У.бр.173/2009-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 26 мај 2010 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВАТ членот 19 став 3 и членот 20 став 1 во делот: „односно со конечноста на решението од член 17 став 4 на овој закон.“ од Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македонија“ бр.33/1995, 20/1998, 40/1999, 31/2003, 46/2005-укинат, 10/2008 и 106/2008).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива на Фани Михајловска, адвокат од Скопје со Решение У.бр.173/2009 од 24 март 2010 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот за експропријација означени во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека, според содржината на член 19 став 1 од Законот, против решението на органот за експропријација може да се изјави жалба во рок од осум дена од денот на доставувањето на решението до Комисија на Владата на Република Македонија. Во ставот 2 од истиот член од Законот е предвидено дека, против решението од ставот 1 на овој член може да се поднесе тужба до Управниот суд во рок од 15 дена од денот на доставувањето на решението.

Според содржината на оспорениот став 3 од членот 19 од Законот, тужбата не го одлага извршувањето на второстепеното решение.

Според содржината на член 20 став 1 од Законот, корисникот на експропријацијата се стекнува со владение врз експроприраната недвижност 8 дена од денот на постигнувањето на порамнувањето (спогодбата) од член 17 став 2 или на спогодбата од член 38 на овој закон, ако корисникот на експропријацијата и сопственикот на експроприраната недвижност поинаку не се договорат, односно со конечноста на решението од член 17 став 4 на овој закон.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е правната заштита на сопственоста.

Со член 30 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување (став 1). Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата (став 2). Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон (став 3). Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност (став 4).

Во член 50 став 2 од Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Од наведените уставни одредби произлегува дека сопственоста не може да се одземе или ограничи, освен ако за тоа постои јавен интерес кој задолжително се утврдува со закон и дека во случај на одземање и ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Притоа, ниту во членот 30, ниту во било кој друг член од Уставот не е дефинирано што се подразбира под терминот „јавен интерес“ и врз основа на кои критериуми тој се утврдува со закон. Според тоа, оценката за тоа што е јавен интерес Уставот ја препуштил на законодавецот, така што во тој поглед законодавецот ужива дискреционо право до одреден степен, односно до степен таквата негова оценка/одлука да не е очигледно без разумна основа.

Во оваа смисла со Законот за експропријација е утврден јавниот интерес за експропријација на сопственоста и поблиску се определува за какви објекти или други потреби за државата, може да се врши експропријација. Законот не само што го определува видот на јавниот интерес туку и неговиот досег, односно степенот и видот на одземање или ограничување на сопственоста.

Во конкретниот случај, по однос на определбата на законодавецот тужбата да не го одлага извршувањето на второстепеното решение од оспорениот став 3 од членот 19 од Законот, Судот оцени дека со тоа се доведува во прашање не само гарантираното право на сопственост од членот 30 од Уставот, туку и гарантираното право на судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања од членот 50 став 2 од Уставот. Ова од причини што оспорената одредба дава можност за преминување на сопственоста кај корисникот на експропријацијата пред донесениот поединечен акт да ја помине фазата на судска заштита, односно пред да биде оценета неговата законитост и истото да стане правосилно, од каде ваквата определба на законодавецот, според Судот не преставува доволна гаранција за заштита на сопственоста и остварување на праведниот надомест за експроприраната недвижност.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека оспорениот член 19 став 3 од Законот не е во согласност со член 30 став 1 и член 50 став 2 од Уставот.

Од анализата на членот 20 став 1 од Законот произлегува дека во него се уредува проблематиката на стекнување со владение на експроприраната недвижност од страна на корисникот на експропријацијата и тоа во рок од 8 дена од денот на постигнувањето на порамнувањето (спогодбата) од член 17 став 2 или на спогодбата од член 38 на овој закон, ако корисникот на експропријацијата и сопственикот на експроприраната недвижност поинаку не се договорат, односно со конечноста на решението од член 17 став 4 на овој закон.

Во членот 17 став 2 од Законот е предвидено дека, расправата може да заврши со порамнување (спогодба) за надомест. Според ставот 4 од истиот член од Законот, ако не се постигне спогодбата од став 2 на овој член, органот за експропријација во зависност од фактите и околностите утврдени во постапката ќе донесе решение по предлогот за експропријација.

Во членот 38 став 1 од Законот е предидено дека, корисникот на експропријацијата и поранешниот сопственик или носителот на други имотни права можат да постигнат спогодба до конечноста на решението за експропријација, а ако таква спогодба не се постигне органот за експропријација е должен во рок од осум дена по конечноста на решението за експропријација да закаже расправа заради спогодување за надоместот.

Според ставот 2 од членот 38 од Законот, ако по одржаната расправа за спогодување, не се постигне спогодба, органот за експропријација е должен во рок од осум дена по одржаната расправа предметот со сите списи да го достави до надлежниот суд.

Од анализата на членот 20 став 1 од Законот, посебно и како целина со член 17 став 2 и член 38 од Законот произлегува дека со нив се уредува предавање во владение на експроприраната недвижност за ситуации кога помеѓу корисникот на експропријацијата и сопственикот на експроприраното добро е постигнато порамнување, односно спогодба, што значи дека помеѓу нив се постигнала согласност на волјите за сите спорни елементи од постапката за експропријација, поради што и не постои правна пречка владението на предметната недвижност да премине од сопственикот на експроприраното добро на корисникот на експропријацијата. Според тоа, не се повредува правото на сопственост со определбата на законодавецот за преминување на владението кај корисникот на недвижноста, кога тој и сопственикот на експроприраната недвижност постигнале порамнување, односно спогодба за предметот на експропријација и висината и видот на надоместокот, која пак спогодба има својство на извршна исправа.

Втората ситуација од членот 20 став 1 од Законот се однесува на предавање во владение на експроприраното добро во случаите кога помеѓу учесниците во постапката нема да се постигне спогодба за надоместокот, во кој случај органот што ја спроведува експропријацијата носи одлука по однос на оправданоста на предлогот за експропријација и определува недвижноста да премине во владение на корисникот на експропријацијата по донесување на решение по предлогот за експропријација, односно пред целосно спроведена постапка за експропријација.

Тргнувајќи од гледиштето на Судот дека определбата на законодавецот за предавање на недвижноста во владение пред спроведена експропријациона постапка ги повредува правата кои произлегуваат од член 30 од Уставот, изразено во Одлуката У.бр.200/1999 од 24 мај 2000 година, со која, меѓу другото се укинати ставовите 2, 3 и 4 на член 20 од Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/95, 20/98 и 40/99), Уставниот суд оцени дека делот: „односно со конечноста на решението од член 17 став 4 на овој закон.“ од членот 20 став 1 од Законот не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 8 и член 30 од Уставот. Имено, според Судот не може да се најде уставно оправдана и рационална потреба за преминувањето во владение на експроприраната недвижност од поранешниот сопственик кај корисникот на недвижноста во фаза кога органот кој ја спроведува постапката донел одлука само по однос на оправданоста на предлогот за експропријација, но законитоста на таквата негова одлука се уште не е потврдена од повисок орган и кога се уште постои правна можност за утврдување на неоснованост на предлогот за експропријација од страна на повисокиот орган или пак од надлежниот суд. Од друга страна, на овој начин ниту поранешниот сопственик, ниту корисникот на доброто не го остваруваат правото на сопственост во целост, бидејќи со ваквото законско решение поранешниот сопственик ги задржува правото на користење и правото на располагање со стварта, а кај корисникот на експрпријацијата преминува правото на владение.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека оспорениот дел од членот 20 став 1 од Законот не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 8 и член 30 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.173/2009
26 мај 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски