38/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 19 мај 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Генерален урбанистички план на Охрид 2002-2012, донесен од Советот на општина Охрид на 30 јуни 2006 година бр.07-1438/2 („Службен гласник на општина Охрид“ бр.7/2006).

2. Драган Атанасовски – адвокат од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одлука не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, членовите 51 и 52 од Уставот на Република Македонија, затоа што таа имала ретроактивно дејство кое започнувало од 2002 година, па се до месец јуни 2006 година, кога таа влегла во сила, а при тоа ретроактивното дејство на одлуката не било поповолно за граѓаните. Ова од причина што дотогашните урбанистички решенија во голем дел се измениле со оспорената одлука, па така претходно предвидените локации за индивидуално домување станале локации за колективно домување; дотогашните јавни површини станале локации за колективно домување и сл.; со оспорената одлука се проширил урбанизираниот дел и на површините кои не биле урбанизирани, а кои биле земјоделско земјиште без тие да се пренаменат согласно Законот за земјоделско земјиште како и од причина што во ситуација кога денационализацијата не е завршена и голем дел од парцелите кои се предмет на денационализација, а за кои не е одлучено, граѓаните ќе бидат оштетени бидејќи наместо тие парцели да им се вратат, сега под изговор дека се предвидени објекти од јавен интерес, истите нема да им бидат вратени.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената Одлука содржи 6 члена. Со членот 1 од Одлуката се констатира дека се донесува Генерален урбанистички план на Охрид 2001-2012. Со членот 2 од Одлуката се определува дека со планот од член 1 на оваа одлука се опфаќа простор со површина од 1238.39 Ха и се определуваат границите на опфатот. Со членот 3 од Одлуката е утврдено дека Генералниот урбанистички план на Охрид со технички бр.0/01 изработен од Република Македонија – Агенција за планирање на просторот од Скопје и содржи: текстуален дел, графички приказ и билансни показатели. Со членот 4 од Одлуката се определува дека Генералниот урбанистички план на Охрид 2002 – 2012 се заверува со потпис на претседателот на Советот на општина Охрид и печат на Советот на општина Охрид. Со членот 5 од Одлуката се предвидува дека документацијата од постапката за донесување на Генералниот урбанистички план за Охрид се чува, следи и реализира во Секторот за урбанизам, заштита на животната средина и комунален развој. Членот 6 од Одлуката содржи одредба за нејзино влегување во сила (осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Охрид“).

Во натамошната постапка Судот утврди дека по предметот У.бр.143/2006, оспорената одлука била предмет на оценка пред Уставниот суд, при што Судот со Решение од 18 април 2007 година не повел постапка за оценување на нејзината уставност и законитост. Имено, во наведениот предмет Судот утврдил дека Нацртот на Генералниот урбанистички план на Охрид и документационата основа како прилог на овој план, биле изготвени од ЈП за просторни и урбанистички планови, односно Агенцијата за планирање на просторот од Скопје и „Урбан“ д.о.о. Охрид, со тех.бр.20/01.

Во април 2004 година, Министерството за животна средина дало мислење (број 15-372/2 од 9 април 2004 година) за намената на просторот „Беј Бунар 2“ и блато „Студенчишта“ со кое се препорачува просторот „Беј Бунар 2“ да се пренамени во заштитна зона, заради заштита на исклучително вредните хидролошки карактеристики.

На Нацртот на планот, во ноември 2004 година, била изработена стручна ревизија од страна на Комисијата за стручна ревизија формирана од министерот за транспорт и врски, составена од тројца стручни лица, дипломирани инжинери архитекти.

Одговор на стручната ревизија дало ЈП за просторни и урбанистички планови во декември 2004 година, во кој е даден одговор на сите општи и посебни забелешки на стручната ревизија.

На 4 февруари 2005 година, Министерството за транспорт и врски дало стручно мислење по Нацрт Генералниот урбанистички план за Охрид, под број 08-1546/2, во кое дало определени забелешки и препораки.

Согласно препораките од Стручното мислење во натамошната постапка за изработка на Нацртот на генералниот урбанистички план на Охрид, било побарано и добиено мислење од следниве институции:

Министерството за животна средина и просторно планирање на 12 мај 2005 година, дало Мислење (број 15-1388/6), од аспект на заштитата на Охридското Езеро, а согласно Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро и Законот за заштита на природата.

Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид дала Мислење (бр.13-235/5 од 5 август 2005 година)
.
Управата на Националниот парк „Галичица“ дала мислење по Нацрт- ГУП за Охрид (бр.03-114/2 од 2 септември 2005 година).

Во септември 2005 година, мислење по Нацрт Генералниот урбанистички план дал Хидробиолошкиот завод од Охрид (бр.02-302/1 од 30 септември 2005 година).

МЈП „Проаква“ дало Мислење бр.03-16/42
.
Градоначалникот на општина Охрид, на 4 мај 2006 година донел Решение за организирање стручна расправа по нацртот на Генералниот урбанистички план на Охрид, со кое било предвидено стручната расправа да се одржи на 11 мај 2006 година со почеток во 10 часот во големата сала на општина Охрид.

Видно од Записникот од одржаната Стручна расправа (бр. 09-499/12 од 12 мај 2006 година), на стручната расправа учествувале повеќе заинтересирани граѓани, меѓу кои и Трајан Стрезоски и Трајан Јолески (потписници на оваа иницијатива), кои дале забелешки на Нацрт-Генералниот урбанистички план во име на повеќе граѓани, сопственици на земјиште во Месноста „Беј Бунар 2“, во смсила на тоа овој дел да биде предвиден за градба.

На 22 мај 2006 година бил изготвен Извештај од Стручната расправа (бр.09-499/9) со образложение за прифатените, делумно прифатените и неприфатените забелешки. Видно од извештајот, забелешките на Трајан Јолески и Трајан Стрезоски не биле прифатени со образложение дека на наведениот простор се изворите на најквалитетна вода за пиење.

Известувањето за постапување по Извештајот од Стручната расправа на Нацрт-Генералниот урбанистички план за Охрид е од 23 мај 2006 година, под број 09-499/10.

При изготвувањето на Предлог-ГУП за Охрид, биле вградени сите прифатени забелешки.

По Предлог Генералниот урбанистички план на Охрид 2002-2012 од мај 2006 година, Министерството за животна средина дало мислење на 15-2665/2 од 24 мај 2006 година.

Министерството за транспорт и врски, врз основа на член 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005) со акт под бр. 18-9695 од 2 јуни 2006 година, дало согласност на Предлогот на Генералниот урбанистички план на Охрид 2002-2012.

Одлуката за донесување на Генералниот урбанистички план на Охрид 2002-2012 е донесена од Советот на општина Охрид на седницата одржана на 30 јуни 2006 година, под бр.07-1438/2 и оваа одлука е објавена во „Службен гласник на општина Охрид“ бр.7/2006 од 3 јули 2006 година.

4. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Имајќи ги во вид наведените уставни и деловнички одредби како и утврдената фактичка состојба наспрема наводите во иницијативата Судот оцени дека истите не се основани. Имено, тргнувајќи од содржината на оспорената одлука од која недвосмислено може да се утврди дека постапката за донесување на Генералниот урбанистички план започнала со изготвување на Нацрт-план во 2001 година од страна на Агенцијата за планирање на просторот – Скопје, и траела подолг временски период со цел да биде запазена законската постапка за донесување на планот во чие донесување биле вклучени повеќе надлежни органи од кои согласно законските прописи е барано мислење, како и фактот што согласно членот 6, Одлуката влегла во сила осмиот ден од денот на објавувањето во службеното гласило на општината, Судот оцени дека во конкретниов случај не може да стане збор за нејзино повратно дејство.

Тргнувајќи од напред наведеното, како и фактот што оспорената одлука била предмет на оцена пред Уставниот суд на Република Македонија, а истакнатите наводи во предметната иницијатива според Судот не даваат основа за поинакво одлучување, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

5. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.38/2010
19 мај 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски