Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 15 септември 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за начинот и условите за регулирање на цени за електрична енергија (“Службен весник на Република Македонија”, број 167/2008), донесен од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија.
2. ЕВН Електростопанство на Македонија АД за дистрибуција и снабдување со електрична енергија-Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот, означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, Регулаторната комисија за енергетика, надвор од рамките на Законот за енергетика, земала за право да ги утврдува критериумите според кои ги признавала трошоците за набавка на електрична енергија за покривање на техничките загуби во преносниот и дистрибутивниот систем до одредено ниво (членовите 13 и 14 од Правилникот и Прилог 1-5), при што трошоците за набавка на електрична енергија за покривање на загубите над пропишаното ниво со членовите 13 и 14 од Правилникот, не се признавале во цената на електричната енергија, а истите биле трошок и обврска за набавка на операторите на преносниот и дистрибутивниот систем. На тој начин, Регулаторната комисија имала можност арбитрерно да ги утврдува обврските за правните лица, бидејќи Законот не дефинирал никаква рамка за начинот и условите за признавање на трошоците при определувањето на цената на електричната енергија, како и количините на електричната енергија наменета за покривање на техничките загуби во преносниот и дистрибутивниот систем кои Регулаторната комисија ги вклучувала или не ги вклучувала во цената на електричната енергија која таа ја формирала. Оттука, според подносителот на иницијативата, ваквиот начин на пропишување на права и обврски за правните лица, било спротивно на владеењето на правото и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска. Исто така со Правилникот, спротивно на членот 20 став 4 од Законот за енергетика се вршело ограничување на износите до кои се признавале оперативните трошоци на регулираните претпријатија и неосновано се намалувал регулираниот максимален приход што требало да го остварат регулираните претпријатија за да оствареле покривање на трошоците за вршење на енергетската дејност и соодветен повраток на капиталот.
Од наведените причини, подносителот на иницијативата предлага поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот правилник, како несогласен со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 55 став 1 и член 59 став 2 од Уставот на Република Македонија и членот 20 став 4 од Законот за енергетика и бара запирање на извршувањето на одлуките донесени врз основа на оспорениот правилник.
3. Судот, на седницата утврди дека Регулаторната комисија за Енергетика на Република Македонија врз основа на член 19 алинеја 4 од Законот за енергетика (“Службен весник на Република Македонија”, број 63/2006, 36/2007 и 106/2008), на седницата одржана на 31 декември 2008 година, донела Правилник за начинот и условите за регулирање на цени на електричната енергија („Службен весник на Република Македонија„ бр.167/2008).
Правилникот содржи вкупно 25 члена распоредени во 6 дела, а составен дел на овој правилник се и 6 прилози.
4. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со членот 55 став 1 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.
Според член 59 став 2 од Уставот, правата (на странските вложувачи) стекнати врз основа на вложен капитал не можат да се намалуваат со закон или друг пропис.
Со членот 1 од Законот за енергетика (“Службен весник на Република Македонија”, број 63/2006, 36/2007 и 106/2008) е определено дека со него се уредуваат: целите на енергетската политика и начинот на нејзина реализација, енергетските дејности и начинот на регулирањето на енергетските дејности, изградбата на енергетските објекти, функционирањето на Регулаторната комисија за енергетика, пазарот на електрична енергија, пазарот на природен гас, пазарот на сурова нафта и нафтени деривати и пазарот на топлинска, односно геотермална енергија, условите за остварување на енергетска ефикасност и промоцијата на користењето на обновливите извори на енергија и други прашања од значење за енергетиката.
Согласно членот 2 од Законот за енергетика целта на овој закон е да обезбеди: сигурно, безбедно и квалитетно снабдување со енергија на потрошувачите; создавање на ефикасен, конкурентен и финансиски одржлив енергетски сектор; ефикасен развој на енергетскиот сектор; поттикнување на конкуренцијата на енергетските пазари почитувајќи ги начелата на недискриминација, објективност и транспарентност; зголемување на енергетската ефикасност и поттикнување на искористувањето на обновливите извори на енергија и заштита на животната средина од негативните влијанија при вршењето на одделни дејности од областа на енергетиката.
Во членот 6 од Законот се наброени дејностите кои како јавна услуга ги вршат правните лица.
Според членот 18 од Законот, Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија ги врши работите кои се однесуваат на регулирањето на одделни прашања во вршењето на енергетските дејности определени со овој закон и таа е независна во своето работење и одлучување во рамките на надлежностите утврдени со истиот закон. Регулаторната комисија за енергетика има својство на правно лице.
Според член 19 од Законот, Регулаторната комисија за енергетика ги има следните надлежности:
-го следи функционирањето на пазарот на енергија и предлага мерки за унапредување со цел да обезбеди недискриминација, ефективна конкуренција и ефикасно функционирање на пазарот,
-ги следи механизмите кои се применуваат за справување со загушувањето на капацитетите на електроенергетскиот систем и системот на природен гас во Република Македонија,
-се грижи за унапредување на заштитата на правата на корисниците на енергија,
-донесува прописи за формирање на цени на одделни видови на енергија и услуги во врска со вршењето на регулираните енергетски дејности,
-донесува прописи за начинот на формирање на цената на мешавините на течните горива од фосилно потекло што се користат за транспорт со биогоривата,
-пропишува тарифни системи за одделни видови енергија,
-донесува одлуки за цени на одделни видови енергија, во согласност со прописите за формирање на цени на одделни видови на енергија и услуги во врска со вршењето на регулираните енергетски дејности,
-издава, менува, одзема и го следи извршувањето на лиценците за вршење одделни дејности од областа на енергетиката,
-учествува во разрешување или разрешува спорови кои настанале меѓу учесниците на пазарот на енергија, вклучително и прекуграничните спорови,
-соработува со надлежните државни органи, органите на единиците на локалната самоуправа, трговските друштва вршители на енергетски дејности, корисниците на енергија и други организации и институции,
-доставува предлог до надлежните органи за преземање на мерки во согласност со нивната надлежност и во постапка пропишана со закон кон субјектите кои дејноста ја вршат спротивно на овој закон,
-покренува иницијативи и предлага донесување на нови и изменување на постојните закони од областа на енергетиката и други прописи,
-учествува во соодветни регионални и меѓународни организации и соработува со други регулаторни тела со цел да придонесе кон развојот на регионалните пазари на енергија,
-донесува статут, деловник и други интерни акти за својата работа и
-врши други работи во согласност со овој и друг закон“.
Според член 20 од Законот, Регулаторната комисија за енергетика со прописот за формирање на цени на одделни видови на енергија и регулирани услуги, го уредува начинот на формирањето, одобрувањето и контролата на цените за производство на енергија за тарифни потрошувачи, услугата на снабдување на тарифни потрошувачи со енергија, како и цените за регулирани услуги за пренос и дистрибуција на енергија во областа на:
– електрична енергија,
– природен гас,
– нафтени деривати и
– топлинска и геотермална енергија.
Правните и физички лица се должни да се придржуваат на цените одобрени од Регулаторната комисија за енергетика согласно со одлуката од членот 22 став 2 на овој закон.
Co прописот за формирање на цени на одделни видови на енергија и регулирани услуги, треба да се земат предвид:
– урамнотежување на интересите на вршителите на енергетски дејности и потрошувачите,
– заштитата на потрошувачите од монополски цени,
– креирањето на мерки за поттикнување на ефикасно работење на регулираните вршители на енергетски дејности,
– креирањето на мерки за поттикнување на развој на конкурентен пазар за оние енергетски дејности кои можат да бидат пазарни во енергетскиот сектор,
– отстранување на вкрстени субвенции меѓу одделни групи на потрошувачи и меѓу одделни вршители на лиценцирани и нелиценцирани
енергетски дејности,
– обезбедување на недискриминаторен однос и
– применување на објективни критериуми и транспарентни методи.
Регулаторната комисија за енергетика со прописот за формирање на цени на одделни видови на енергија и регулирани услуги треба да им овозможи на носителите на лиценци покривање на трошоците за вршење на енергетската дејност и соодветен повраток на капиталот.
Со членот 22 од Законот е определено дека сo одлуката за цени на одделни видови на енергија и цени на одделни услуги во врска со вршење на регулирани енергетски дејности се определуваат цените на одделен вид на енергија и/или услуга, во согласност со соодветниот пропис за формирање на цени. Одлуката со која се утврдуваат цените од ставот 1 на овој член ја донесува Регулаторната комисија за енергетика, на начин и постапка утврдени со прописите за формирање на цени на одделни видови енергија и регулирани услуги во врска со вршењето на одделни енергетски дејности.
Согласно членот 32 од Законот, учеството на заинтересираните субјекти и јавноста во постапката за донесување на одлука, се остварува преку покана за нивно присуство на подготвителни седници, а особено во случаите кога Регулаторната комисија за енергетика треба да донесе одлука за: прописи за формирање на цени на одделни видови енергија енергенти и услуги во врска со вршењето на одделни енергетски дејности, тарифни системи за одделни видови енергија, одлуки за цени на одделни видови енергија, во согласност со прописите за формирање на цени и тарифните системи на одделни видови енергија, услуги во врска со вршењето на одделни енергетски дејности и издавање, менување и одземање на лиценци за вршење енергетска дејност. Постапката и начинот на одржување на подготвителна седница од ставот 1 на овој член, како и други начини за учество на јавноста во постапката за одлучување го уредува Регулаторната комисија за енергетика.
Според членот 37 став 1 од Законот, вршителите на дејностите од членот 3 на овој закон не можат да отпочнат со вршењето на дејноста без да обезбедат лиценца за вршење на енергетска дејност (лиценца) од Регулаторната комисија за енергетика.
Со членот 44 од Законот лиценцата, во зависност од видот на енергетската дејност, особено содржи:
– податоци за субјектот на кој му се издава лиценца,
– видот на енергетската дејност којашто ќе се врши, подрачјето на кое ќе се врши дејноста, како и објектот и/или објектите каде што ќе се врши дејноста со технички карактеристики на објектите, постојките и уредите,
– почетокот на вршење на енергетската дејност и рокот на важење на лиценцата,
– услови и начин за обезбедување на сигурно, континуирано и квалитетно снабдување со енергија и исполнување на обврската за обезбедување на јавна услуга,
– услови, начин и постапка за доставување на извештаи и други податоци за финансиското и деловното работење, статусните промени, како и за начинот на извршување на дејноста и
– услови, начин и постапка за менување, продолжување, суспендирање и одземање на лиценцата.
Според член 69 став 1 алинеи 1 и 3 од Законот: “Регулираниот производител на електрична енергија има обврска за обезбедување на јавна услуга и по претходно одобрување од Регулаторната комисија за енергетика склучува договор по регулирани цени и тарифи одобрени и објавени од Регулаторната комисија за енергетика: операторот на електроенергетскиот систем за обезбедување на системски услуги вклучувајќи ја и електричната енергија потребна за покривање на техничките загуби при трансформација и пренос на електрична енергија во количини одобрени од Регулаторната комисија за енергетика и операторот на дистрибутивниот систем за испорака на електрична енергија потребна за покривање на техничките загуби во текот на трансформацијата и дистрибуцијата на електрична енергија во количини одобрени од Регулаторната комисија за енергетика”.
Согласно членот 71 став 1 алинеја 10 од Законот, операторот на електроенергетскиот систем, помеѓу другото е должен да обезбеди количини на електрична енергија потребни за покривање на техничките загуби во преносната мрежа во количина одобрена од Регулаторната комисија за енергетика, по регулиран договор, а според членот 79 став 1 алинеја 6 од Законот, операторот на дистрибутивниот систем, помеѓу другото е должен да обезбеди количини на електрична енергија потребни за покривање на техничките загуби во дистрибутивниот систем во количина одобрена од Регулаторната комисија за енергетика по регулиран договор.
Според членот 79 став 9 од Законот, операторот на дистрибутивниот систем е должен да доставува до Регулаторната комисија за енергетика, планови, студии и други информации за проширување и надградба на дистрибутивната мрежа, вклучувајќи ги и финансиските планови за трошоците за таквото проширување и надградба, а според став 10 од истиот член од Законот, операторот на дистрибутивниот систем е должен да доставува до Регулаторната комисија за енергетика извештаи за финансискиот и физички обем на реализираните услуги на начин и во согласност со условите дадени во лиценцата.
Имајќи ги предвид одредбите од членовите 19 и 20 од Законот за енергетика, Регулаторната комисија на 31 декември 2008 година, донела Правилник за начинот и условите за регулирање на цени на електричната енергија („Службен весник на Република Македонија„ бр.167/2008).
Правилникот содржи вкупно 25 члена распоредени во 6 дела, а составен дел на овој правилник се и 6 прилози.
Во Делот I. Општи одредби од Правилникот, се содржани членовите 1 до 6.
Во членот 1 е определено дека со овој правилник се уредува начинот и условите за формирање, одобрување и контрола на цените (регулирање на цените) со кои се остварува приход потребен за вршење на регулирани дејности: производство на електрична енергија, пренос на електрична енергија, дистрибуција на електрична енергија и снабдување со електрична енергија на мало. Во истиот член е определно дека одредбите од Правилникот се однесуваат на правните лица кои што врз основа на лиценци издадени од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија ги вршат регулираните дејности.
Во членот 2 од Правилникот се определни целите кои треба да се обезбедат со регулирањето на цените на електричната енергија согласно начинот и постапката утврдени со овој Правилник, какви што се: создавање на стабилни и предвидливи услови за работење на регулираните претпријатија при вршењето на регулираните дејности; заштита од злоупотреба на доминантна и монополска положба на регулираните претпријатија; урамнотежување на меѓусебните интереси на регулираните претпријатија вршители на регулирани дејности и на корисниците на регулираните дејности; поттикнување за ефикасно работење на регулираните претпријатија; создавање услови за развој и одржување на постојните и изградба на нови капацитети за производство, пренос и дистрибуција на електрична енергија; недискриминаторен третман на регулираните претпријатија и примена на објективни критериуми и транспарентни методи и постапки за регулирање на цените на електрична енергија; надоместување на трошоците кои што регулираните претпријатија ги имаат во вршењето на регулираната дејност и соодветен повраток на капиталот; обезбедување и унапредување на сигурноста на снабдувањето, како и безбедно, непрекинато и квалитетно производство, пренос, дистрибуција и снабдување со електрична енергија; унапредување на енергетска ефикасност, заштеда на енергија, ефикасно искористување на енергетските ресурси; заштита и унапредување на животната средина во вршење на регулираните дејности.
Во членот 3 од Правилникот се содржани дефинициите за поимот регулиран период и времетраење на регулиран период.
Со членот 4 од Правилникот се определени сметководствените стандарди, односно начинот на водењето на сметководствената евиденција од страна на секое претпријатие кое врши две или повеќе регулирани дејности или покрај регулираната дејност врши и некоја друга дејност, која согласно Правилникот се смета за регулирана дејност, односно должноста во своите интерни пресметки да води одвоена евиденција за секоја од дејностите која ја врши поодделно, како и консолидирани биланси за другите дејности и да изготви биланс со преглед на приходите, расходите и резултатите од работењето за секоја дејност поодделно во согласност со закон.
Членот 5 од Правилникот определува дека регулираното претпријатие своето сметководство го води во согласност со Меѓународните сметководствени стандарди, дека барањето за одобрување на цена и приход, регулираното претпријатие го доставува до Регулаторната комисија за енергетика со приложување на потребни податоци согласно членот 16 став 1 од Правилникот и формуларите и табелите дадени во Прилогот 6 кој е составен дел на Правилникот, како и други податоци и информации потребни за регулирање на цената, вклучувајќи и инвестиционо-техничка документација за нови објекти.
Членот 6 од Правилникот начелно определува дека во регулираното претпријатие, распределувањето на трошоците и средствата се вршат во согласност со одредбите од Дел 1 од Прилог 5, кој е составен дел од Правилникот.
Во Делот II. од Правилникот, се содржани членовите 7 до 14 со кои се уредува начинот и пресметката на регулиран максимален приход.
Со членот 7 од Правилникот, определен е начинот на регулирање на цената, односно тарифите кои се регулираат преку определување на горната граница на приходот што му се дозволува на регулираното претпријатие да го оствари во текот на една календарска година (регулиран максимален приход), преку регулирани просечни цени, односно тарифни ставови во согласност со соодветни тарифни системи. Имено, согласно овој член, регулираниот максимален приход се утврдува на ниво што на регулираното претпријатие му овозможува да оствари:
-покривање на оперативните трошоци и амортизацијата на средствата за вршење на соодветната регулирана дејност направени во рамки на нормализираните трошоци при остварување на пропишан квалитет на вршење на регулираната дејност,
-обезбедување на определена стапка на принос на капиталот, во која се вклучени и инвестициите, со кои ќе се овозможи оспособување, одржлив развој и достапност на услугите кои што се обезбедуваат за сите потрошувачи на електрична енергија на територијата на Република Македонија.
Регулираниот максимален приход ги вклучува и приходите кои што регулираното претпријатие ги остварува по други основи при вршењето на регулираната дејност.
Приносот на капиталот од вршење на регулираната дејност снабдување со електрична енергија на мало се утврдува преку мрежа за снабдување, во согласност со овој Правилник.
Со членот 8 од Правилникот дефинирана е регулираната просечна цена за дејностите од членот 1 на овој Правилник, односно дека таа претставува единечна цена добиена како количник од регулираниот максимален приход определен за соодветната година од регулираниот период поделен со соодветната количина на електрична енергија која што е произведена, набавена, пренесена или дистрибуирана во истата година. Со истиот член се определува дека тарифните ставови од членот 7 став 1 од Правилникот, се определуваат за дејностите пренос на електрична енергија и дистрибуција на електрична енергија преку тарифни системи за соодветна регулирана дејност и треба на регулираното претпријатие да му обезбеди остварување на регулираниот максимален приход. За дејноста регулирано производство, во регулираните договори, во согласност со регулираната просечна цена се утврдуваат условите и цените под кои се испорачуваат системските услуги и/или енергија.
Во членовите 9, 10, 11 и 12 од Правилникот, определена е содржината на регулираните дејности и тоа: производство на електрична енергија, пренос на електрична енергија, дистрибуција на електрична енергија и снабдување со електрична енергија на мало.
Во членот 13 од Правилникот е предвидено дека Регула-торната комисија за енергетика ги утврдува трошоците за набавка на електрична енергија за покривање на техничките загуби во преносната мрежа преку одобрување на соодветна количина на електрична енергија изразена во киловатчасови. Количините на електрична енергија за покривање на дозволените загуби на електрична енергија во преносната мрежа се признаваат до 3% од вкупната влезна количина на електрична енергија што транзитира низ преносната мрежа на Република Македонија утврдена во согласност со точката 3 од Прилогот 2 на овој Правилник.
Во член 14, од Правилникот „Технички загуби во дистрибутивниот систем„ е утврдено дека Регулаторната комисија за енергетика го утврдува трошокот за набавка на електрична енергија за покривање на техничките загуби во дистрибутивниот систем преку одобрување на соодветна количина на електрична енергија изразена во киловатчасови.
Количините на електрична енергија за покривање на дозволените технички загуби на електрична енергија во дистрибутивниот систем се признаваат до 11% од влезната количина на електрична енергија во дистрибутивниот систем утврдени во согласност со точка 3 од Прилогот 3 на овој Правилник.
Во Делот III. Метод за распределување на регулираниот максимален приход по тарифни елементи од Правилникот, со членот 15 е определено дека регулираниот максимален приход за регулирана дејност пресметуван во согласност со Прилозите 1 до 5 од овој Правилник, се распределува по тарифни ставови, кои што се определуваат за соодветната регулирана дејност преку тарифни системи, а за дејноста регулирано производство, со регулирани договори со кои се утврдуваат условите под кои се испорачуваат системските услуги и/или електричната енергија. По исклучок, од погоре определеното, до донесување на тарифни системи за пренос на електрична енергија, односно за дистрибуција на електрична енергија, ќе се остварува преку легурираната просечна цена.
Во Делот IV. од Правилникот, содржани се членовите 16 до 22, со кои е регулиран начинот и постапката за доставување на барање и одобрување на регулираниот максимален приход и регулираните цени.
Во Делот V. од Правилникот, содржан е членот 23 во кој е регулирана постапката за промена на одобрениот регулиран максимален приход доколку во регулираната година од регулираниот период, оперативните трошоци се зголемиле или намалиле за повеќе од 5% во однос на одобрените оперативни трошоци, како последица на околности кои не можеле да се предвидат во времето на одобрувањето на регулираниот максимален приход и цена. Регулираното претпријатие во овие случаи поднесува барање до Регулаторната комисија за енергетика за промена на одобрениот максимален приход, која при донесувањето на одлуката по барање доставено од регулираното претпријатие за промена на регулираниот максимален приход заради зголемување на оперативните трошоци за повеќе од 5%, треба да има во предвид дали одобрената промена на регулираниот максимален приход може значително да влијае на стабилноста на цените за тарифните потрошувачи.
Делот VI. Од Правилникот, содржани се членовите 24 и 25 кои се однесуваат на преодните и завршни одредби.
Со членот 24 од преодните и заврши одредби од Правилникот, се определени роковите во кои регулираните претпријатија се должни да доставата до Регулаторната комисија за енергетика, барање за утврдување на регулиран максимален приход и цена за регулираниот приход, како и кои одлуки на Регулаторната комисија за енергетика ќе се применуваат до донесувањето на одлуките по поднесените барања од регулираните претпријатија за утврдување на регулиран максимален приход и цени.
Со членот 25 од Правилникот е определено дека со денот на влегувањето во сила на овој Правилник, престанува да важи Правилникот за начин и услови за регулирање на цени за електрична енергија (“Службен весник на Република Македонија број 95/2004, 5/2005 и 134/2007).
Од погоре наведеното, имајќи ги предвид уставните и законски одредби, а од аспект на наводите содржани во иницијативата, во конкретниот случај Судот оцени дека неосновано е барањето на подносителот за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот во целина. Имено, наводите од подносителот на иницијативата дека Правилникот не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот поради кршење на уставното начело на поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, Судот утврди дека се неосновани.
Согласно членот 19 став 1 алинеја 4 од Законот за енергетика, Регулаторната комисија за енергетика е надлежна за донесување на прописи за формирање на цени на одделни видови на енергија и услуги во врска со вршењето на регулираните енергетски дејности. Во членот 20 став 1 од Законот е утврдено дека Регулаторната комисија за енергетика со прописот за формирање на цени на одделни видови на енергија и регулирани услуги, го уредува начинот на формирањето, одобрувањето и контролата на цените за производство на енергија за тарифни потрошувачи, услугата на снабдувањето на тарифни потрошувачи со енергија, како и цените за регулирани услуги за пренос и дистрибуција на електрична енергија, природен гас, нафтени деривати и топлинска и геотермална енергија.
Имајќи ги предвид одредбите од членовите 19 и 20 од Законот за енергетика, Регулаторната комисија на 31 декември 2008 година го донела Правилникот за начинот и условите за регулирање на цени на електричната енергија. Оттука произлегува дека законски основ за донесувањето на оспорениот правилник е членот 19 од Законот за енергетика, според кој Регулаторната комисија за енергетика е исклучиво надлежна за донесување на прописот за формирање на цените за производство на електрична енергија на тарифни потрошувачи и услугите за снабдување на тарифните потрошувачи со електрична енергија како и цените за регулирани услуги за пренос и дистрибуција на електрична енергија.
Наводите од подносителот на иницијативата дека со Правилникот се наметнувале обврски за правните лица кои немале никаков законски основ (членовите 4, 5, 6, 7 и 13 до 24 од Правилникот и Прилог 1 до 5), исто според Судот се неосновани бидејќи Судот утврди дека оспорените членови 4, 5, 6, 7 и 15 од Правилникот и Прилог 1 до 5, претставуваат доразработка на обврските за вршителот на регулирана енергетска дејност утврдени во членот 6 од Законот за енергетика со кој член од Законот се утврдени обврските за јавна услуга на правните лица.
Наводите од подносителот на иницијативата дека со Правилникот кој се оспорува, Регулаторната комисија за енергетика, надвор од рамките на Законот за енергетика сама си земала за право да ги утврдува критериумите според кои ги признава трошоците за набавка на електрична енергија за покривање на техничките загуби во преносниот и дистрибутивниот систем до одредено ниво (член 13 и 14 од Правилникот и Прилог 1 до 5), Судот утврди дека се неосновани. Имено, според Судот, со оспорените членови 13 и 14 од Правилникот, се реализира правото на Регулаторната комисија за енергетика да го определува нивото на техничките загуби во преносната мрежа, односно дистрибутивниот систем, содржано во член 71 став 1 алинеја 10 и член 79 став 1 алинеја 6 од Законот за енергетика, каде што е утврдено дека: “Операторот на електроенергетскиот систем и Операторот на дистрибутивниот систем се должни да обезбедат количини на електрична енергија потребни за покривање на техничките загуби во преносниот систем и дистрибутивниот систем во количина одобрена од Регулаторната комисија за енергетика по регулиран договор, при што истите количини за покривање на техничките загуби има обврска да ги обезбеди регулираниот производител (АД ЕЛЕМ), согласно членот 69 став 1 алинеи 1 и 3 од Законот за енергетика”.
Наводите во иницијативата дека Регулаторната комисија за енергетика, спротивно на Законот вршела ограничување на износите до кои ги признавала оперативните трошоци на регулираните претпријатија (Прилог 5, дел 2, точка 2.2 од Правилникот), односно наводите за непризнавање на трошоците за набавка на електрична енергија за покривање на загубите над пропишаното ниво со членовите 13 и 14 од оспорениот правилник, се несоновани, бидејќи Судот утврди дека трошоците за набавка на електрична енергија за покривање на загубите над пропишаното ниво со членовите 13 и 14 од Правилникот се засновани врз основа на членот 79 став 1 алинеја 7 од Законот за енергетика, со кој е утврдено дека операторот на дистрибутивниот систем е должен да обезбеди количини на електрична енергија потребни за покривање на загубите на електрична енергија во износ над одобрениот од Регулаторната комисија за енергетика, согласно транспарентни, недискриминаторни и пазарно ориентирани постапки, што е определено и во одредбите од членот 69 став 1 алинеја 3 од Законот, според кои регулираниот производител на електрична енергија, при обезбедување на јавната услуга, е обврзан на операторот на дистрибутивниот систем да му испорача количина на електрична енергија по регулирани цени само за покривање на техничките загуби во количини одобрени од Регулаторната комисија за енергетика.
Подносителот на иницијативата, исто така, несоновано ги оспорува членовите 16 до 24 од Правилникот, наведувајќи дека Регулаторната комисија за енергетика неосновано го намалувала регулираниот максимален приход што требало да го остварат регулираните претпријатија за да оствареле покривање на трошоците за вршење на енергетската дејност и соодветен повраток на капиталот. Имено, во овие членови од Правилникот, Регулаторната комисија за енергетика го пропишува начинот и постапката за доставување на барање и одобрување на максимален приход за регулирани цени со цел да се регулира оваа постапка со рокови кои се обврзувачки за правните лица кои вршат енергетска дејност од јавен интерес како и за Регулаторната комисија за енергетика и се обврска за обезбедување на транспарентност на постапката при донесувањето на одлуките кои што се однесуваат на регулираните енергетски дејности, утврдени во согласност со одредбите од членот 2, членот 20 и членот 32 од Законот за енергетика, како и согласно обврските утврдени во одредбите од издадените лиценци за вршење на енергетска дејност дистрибуција на електрична енергија, лиценца за вршење на енергетска дејност управуање со системот за дистрибуција на електрична енергија и лиценца за вршење на енергетска дејност снабдување со електрична енергија на тарифни потрошувачи на мало.
Судот оцени дека неосновани се наводите од иницијативата дека Правилникот не обезбедувал формирање на цените на електрична енергија врз основа на реално настанати трошоци и дека со непризнавањето на реалните трошоци што ги имале регулираните претпријатија кои вршеле енергетска дејност се намалувале правата стекнати врз основа на вложен капитал. Ова поради тоа што одредбите од Правилникот за ограничувањето на оперативните трошоци и приносот на капитал, се засновани врз основа на членот 20 став 3 алинеите 1 до 7 и членот 22 од Законот за енергетика. Со овие законски одредби се определени рамките на реалните трошоци врз основа на кои Регулаторната комисија за енергетика со прописот за формирање на цени на одделни видови на енергија и регулирани услуги треба да им овозможи на носителите на лиценци покривање на трошоците за вршење на енергетската дејност и соодветен повраток на капиталот. Од овие причини, не можат да се прифатат како основани наводите во иницијативата дека пресметките врз основа на дадените формули во Прилозите од Правилникот, доведувале до резултати кои не соодејствувале на вистинските трошоци кои подносителот ги имал на годишно ниво, а од тука имал и финансиски последици, бидејќи според Судот, основно е што Регулаторната комисија е законски овластена да го пропишува начинот и условите за регулирање на цена за електрична енергија, тоа не е прашање кое исклучиво договорно се уредува, па оттука и не може да се очекува цената да биде одраз на профитните очекувања на субјектите во правото кои проектирале свои интереси по однос на ова прашање.
Судот ги ценеше и наводите во иницијативата дека Регулаторната комисија за енергетика без законски основ во Прилог 5, дел 3.5 (оправданост на инвестиции) од Правилникот, употребувала термини “оправдани инвестиции” и “неоправдани инвестиции”, па оттука Регулаторната комисија не можела да постапува арбитрерно и да ги оценува инвестициите како оправдани и неоправдани, но овие наводи Судот ги оцени како неприфатливи. Имено, во членот 79 ставовите 9 и 10 од Законот за енергетика, е утврдено дека операторот на дистрибутивниот систем е должен да доставува до Регулаторната комисија за енергетика, планови, студии и други информации за проширување и надградба на дистрибутивната мрежа, вклучувајќи ги и финансиските планови за трошоците за таквото проширување и надградба, а според став 10 од истиот член од Законот, операторот на дистрибутивниот систем е должен да доставува до Регулаторната комисија за енергетика извештаи за финансискиот и физички обем на реализираните услуги на начин и согласно со условите дадени во лиценцата, од каде произлегува дека во случајов токму врз основа на овие одредби од Законот, во Прилог 5, дел 3.5 (оправданост на инвестиции) од Правилникот, е определено дека по барање на Регулаторната комисија регулираното претпријатие е должно да достави дополнителни информации, податоци и појаснувања во врска со придобивките од планираната инвестиција, потребни за утврдување на оправданоста на тие инвестиции.
Неосновани се, исто така, наводите од подносителот на иницијативата дека Правилникот е во спротивност со членот 20 став 4 од Законот за енергетика, бидејќи од анализата на овој член Судот утврди дека ставот 4 општо определува дека Регулаторната комисија за енергетика со прописот за формирање на цени на одделни видови на енергија и регулирани услуги треба да им овозможи на носителите на лиценци покривање на трошоците за вршење на енергетската дејност и соодветен повраток на капиталот, а во Правилникот со членовите 7, 11 и 12 е разработена и конкретно имплементирана оваа одредба од Законот во однос на енергетската дејност дистрибуција на електрична енергија и енергетската дејност снабдување со електрична енергија на мало.
Тргнувајќи од напред изнесеното и анализата на законските одредби, а од аспект на наводите во иницијативата, во конкретниот случај Судот утврди дека Правилникот кој се оспорува претставува доразработка и операционализација на одредбите од Законот за енергетика од страна на Регулаторната комисија за енергетика. Исто така, Судот утврди дека надлежностите на Регулаторната комисија за енергетика произлегуваат од одредбите од Законот за енергетика кој на повеќе наврати беше менуван и дополнуван заради имплементација на обврските од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, како и Договорот за основање на Енергетската Заедница, ратификуван од Собранието на Република Македонија со Законот за ратификација на Договорот за основање на Енергетската Заедница (“Службен весник на Република Македонија”, број 28/2001), а со тоа и Директивата 2003/54/ЕС на Европскиот парламент и на Советот од 26 јуни 2003 година, чии одредби се однесуваат на основањето, надлежностите и начинот на работа на регулаторното тело во областа на енергетиката.
Имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одреби, како и меѓународните акти кои со акт на ратификација влегле во правниот поредок на Република Македонија, односно станале негов составен дел, според Судот, право е на законодавецот со закон да утврдува овластувања и надлежности на тело во конкретниов случај Регулаторната комисија за енергетика за работи кои се однесуваат на регулирањето на одделни прашања во вршењето на енергетските дејности определени со Законот за енергетика, која е независна во своето работење и одлучување во рамките на надлежностите утврдени со Законот, а посебно надлежноста за донесување на пропис за формирање на цени на одделни видови на енергија и регулирани услуги, каков што е впрочем оспорениот правилник кој претставува доразработка на одредбите од Законот.
Од погоре наведените причини, Судот утврди дека во конкретниот случај нема основ за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот Правилник во целина и Прилозите кој се во негов состав и не го постави прашањето за нивната согласност со одредбите на Уставот и Законот за енергетика.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У. Бр. 162/2009
15 септември 2010 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски