98/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 септември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за именување на членови на Управниот одбор на ЈЛБ „Илинден“ Делчево бр.07-312/1, донесена од Советот на општина Делчево на 26 мај 2009 година.

2. Бети Толевска од с. Тработивиште-Делчево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одлука со која Советот на општина Делчево именувал членови на Управниот одбор на Јавната локална библиотека „Илинден“ во Делчево не била во согласност со член 13 став 2 од Законот за библиотеки, член 34 став 2 од Законот за култура, како и со Статутот на јавната локална библиотека. Ова затоа што лицата именувани за членови на Управниот одбор како претставници на основачот општина Делчево не ги исполнувале условите кои требало да ги исполнува член на управен одбор на библиотека предвиден во наведените закони и Статутот на библиотеката.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Делчево на 26 мај 2009 година, врз основа на член 36 став 1 од Законот за локалната самоуправа и член 13 од Законот за библиотеките, а согласно член 20 став 2 од Статутот на Јавната локална библиотека „Илинден“ Делчево, донел Одлука за именување на членови во Управниот одбор на ЈЛБ „Илинден“ Делчево.

Во членот 1 од наведената одлука е предвидено дека за членови во Управниот одбор на ЈЛБ „Илинден“ Делчево се именуваат:
1. Христина Смилевска, претставник на основачот,
2. Кирчо Стојановски, претставник на основачот,
3. Миле Стоименовски, претставник на основачот,
4. Ленче Ангелова, претставник од редот на вработени,
5. Стеван Гугучевски, претставник од редот на вработени.

Според член 2 од Одлуката, мандатот на членовите на Управен одбор на ЈЛБ „Илинден“ Делчево трае 4 години.

Според член 3 од Одлуката, одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Делчево“.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот кој треба да соддржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото, како и од содржината на оспорената одлука со која се утврдени членови на управниот одбор, Судот оцени дека во конкретниов случај оспорената одлука не е пропис и по својот карактер и содржина претставува поединечен односно конкретен акт.

Со оглед на тоа што, оспорената одлука нема карактер на пропис, подобен за уставно судска оценка, согласно наведените уставни и деловнички одредби иницијативата се отфрла.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.98/2010
15 септември 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски