У.бр.56/2010-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и членот 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 15 септември 2010 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ:

– Член 8 став 8, член 9 во делот: „и докази“, член 10 во делот: „и докази“, член 11 став 2, член 13 став 2, член 15 ставови 1 и 2, член 17, член 18-а, член 24, член 26 став 1 и член 27 од Правилникот за постапката на дисциплинска одговорност на судиите („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/2007 и 142/2009).

– Член 8 став 8, член 9 во делот: „и докази“, член 10 во делот: „и докази“, член 11 став 2, член 13 став 2, член 15 ставови 1 и 2, член 17-а, член 22 став 1 и член 23 од Правилник за постапката и начинот за утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/2007 и 142/2009).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.56/2010 од 23 јуни 2010 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од правилниците, означени во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со одредбите на Уставот, со одредбите на Законот за Судскиот совет на Република Македонија и со одредбите од Законот за судовите.

4. Судот на седницата утврди дека, Правилникот за постапката на дисциплинска одговорност на судиите е донесен врз основа на член 55 став 8 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија. Истиот има 29 членови систематизирани во седум глави: I Општи одредби (членови 1-3), II Барање за поведување дисциплинска постапка (членови 4-7), III Претходна постапка (членови 8-10), IV Поведување дисциплинска постапка (членови 11-20), V Донесување одлуки (членови 21-27), VI Изменување и дополнување на Правилникот (член 28) и VII Преодни и завршни одредби (член 29).

Правилникот за постапката и начинот на утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција е донесен врз основа на член 58 став 1 во врска со член 55 став 8 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија. Истиот има 27 членови систематизирани во седум глави: I Општи одредби (членови 1-4), II Барање за поведување постапка (членови 5-7), III Претходна постапка (членови 8-10), IV Поведување на постапка (членови 11-19), V Донесување одлуки (членови 20-23), VI Изменување и дополнување на Правилникот (член 24) и VII Преодни и завршни одредби (членови 25-27).

5. Согласно членот 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Согласно член 99 став 1 од Уставот, судијата се избира без ограничување на траењето на мандатот.

Според Амандман XXVI точка 1 став 2 на Уставот, судијата се разрешува:
– поради потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција пропишана со закон и
– поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција под услови утврдени со закон.

Според Амандман XXVIII точка 1 став 1 на Уставот, Судскиот совет на Република Македонија е самостоен и независен орган на судството. Советот ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт.

Согласно Амандман XXIX точка 1 став 1 на Уставот, Судскиот совет на Република Македонија:
– ги избира и разрешува судиите и судиите поротници;
– утврдува престанок на судиската функција;
– ги избира и разрешува претседателите на судовите;
– ја следи и оценува работата на судиите;
– одлучува за дисциплинската одговорност на судиите;
– одлучува за одземање на имунитетот на судиите;
– предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија од редот на судиите и
– врши други работи утврдени со закон.

Со Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006 и 35/2008), се утврдуваат условите за избор на судии (член 45 и член 46).

Според член 74 став 1 од овој закон, судијата се разрешува од судиската функција:
– поради потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција пропишана со закон и
– поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција под услови утврдени со закон.

Со член 75 од овој закон, се пропишува дека под нестручно и несовесно вршење на судиската функција се подразбира незадоволителна стручност или несовесност на судијата што влијае на квалитетот и ажурноста во работењето, и тоа:
– доколку две години по ред Судскиот совет на Република Македонија оцени дека судијата покажува незадоволителни резултати, особено преку ненавремено донесување на судските одлуки, неефикасно и неажурно водење на судската постапка, број на потврдени, преиначени и укинати судски одлуки,
– несовесно, ненавремено или немарно вршење на судската функција во водењето на судската постапка по одделни предмети,
– пристрасно водење на судската постапка особено во однос на еднаквиот третман на странките,
– постапување со предметите спротивно на начелото за судење во разумен рок, односно одолжување на судската постапка без постоење на законски основ,
– неовластено издавање на класифицирани информации,
– јавно изнесување на информации и податоци за судски предмети за кои не е правосилно одлучено,
– намерно повредување на правилата за правично судење,
– злоупотребување на положбата или пречекорување на службените овластувања,
– повреда на прописите или на друг начин нарушување на независноста на судиите при судење и
– грубо повредување на правилата на Судискиот кодекс со кој се нарушува угледот на судиската функција.

Потешката дисциплинска повреда, која може да биде основ за разрешување на судијата, се утврдува со член 76 од Законот. Така, се пропишува дека под потешка дисциплинска повреда за која се поведува постапка за дисциплинска одговорност на судија за разрешување, се смета:
1) потешка повреда на јавниот ред и мир со која се нарушува неговиот углед и угледот на судот;
2) потешка повреда на правата на странките и на другите учесници во постапката со што се нарушува угледот на судот и судиската функција и
3) повреда на начелото на недискриминација по кој било основ.

Според член 2 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија, Судскиот совет на Република Македонија е самостоен и независен орган на судството. Советот ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, преку остварување на своите функции согласно со Уставот и законите.

Според член 31 на овој закон, Советот е надлежен:
– да ги избира и разрешува судиите;
– да ги избира и разрешува претседателите на судовите;
– да утврдува престанок на судиската функција;
– да избира и разрешува судии поротници;
– да ја следи и оценува работата на судиите;
– да одлучува за дисциплинска одговорност на судиите:
– да утврдува престанок на судиска функција поради трајна неспособност за работа на судија;
– да одлучува за одземање на имунитет на судија;
– да одлучува по барање за одобрување на притвор на судија;
– да предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија од редот на судиите;
– да одлучува за времено отстранување на судија од вршење на судиска функција;
– да го утврдува бројот на потребните судиски места по судови;
– да ги разгледува и оценува тримесечните и годишните извештаи за работа на судовите;
– да се грижи за угледот на судиите и довербата на граѓаните кон судството;
– да постапува по претставки и поплаки на граѓаните и правните лица за работата на судиите и судовите;
– да поднесува извештај за работата;
– да донесе деловник и други општи акти со кои ги уредува работите од својата надлежност и
– да врши и други работи утврдени со закон.

Условите за избор на судија на повисок суд се утврдени со член 41 од овој закон. Така, во став 2 на овој член се пропишува дека Советот за судија на апелационен суд, Управниот суд и Врховниот суд на Република Македонија ќе избере лице кое има највисоки стручни и професионални квалитети, кое ужива углед во вршењето на судиската функција, а врз основа на критериуми, децидно утврдени во девет точки.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби, неспорно произлегува дека Судскиот совет на Република Македонија е самостоен и независен орган на судството кој ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт. Понатаму, Уставот ги утврдил, а Законот за Судскиот совет на Република Македонија ги доразработил надлежностите на Судскиот совет, меѓу кои спаѓа и разрешувањето на судиите, од каде овој орган има уставна и законска надлежност да ги разрешува носителите на судиската функција.

Тргнувајќи од утврдената фактичка и правна состојба, се поставува прашањето дали Уставот остава простор разрешувањето на судиите, Судскиот совет да го врши врз основа на постапка која ја пропишал законот и тој треба само да го спроведува законот или пак самиот Совет ја пропишува со подзаконски акт постапката за разрешување на судиите. Притоа, според Судот, за одговор на ова прашање од суштинско значење е, содржината на Амандман XXVI точка 1 став 2 на Уставот, на членовите 2 и членовите 53 до 60 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија и на членот 41, членовите 74 до 79 од Законот за судовите.

Според Амандман XXVI точка 1 став 2 на Уставот, судијата се разрешува:
-поради потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција пропишана со закон и
-поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција под услови утврдени со закон.

Според член 2 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија, Судскиот совет како самостоен и независен орган на судството кој ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, своите функции ги врши согласно со Уставот и законите.

Според член 53 од истиот закон, (содржински идентичен со Амандман XXVI точка 1 став 2 на Уставот) судијата се разрешува од судиската функција:

1) поради сторена потешка дисциплинска повреда пропишана со закон што го прави недостоен за вршење на судиската функција и
2) поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција, утврдено со закон.

Во членот 54 од Законот е уредено утврдувањето на потешка дисциплинска повреда, а во членот 55 самата дисциплинска постапка, додека во оспорениот член 55 став 8 од истиот закон, е дадено овластување на Советот да донесе правилник со кој ќе се уреди текот на постапката и водењето на постапката. Какви одлуки може да донесе Советот е уредено во членот 56 од Законот, а кои дициплински мерки може да ги изрече е уредено во членот 57 од Законот.

Постапката за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција е утврдена со член 58 од Законот за судскиот совет. Според ставот 1 од овој член од Законот, постапката за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција се води согласно со членот 55 од овој закон, а ја спроведува Комисија за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Временото отстранување од вршењето на судиската функција е уредено во членот 59, а правото на жалба во членот 60 од Законот.

Според членот 41 од Законот за судовите, судиите и претседателите на судовите ги избира и разрешува Судскиот совет на Република Македонија под услови и во постапка утврдени со закон. Во членовите 74 до 79 од Законот се уредени прашањата кои се однесуваат на условите за разрешување на судиите, што се смета за нестручно и несовесно вршење на судиската функција како и за потешка дисиплинска повреда и се утрдени дисциплинските мерки.

Тргнувајќи од анализата на наведените законски одредби, произлегува дека законодавецот го уредил најголемиот број на прашања поврзани со нестручното и несовесно вршење на судиската функција, со дисциплинските повреди, како и со постапките што се однесуваат на ваквите правни ситуации. Воедно, оставено е овластување со членот 55 став 8, односно 58 став 1 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија, Советот со правилник, во функција на доразработка на законските одредби, поблиску да го уреди текот на постапката и водењето на постапката и тоа не само дисциплинската, туку и постапката за нестручно и несовесно вршење на судиската функција, што не е идентично со овластување за уредување на самите постапки.

Според Судот, законско овластување за донесување на два различни правилници во функција на доразработка на законските одредби кои ја уредуваат дисциплинската постапка и постапката за утврдување на несовесно и нестручно вршење на судската функција и тоа во правец на уредување на текот и водењето на постапката постои во оспорениот член 55 став 8 и членот 58 став 1 од Законот за судскиот совет на Република Македонија. Според тоа, постои уставен и законски основ за доразработката на конкретната проблематика, а со цел полесно спроведување на пропишаните постапки, од каде Судскиот совет има законско овластување за донесување на правилници за текот и водењето на постапките. Тука се имаше предвид и фактот дека целината на оспорените правилници, во најголем дел е во целост идентична со членовите 55 до 60 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија и преставува нивна доразработка во функција на нивно спроведување.

Меѓутоа, одделни одредби од правилниците, според својата содржина преставуваат изворно уредување на наведените постапки бидејќи уредуваат прашања кои се однесуваат на принципите и правилата на постапките, роковите, како и на правата и обврските на учесниците во постапките и самиот Судски совет, бидејќи за тие прашања не постои законско уредување. Така, во членот 8 став 8 од Правилникот за постапката за дисциплинска одговорност на судиите и Правилникот за постапката и начинот на утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција е предвидено дека доставувањето по електронски пат се врши согласно со одредбите од Законот за парничната постапка.

Според членот 9 од двата правилника, Комисијата прибавува податоци и докази што се од интерес за утврдување на состојбата во врска со утврдување на нестручното и несовесното вршење на судиската функција, а според членот 10 од истите правилници, врз основа на прибавените податоци и докази од член 9 од овој правилник, Комисијата поднесува извештај со предлог за основаноста на барањето до Советот. Во членот 55 став 6 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија е предвидено дека Дисциплинската комисија кога ќе го добие барањето, прибавува податоци и поднесува извештај со предлог за основаноста на барањето до Советот кој одлучува за поведување на постапката или за запирање на постапка.

Во членот 11 став 1 од двата правилника е предвидено дека, Советот на седница расправа по барањето и предлогот на Комисијата и одлучува за поведување или запирање на постапката. Во членот 11 став 2 од двата правилника е предвидено дека, одлуката од ставот 1 на овој член Советот ја донесува со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.

Во членот 13 став 2 од двата правилника е предвидено дека, при одлучувањето за времено отстранување на судијата од вршење на судиската функција, Советот ќе ги има предвид следните околности: тежината на сторената повреда и нејзините последици, околностите под кои е сторена повредата, однесувањето на судијата по сторувањето на повредата и сите други околности кои можат да влијаат на донесувањето на одлуката за времено отстранување од вршењето на судиската функција. Во членот 24 од Правилникот за дисциплинската одговорност на судиите е предвидено дека, при изрекувањето дисциплински мерки од член 23 од овој Правилник, Советот ќе ги има предвид следните околности: бројот и тежината на сторените повреди и нивните последици, степенот на одговорност, околностите под кои е сторена повредата, дотогашната работа и однесувањето на судијата, како и сите други околности кои можат да влијаат на видот на одлуката, вклучително и соработката што ја покажал судијата во текот на дисциплинската постапка. Ваквото уредување во наведените одредби од правилниците во голема мера потсетува на содржината на членот 39 од Кривичниот законик кој ги уредува општите правила за одмерување на казната.

Според членот 15 став 1 од двата правилника, на расправата се покануваат подносителот на барањето и судијата на кои им се доставуваат прибавените докази од Комисијата. Според ставот 2 од членот 15 од двата правилника, по доставените докази од ставот 1 на овој член, судијата може писмено да се произнесе во рок од 8 дена од приемот на доказите. Според член 16 став 1 од двата правилника, на расправата ќе се изведат доказите предложени од подносителот на барањето, судијата, како и доказите што ги прибавила Комисијата.

Во членот 17 став 1 од Правилникот за постапката на дисциплинска одговорност на судиите е предвидено, ако изведените докази укажуваат на сторена потешка дисциплинска повреда која не била наведена во барањето, подносителот на барањето може да го преиначи барањето. Подносителот на барањето може да го преиначи барањето на записник пред Комисијата или да бара расправата да се одложи заради изготвување на новото барање, а судијата може веднаш да даде одговор на барањето или да бара одлагање на расправата заради изготвување на одговор на наводите во преиначеното барање (став 2). Примерок од записникот му се врачува на судијата (став 3). Рокот за одговор на барањето е три дена (став 4). По дадениот одговор на барањето, Комисијата во рок од 8 дена поднесува извештај со предлог за основаноста на новото барање до Советот кој одлучува за поведување на постапка или за запирање на постапката по новото барање (став 5).

Според членот 17-а став 1 од Правилник за постапката и начинот за утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција, ако изведените докази укажуваат и на друга сторена повреда од членот 75 од Законот за судовите со дејствија различни од дејствијата со кои е сторена повредата за која е поведена постапката, барателот може да го прошири барањето со истакнување и на друго барање покрај постојното. Подносителот на барањето може да го прошири барањето на записник пред Комисијата или да бара расправата да се одложи заради изготвување на новото барање, а судијата може веднаш да даде одговор на барањето или да бара одлагање на расправата заради изготвување на одговор на наводите во проширеното барање (став 2). Рокот за одговор на барањето е 8 дена (став 3). По дадениот одговор на барањето, Комисијата во рок од 8 дена поднесува извештај со предлог за основаноста на новото барање до Советот кој одлучува за поведување на постапка или за запирање на постапката по новото барање (став 4). Комисијата ќе расправа и за новото барање без да постапи согласно став 4 од овој член ако судијата се согласи со тоа (став 5). Барањето не е проширено ако барателот го дополни барањето со други дејствија на сторување на повредата за која е повредена постапка (став 6). Во случајот од став 6 на овој член на судијата му се овозможува да се изјасни и за други дејствија, а ако бара одлагање на расправата заради подготвување одговор, Комисијата ќе ја одложи расправата и примерок од записникот ќе му достави на судијата (став 7). Комисијата не е врзана за правната квалификација на повредата наведена во барањето (став 8). Идентична содржина има и членот 18-а од Правилникот за постапката на дисциплинска одговорност на судиите.

Во членот 26 став 1 од Правилникот за постапката на дисциплинска одговорност на судиите, односно во членот 22 став 1 од Правилник за постапката и начинот за утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција е предвидено дека решението за разрешување на судија, Советот го донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.

Според членот 27 од Правилникот за постапката на дисциплинска одговорност на судиите, односно според членот 23 од Правилник за постапката и начинот за утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција, против решенијата на Советот за разрешување на судија, односно изречената дисциплинска мерка, судијата има право на жалба до Советот за одлучување по жалбите на Судскиот совет, формиран при Врховниот суд на Република Македонија, во рок од 8 дена од приемот на решението.

Од анализата на Законот за Судскиот совет на Република Македонија и Законот за судовите, како целини произлегува дека во нив не постои законско уредување кое упатува дека доставувањето воопшто и доставувањето по електронски пат за учесниците во двете постапки ќе се врши според одредбите од Законот за парничната постапка. Од содржината на членот 55 став 6 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија произлегува дека Комисијата нема законско овластување за прибавување на докази, како што е предвидено во членовите 9 и 10 од правилниците, кое овластување изворно се појавува во двата правилника. Притоа, прибавувањето на докази е дел од доказната постапка што ја спроведуваат процесни органи, но не и комисии. Во наведените закони не постои законско уредување за тоа колкав број на судии треба да гласаат по предлогот на Комисијата за поведување или запирање на постапката за да смета дека Советот донел одлука по предлогот. Исто така, не е содржано упатување на одредбите од Кривичниот законик, ниту пак самите закони уредуваат што се смета како олеснителна или отежнителна околност која е од влијание за временото отстранување на судијата од вршење на судиската функција, односно за видот на одлуката во спроведената дисциплинска постапка. Потоа, не е содржано уредување кое им дава овластување на двете комисии да прибавуваат докази во врска со поднесеното барање за поведување на постапка, а исто така не е утврден рок од 8 дена за произнесување на судијата по прибавените докази од страна на комисиите. Можноста за преиначување или проширување на еднаш поднесено барање за поведување на некоја од постапките во наведените закони нема. Исто така, во законите не е утврдено право на судијата да даде одговор на барањето во рок од 3, односно 8 дена. Законот за Судскиот совет на Република Македонија во членот 60 утврдил право на жалба против одлуките на Судскиот совет, го утврдил органот кој одлучува по изјавената жалба на судијата, но не го утврдил рокот за изјавување на жалбата. Конечно не е предмет на законско уредување со какво мнозинство ја донесува Советот одлуката за разрешување на судијата.

Според Судот, означената проблематика единствено може да биде предмет на уредување со закон, но не и со подзаконски акт, како што е направено во конкретниот случај.

Имајќи предвид дека Судскиот совет на Република Македонија е самостоен и независен орган на судството кој ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, но и тоа дека истиот нема уставно и законско овластување во подзаконски акт да пропишува значајни прашања од областа на разрешувањето на судиите кои имаат директно влијание на исходот на постапката, произлегува дека Судскиот совет во овој случај излегол од уставно и законски утврдената надлежност за спроведување на постапката за разрешување на судиите.

Од наведените уставни одредби, произлегува дека основен принцип во организацијата и вршењето на власта е нејзината поделба на законодавна, судска и извршна. Уставното уредување на овој принцип, на носителите на одделните функции на власта, нивните посебни надлежности, содржината и начинот на нивното вршење, како и нивните меѓусебни односи, заради карактерот на Уставот, како највисок правен акт во правниот систем, според оцена на Судот ја исклучува можноста со акт на самостоен и независен орган на судството, чија уставна функција е обезбедување и гарантирање на самостојноста и независноста на судската власт, да се менува неприкосновената положба на Собранието како носител на законодавната власт. Во тие рамки, вршењето на законодавната функција не е само право туку и обврска на Собранието која не може надвор од случаите утврдени со Уставот и со законите, со друг општ акт на независен орган од судската власт да се менува со акти пониски од закон.

Судот, воедно имаше предвид дека член 32 став 5 од Уставот предвидува дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, од каде произлегува дека и прашањата поврзани со престанок на работниот однос, поради разрешување од функција на судиите не може да биде предмет на уредување со подзаконски акти, туку се уредува со Устав (Амандманот XXVI) и закон. Ова поради тоа што со означените одредби од Правилниците се овозможува спротивно на уставните и законски норми, носителите на судиската функција да бидат разрешени според правила, принципи и услови на постапка која не е пропишана со закон од страна на носителот на законодавната власт, туку со правилник донесен од самостоен и независен орган на судството, чија уставна функција е обезбедување и гарантирање на самостојноста и независноста на судската власт, а не е донесување на регулатива, според која надвор од уставни и законски утврдени рамки ќе се наметнува престанок на судиската функција.

Според оцена на Судот, разрешувањето на судиите поради дисциплинска повреда или поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција се прашањата кои директно се поврзани со остварување на правата од работен однос, кои, согласно Уставот, можат единствено да бидат уредени со закон, на што упатува и членот 41 од Законот за судовите и со колективни договори. Оттука, уредувањето на постапката за разрешување на судиите може да биде предмет на уредување со закон, но не и со правилници донесени од Судскиот совет на Република Македонија, поради што произлегува дека одделни одредби од правилниците немаат уставна и законска основа за нивно донесување. Впрочем, членот 55 став 8 од Законот за судскиот совет на Република Македонија, не содржи овластување за изворно уредување на постапката, туку за доразработка на текот на постапката и нејзиното водење што е и направено со поголемиот дел од одредбите на оспорените правилници.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека означените одредби од правилниците не се во согласност и со член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија.

Воедно, врз основа на вака направената анализа произлегува дека одделни одредби од двата правилника не се во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, бидејќи принципите, правилата, роковите, потребното мнозинство за носење на одлуките на Советот и правата и обврските на учесниците во постапката за разрешување на судиите се утврдуваат со закон, а со подзаконски акт се врши нивна доразработка, што е принцип во согласност со начелото на владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Со оглед на тоа што овластување за уредување на овие прашања со подзаконски акт не е ниту дадено, ниту пак е уставно и законски оправдано наведените одредби од двата правилника не се во согласност со Амандман XXVI точка 1 став 2 на Уставот, со членовите 2 и со членовите 53 до 60 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија, како и со членот 41 и со членовите 74 до 79 од Законот за судовите.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека член 8 став 8, член 9 во делот: „и докази“, член 10 во делот: „и докази“, член 11 став 2, член 13 став 2, член 15 ставови 1 и 2, член 17, член 18-а, член 24, член 26 став 1 и член 27 од Правилникот за постапката на дисциплинска одговорност на судиите, како и член 8 став 8, член 9 во делот: „и докази“, член 10 во делот: „и докази“, член 11 став 2, член 13 став 2, член 15 ставови 1 и 2, член 17-а, член 22 став 1 и член 23 од Правилник за постапката и начинот за утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција не се во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, со Амандманот XXVI точка 1 став 2 на Уставот, како и со членовите 2 и 55 став 8 од Законот за судскиот совет на Република Македонија и член 41 од Законот за судовите.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.56/2010
15 септември 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски