Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 април 2010 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВААТ:
– член 20 од Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 110/2007, 103/2008, 161/2008 и 153/2009) и
– Правилникот за постапката и критериумите за следење и оценување на работата на судиите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 31/2008).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативи поднесени од адвокатот Дељо Кадиев од Скопје и Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.237/2009 од 24 февруари 2010 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од актите означени во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според член 20 од Законот за платите на судиите, судскиот совет во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, ќе донесе акт со кој ќе ја утврди постапката и критериумите за следење и оцена на работата на судиите.
Судот, исто така, утврди дека Правилникот за постапката и критериумите за следење и оценување на работата на судиите има 27 члена, поделени во седум глави: I Општи одредби (член 1-4), II Критериуми за оценка на работењето на судијата (член 5-9), III Методи на следење и оценување (член 10-14), IV Постапка на оценување (член 15-23), V Повторно оценување (член 24-25), VI Донесување, изменување и дополнување на правилникот (член 26) и VII Завршни одредби (член 27).
5. Согласно член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Согласно член 99 став 1 од Уставот, судијата се избира без ограничување на траењето на мандатот.
Според Амандман XXVI точка 1 став 2 на Уставот, судијата се разрешува:
– поради потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција пропишана со закон и
– поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција под услови утврдени со закон.
Според Амандман XXVIII точка 1 став 1 на Уставот, Судскиот совет на Република Македонија е самостоен и независен орган на судството. Советот ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт.
Согласно Амандман XXIX точка 1 став 1 на Уставот, Судскиот совет на Република Македонија:
– ги избира и разрешува судиите и судиите поротници;
– утврдува престанок на судиската функција;
– ги избира и разрешува претседателите на судовите;
– ја следи и оценува работата на судиите;
– одлучува за дисциплинската одговорност на судиите;
– одлучува за одземање на имунитетот на судиите;
– предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија од редот на судиите и
– врши други работи утврдени со закон.
Со Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006 и 35/2008), се утврдуваат условите за избор на судии (член 45 и член 46).
Според член 74 став 1 од овој закон, судијата се разрешува од судиската функција:
– поради потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за
вршење на судиската функција пропишана со закон и
– поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција под
услови утврдени со закон.
Со член 75 од овој закон, се пропишува дека под нестручно и несовесно вршење на судиската функција се подразбира незадоволителна стручност или несовесност на судијата што влијае на квалитетот и ажурноста во работењето, и тоа:
– доколку две години по ред Судскиот совет на Република Македонија
оцени дека судијата покажува незадоволителни резултати, особено преку ненавремено донесување на судските одлуки, неефикасно и неажурно водење на судската постапка, број на потврдени, преиначени и укинати судски одлуки,
– несовесно, ненавремено или немарно вршење на судската функција во водењето на судската постапка по одделни предмети,
– пристрасно водење на судската постапка особено во однос на еднаквиот третман на странките,
– постапување со предметите спротивно на начелото за судење во разумен рок, односно одолжување на судската постапка без постоење на законски основ,
– неовластено издавање на класифицирани информации,
– јавно изнесување на информации и податоци за судски предмети за кои не е правосилно одлучено,
– намерно повредување на правилата за правично судење,
– злоупотребување на положбата или пречекорување на службените овластувања,
– повреда на прописите или на друг начин нарушување на независноста на судиите при судење и
– грубо повредување на правилата на Судискиот кодекс со кој се нарушува угледот на судиската функција.
Потешката дисциплинска повреда, која може да биде основ за разрешување на судијата, се утврдува со член 76 од Законот. Така, се пропишува дека под потешка дисциплинска повреда за која се поведува постапка за дисциплинска одговорност на судија за разрешување, се смета:
1) потешка повреда на јавниот ред и мир со која се нарушува неговиот углед и угледот на судот;
2) потешка повреда на правата на странките и на другите учесници во постапката со што се нарушува угледот на судот и судиската функција и
3) повреда на начелото на недискриминација по кој било основ.
Според член 2 од Законот за судскиот совет („Службен весник на Република Македонија“ бр. 60/2006), Судскиот совет на Република Македонија е самостоен и независен орган на судството. Советот ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, преку остварување на своите функции согласно со Уставот и законите.
Според член 31 на овој закон, Советот е надлежен:
– да ги избира и разрешува судиите;
– да ги избира и разрешува претседателите на судовите;
– да утврдува престанок на судиската функција;
– да избира и разрешува судии поротници;
– да ја следи и оценува работата на судиите;
– да одлучува за дисциплинска одговорност на судиите:
– да утврдува престанок на судиска функција поради трајна неспособност за работа на судија;
– да одлучува за одземање на имунитет на судија;
– да одлучува по барање за одобрување на притвор на судија;
– да предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија од редот на судиите;
– да одлучува за времено отстранување на судија од вршење на судиска функција;
– да го утврдува бројот на потребните судиски места по судови;
– да ги разгледува и оценува тримесечните и годишните извештаи за работа на судовите;
– да се грижи за угледот на судиите и довербата на граѓаните кон судството;
– да постапува по претставки и поплаки на граѓаните и правните лица
за работата на судиите и судовите;
– да поднесува извештај за работата;
– да донесе деловник и други општи акти со кои ги уредува работите од својата надлежност и
– да врши и други работи утврдени со закон.
Условите за избор на судија на повисок суд се утврдени со член 41 од овој закон. Така, во став 2 на овој член се пропишува дека Советот за судија на апелационен суд, Управниот суд на Македонија и Врховниот суд на Република Македонија ќе избере лице кое има највисоки стручни и професионални квалитети, кое ужива углед во вршењето на судиската функција, а врз основа на следниве критериуми:
1) стручно знаење во струката, при што се земаат предвид специјалистичките, постдипломските студии и учеството во континуираната едукација;
2) односот кон работата, при што се зема предвид постигнатиот однос меѓу преземениот и очекуваниот обем и ажурност во извршувањето на работата на судијата;
3) способност за разрешување на правните прашања, при што се зема предвид достигнатиот степен на правилноста и законитоста на судското одлучување и утврдување, пред се, во постапките со правните средства;
4) чувањето на угледот на судијата и судот, што се утврдува од начинот на водењето на постапката, комуникацијата со странките и другите органи, чувањето на независноста, непристрасноста, доверливоста, значајноста и однесувањето кон работата и надвор од неа;
5) способност за усно и писмено изразување, што се огледа преку
изготвените одлуки и судското стручно дејствување;
6) преземањето дополнителна работа во вршење на судиската функција со учество во решавање на заостанати предмети;
7) преземање дополнителна работа при вршење на судиската функција преку менторство, едукација и слично;
8) односот со соработникот и судската администрација и
9) способноста за вршење на задачи од раководен карактер.
Со Законот за платите на судиите се уредува системот на плати, надоместоци на плата, други надоместоци и примања на судиите (член 1).
Според член 2 став 1 на овој закон, судијата има право на плата соодветна на значењето и угледот на судската функција што ја врши, тежината на работата и неговата одговорност. Според став 2 на овој член, платата на судиите утврдена според одредбите на овој закон, не може да биде намалена со закон или одлука на државен орган. Согласно став 3 на истиот член, платата на судијата може да се намали само при утврдена дисциплинска одговорност согласно со закон.
Според член 4 на истиот закон, висината на платата на судијата се утврдува во зависност од:
– видот на судот,
– специјализираниот судски оддел (видот на предмети по кои постапува),
– внатрешните должности во судот (претседател на: суд, оддел, одделение и совет),
– судскиот стаж,
– научно-стручните звања и специјализацијата и
– постигнатите резултати во вршењето на судиската функција.
Според член 20 од овој закон, Судскиот совет во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе донесе акт со кој ќе ја утврди постапката и критериумите за следење и оцена на работата на судиите.
Од анализата на наведените уставни и законски одредби, неспорно произлегува дека Судскиот совет на Република Македонија е самостоен и независен орган на судството кој ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт. Понатаму, Уставот ги утврдил, а Законот за Судскиот совет на Република Македонија ги доразработил надлежностите на Судскиот совет, од каде неспорно произлегува дека овој орган има надлежност да ја следи и оценува работата на судиите.
Тргнувајќи од утвредената правна и фактичка состојба, се поставува прашањето дали следењето и оценувањето на работата на судиите, Судскиот совет треба и може да ја врши врз основа на критериуми и постапка кој самиот ги пропишал со подзаконски акт или пак законот е тој кој треба да ја даде рамката, односно критериумите по кои треба да се следи и оценува работата на судиите, а Судскиот Совет само да го спроведува законот. Притоа, според Судот, за одговор на ова прашање од суштинско значење е, која е целта на следењето и оценувањето на работата на судиите, дали таа се исцрпува со влијанието на оценувањето врз платите на судиите, имајќи предвид дека законскиот основ за донесување на ваков подзаконски акт е член 20 од Законот за платите на судиите или пак влијанието на оценувањето на судиите се протега пошироко.
Видно од одредбите од Законот за платите на судиите, платите на судиите се уредени со тој закон, при што стои изречна одредба дека платата на судиите утврдена со овој закон не може да биде намалена со закон или одлука на државен орган. Единствена можност за намалување на платата на судиите е ако истите бидат дисциплински казнети со мерка – намалување на платата, при што одлуката ја донесува Судскиот совет, а дисциплинската постапка и дисциплинските мерки се утврдени во Законот за судовите.
Според одредбата во член 4 став 1 алинеја 6 од Законот за платите на судиите, висината на платата на судијата се утврдува во зависност од постигнатите резултати во вршењето на судиската функција. Оваа одредба беше доразработена со член 8 од истиот закон. Според став 1 на овој член, судовите кои според заклучокот за ажурност и квалитет на Врховниот суд на Република Македонија со кој е утврдено дека е совладан приливот на новите предмети примени во текот на годината и за 1/3, односно 1/2 го намалиле заостатокот на нерешени предмети од претходните години, последната месечната плата на судиите еднократно им се зголемува, како надоместок за 70%, односно 100% по добиениот извештај. Според став 2 на истиот член, на судија за кој Судскиот совет ќе утврди непостигање на очекуваните резултати во работата повеќе од осум месеца едноподруго без оправдани причини и по оцена на неговата работа, не може да му се зголеми платата согласно со ставот (1) на овој член и за тој судија ќе поведе постапка за утврдување на дисциплинска одговорност согласно со закон. Според став 3 на истиот член, исполнувањето на условите од ставовите (1) и (2) на овој член ги утврдува Судскиот совет.
Откако е избришан член 8 од Законот за платите на судиите (Закон за изменување и дополнување на Законот за платите на судиите – „Службен весник на Република Македонија“ бр. 153/2009), во Законот за платите на судиите нема одредби кои уредуваат или упатуваат како постигнатите резултати во вршењето на судиската функција влијаат на висината на платата на судијата. Со тоа, одредбата во член 4 алинеја 6 од Законот, според која постигнатите резултати во вршењето на судиската функција влијаат на висината на платата на судиите, станува неприменлива. Оттука, според Судот, донесувањето на акт од страна на Судскиот совет за утврдување на постапка и особено, за утврдување на критериуми за следење и оцена на работата на судиите, што како надлежност на Судскиот совет е утврдено во преодните и завршните одредби на Законот за платите (член 20), не може да се прифати како уставно и законски засновано решение според кое со подзаконски акт се врши доразработка на постојните законски одредби за начинот на пресметување и определување на висината на платите на судиите.
Од одредбите на Законот за судовите и Законот за судскиот совет, произлегува дека оценувањето на судиите влијае на професионалниот развој на судиите, и тоа особено на условите за нивно разрешување. Така, во член 75 став 1 алинеја 1 од Законот за судовите , се утврдува дека под нестручно и несовесно вршење на судиската функција, како основ за разрешување на судија, се подразбира незадоволителна стручност или несовесност на судијата што влијае на квалитетот и ажурноста во работењето, доколку две години по ред Судскиот совет на Република Македонија оцени дека судијата покажува незадоволителни резултати, особено преку ненавремено донесување на судските одлуки, неефикасно и неажурно водење на судската постапка, број на потврдени, преиначени и укинати судски одлуки. Постапката за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција е утврдена со член 58 од Законот за судскиот совет. Според тоа, произлегува дека законодавецот утврдил критериуми за тоа како Судскиот совет треба да ги оценува резултатите на судијата во постапката на оцена на неговата стручност и совесност, кои имаат влијание во постапката за разрешување на судијата. Тргнувајќи од претходната констатација дека подзаконскиот акт донесен врз основа на членот 20 од Законот за платите нема влијание врз висината на платите, произлегува дека со истиот се утврдуваат постапка и критериуми за следење и оцена на работата на судиите кои единствено можат да имаат ефект во постапката за разрешување на судиите.
Со оглед на наведеното, се поставува прашањето која била целта и оправданоста на законодавецот да го овласти Судскиот совет да донесе подзаконски акт со кој ќе утврди критериуми за следење и оцена на работата на судиите, односно дали тоа значи дека Судскиот совет има основ да пропише други критериуми за оцена на стручноста и совесноста на судијата, различни од утврдените со член 75 од Законот за судовите, кој согласно Амандманот XXV на Уставот, меѓу другото, е донесен со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и дали тоа всушност не значи проширување на критериумите утврдени со Законот за судовите, но сега во друга постапка, односно со подзаконски акт за чие донесување основ претставува закон донесен со обично мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Притоа, според Судот, ирелевантно е на кој начин е донесен законот, затоа што основно и суштинско прашање е дека критериумите за разрешување на судиите треба да се утврдат со закон, а не со подзаконски акт.
Доколку станува збор за други критериуми, кои немаат влијание во постапката која се води за разрешување на судијата, се поставува прашањето која би била целта на ваквите критериуми, при што останува констатацијата дека критериумите се утврдуваат со закон, а со подзаконски акт се врши нивна доразработка, што е принцип во согласност со начелото на владеењето на правото и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Покрај наведеното, Судот имаше предвид дека, со овластувањето на Судскиот совет да пропише критериуми за следење и оцена на работата на судиите, законодавецот немал истоветен пристап при разработувањето на уставните надлежности на Судскиот совет, затоа што во сите други случаи на надлежност на овој орган (избор и разрешување на судии, утврдување престанок на судиската функција, избор и разрешување на претседателите на судовите, дисциплинска одговорност на судиите, одземање на имунитет на судија), законодавецот ги пропишал критериумите, условите и постапката според кои овој орган постапува, а само во случајот на оценувањето на работата на судиите, за тоа, го овластил Судскиот совет, и тоа во преодните и завршни одредби на Законот за платите на судиите.
Според Судот, вака неконзистентниот пристап на законодавецот при регулирањето на едно важно прашање поврзано со професионалната кариера на судиите, не би можело да се оправда со уставната положба на Судскиот совет и неговата самостојност и независност и тоа може да го доведе во прашање принципот на владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Судскиот совет има уставна обврска да ја гарантира независноста на судската власт, а тоа според Судот, може да го врши со стручно, одговорно и непристрасно спроведување на уставните и законските одредби со кои се уредува судството во Република Македонија и посебно неговите надлежности, а не и со преземање на законодавна функција, како што произлегува во случајот со утврдувањето на критериумите за следење и оцена на работата на судиите.
Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека член 20 од Законот за платите на судиите не е во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51 и Амандман XXIX на Уставот.
6. Според Судот, неуставноста на членот 20 од Законот за платите на судиите, кој е правен основ за донесување на Правилникот за постапката и критериумите за следење и оценување на работата на судиите, повлекува неуставност и на оспорениот правилник во целина. Притоа, за ваквиот став нема влијание фактот што во правниот основ за донесување на Правилникот е наведен и член 31 став 1 алинеја 5 од Законот за судскиот совет, според кој Судскиот совет ја следи и оценува работата на судиите. Ова затоа што фактот дека станува збор за неспорна уставна надлежност на Судскиот совет, сам по себе не претставува основ за донесување подзаконски акт со кој би се уредила ваквата надлежност на Судскиот совет.
Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека Правилникот за постапката и критериумите за следење и оценување на работата на судиите не е во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51 и Амандман XXIX на Уставот.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.237/2009
28 април 2010 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски