50/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 јуни 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 96 став 2 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 149/2009, 16/2010-пречистен текст и 50/2010).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот став 2 на членот 96 од Законот за работните односи, не бил во согласност со член 9 од Уставот, од причина што на работникот во субјектите од ставот 2 не му биле признаени истите права како на работникот од ставот 1 на овој член од Законот. Оттука, според иницијативата, работниците од ставот 2 на овој член од Законот биле дискриминирани во однос на работниците од ставот 1 на членот 96 од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека во член 96 од Законот за работните односи е предвидено:

„ (1) работодавачот, пред да го откаже договорот за вработување од деловни причини (технолошки, економски, организациони и слични промени) поради кои престанува потребата од вршење на определена работа, може на работникот да му понуди:
1) вработување кај друг работодавач без откажување, со преземање и склучување договор за вработување за вршење на работи кои одговараат на неговата стручна подготовка, односно квалификација:
2) стручно оспособување (обука, преквалификација или доквалификација за работа кај истиот или кај друг работодавач) или 3) нов договор за вработување.

(2) Одредбата од ставот (1) точка 1, 2 и 3 на овој член не се однесува за вработување од трговско друштво, односно трговец поединец во државен орган, јавно претпријатие, јавна установа, единица на локалната самоуправа и градот Скопје, фондови, агенции, заводи и други правни лица основани со закон“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 ставови 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од цитираните уставни одредби произлегува дека Република Македонија е социјална држава, во која социјалната правда е издигната на ниво на темелна вредност на уставниот поредок, а на сите граѓани им се гарантира еднаквост во слободите и правата пред Уставот и законите.

Законот за работните односи ги уредува работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување (член 1)

Оспорениот член 96 од Законот е со наслов „Права и обврски во случај на отказ од деловни причини„. Имено, во овој член од Законот се апсорбирани и регулирани правата на една категорија на лица на кои им престанува работниот однос поради економски, технолошки, организациони и слични промени, односно доаѓа до престанок на работниот однос поради укинување на некое работно место, реорганизација на правниот субјект, но не и негов престанок. Меѓутоа, навидум констатираната разлика на правата на оваа категорија на лица вработени во правните субјекти од ставот 1 и ставот 2 на членот 96 од Законот, не значи истовремено и дискриминација на оваа категорија на лица регулирани во ставот 1 и ставот 2 на членот 96 од Законот, како што се укажува во иницијативата. Но, имајќи го во вид фактот што ваквото наведување на подносителот на иницијативата не е поткрепено ниту со еден аргумент, туку истото е само наведено како констација, во конкретниов случај според Судот не постојат процесни услови, односно претпоставки, Судот да се впушти во уставно-судска анализа на оспорениот член од Законот.

Од друга страна, пак, според Судот, Уставниот суд е надлежен да одлучува за она што оспорениот акт содржи, а не што би требало да содржи.

Од напред наведените причини Судот оцени дека во случајов се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставнот суд на Република Македонија, каде е предвидено дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.50/2010
30 јуни 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски