29/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 јуни 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 2 став 6 точка г) во делот

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во делот на општите одредби од Законот, со членот 2 ставови 1-5 од Законот е уредена областа на примената на овој закон, а во ставот 6 точки а, б, в, г, д, ѓ, е ж, з, уредено е на кои возила во патниот сообраќај овој закон не се применува.

Според членот 2 став 6 точка г, овој закон не се применува на возила во патниот сообраќај: што вршат некомерцијален превоз на хуманитарна помош во вонредни околности или спасувачки операции.

Според наводите во иницијативата употребениот термин „вонредни околности“ во членот 2 став 6 точка г) од овој закон, не бил соодветен на терминот „вонредна состојба“ во членот 125 од Уставот, па затоа законскиот термин бил неуставен, односно одредбата во овој дел не била во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 125 од Уставот на Република Македонија.

Врз основа на уставно судската анализа, Судот утврди дека согласно членот 125 став 1 од Уставот, вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди и епидемии. Меѓутоа, интенцијата на законодавецот при уредувањето на предметната материја во Законот, не е да врши терминолошко усогласување и совпаѓање на зборот „вонредни околности“ од Законот, со зборот „вонредна состојба“ одУставот, ниту разликата во употребените зборови би можело да се сфати дека законодавецот спротивно на Уставот пропишувал одредени состојби, туку напротив, со одредбата од членот 2 став 6 тока г), од Законот е уредена ситуација дека правилата од овој закон не се применуват на возилата во патниот сообраќај кога има не само природни непогоди и епидемии кои се уставно определени како вонредни состојби, туку и други вонредни околности во мир и војна со кои се загрозуваат животите на луѓето, природните богатства, животинскиот и растителниот свет, добрата во општа употреба и предметите и објектите од особено културно и историско значење, што се посебен предмет на уредување во други закони и прописи во правниот поредок. Имено, со употребата на терминот „вонредни околности“ не се повредува членот 125 став 1 од Уставот, ниту други уставни норми на кои се повикува подносителот во иницијативата, кој очигледно комлексно не ја согледува нормативата во правниот систем и се сведува на строго формални аспекти во оспорувањето на законските одредби. Од овие причини за оспорениот дел од одредбата од членот 2 став 6 од Законот, Судот не го постави прашањето на неговата уставност.

3. Во делот од Законот кој се однесува на „Работното време и задолжителен одмор на мобилните работници“, е предвиден членот 7 во кој е утврдено: „Ако мобилните работници извршуваат ноќна работа, нивното вкупно дневно работно време не смее да трае повеќе од десет часа во период од 24 часа.

На мобилните работници за ноќната работа им се плаќа надомест утврден со закон, односно утврден со колективните договори, под услов таквиот надомест да не поттикнува загрозување на безбедноста на сообраќајот на патиштата“. (осорен е делот од ставот 2).

Во делот од Законот кој се однесува на „Одговорност на превозникот“ е предвиден членот 14, кој во ставот 1 утврдува дека: „Превозникот не смее на возачите кои ги вработува да им исплаќа никаков паричен надомест, во вид на зголемување на додаток на плата, а кои се поврзани со поминато растојание и/или количината на превезениот товар, ако тој надомест ја загрозува безбедноста на сообраќајот на патиштата и/или доведува до повреда на одредбите од овој закон“.

Според наводите во иницијативата оспорениот дел од членот 7 став 2 како и членот 14 став 1 од Законот немале уставен основ затоа што ниту еден надомест не можел да поттикнува загрозување на безбедноста на сообраќајот и не можел да доведе до повреда на одредбите од овој закон. Ова поради тоа што задолжителното работно време и одмори на мобилните работници и возачи во патниот сообраќај, придонесувале безбедно работење и надоместокот не можел тоа да го поремети. Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на нивната согласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа: членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9, членот 32 став 3, членот 51 и членот 54 ставови 1 и 3.

Од анализата на оспорените одредби од членот 7 став 2 и членот 14 став 1 од Законот, Судот оцени дека законодавецот во рамки на регулирањето на условите за безбедно работење на мобилните работници и возачите во патниот сообраќај, покрај другото, предвидел и дека темпото и обемот на работењето не може да биде поттикнувано на начин кој ќе ја загрозува безбедноста на сообраќајот на патиштата, ниту за таа цел може да се користи давањето на надоместок или додаток на паричен надоместок надвор од пропишаното со закон и колективни договори. Ваквата законска регулатива не е на штета на интересите на работниците и работодавачите, односно на учесниците во вршењето на работите од мобилен карактер и возачите во патниот сообраќај, бидејќи законодавецот го попречил она финансиско стимулирање кое би предизвикало загрозување на безбедноста на работењето и остварувањето на правилата кои се уредени со овој закон. Оттука, во случајов не станува збор за скратување на правото на надомест односно заработувачка на работниците, што е предвидено во членот 32 став 3 од Уставот, ниту други уставни права на кои се повикува подносителот во иницијативата, бидејќи вработените остваруваат заработувачка соодветно на прописите и колективните договори со кои таа е уредена, меѓутоа се спречува поттикнување за работа која би довела до нарушување на безбедноста. Со оглед на наведеното, Судот оцени дека за оспорените одредби од членот 7 став 2 во оспорениот дел и членот 14 став 1 од Законот не може да се постави прашањето на согласноста со Уставот.

4. Во делот од Законот, кој се однесува на „Мемориските картички“, со одредбите од членовите 27-38 е уредено дека: мемориската картичка се користи со тахограф и може да биде картичка на превозник, контролна картичка, возачка картичка и работничка картичка (член 27 став 1); издавањето на мемориската картичка ја врши овластено правно лице како „јавно овластување“ кое може да го добие врз основа на јавен оглас според одредбите од овој закон, јавното овластување за издавање на картичките е со важност од 15 години и за извршување на работите за издавање на картичките од членот 27 на овој закон може да се овласти едно правно лице како издавач на картички (член 28); издавачот (кој има јавно овластување) спроведува постапка за издавање или одземање на картички која вклучува начин на издавање на картички, водење евиденција и издавање податоци од евиденцијата, потоа врши работи поврзани со генерирање на потребните електронски клучеви потребни за изработка на мемориските картички (член 29); потоа, мемориските картички се издаваат на барање, а формата и содржината на барањето и постапката ги пропишува министерот за транспорт и врски (член 30); министерот може да го даде „јавното овластување“ за вршење на работите за издавање на мемориски картички на домашно или странко правно лице кое ги исполнува наведените услови (член 31); понатаму се уредени критериуми за избор на правното лице на кое му се дава јавното овластување, јавниот оглас, за јавно овластување за издавач на мемориски картички, договор за регулирање на меѓусбните односи меѓу министерот и правното лице, одземањето на овластувањето, надзорот, цената на мемориската картичка и трошоци за издавање на податоци од евиденцијата (членови од 32 -38).

Според ставот 1 на членот 37 од Законот, цената на мемориските картички и трошоците за издавање на податоци од евиденцијата кои ги плаќаат странките треба да ги покриваат трошоците за извршување на работите од јавното овластување.

Според оспорениот став 2 од овој член од Законот, цената на мемориските картички и трошоците за издавање на податоци од евиденцијата се утврдува со тарифник изготвен од страна на овластеното правно лице на кој согласност дава министерот за транспорт и врски. Висината на цената и тршоците од ставот 1 на овој член утврдени во тарифникот зависи од реалните трошоци за извршување на работите од јавното овластување.

Според наводите во ининицијативата, во Законот немало критериуми и мерила врз основа на кои овластеното правно лице би ја утврдило висината на цената и трошоците со тарифник, а на кој ќе дал согласност министерот за транспорт и врски. Од овие причини за оспорената одредба од членот 37 став 2 од Законот се предлага Судот да поведе постапка за оценување на нејзината согласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа: член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 95 став 3 и член 96.

Судот од анализата на оспорената одредба од членот 37 став 2 од Законот, во контекст и на останатите законски одредби, оцени дека законодавецот со Законот, јасно ги поставил рамките на цената и тршоците кои се определени во тарифникот на кој согласност дава надлежниот министер, бидејќи нив ги ставил во рамки на „реалните трошоци“ за извршување на работите од јавното овластување на издавачот на мемориските картички. Со тоа, цената на мемориските картички и податоците за давање на податоци од евиденцијата се определиви односно се со законот изразени како трошоци за превоз, ангажман на лица во вршење на работите, материјални трошоци и други потребни средства за да се обезбеди извршување на работите кои произлегуваат од јавното овластување на издавачот и кои се законски критериум за донесување на тарифникот на кој согласност дава министерот за транспорт и врски. Со оглед на тоа, не може да се прифати наводот во иницијативата дека оспорената одредба од членот 37 став 2 дозволувала произволно да се утврдуваат цени и трошоци без законски критериуми и со иницијативата неосновано се оспорува уставноста на наведената одредба од Законот имајќи предвид дека се уредени основните рамки на предметниот тарифник.

5. Во делот од Законот, кој се однесува на „Прекршочните одредби“ (членови 45-51), меѓу другото со оспорениот член 45 став 3 од Законот е уредено дека:

„За прекршоците од ставот 1 на овој член глоба во износ од 2000 до 4000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичко лице – трговец поединец“.

Наспроти ова, во иницијативата посебно се наведува дека во претходниот, ставот 2 на овој член од Законот, било утврдено дека за прекршоците од ставот 1 на овој член глоба во износ од 1000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече и на одговорното лице во правното лице.

Понатаму во оспорениот член 46 став 3 од Законот е уредено дека:

“За прекршоците од ставот 1 на овој член глоба во износ од 500 до 1000 евра во денарска противвредност, ќе му се изрече на физичко лице трговец-поединец”.

Повторно во иницијативата се компарира дека наспроти ова, според претходниот, ставот 2 на овој член од Законот, било утврдено дека за прекршоците од ставот 1 на овој член глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече и на одговорното лице во правното лице.

Понатаму во оспорениот член 48 став 3 од Законот е уредено дека:

“За прекршоците од ставот 1 на овој член глоба во износ од 1000 до 3000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичко лице-трговец поединец”.

Во иницијативата повторно се компарира дека наспроти ова, според претходниот, ставот 2 од овој член од Законот, било утврдено дека за прекршоците од ставот 1 на овој член глоба во износ од 500 до 1500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече и на одговорното лице во правното лице.

Со иницијативата се оспорува уставноста на член 45 став 3, член 46 став 3 и член 48 став 3 од Законот, бидејќи споредбено со претходните ставови од овие членови, се предвидувале поголеми износи на глоба за физичките лица – трговци поединци отколку износите на глоба кои биле предвидени за одговорните лица во правните лица и со оваа разлика биле привилегирани одговорните лица во правните лица. Имено, се правела дискриминација на физичките лица-трговци поединци во однос на одговорните лица во правните лица, поради што се предлага за оспорените одредби Судот да поведе постапка како несогласни со повеќе одредби од Уставот, и тоа со: член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2 и член 51.

Судот, тргнувајќи од анализата на изнесените законски одредби оцени дека право на законодавецот е да ја цени целисходноста на различните законски решенија за различни субјекти во правото кои немаат ист статус, што е неспорно и во изнесените законски одредби во однос на физичките лица – трговци поединци и одговорните лица во правните лица, за кои законодавецот определил разлики во износите на глобите по различни основи кои се предмет на уредување со Законот. Оттука, не постојат уставни пречки за предметното регулирање во оспорените одредби од Законот, ниту од наводите во иницијативата може да се доведе во прашање нивната согласност со Уставот, поради што Судот оцени дека во случајов не може да се проблематизира уставноста ниту за оспорените одредби од членот 45 став 3, членот 46 став 3 и членот 48 став 3 од Законот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.29/2010
30 јуни 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски