19/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 јуни 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 31-а став 1 алинеја 6 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр. 13/2006, 86/2008 и 6/2010).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба според која функцијата на претседателот, на заменикот и на член на Комисијата им престанувала пред истекот на мандатот ако со правосилна судска одлука е осуден на казна затвор над шест месеци, била непрецизна поради тоа што не биле наведени кривичните дела кои би претставувале основ за престанок на функцијата и овозможувала престанок на функцијата за сторено кривично дело кое немало никаква врска со функцијата. Поради формулацијата на оспорената одредба која била непрецизна и нејасна и како таква не обезбедувала правна сигурност на граѓаните како елемент на владеењето на правото, истата не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2, член 13 став 1, член 14 став 1, член 51 и член 54 ставовите 1 и 3 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 31-а став 1 алинеја 6 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, функцијата на претседателот, на заменикот и на член на Комисијата му престанува пред истекот на мандатот ако со правосилна судска одлука е осуден на казна затвор од над шест месеца.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за кривично дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Согласно член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се уредуваат условите, начинот и постапката за остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер со кои располагаат органите на државната власт и други установи и институции утврдени со закон, органите на општините, на градот Скопје и на општините во градот Скопје, јавните установи и служби, јавните претпријатија, правни и физички лица што вршат јавни овластувања и дејност од јавен интерес, утврдени со закон (член 1 став 1).

Според член 30 од овој закон, Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер е независен државен орган, кој работи и донесува одлуки во согласност со надлежностите утврдени со овој закон.

Согласно член 31 од Законот, Комисијата е составена од претседател, негов заменик и три члена, кои функцијата ја извршуваат професионално со мандат од пет години и со право за повторен избор (став 1). Претседателот, заменикот и членовите ги именува и разрешува Собранието на Република Македонија по предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата (став 2).

Според член 31-а од Законот, функцијата на претседателот, на заменикот и на член на Комисијата им престанува пред истекот на мандатот: ако престане еден од условите утврдени во членот 31 од овој закон, по лично барање, поради исполнување услови за старосна пензија утврдени со закон, поради смрт, ако со правосилна одлука му е изречена забрана за вршење на професија, дејност или должност, ако со правосилна судска одлука е осуден на казна затвор од над шест месеца и ако Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија утврди предлог за разрешување на претседателот, неговиот заменик или на член на Комисијата поради нестручно и несовесно вршење на функцијата врз основа на предлогот што го донела Комисијата со мнозинство гласови (став 1). Според став 2 на овој член, ако на претседателот, неговиот заменик или на член на Комисијата им престане функцијата пред истекот на мандатот согласно со ставот 1 на овој член, во рок од три месеца се избира претседател, негов заменик и член на Комисијата согласно со членот 31 од овој закон, а според став 3 на истиот член, мандатот на лицата од ставот 2 на овој член трае до истекот на мандатот на Комисијата.

Наводите во иницијативата за неуставноста на законската одредба според која функцијата на претседателот, на заменикот и на член на Комисијата му престанува пред истекот на мандатот ако со правосилна судска одлука е осуден на казна затвор од над шест месеца, затоа што станувало збор за преопшта и непрецизна формулација поради тоа што не биле наведени кривичните дела кои би претставувале основ за престанок на функцијата и овозможувала престанок на функцијата за сторено кривично дело кое нема никаква врска со функцијата, поради што, не обезбедувала правна сигурност на граѓаните како елемент на владеењето на правото, Судот ги оцени како неосновани.

Oспорената одредба од Законот се однесува на лице кое веќе ја врши функцијата претседател, заменик или член на Комисијата, која престанува пред истекот на мандатот од пет години заради негово осудување со правосилна судска одлука на казна затвор над шест месеца во периодот додека ја врши функцијата. Тоа претставува класичен услов за престанок на мандатот поради осуда со правосилна судска пресуда на казна затвор над шест месеца, бидејќи издржувањето на казната затвор е објективна пречка за ефективното извршување на оваа важна јавна функција, што не дава гаранција дека Комисијата успешно ќе функционира. Притоа, отсуството, односно фактичката спреченост да се врши функцијата поради издржување казна затвор над шест месеца, е основ за престанок на мандатот, а не видот на кривичното дело за кое е изречена правосилната судска одлука, како што погрешно смета подносителот, поради што Судот не прифати дека станува збор за непрецизна одредба, како што се наведува во иницијативата.

Судот имаше предвид дека отсуството од работа подолго од шест месеци поради издржување казна затвор, како основ за престанок на работниот однос на работникот, е познато и присутно решение во работното законодавство. Така, во член 99 од Законот за работни односи, законодавецот пропишал дека работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување ако на работникот со правосилна одлука му е забрането да врши определени работи од работниот однос или ако му е изречена воспитна или безбедносна мерка, поради која не може да врши работи подолго од шест месеци или поради издржување на затворска казна ќе мора да биде отсутен од работа повеќе од шест месеци.

Тргнувајќи од наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 31-а став 1 алинеја 6 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2, член 13 став 1, член 14 став 1, член 51 и член 54 ставовите 1 и 3 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.19/2010
30 јуни 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски