47/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 7 јули 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 64 од Колективниот договор за социјална заштита на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.83/2006 и 17/2009).

2. Ленча Димова од Неготино, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот од Колективниот договор означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот член 64 од Колективниот договор за социјална заштита не бил во согласност со член 106 од Законот за работните односи од причина што за занимањата од шестата група на сложеност постоеле разлики во определувањето на висината на основната плата во делот на барањата на работното место и тоа за ист степен на сложеност, а различен профил на образование (на пример, правник, економист, социјален работник, воспитувач – работници со ист степен на образование кои работат на исто работно место, добивале различна плата во зависност од профилот на образованието).

Во иницијативата подносителката ги наведува износите на коефициентите (пр. за работните места за кое е потребен шести степен на стручна подготовка – више образование, правник со степен – коефициентот изнесувал 2,164, а во подгрупата шест/1-2, коефициентот бил 2,712 што била голема разлика во бодовите, иако сите вработени работеле на работи и работни задачи од областа на детската и социјалната заштита. Подносителката наведува дека е правник со завршен прв степен на Правниот факултет и дека била преземена од Подрачното одделение на Министерството за труд и социјална политика во Неготино во Центарот за социјални работи во Неготино на работно место самостоен стручен референт за детски додаток и ги извршувала сите работи и работни задачи од Секторот за заштита на деца, со зголемен обем на работа, поради што смета дека би требало да биде изедначена со платата со другите колеги кои биле со ист степен на образование, но од различен профил (социјален работник со завршен степен, наставник, воспитувач и слично). Таа понатаму наведува дека актот за систематизација на Центарот не бил усогласен со одредбите од Колективниот договор за социјална заштита, во делот на називите на работните места, па предлага Судот по покренување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор за социјалната заштита, во делот на плати и надоместоци на плата кај занимањата од шеста група на сложеност, да изврши промена на коефициентот од 2.164 на 2.712, заради изедначување на вработените со ист степен на образование.

Во дополнителниот поднесок доставен по укажувањето дека Судот по предметното прашање веќе се изјаснил со Решението У.бр. 144/2009 од 16 декември 2009 година, подносителката наведува дека останува при поднесената иницијатива по која инсистира Судот да се произнесе, со оглед на тоа што наведеното Решение на Судот се однесувало на сосема друга правна работа, без при тоа, таквиот навод да го образложи.

3. Судот на седницата утврди дека, според содржината на член 64 од Колективниот договор за социјална заштита на Република Македонија, коефициентот на сложеност на работите се определува во зависност од степенот на образование утврден како услов во актот за организација и систематизација на работните места кај работо-давачот кој е со опфат од прв (едноставни работи, без приученост) до осми (исклучително значајни, најсложени работи-доктор на науки) степен во однос 1,000 до 3,396.

Поединечните работи, односно занимања се класифицираат во 8 групи на сложеност и тоа:

Занимања од I група на сложеност, за едноставни работи, односно занимања без претходно приучување, за кои е доволно основно образование или I степен на стручна подготовка во кои коефициентот е во однос кој се движи од 1,034 до 1,103.

Занимања од II група на сложеност за помалку сложени работи, односно занимања со претходно приучување, за кои е потребен II степен на стручна подготовка, односно осумгодишно училиште со дополнителни функционални знаења и вештини, стекнати со курсеви, или соодветно практично искуство, во кој коефициентот е во однос кој се движи од 1, 137 до 1,308.

Занимања од III група на сложеност за средно сложени работи, односно занимања за кои е потребен III степен на стручна подготовка, односно тесно квалификувани и стручни профили во кои коефициентот е во однос кој се движи од 1,342 до 1,582.

Занимања од IV група на сложеност за сложени работи, односно занимања за кои е потребен IV степен на стручна подготовка, односно квалификувани или стручни профили, во кои коефициентот е во однос кој се движи од 1,616 до 1,856.

Занимања од V група на сложеност за сложени работи, односно занимања за кои е потребен V степен на стручна подго-товка, односно средно училиште стекнато преку образование, во кои коефициентот е во однос кој се движи од 1,890 до 2,061.

Занимања од VI група на сложеност, и тоа за подгрупа VI/1 за сложени работи, односно занимања за кои е потребен VI степен на стручна подготовка, односно више образование, во кои коефициентот е во однос кој се движи од 2,096 до 2,198 и за подгрупа VI/2, во кои коефициентот е во однос кој се движи од 2,369 до 2,712.

Занимања од VII група на сложеност, со подгупи а и б, за сложени и многу сложени работи, односно занимања, за кои е потребно VII степен на стручна подготовка, односно факултет, во кои коефициентот е во однос кој се движи од 2,849 до 3,054. Во оваа група припаѓа и подгрупата, VII/2, за сложени и високо сложени работи односно занимања за кои е потребен VII степен на стручна подготовка, магистратура и специјализација, во кои коефициентот е во однос кој се движи од 3,191 до 3,260.

Занимање од VIII група на сложеност за самостојни и советодавни научно-истражувачки работи за кои е потребен VIII степен на стручна подготовка, односно доктори на науки, во кои коефициентот е во однос 3,396 за сите звања.

4. Според членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Судот, со Решение У.бр. 144/2009 од 16 декември 2009 година, по повод поднесена иницијатива од Стамен Филипов и Драги Темелковски од Скопје, одлучил да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 64 и 65 од Колективниот договор за социјална заштита на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.83/2006 и 17/2009).

Како и во предметната иницијатива, и во тогаш поднесената иницијатива, подносителите се повикувале на нееднаквост помеѓу вработените во однос на вреднувањето на основната плата само поради профилот на степенот на образование,односно дека на занимањата од 7-ма и 8-ма група на сложеност, само и единствено поради профилот на стручната подготовка им се определувале многу поголеми права во поглед на основната плата во однос на другите работници во областа на социјалната заштита и дека разликата во платите помеѓу вработените со ист степен на образование била голема и неоснована. Во однос на овие наводи, Судот во наведеното Решение го изразил следниот став:

„Од анализата на содржината на оспорениот член 64 од Колективниот договор, произлегува дека во него се определува коефициентот на сложеност на работите (систематизирани во 8 групи на сложеност) во зависност од степенот на образование утврден како услов во актот за организација и систематизација на работните места кај работодавачот кој се движи од 1,000 за вршење на едноставни работи за лицата без приученост до 3,396 за доктори на науки. Од поднасловите на секоја од групите на оспорениот член, пак, произлегува дека, групите се формирани во зависност од тоа какви работи треба да се вршат (едноставни, помалку сложени, средно сложени, сложени или високо сложени), какво образование е потребно (од основно до VIII степен на стручна подготовка), како и дали се потребни дополнителни функционални знаења и вештини, стекнати со курсеви или соодветно практично искуство, или пак соодветни квалификации.

Со оглед на тоа што во оспорената одредба од Колективниот договор групите на сложеност, а со тоа и коефициентите не се формираат исклучиво врз основа на степенот на образование, како што погрешно сметаат подносителите на иницијативата, туку и според сложеноста на работите што секој од работниците ја врши, Судот оцени дека се несоновани наводите од иницијативата за фаворизирање на високообразованите кадри, наспроти останатите, како и за создавање на голема и неоснована разлика.

Определувањето на конкретниот коефициент на сложе-ност за секое работно место, исто така, според оцена на Судот, преставува право и обврска на страните надлежни за склучување на Колективниот договор, кои имаат законска обврска за меѓусебно преговарање заради уредување на правата и обврските на договорните страни, а преку коефициентите на сложеност се изразуваат потребите, барањата и карактерот на дејноста-социјална заштита.

Наводите во иницијативата дека со оспорената одредба од Колективниот договор се фаворизирале високообразованите кадри на штета на сите други вработени, не може да претставуваат основ за изразување на сомневање во уставноста и законитоста на оспорените одредби. Ова од причина што согласно член 32 став 5 од Уставот, правото на плата на работникот се уредува со закон и со колективни договори, како што е направено во конкретниот случај, а опреде-лувањето пак на коефициентите на сложеност од кои зависи висината на платата на вработените, е фактичко прашање кое го утврдуваат договорните страни при колективното преговарање и за кое Судот не е надлежен да одлучува“.

Имајќи предвид дека во предметната иницијатива не се изнесуваат поинакви аргументи од оние што Судот веќе ги оценувал и изразил свој став, Судот оцени дека наводите во иницијативата не може да претставуваат основ за поинакво одлучување во однос на предметот У.бр. 144/2009, односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата поради res judicata.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 47/2010
7 јули 2010
Скопје
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски