетување на верско образование за лица помлади од 15 години.

Тргнувајќи од содржината на членот 1 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозни групи, Судот утврди дека со овој закон се уредува основањето и правниот статус на црквата, верската заедница и религиозната група, уредување на богослужба, молитва и верски обред, верска поука и образовни дејности, приходи на црквата, верската заедница и религиозната група, како и други прашања. Црквата, верската заедница и религиозната група се одвоени од државата и се еднакви пред закон. Судот утврди дека со членот 1 од Законот е определен предметот на уредување на овој закон во кој не е содржано прашањето кое се уредува со оспорените членови 27, 28 и 29 од Законот и е надвор од предметната законска содржина.

Прашањата за образовните дејности кои впрочем го опфаќаат верското образование, се уредени со членот 22 од овој закон, каде е определено дека црквата, верската заедница и религиозната група имаат право да основаат верски образовни установи од сите степени на образование, освен од основното образование, за школување на свештени лица и верски службеници и дека верските образовни установи се изедначени со другите образовни установи. Имено, со одредбите од членот 22 од Законот, е исцрпено прашањето за верското образование и секое друго доуредување како во оспорените членови 27, 28 и 29 од Законот, односно регулирањето на прашањето за верското образование и во останатите воспитнообразовни установи, излегува надвор од рамките на овој закон и уредува прашања за кои не постои уставно правна основа.

Во контекст на наведеното е членот 7 од Законот за средното образование според кој во средното училиште е забрането секакво политичко и верско организирање и дејствување и дека во средното училиште не се дозволува организирање на верско образование, како и Одлуката на Уставниот суд У.бр.202/2008 од 11 февруари 2009 година со кој е укинат членот 26 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.103/ 2008), со кој беше предвидено дека во основно училиште може да се остварува и верско образование како изборен предмет. Од овие причини, Судот утврди дека се доведува во прашање уставноправната издржаност и опстојувањето на овие оспорени законски одредби во правниот поредок.

Уставно правната оправданост на оспорените одредби од членовите 27, 28 и 29 од Законот, според Судот, заради можноста од нивна моментно неодредена, а екстензивна примена, се доведува во прашање не само во основните училишта и средните училишта од причини наведени погоре, туку и во останатите воспитнообразовни установи (универзитети, високо стручни школи), кои како јавни установи вршат дејност во областа на образованието, вклучувајќи ги сите, односно јавните, приватните и мешовитите воспитнообразовни установи.

Судот ги ценеше наводите од мислењето на Владата на Република Македонија дека државата има обврска не само да обезбеди право на образование на секого, туку и право на религиозно образование на секого, бидејќи со овозможување да се оствари ова право во училиштата, државата всушност ја извршувала својата обврска кон граѓаните, а не кон црквата, верските заедници и религиозни групи, но по однос на ова прашање овој суд веќе се произнел со Одлуката У.бр. 202/2008 од 15 април 2009 година, со која е укинат членот 26 од Законот за основното образование, бидејќи Судот оценил дека со укинатата одредба со која беше предвидено дека во основно училиште може да се остварува и верско образование како изборен предмет, се создава можност во основното образование да се воведе предмет во кој се изучува определена вера, со кој се врши воведување на правила според кои треба да се однесува припадникот на определена вероисповед, или како што се нарекува – вероучение, верска поука или, најчесто, веронаука и дека ваквиот облик на верско образование што произлегува како можност од Законот, го надминува академскиот и неутрален карактер на наставата, што инаку е карактеристика на јавното, државно образование и ја инволвира државата во организирањето на таква верска настава, наспроти изнесениот принцип на одвоеност на државата и црквата. Исто така, Судот укажува дека толкувањето на одредбите од Европската конвенција за човекови права не го прават државите –потписнички по свое наоѓање, туку Европскиот суд за човекови права преку својата пракса и пресуди.

Согласно изнесеното, Судот, утврди дека оспорените членови 27, 28 и 29 од Законот не се во согласност со Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе, со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.104/2009
22 септември 2010 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски