231/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 мај 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на

– член 11 став 1 точка 1, точка 2 и точка 3, став 2, став 3 и став 5, член 24 став 5, член 31 став 1, член 32, член 33, член 34-б став 2 и член 35 од Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 60/2006, 22/2007 и 114/2009) и

– член 27 од Законот за изменување и дополнување на Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 114/2009).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе две иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбате од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според првоподнесената иницијативата, со оспорениот член 11 став 3 во делот: „Министерот за правда со подзаконски акт ја утврдува висината на реално направените трошоци за обука на медијатори и надоместокот за работата на обучувачите“, се давало овластување министерот за правда со подзаконски акт да ја утврдува висината на реално направените трошоци за обука на медијатори и надоместокот за работа на обучувачите, што значело навлегување на извршната во законодавната власт со што се повредувале темелниоте вредности на уставниот поредок на Република Македонија од член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 95 став 3 и член 96 од Уставот.

Со оспорената одредба од член 24 став 5 од Законот, законодавецот не ги почитувал одлуките на Уставниот суд, и тоа: Одлуката У.бр. 117/2006 со која е укинат член 24 став 5 во делот:„ Тарифникот го донесува Комората на медијатори, по претходно прибавено позитивно мислење од министерот за правда“ од Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 60/2006) и Одлуката У.бр. 34/2007 со која е укинат член 36 став 4 од Законот за медијација, кој гласел: „Во рок од еден месец од формирањето на Комората на медијатори Комората, со согласност на министерот за правда, ќе донесе Тарифник за награда и надоместок по кој медијаторите ќе ја наплатуваат својата награда за извршените дејствија.“

Според подносителот на иницијативата, и покрај наведените одлуки, законодавецот со најновите измени и дополнувања на Законот за медијација повторно ја вовел укинатата одредба во правниот поредок на Република Македонија, во нешто изменета форма, со што ја повредил одредбата на член 112 став 3 од Уставот, според која одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

Според второподнесената иницијатива, оспорениот член 11 став 1 точките 1, 2 и 3, став 2, став 3 и став 5 биле спротивни на член 8 став 1 алинеите 3, 4, 7 и 11, член 20, член 51, член 55, членовите 88, 89, 91, 95 и 96 од Уставот, како и на член 2 став 1 точка 5 и член 28 ставовите 1 и 2 од Законот за медијација. Според подносителот, со наведените законски прописи за одземање на ингеренциите на Комората на медијаторите (КМРМ) за организирање и спроведување на обуката за нови медијатори, што досега успешно го спроведувала КМРМ (како што тоа било усталена пракса во сите правни системи), се одземало веќе стекнатото законско право, како и се доведувала во прашање нејзината самостојност и независност, што било спротивно на основните уставни начела, како и општо прифатените норми на меѓународното право. Тоа исто така доведувало и до повреда на принципот за поделба на власта, односно со одземањето на еднаш дадените овластувања на Комората (за спроведување на обука за медијатори) од страна на министерот за правда, претставувало навлегување на извршната во законодавната власт, со што се повредувале темелните основи на Уставот.

Со оспорениот член 24 став 5 од Законот, се вршело одземање од министерот за правда на веќе стекнатото законско право на Комората за донесување Тарифник за награда и надоместок на трошоците на медијаторите, што било спротивно на основните уставни начела, како и на општо прифатените норми на меѓународното право. Тоа исто така доведувало до повреда на принципот на поделба на власта, односно значело навлегување на извршната во законодавната власт. За ова прашање Уставниот суд веќе се произнел со своите одлуки У.бр. 117/2006 и У. бр. 34/2007. Оспорената одредба била спротивна на член 8 став 1 алинеите 3, 4, 7 и 11, член 55, членовите 88, 89, 91, 95 и 96 од Уставот, како и на член 2 став 1 точка 5 и член 29 од Законот за медијација, како и на Препораката П(99) 19 на Советот на Европа

Оспорените одредби од член 31 став 1 алинеја 12, член 32 став 3, став 4 алинеите 4 и 6 и член 33 став 4 од Законот биле спротивни на член 8 став 1 алинеите 3, 4, 7 и 11, член 55 од Уставот, како и на член 2 став 1 точка 5, член 31 и член 32 од Законот за медијација, на Препораката П(99) 19 на Советот на Европа, како и на членовите 17 и 20 од Статутот на КМРМ. Со оспорените одредби се доведувала во прашање независноста и самостојноста на Комората на медијатори како посебен правен субјект. Овие одредби доведувале и до повреда на принципот на поделба на власта, односно одземањето на еднаш дадените права од страна на извршната власт претставувало навлегување на извршната во законодавната власт, со што се повредувале темелните вредности на Уставот. Се укажува дека за слични прашања Уставниот суд досега се произнел двапати, и тоа со одлуките У.бр.117/2006 и У.бр.34/2007.

Членот 34-б став 2 од Законот бил спротивен на член 8 став 1 алинеите 3, 4, 7 и 11 и на член 20 од Уставот, како и на член 2 став 1 точка 5, член 28 став 1 и став 2 и член 31 став 2 од Законот за медијација. Со оспорените одредби се доведувала во прашање независноста и самостојноста на Комората на медијатори како посебен правен субјект. Овие одредби доведувале и до повреда на принципот на поделба на власта, односно одземањето на еднаш дадените права од страна на извршната власт претставувало навлегување на извршната во законодавната власт, со што се повредувале темелните вредности на Уставот. Повторно се укажува дека за слични прашања Уставниот суд досега се произнел двапати, и тоа со одлуките У.бр.117/2006 и У.бр.34/2007, како и се укажува на Одлуката на Уставниот суд, У.бр. 163/2008, донесена на 16.09.2009 година.

Членот 35 од Законот бил спротивен на член 8 став 1 алинеите 3, 4, 7 и 11, член 20, член 61 став 1, член 68 став 1 точка 2 и точка 17, член 75, и членовите 88, 89, 91, 95 и 96 од Уставот, како и на член 1 став 1, член 2 став 1 точка 5, член 5 и член 5-а, член 29 став 1 и член 34 од Законот за медијација, како и на Препораката П(99) 19 на Советот на Европа. Со оспорените одредби се доведувала во прашање независноста и самостојноста на Комората на медијатори како посебен правен субјект. Овие одредби доведувале и до повреда на принципот на поделба на власта, односно одземањето на еднаш дадените права од страна на извршната власт претставувало навлегување на извршната во законодавната власт, со што се повредувале темелните вредности на Уставот. Повторно се укажува дека за слични прашања Уставниот суд досега се произнел двапати, и тоа со одлуките У.бр.117/2006 и У.бр.34/2007, како и се укажува на Одлуката У.бр. 163/2008 донесена на 16.09.2009 година.

Од истите причини, подносителот на иницијативата бара оцена на уставноста и на член 27 од Законот за измени и дополнувања на Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 114/2009), кој е нумериран како последен член 38 во интегралниот текст на Законот.

На крајот, се предлага Уставниот суд да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорените законски одредби, бидејќи со нивно извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека според член 11 став 1 точките 1, 2 и 3 од Законот за медијација, медијаторот мора да ги исполнува следниве услови: 1) да има стекнато универзитетска диплома за завршено високо образование VII/I или стекнати 300 кредити според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС) во Република Македонија или нострифицирана диплома во странство со стекнати 300 кредити;2) да има најмалку пет години работно искуство по дипломирањето и 3) да има сертификат издаден или признат од Министерството за правда за завршена обука според Програмата за обука на медијатори. Според став 2 на истиот член, обуката за медијатори ја организира Министерството за правда или друга институција овластена од министерот за правда, најмалку два пати во текот на една календарска година. Согласно став 3 на овој член, трошоците за обука на медијатори ги сноси кандидатот кој ја посетува обуката за медијатори. Министерот за правда со подзаконски акт ја утврдува висината на реално направените трошоци за обука на медијатори и надоместокот за работата на обучувачите. Согласно став 5 на истиот член, министерот за правда со подзаконски акт го пропишува начинот и постапката на спроведување на обуката на медијатори.

Според член 24 став 5 од Законот, тарифникот за награда и надоместок на трошоци на медијаторите го донесува министерот за правда по претходно прибавено мислење од Комората на медијатори.

Согласно член 31 став 1 од Законот, Собранието на Комората ги врши следните работи: го донесува Статутот на Комората, ја донесува Програмата за работа на Комората, врши упис и бришење во Именикот на медијаторите, го донесува Етичкиот кодекс, расправа за прашања непосредно поврзани со целите и задачите на здружувањето во Комората, усвојува извештај за работата на Комората, го избира претседателот на Комората, ги избира членовите на Управниот одбор, ги избира членовите на Надзорниот одбор, го донесува Деловникот за работа, се грижи и е одговорно за целесообразно користење на средствата со кои управува Комората, односно нејзините членови, одлучува за висината на членарината, начинот на нејзиното плаќање и користење и врши други работи утврдени со закон и Статутот.

Според член 32 став 1 од Законот, Управниот одбор на Комората е извршен орган на Собранието. Според став 2 на овој член, бројот на членовите на Управниот одбор се уредуваат со Статутот на Комората, а начинот на работа на Управниот одбор на Комората со Деловникот за работа на Управниот одбор. Согласно став 3 на истиот член, мандатот на членовите на Управниот одбор трае две години со можност за уште еден избор. Според став 4 на овој член, Управниот одбор: ги подготвува седниците на Собранието на Комората, утврдува предлог на Статутот, ја спроведува политиката, заклучоците и одлуките донесени од Собранието на Комората, се грижи за наплата на членарината, управува и одговара за средствата и имотот на Комората, составува предлог на периодична и годишна пресметка, донесува Правилник за дисциплинска одговорност на медијаторот, кој се објавува во „Службен весник на Република Македонија“, Кодекс за етичко однесување на медијаторот и други акти на Комората, по претходна согласност на министерот за правда и одлучува за други прашања кои се во негова надлежност согласно со закон или со статут.

Согласно член 33 став 1 од Законот, Комората на медијатори ја претставува и застапува претседателот на Комората. Претседателот на Комората по функција е претседател на Управниот одбор на Комората. Според став 2 на истиот член, во негово отсуство, по негово овластување или со одлука на Управниот одбор, Комората може да ја застапува и член на Управниот одбор. Согласно став 3 на овој член, претседателот на Комората ги потпишува одлуката на Собранието и на Управниот одбор, а според став 4 на истиот член, претседателот на Комората го избира Собранието со мандат од две години, со можност за повторен избор.

Според член 34-б став 2 од Законот, се смета дека уписот во Именикот на медијатори е извршен на денот кога медијаторот кој ги исполнува условите предвидени со овој закон ќе достави пријава за упис во Комората.

Согласно член 35 од Законот, надзор на работата на Комората на медијатори кој се однесува на спроведувањето на одредбите од овој закон, врши министерот за правда (став 1). За вршење на надзорот министерот за правда формира комисија составена од претставници на Министерството за правда. При вршењето на надзорот од страна на министерот за правда мора да биде присутен претседателот на Комората или лице овластено од него (став 2). Претседателот на Комората е должен на министерот за правда или лицето овластено од него, да му овозможи пристап до сите простории и увид во евиденцијата за медијација. Поради спреченост на претседателот на Комората, по негово овластување може да го заменува член на Управниот одбор (став 3). За спроведениот надзор се прави извештај и се укажува за констатираните евентуални недостатоци и нивно отстранување (став 4). Еден примерок од извештајот за спроведениот надзор, задолжително се доставува до Комората на медијатори (став 5).

Според член 27 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија” број 114/2009), Тарифникот за награда и надоместок на трошоците на медијаторот, министерот за правда ќе го донесе во рок од 45 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон. Согласно став 2 на истиот член, подзаконскиот акт од член 7 став 5 на овој закон министерот за правда ќе го донесе во рок од 45 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

4. Согласно член 8 став 1 алинеите 3, 4, 7 и 11 од Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, слободата на пазарот и претприемништвото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 20 ставовите 1 и 2 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Согласно член 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Според став 2 на овој член, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Начелата на медијацијата, како алтернативен начин на решавање на спорови, поимот за медијатор, постапката за медијација и организацијата на медијаторите, се уредуваат со Законот за медијација. (член 1 став 1).

Според член 2 на овој закон, со кој се определува значењето на изразите употребени во овој закон, „мeдијација” е начин на решавање на спорови во кој страните спорниот однос настојуваат да го решат на мирен начин со помош на еден или повеќе медијатори, кои на страните им помагаат да постигнат заедничко прифатливо решение; „медијатор“ е физичко лице кое ја спроведува постапката за медијација согласно со начелата за медијација; „постапка за медијација“ е посебен вид на постапка која по својот карактер е доброволна, ефикасна, брза и ефтина; „страна во постапка за медијација“ е физичко или правно лице кое учествува во медијацијата и чија согласност е потребна за решавање на спорот и „Комора на медијатори“ е организација на медијаторите која ја унапредува медијацијата и го организира работењето на медијаторите.

Согласно член 3 од истиот закон, страните во спорот доброволно ја поведуваат и учествуваат во постапката за медијација и во секое време можат да се откажат од истата. Откажувањето на страните од медијацијата не влијае врз нивното право спорот да го решат во судска или друга постапка.

Според член 10 ставовите 1 и 2 од Законот, медијатор е деловно способно физичко лице кое им помага на страните да постигнат спогодба, без право да наметне решение на спорот, во согласност со начелата на медијацијата. Медијатори можат да бидат: адвокати, дипломирани правници или лица од друга професија и други истакнати стручни и научни работници, во зависност од видот на спорот, кои завршиле обука за медијатори и ги исполнуваат условите од членот 11 на овој закон.

Условите кои мора да ги исполнува медијаторот се утврдени во член 11 став 1 од Законот. Според ставот 2 на истиот член, обуката за медијатори ја организира Министерството за правда или друга институција овластена од министерот за правда. Согласно ставот 3 на овој член, трошоците за обука на медијатори ги сноси кандидатот кој ја посетува обуката за медијатори. Министерот за правда со подзаконски акт ја утврдува висината на реално направените трошоци за обука на медијатори и надоместокот за работата на обучувачите. Според став 4 на истиот член, во спорови со странски елемент, медијатор може да биде и странски државјанин доколку е овластен да врши медијација во матичната држава. Согласно ставот 5 на овој член, министерот за правда со подзаконски акт го пропишува начинот и постапката на спроведување на обуката на медијатори.

Наводите во иницијативата дека со оспорените одредби на член 11 од Законот се доведувала во прашање самостојноста и независноста на Комората на медијатори, со тоа што и се одземало веќе стекнатото законско право да ја организира обуката за медијатори, што било спротивно на основните уставни начела, како и општо прифатените норми на меѓународното право, што водело и до повреда на принципот за поделба на власта, Судот ги оцени како неосновани. Ова од причина што според одредбите на Уставот, Собранието на Републиката како носител на законодавната власт, е овластено со закон да уредува области на општествениот живот, во која смисла е овластено и да ги уреди прашањата за вонсудско решавање на спорови со користење на институтот медијација, во рамките на што, право е на законодавецот да ги уреди и прашањата кои се однесуваат на тоа кои услови треба да ги исполнува мадијаторот, да предвиди задолжителност на обука за медијатори, да определи кој ќе ја организира и спроведува обуката за медијатори, поради што Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на член 11 од Законот со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата. Притоа, дали законодавецот ќе се одлучи обуката за медијатори да ја организира и спроведува Министерството за правда или друга институција овластена од министерот за правда или друг правен субјект, како на пример Комората на медијатори, е прашање на целисходност за која одлучува законодавецот, a не е прашање кое може да се оценува од уставно правен аспект.

Актуелното законско решение за тоа обуката за медијатори да ја спроведува Министерството за правда или друга институција овластена од министерот за правда, наместо Комората за медијатори, е резултат на измената на членот 11 од Законот, извршена со Законот за изменување и дополнување на Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија бр.114/09 од 14.09.2009 година), како неспорно право на законодавецот, преку измени и дополнувања на законската регулатива, да уредува одредени прашања на начин за кој смета дека е целисходен, а Уставниот суд нема надлежност да враќа во важност изменети или укинати законски одредби. Оттука, не можат да се прифатат како основани наводите во иницијативата дека ваквата измена во законската регулатива водела кон повреда на принципот на поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, односно сосема е нејасно од каде произлегува тврдењето во иницијативата дека „одземањето на еднаш дадените права од страна на извршната власт претставува навлегување на истата директно во законодавната власт.“

Исто така, Судот оцени дека не можат да се прифатат како основани ниту наводите дека со наведената измена на Законот се одземала самостојноста и независноста на Комората. Според одредбите на Законот, Комората на медијатори е организација на медијаторите која ја унапредува медијацијата и го организира работењето на медијаторите, која има својство на правно лице, при што Законот ги утврдува органите на Комората, времетраењето на мандатот на членовите во овие органи и нивните надлежности, така што фактот што Комората не е повеќе овластена да ја спроведува обуката за медијатори, како една од нејзините надлежности пред измената на Законот, не може да се прифати како одземање на нејзината самостојност и независност. Напротив, со наведените законски измени се дополнува надлежноста на Собранието на Комората да одлучува за висината на членарината, начинот на нејзиното плаќање и користење (член 31 став 1 алинеја 12), како и надлежноста на Управниот одбор на Комората да се грижи за наплата на членарината и да управува и одговара за средствата и имотот на Комората (член 32 став 4 алинеи 4 и 5), кои измени се токму во насока на поголема самостојност и независност на Комората, а не како што погрешно се наведува во иницијативата, за одземање на самостојноста и независноста на Комората. Пропишувањето дека надзор на работата на Комората на медијатори кој се однесува на одредбите од овој закон, врши министерот за правда, при што Законот го пропишува начинот на вршење на ваквиот надзор (член 35), Според Судот, исто така, не може да се прифати како нарушување на самостојноста на Комората на медијатори и навлегување на извршната во законодавната власт, како што неосновано се наведува во иницијативата, без да се дадат аргументи за ваквото тврдење. Исто така, според Судот, подносителот на иницијативата сосема неосновано укажува дека Уставниот суд, при разгледувањето на ова спорно прашање, треба да ја има предвид својата Одлука У.бр. 163/2008 со која е укинат член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за адвокатура („Службен весник на Република Македонија“ бр. 106/2008), затоа што причините за донесувањето на наведената одлука не можат да се доведат во корелација со наводите во иницијативата за наводното одземање на самостојноста на Комората на медијатори.

Тргнувајќи од наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорените член 11 став 1 точка 1, точка 2 и точка 3, став 2 и став 5, член 31 став 1, член 32, член 33, член 34-б став 2 и член 35 од Законот со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 95 став 3 и член 96 од Уставот.

Во однос на наводите во иницијативата за неуставноста на член 11 став 3 од Законот, во делот: „Министерот за правда со подзаконски акт ја утврдува висината на реално направените трошоци за обука на медијатори и надоместокот за работата на обучувачите“, Судот имаше предвид дека обуката за медијатори ја организира и спроведува Министерството за правда или друга институцаија овластена од министерот за правда, како и дека сертификатот за завршена обука го издава или признава Министерството за правда. Тоа значи дека законодавецот го овластил овој орган на државната управа да биде одговорен за спроведувањето на обуката за медијатори, во која смисла го овластил и да ги определи трошоците за обука на медијаторите и надоместокот за работа на обучувачите, но го обврзал притоа да се раководи од висината на реално направените трошоци. Оттука, според Судот, реално направените трошоци претставуваат рамка според која министерот за правда е должен да се раководи при донесувањето на наведениот подзаконски акт, што е во согласност со определбата од член 96 од Уставот, според која органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Тргнувајќи од наведеното, Судот не го прифати тврдењето во иницијативата дека во Законот не постоеле критериуми за определувањето на висината на трошоците за обука и за надоместок на обучувачите, поради што не го постави прашањето за согласноста на член 11 став 3 од Законот, во делот: „Министерот за правда со подзаконски акт ја утврдува висината на реално направените трошоци за обука на медијатори и надоместокот за работата на обучувачите“ со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51 и член 96 од Уставот.

Во однос на наводите во иницијативата дека со оспорената одредба од член 24 став 5 од Законот, законодавецот не ги почитувал одлуките на Уставниот суд, и тоа: Одлуката У.бр. 117/2006 со која е укинат член 24 став 5 во делот:„ Тарифникот го донесува Комората на медијатори, по претходно прибавено позитивно мислење од министерот за правда“ од Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 60/2006) и Одлуката У.бр. 34/2007 со која е укинат член 36 став 4 од Законот за медијација, кој гласел: „Во рок од еден месец од формирањето на Комората на медијатори Комората, со согласност на министерот за правда, ќе донесе Тарифник за награда и надоместок по кој медијаторите ќе ја наплатуваат својата награда за извршените дејствија“, Судот го имаше предвид образложението на наведените одлуки, според кое Судот интервенирал со укинувачка одлука на членот 24 став 5 од Законот за медијација (Одлука У.бр. 117/2006) од причина што утврдил дека од целината на Законот за медијација не произлегува дека во истиот се содржани општи критериуми и параметри за определување на висината на трошоците за преземените дејствија на медијаторот во постапката за медијација. При ваква состојба, се доаѓа до констатација дека со пропишувањето на Тарифникот, од страна на Комората на медијатори, а по прибавено мислење на министерот за правда се утврдуваат и критериумите за определување на висината на наградата и надоместокот на трошоците на медијаторот, што согласно Уставот е надвор од ингеренциите на извршната власт. Оттука, даденото овластување со оспорената законска одредба, значи навлегување на извршната во законодавната власт со што се повредуваат темелните вредности на Уставот, поради што оспорената одредба не е во согласност со наведените одредби од Уставот. Со Одлука У.бр. 34/2007, Уставниот суд на Република Македонија, го укина членот 36 став 4 од Законот за медијација, затоа што оспорената одредба го изменила својот карактер од преодна во материјална одредба и постои опасност истата да послужи како законски основ за донесување на Тарифник и покрај состојбата што во Законот не се содржани општи критериуми и параметри за определување на висината на трошоците за преземените дејствија на медијаторот во постапката за медијација.

По донесувањето на наведените одлуки на Уставниот суд на Република Македонија, донесен е Закон за изменување и дополнување на Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија бр.114/09 од 14.09.2009 година). Со овој закон, членот 24 од Законот, со кој се уредува прашањето за трошоци на постапката за медијација и награда на медијаторот, е дополнет со нови ставови 5 до 10, со кои се утврдува дека Тарифникот за награда и надоместок на трошоци на медијаторите го донесува министерот за правда по претходно прибавено мислење од Комората на медијатори, но се утврдува дека медијаторите за извршените дејствија наплаќаат: награда на медијаторот за извршена медијација и надоместок на трошоци, како и се утврдува дека наградата на медијаторот за извршената медијација се определува според: вложениот труд и потрошеното време во постапката, согласно со Тарифникот за награда и надоместок на трошоци на медијаторите; видот на спорот и бројот на страните. Исто така, се утврдува дека надоместокот на реалните трошоци на медијатори се определува според административно техничките трошоци кои ги опфаќаат трошоците потребни за започнување на постапката и нејзино спроведување.
Од анализата на наведената законска одредба произлегува дека со истата се утврдени критериуми и мерила за определување на наградата на медијаторите и за определување на реалните трошоци на медијаторите, со што законодавецот извршил усогласување на законската регулатива за медијација согласно укажувањата на Уставниот суд искажани во напред наведените одлуки, односно ги отстранил констатираните недостатоци во законската регулатива за отсуство на општи критериуми и параметри за определување на висината на трошоците за преземените дејствија на медијаторот во постапката за медијација. Притоа, право е на законодавецот да одлучи кому ќе го пренесе јавното овластување за донесување конкретен тарифник за определување на наградата и надоместок на трошоците на медијаторите (на министерот за правда, на Комората на медијатори или на друг правен субјект), при што услов е тарифникот да биде определен во законски утврдените рамки.

Тргнувајќи од фактот дека Законот ги утврдил мерилата и критериумите за определување на наградата и надоместок на трошоците на медијаторите, при што определил јавното овластување за донесување на тарифник да го пренесе на министерот за правда по претходно прибавено мислење од Комората на медијаторите, Судот не го прифати тврдењето во иницијативата дека законодавецот со оспорениот член 24 став 5 од Законот, повторно ја вовел укинатата законска одредба во правниот поредок, но во нешто изменета форма, спротивно на член 112 став 3 од Уставот, поради што не го постави прашањето за согласноста на оваа одредба со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 68 ставовите 2 и 3, член 91 алинеите 1 и 5 и член 96 од Уставот.

Наводите во иницијативата за неуставноста на член 27 од Законот за изменување и дополнување на Законот за медијација ( „Службен весник на Република Македонија” број 114/2009 година), кој како самостоен член е систематизиран на крајот од овој закон, во главата Преодни и завршни одредби, Судот ги оцени како неосновани. Ова затоа што со овој член се утврдени рокови за министерот за правда, по влегувањето во сила на Законот, да ги донесе подзаконските акти за кои е овластен во материјалните одредби на Законот (Тарифник за награда и надоместок на трошоците на медијаторот- член 24 став 5 и подзаконски акт со кој ќе се пропише начинот и постапката на спроведување на обуката на медијатори – член 11 став 5), за кои овластувања постои уставен основ, поради што Судот не го постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со член 8 став 1 алинеите 3, 4, 7 и 11, член 55, како и членовите 88, 89, 91, 95 и 96 од Уставот.

5. Наводите во иницијативата за несогласност на оспорените одредби од Законот со други одредби од истиот закон, претставуваат барање за оцена на меѓусебна согласност на одредби од ист закон, за што, Уставниот суд, согласно надлежностите утврдени во член 110 од Уставот, не е надлежен.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов, а во однос на член 11 став 1 точка 3, став 2, став 3 и став 5 и член 24 став 5, решението е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.231/2009
12 мај 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски