242/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 12 мај 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 11 став 1 алинеја 5, член 33 став 1 и член 68 став 1 алинеја 2 од Законот за Финансиската полиција („Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/2007).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредби од Законот oзначен во точкaта 1 на ова решение.

3.Според подносителот на иницијативата со оспорената законска одредба од членот 11 став 1 алинеја 5 се вршело ограничување на правото едно лице да продолжи да ја врши функцијата на директор односно заменик директор во случај кога истото било осудено за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеца. Имено, подносителот смета дека одредбата е непрецизна, нејасна и не било наведено дека лицето
било осудено со правосилна пресуда. Оспорената одредба на член 33 став 1 од Законот не била доволно јасна и прецизна бидејќи на лицето кај кое биле преземени деjствија од страна на финансискиот полицаец, покрај потврдата требало да му биде издаден и записникот составен на лице место за преземените дејствија во постапката за откривање и докажување на кривични дела од надлежноста на финансискиот полицаец, утврдена со овој закон. Според оспорената одредба на член 68 став1 алинеја 2 глоба во износ од 1000 евра во денарска противредност ќе му била изречена на одговорното лице во правното лице за прекршок во случај ако не се јавел на писмена покана согласно со членот 21 став 1 од овој закон, коj се однесувал на тоа дека Финансиската полиција со писмена покана повикувала граѓани во службените простории да дадат потребни известувања за непосредните забележувања во врска со одредени факти и околности. Подносителот на иницијативата се прашува зошто на одговорното лице во правното лице му била изречена глоба за прекршок кога бил во прашање граѓанин за кој не било одговорно, одговорното лице во правното лице. Исто така, истиот смета дека на Финансиската полиција и се давала судска функција во случај кога се казнувале граѓани кои не се јавиле на писмената покана.

Подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оспорените одредби од Законот за финансиската полиција бидејќи истите не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4; член 9 став 2; член 13 став 1; член 14 став 1;член 23,член 51; член 54, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницaта утврди дека според член 11 став 1 алинеја 5 од Законот, мандатот на директорот на финансиската полиција и неговиот заменик престанува меѓу другото во случај кога е осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеца.

Судот констатира дека според член 33 став 1 од овој закон, за преземените дејствија во постапката за откривање и докажување на кривични дела од својата надлежност финансискиот полицаец составува записник, службена белешка или оперативна информација, а за привремено одземените предмети се издава потврда.

Судот исто така утврди дека според член 68 став 1 алинеја 2 од Законот, глоба во износ од 1000 евра во денарска против вредност ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице за прекршок ако на Финансиската полиција, меѓудругото… не се јави на писмената покана, согласно членот 21 став 1 од овој Закон.

5. Согласно член 8 став 1 алинеите1 и 3 од Уставот, основните, слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Согласно член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а според став 2 на овој член секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според став 2 на овој член слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена и вонредна состојба според одредбите од Уставот.

Со Законот за финансиската полиција („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2007) се уредува организацијата, надлежноста, раководењето, начинот на вршење на работата, овластувањата и одговорноста на Финансиската полиција.

Според член 2 од овој закон работите на Финансиската полиција ги врши Управата за Финансиска полиција како орган во состав на Министерството за финансии со својство на правно лице (во натамошниот текст: Финансиската полиција). Финансиската полиција своите надлежности ги спроведува на територијата на Република Македонија .

Согласно членот 7 од Законот, Финансиската полиција меѓу другите надлежности, има надлежност да: 1.спроведува финансиска контрола, ја следи примената на даночните, царинските и други прописи од областа на финансиите, прибира и анализира податоци за готовински трансакции, презема предистражни и други мерки кога постојат основи на сомнение за сторени кривични дела од областа на организиран финансиски криминал;… 3.открива и документира кривични дела, пред се, од областа на организираниот финансиски криминал и кривични дела кои што се гонат по службена должност, како што се даночно затајување, перење пари и други приноси од казниво дело, даночни, банкарски, осигурителни, берзански, царински и други измами со износи од значителни и големи размери, тешки форми на корупција, како што се злоупотреба на службената положба и овластување од значителни износи или на штета на средствата на Буџетот на Република Македонија, примање поткуп и давање поткуп, како и предизвикување на лажни стечаи, фалсификување и уништување на деловни книги, фалсификување исправи, финансирање на тероризмот, неплаќање на царина, акцизи или други јавни давачки пропишани со закон, што вклучуваат поголеми, значителни и износи од големи размери; 4.спроведува постапка за испитување на имот и имотна состојба врз основа на јавни податоци и регистри што се водат согласно со закон; 5. спроведува предистражни мерки да се откријат и обезбедат трагите на кривичното дело и предметите што можат да послужат како доказ, да се пронајде сторителот на кривичното дело, сторителот или соучесникот да не се сокрие или да не побегне, како и да ги соберат сите известувања што би можеле да бидат од корист за успешно водење на кривичната постапка; 6. поднесува кривична пријава до надлежниот јавен обвинител за кривични дела од нејзина надлежност, кои се гонат по службена должност, за кои е известена или за кои ќе дознае на друг начин; 7.поведува и води прекршочна постапка, како и поднесува иницијативи за поведување на прекршочна постапка до надлежните органи, доколку при извршување на своите надлежности утврди постоење на прекршочна одговорност пропишана со закон.

Според член 8 од Законот, Финансиската полиција при вршење на работите од своја надлежност има овластување да: 1.врши увид во деловни книги, документи, записници, меморандуми, компјутерски податоци, податоци добиени од други електронски или механички направи, даночни пријави и друга евиденција, како и врши финансиски анализи на истите; 2.врши увид и преглед на објекти и простории на државни органи, правни лица што вршат јавни овластувања и на други правни лица, во присуство на одговорното лице или овластено лице од него; 3.заради прибирање на потребни известувања, со писмена покана повикува граѓани и прибира потребни известувања од нив со цел да се обезбедат потребни информации и докази;… 7. врши претрес на дом и други простории, како и претрес на деловни простории регистрирани за вршење на стопанска дејност, магацини и други објекти за складирање на стока, како и други помошни простории, ако постојат основи на сомневање дека во нив ќе се пронајдат траги на кривичното дело или предмети што можат да послужат како доказ, со наредба од надлежен суд; 8. врши преглед на деловни простории регистрирани за вршење на дејност, магацини и други објекти за складирање на стока, како и други помошни простории, ако постои основ за сомневање дека во нив ќе се пронајдат траги на кривичното дело или предмети што можат да послужат како доказ; 9. врши претрес на лица кога постои сомнение дека лицето кај себе крие документи, пари, предмети од вредност или други предмети кои можат да бидат материјален доказ во кривичната постапка; 10. приведува лица, привремено задржува или лишува лица од слобода по наредба од надлежен суд, согласно со одредбите од Законот за кривичната постапка; 11.привремено запира и врши преглед на превозни средства, стока, лица и багаж, ако постои основ за сомневање дека во нив ќе се пронајдат траги на кривичното дело или предмети што можат да послужат како доказ; 12.привремено одзема возило или друго превозно средство со кое е сторено казниво дело, согласно со одредбите од Законот за кривичната постапка; 13.привремено одзема стока, пари, хартии од вредност, предмети и документи, електронски, механички или други направи, или делови од нив, кога постои основ за сомневање дека тие биле средство или цел на кривично дело;…15. поднесува иницијатива до надлежен јавен обвинител за изрекување на привремена мерка замрзнување на недвижен имот, парични средства, хартии од вредност, банкарски сметки и финансиски трансакции кои што се во тек, како и поднесува иницијативи до други надлежни државни органи за изрекување на привремени мерки согласно со закон; 16. поднесува предлог за примена на посебните истражни мерки и ја извршува наредбата за примена на истите во постапка согласно со закон; 17. предлага до јавниот обвинител или истражниот судија, преземање на одделни истражни дејствија, кога сторителот е непознат или кога постои опасност од одлагање; 18. врши контрола над материјално-финансиското работење и применување на законите и други прописи и акти од страна на трговските друштва и другите правни лица, регистрирани и нерегистрирани физички лица кои вршат дејност и 19. изрекува прекршочни санкции за одговорност на правни и физички лица кои вршат дејност врз основа на закон и во постапка согласно со закон.

Согласно член 9 од Законот, 1.со работата на Финансиската полиција раководи директор кој го именува и разрешува Владата на Република Македонија на предлог на министерот за финансии. За својата работа и работата на Финансиската полиција директорот е одговорен пред Владата на Република Македонија и министерот за финансии. 2.Директорот е самостоен во извршувањето на работите на Финансиската полиција и ги има сите овластувања согласно со овој закон. 3.Директорот може да има заменик кој го именува и разрешува Владата на Република Македонија на предлог на министерот за финансии. 4.Именувањето на директорот и заменикот на директорот се врши врз основа на нивната стручност, при што се земаат предвид и другите нивни способности релевантни за вршење на функцијата. 5. Директорот и заменикот на директорот се именуваат за време од четири години и можат повторно да бидат именувани за уште еден мандатен период.

Согласно член 11 од овој закон, мандатот на директорот на Финансиската полиција и неговиот заменик престануваат: по истекот на четири години од денот кога е именуван, во случај на смрт, во случај на оставка, во случај на разрешување, во случај кога е осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеца, кога од страна на судот му е изречена прекршочна санкција односно казна забрана за вршење на дејност на раководно лице во институција, ако трајно ја загуби работната способност за вршење на функцијата и кога ќе ги исполни условите за старосна пензија.

Според член 12 од Законот, финансиските полицајци своите овластувања ги извршуваат професионално, совесно, стручно и одговорно во согласност со Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори. Сите дејствија што ги презема Финансиската полиција во извршувањето на работите од својата надлежност, ги презема во согласност со овој закон, врз основа на овластувања предвидени во Законот за кривичната постапка, со цел да се открие кривично дело, неговиот сторител и да се прибават докази во кривичната постапка.

Согласно член 21 од овој закон, Финансиската полиција со писмена покана, повикува граѓани во службените простории да дадат потребни известувања за непосредните забележувања во врска со одредени факти и околности. Постапката и начинот на повикување на граѓаните се врши согласно со одредбите од Законот за кривичната постапка.

Според член 23 од Законот, за претресот на деловни простории регистрирани за вршење дејност, магацини и други објекти за складирање на стока, соодветно се применуваат одредбите од Законот за кривичната постапка. Финансиската полиција врши преглед на простории, магацини и други објекти за складирање на стока кои согласно со пропис се регистрирани со намена за вршење на деловна активност на правни и физички лица и каде што можат да се пронајдат предмети и книги од деловното работење за што врз основа на закон се должни да водат евиденција, согласно со Законот за кривичната постапка без судска наредба.

Согласно член 33 од Законот, 1.За преземените дејствија во постапката за откривање и докажување на кривични дела од својата надлежност финансискиот полицаец составува записник, службена белешка или оперативна информација, а за привремено одземените предмети се издава потврда. 2.Финансискиот полицаец составува записник за преземените дејствија на: увид во деловни книги и друга евиденција; претрес и увид на деловни простории; претрес и приведување лица, како и запирање и прегледување на превозно средство. Записникот содржи податоци за сите факти и околности при преземање дејствија, истиот го потпишуваат финансискиот полицаец и лицето кај кое или врз кое се преземаат дејствијата. 3. За преземените мерки и дејствија за утврдување и проверка на одделните факти и околности што ќе ги утврди финансискиот полицаец при спроведување на овластувањата составува службена белешка. 4.За добиените сознанија со нови податоци кои што можат да придонесат за отворање на нова предистражна постапка, во врска со сторено кривично дело од областа на организираниот финансиски криминал спрема конкретни сторители, финансискиот полицаец составува оперативна информација. 5. Финансискиот полицаец ќе издаде потврда за: привремено одземено превозно средство; привремено одземена стока при транспорт, складирана или ставена во промет; привремено одземени парични средства, хартии од вредност, предмети и документи и привремено одземени електронски, механички и други апарати. Потврдата ја потпишуваат финансискиот полицаец и лицето од кое се одзема. 6. Доколку лицето врз кое се преземаат дејствијата одбие да ја потпише потврдата или записникот, истото финансискиот полицаец ќе го наведе во документот.

Според член 67 од Законот, финансискиот полицаец согласно со Законот за прекршоците, при извршувањето на работите од своја надлежност може да изрече глоба за сторен прекршок од страна на физички и правни лица, на самото место кога е тоа утврдено со овој закон.(став1) Финансиската полиција согласно со овој закон е исклучиво надлежна за водење на прекршочна постапка и изрекување на прекршочни санкции глоба, опомена и забрана за вршење професија, дејност или должност во согласност со Законот за прекршоците.(став2)

Согласно член 68 од овој закон, глоба во износ од 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице за прекршок, ако на Финансиската полиција:- не ги презентира доказите за изворите на средствата од кои е набавен имотот, односно средствата со кои располага согласно со членот 19 став 4 од овој закон, не се јави на писмена покана, согласно со членот 21 став 1 од овој закон и не даде примероци од ракопис и потпис согласно со членот 22 став 2 од овој закон.

6. Согласно оспорениот член 11 став 1 алинеја 5 од Законот за финансиската полиција, мандатот на директорот на финансиската полиција и неговиот заменик престанува, меѓудругото… во случај кога е осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеца.

Oд анализата на наведените уставни и законски одредби, Судот оцени декa не станува збор за правна последица од осуда по сила на закон, како што се наведува во иницијативата, во однос на законското решение според кое функцијата на директорот, односно заменикот на директорот на Управата за финансиската полиција, ќе му престане ако е осуден со судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци, туку тоа претставува последица од казната што ја изрекол судот. Исто така, Судот смета дека недвосмислено, од дикцијата на одредбата, произлегува дека ваквото решение е токму последица од судската осуда со која е изречена казна затвор од најмалку 6 месеци, која казна по својата природа не дозволува истовремено вршителот на јавната функција да биде присутен и да ја врши функцијата.

Судот утврди дека ваквото решение предвидено во Законот е во согласност и со Законот за работни односи, каде во член 99 законодавецот пропишал дека „работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување ако: на работникот со правосилна одлука му е забрането да врши определени работи од работниот однос или ако му е изречена воспитна или безбедносна мерка, поради која не може да врши работи подолго од шест месеци или поради издржување на затворска казна ќе мора да биде отсутен од работа повеќе од шест месеци.

Судот оцени дека токму како последица на осудата на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци, произлегува дека вршителот на јавната функција – директор, односно заменик на директорот на Управата за Финансиска полиција нема да биде во состојба да ја врши функцијата, бидејќи ќе биде физички отсутен и спречен да ја врши функцијата за која е именуван, што е класичен основ за престанок на вработувањето или во конкретниот случај, на вршењето на јавната функција, поради што не може да се прифати тврдењето дека во овој случај станувало збор за правна последица од осуда по сила на закон.

7. Согласно член 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот, основните, слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 став 1 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а според став 2 на овој член секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Судот утврди дека од содржината на оспорената одредба на член 33 став 1 од Законот за финансиската полиција произлегува дека за преземените дејствија во постапката за откривање и докажување на кривични дела од својата надлежност финансискиот полицаец составува записник, службена белешка или оперативна информација, а за привремено одземените предмети се издава потврда.

Судот оцени дека од содржината на оваа одредба јасно и недвосмислено произлегува дека потврдата се издава на лицето од кое привремено се одземаат предметите и не е пропишана облигаторна обврска за органот да го издаде и записникот по службена должност. Оваа одредба е во функција на операционализација на одредбите од Законот за кривичната постапка. Имено, сите дејствија што ги презема Управата за Финансиската полиција во извршувањето на работите од својата надлежност, ги презема во согласност со Законот за Финансиската полиција и врз основа на овластувања предвидени во Законот за кривичната постапка, со цел да се открие кривично дело, неговиот сторител и да се прибават докази во кривичната постапка.

Тргнувајќи од наведеното пред Судот не се постави прашањето за согласноста на членот 33 став 1 од Законот со одредби на Уставот.

8. Согласно член 8 став 1 алинеите1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници.

Согласно член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата .

Судот утврди дека според оспорената одредба на член 68 од Законот за финансиската полиција, глоба во износ од 1.000 евра во денарска против вредност ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице за прекршок, ако на Финансиската полиција:- не ги презентира доказите за изворите на средствата од кои е набавен имотот, односно средствата со кои располага согласно со членот 19 став 4 од овој закон, не се јави на писмена покана, согласно со членот 21 став 1 од овој закон и не даде примероци од ракопис и потпис согласно со членот 22 став 2 одовој закон.

Од анализата на членот 67 став 2 од овој закон, Судот утврди дека финансиската полиција е исклучиво надлежна за водење на прекршочна постапка и изрекување на прекршочни санкции глоба, опомена и забрана за вршење професија, дејност или должност во согласност со Законот за прекршоците. Во членот 44 став 2 од Законот за прекршоците е наведено дека поимот физичко лице ги опфаќа поимите и одговорно лице во правно лице; трговец поединец; службено лице; воено лице и лице кое самостојно врши дејност.

Според Судот право е на законодавецот да го предвидува неотповикувањето на писмената покана како прекршок во прекршочна санкција и како инструмент за да се обезбеди спроведувањето на надлежноста и овластувањето на Финансиската полиција. Исто така, Судот смета дека терминот граѓанин е употребен во поширока смисла во членот 21 од овој закон, односно со истиот се опфатени физичките лица и одговорните лица во правните лица.

Тргнувајќи од наведеното пред Судот не се постави прашањето за согласноста на член 11 став 1 алинеја 5; член 33 став 1 и член 68 став 1, алинеја 2 од Законот за Финансиската полиција со член 8 став 1,алинеи 3 и 4; член 9 став 2; член13 став 1; член 14 став 1; член 51; член 54; член 95 став 3 и член 96 од Уставот.

9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точкaтa 1 ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.242/2009
12. мај 2010 година
С к о п ј е
мдш

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија

д-р Трендафил Ивановски