213/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 април 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 48 став 1 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006 и 35/2008).

2. Кирил Георгиевски, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 48 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорената одредба од Законот биле предвидени условите кои требало да бидат исполнети за да може одредено лице да биде избрано за судија поротник, меѓутоа предвидените законски услови давале основ за избор на стручно некомпетентни и стручно неквалитетни лица, кои не одговарале да ја обавуваат функцијата на судија-поротник и да учествуваат во донесувањето на одлуки на судот, поради што одлуките фактички биле донесувани од претседателот на советот како судија поединец, наместо од советот на судот во кој судиите поротници само формално учествувале. Поради тоа, со оспорената одредба од Законот се повредувал уставниот принцип на владеењето на правото утврден во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и уставната гаранција дека судовите судат во совет, утврдена во членот 103 став 1 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 46 став 1 од Законот за судовите е предвидено дека за судија поротник може да биде избран полнолетен државјанин на Република Македонија со завршено најмалку средно образование, кој ужива углед за вршење на оваа функција.

4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Согласно Амандман XXV на Уставот, со кој се заменува членот 98 од Уставот на Република Македонија, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според членот 103 од Уставот, судот суди во совет. Со закон се утврдува кога суди судија поединец. Во судењето учествуваат и судии поротници кога тоа е утврдено со закон. Судиите поротници не можат да бидат повикани на одговорност за мислење и одлучување при донесување на судските одлуки.

Според точка 1 ставот 1 алинеја 1 од Амандманот XXIX на Уставот, со кој се заменува членот 105 од Уставот, Судскиот совет на Република Македонија, ги избира и разрешува судиите и судиите поротници. Согласно ставот 2 на овој амандман, при изборот на судиите, судиите поротници и претседателите на судовите ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.

Со Законот за судовите се уредуваат основните начела врз основа на кои: судовите ги остваруваат целите и функциите на судството; организацијата и надлежноста на судовите; изборот на судиите, претседателите на судовите и судиите поротници; нивните права, обврски и имунитет; престанок и разрешувањето од судиската функција; работите од областа на правосудната управа, судската управа, судскиот информатички систем; се уредува судката стручна служба; средствата за работа на судовите; поставеноста на судската полиција и други прашања поврзани со функционирањето на судовите и судскиот систем.

Согласно членот 38 став 3 од овој закон, во судењето учествуваат и судии поротници, кои согласно членот 42 од овој закон, ги избира и разрешува Судскиот совет на Република Македонија, под услови и во постапка определени со закон.

Согласно членот 44 ставови 2 и 3 од овој закон, Судскиот совет на Република Македонија по предлог на седниците на основните и апелационите судови со одлука го определува бројот на судии поротници во секој суд. Одлуката се објавува во „Службен весник на Република Македонија“.

Условите за избор на судија поротник се утврдени со членот 48 од овој закон, како и дека неговиот мандат трае четири години и истиот може повторно да биде избран (член 49). Судиите поротници имаат право на надоместок за вршење на работите на судија поротник (член 64 став 1) и судијата поротник не може да биде повикан на одговорност за искажано мислење и одлучување при донесување на судските одлуки. Со Законот за судовите се уредени и други прашања за судиите поротници.

Од основните начела на Уставот и од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот на Република Македонија судската власт ја конституирал како одвоена и независна од законодавната и извршната власт. Судската власт ја вршат судовите.

Тргнувајќи од уставната положба на судовите како посебни, самостојни органи кои судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, според Судот несомнено произлегува дека вршењето на судиската функција е условено со поседување на посебни стручни способности од страна на судиите кои учествуваат во судењето, во која смисла, со Законот за судовите, законодавецот ги утврдил условите потребни за вршење на судиската функција.

Имајќи ја предвид уставната определба дека во судењето учествуваат и судии-поротници кога тоа е утврдено со закон, како и фактот дека функцијата судија поротник има карактер на јавна функција, Судот утврди дека законодавецот, исто така, има овластување да ги пропише посебните услови кои треба да ги исполни граѓанинот за вршење на оваа функција. Пропишувањето на овие посебни услови е во согласност со одредбата од член 23 од Уставот, од причина што Уставот не ги пропишува условите за здобивање на јавна функција, од каде произлегува дека ваквата функција може да се добие само под услови пропишани со закон, на кој начин се операционализира уставната определба дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Законодавецот во случајов, како посебни услови за вршење на функцијата судија поротник, ги утврдил: лицето да е државјанин на Република Македонија, да е полнолетен, да има завршено најмалку средно образование, активно да го владее македонскиот јазик како службен јазик на кој се води постапката пред судот, да ужива углед за вршење на оваа јавна функција и да не биде постар од 60 години. Навршувањето на 60 години старост е утврдено како основ за престанок на функцијата.

Во однос на пропишувањето на средното образование како потребен минимум на образование како услов за извршување на оваа јавна функција, Уставниот суд на Република Македонија веќе утврдил став (У.бр.162/2006)дека пропишувањето на посебни услови за вршење на оваа функција произлегува од спецификата на функцијата. Имено, со Уставот е јасно утврдено дека судот суди во совет во кој учествуваат и судии поротници, кои во однос на образованието со закон е определено да имаат минимум средно образование, а со тоа се обезбедува и лаичкиот елемент во одлучувањето на судот во рамки на правното и стручно судско одлучување, што е присутно и во други правни сиситеми, покрај нашиот.

Законодавецот при пропишувањето на условите за вршење на функцијата судија поротник, имајќи ги предвид спецификите и значењето на функцијата, ги определил како услови старосната доба како природен и објективен факт од кој зависи успешноста на вршењето на функцијата и образованието, владеењето на македонскиот јазик и угледот за вршење на функцијата како елементарни услови кои би требале да ги имаат граѓаните за достапност до оваа функција и нејзино извршување. Оцената на целисходноста на пропишаните услови во Законот и дали се тие оптимални за избор на судија поротник, не е во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија.

Функцијата судија поротник има карактер на јавна функција која се врши без засновање на работен однос и законодавецот е овластен да ги пропише посебните услови кои важат за сите граѓани за вршење на оваа функција.

Врз основа на изнесеното Судот утврди дека за оспорената одредба од членот 48 став 1 од Законот за судовите не може основано да се постави прашшањето на уставноста, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.213/2009
14 април 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски