Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 јули 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Убавка Величкова и Гина Манасиева, двете од Радовиш, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на социјална припадност, повредени со Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев .бр. 1435/2008.
2. Убавка Величкова и Гина Манасиева, двете од Радовиш, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на социјална припадност, повредени со пресуда на Врховниот суд на Република Македонија, Рев.бр. 1435/2008 од 21.10.2009 година.
Според наводите во барањето, со наведената пресуда со која е потврдена пресудата на Апелационит суд во Штип, РОЖ.бр.396/08 од 12.08.2008 година, апсолутно било повредено уставно загарантираното право на рамноправност и еднаквост на граѓанинот, затоа што граѓаните – подносители на барањето, биле ставени во понеповолна положба споредбено со другите работници во истото правно лице „Јака – 80“, кои биле од иста социјална припадност, а добиле одлуки за престанок на работниот однос во истото правно лице по тотално ист правен основ како подносителите, но за разлика од нив, сите со пресуди биле вратени на работа од страна на судовите во Република Македонија, во истоветни и идентични работни спорови како спорот на подносителите на барањето.
Со таква судска пресуда на подносителите на барањето, која била единствена таква негативна и дијаметрално спротивна на сите други пресуди по ист основ, флагрантно биле повредени одредбите од делот 2 на Уставот (Основни слободи и права на човекот и граѓанинот), поточно член 9 од Уставот, што претставувал еквивалент на член 14 од Конвенцијата за заштита на човековите права и слободи на Советот на Европа, чиј потписник била и Република Македонија и со тоа по автоматизам била во обврска да ја почитува забраната за дискриминација врз основа на социјално потекло.
Имајќи ги предвид ингеренциите на Уставниот суд утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, подносителите на барањето апелираат до Уставниот суд, како совест на општеството и орган кој ги штити правата на граѓаните за забрана за дискриминација по основ на социјална припадност, согласно своите овластувања, да донесе одлука со која ќе го определи начинот на отстранување на последиците од примената на оспорената пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев.бр. 1435/2008, со кој конечен и правосилен судски наслов, истоветно како и претходната пресуда на Апелациониот суд во Штип, било повредено правото на забрана на дискриминација поради социјална припадност на подносителите на барањето, споредено со другите работници.
3. Судот на седницата утврди дека на Гина Манасиева, како подносител на барањето, во правното лице „Јака – 80“ Радовиш, и престанал работниот однос поради воведени деловни причини, кои резултирале со трансформација на работното место земјоделски работник на кое именуваната била распоредена, и тоа од работно место на кое работите се извршувале на неопределено време, во работно место на кое работата ќе се извршува на определено време во траење од 3 до 6 месеци, со што престанала и потребата од работник на работното место (Одлука бр. 0402-333 од 25.07.2007 година).
На Убавка Величкова, како подносител на барањето, во правното лице „Јака – 80“ Радовиш и престанал работниот однос поради воведени деловни причини, кои резултирале со укинување на работното место Помошник пакувач во РЕ Производство на цврсти форми, на кое именуваната била распоредена, со што престанала потребата од работник на тоа работно место (Одлука бр. 0402-332 од 25.07.2007 година).
Подносителите на барањето, како оштетени со престанокот на работниот однос, до Основниот суд во Радовиш поднеле тужба за поништување на Одлуките за престанок на работниот однос, како незаконити, кое тужбено барање било прифатено од Судот како основано со пресуда П. бр. 270/07-I од 30.04.2008 година, па одлуките за престанок на работниот однос на именуваните биле поништени како незаконити, а тужениот бил задолжен во рок од 8 дена по правосилноста на пресудата, да ги врати тужителките на работа и да ги распореди на работно место и работни задачи кои одговараат на нивниот степен на стручна подготовка.
Против оваа пресуда тужената „Јака – 80“ Радовиш поднела жалба до Апелациониот суд во Штип, со барање пресудата да се укине и предметот да се врати пред првостепениот суд на повторно судење.
Постапувајќи по жалбата, Апелациониот суд во Штип донел Пресуда РОЖ бр. 396/08 од 12.08.2008 година, со која жалбата се усвојува, а пресудата на Основниот суд во Радовиш П.бр. 270/07-I се преиначува, така што тужбеното барање за поништување на одлуките за престанок на работниот однос на подносителките на барањето, се одбива како неосновано.
Подносителите на барањето, против пресудата на Апелациониот суд во Штип, преку полномошник адвокат Дивна Ефтимова од Радовиш, поднеле вонреден правен лек – ревизија до Врховниот суд на Република Македонија, со кој барале споменатата пресуда да се преиначи или да се укине и предметот да се врати на повторно одлучување пред Апелациониот суд во Штип.
Врховниот суд на Република Македонија, постапувајќи по ревизијата, со Пресуда Рев.бр.1435/2008 од 21.10.2009 година, ревизијата ја одбил како неоснована, наоѓајќи дека правилно било стојалиштето на второстепениот суд дека одлуките за откажување на договорот за вработување на тужителките од деловни причини биле донесени во постапка спроведена согласно Законот за работните односи и Колективниот договор на тужениот.
Според известието од Основниот суд во Радовиш (акт Су.бр. 03-781/2010 од 01.07.2010 година), доставено до Уставниот суд, Пресудата на Врховниот суд на Република Македонија, Рев.бр.1435/2008 од 21.10.2009 година, преку нивниот полномошник адвокат Дивна Ефтимова, подносителите на барањето ја имаат примено на 12.01.2010 година.
4. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.
Според член 28 алинеите 1, 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Од наведените деловнички одредби произлегува дека основ за постапување на Судот во постапката за заштита на слободите и правата од членот 110 алинеја 3 од Уставот, освен постоење на конечен или правосилен поединечен акт со кој се наведува дека се повредуваат некои од наведените слободи и права, е барањето за заштита до Судот да е поднесено во рок од 2 месеци, но не подоцна од 5 години од доставувањето (приемот) на таквиот поединечен акт.
Судот утврди дека барањето за заштита на слободите и правата по основ на социјална припадност, повредени со Пресудата Рев.бр. 1435/2008 на Врховниот суд на Република Македонија, до Уставниот суд е поднесено на 29.05.2010 година (видно од поштенскиот штембил), а во Судот е примено на 31.05.2010 година.
Видно од Известувањето добиено од Основниот суд во Радовиш (акт Су.бр. 03-781/2010 од 01,07.2010 година), Пресудата Рев.бр. 1435/2008 на Врховниот суд на Република Македонија, лицата Убавка Величкова и Гина Манасиева, преку нивниот полномошник адвокат Дивна Ефтимова, ја имаат примено на 12.01.2010 година.
Според член 133 став 1 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија” бр. 79/2005 и 110/2008 и 83/09), кога странката има законски застапник, односно полномошник доставувањето се врши до законскиот застапник, односно полномошникот, ако во овој закон не е определено нешто друго.
Според член 404 од истиот закон, систематизиран во Глава дваесет и шеста – Постапка во спорови од работните односи, ако во оваа глава не постојат посебни одредби, во постапката по споровите од работните односи ќе се применуваат другите одредби на овој закон.
Имајќи ги предвид наведените законски и деловнички одредби, како и фактот дека подносителите, барањето за заштита на слободите и правата на граѓаните по основ на социјална припадност, повредено со Пресудата на Врховниот суд на Република Македонија, Рев.бр. 1435/2008, го поднеле неблаговремено, односно по истекот на рокот од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, Судот утврди дека во конкретниот случај постојат процесни пречки овој Суд да се впушти во суштинско одлучување по барањето и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на барањето.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.106/2010
14 јули 2010 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски