У.бр.16/2010

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 април 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Здравко Тумбовски од Радовиш за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, што се однесува на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност.

2. Здравко Тумбовски од Радовиш на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, што се однесува на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност, повредено со Пресудата РОЖ.бр.66/2008 од 27 март 2008 година, донесено од Апелациониот суд од Штип.

Подносителот на барањето наведува дека тој бил вработен во ШИК „Плачковица“ Радовиш до мај 2006 година кога му престанал работниот однос. Истиот, по престанок на работниот однос до Основниот суд Радовиш поднел тужба за исплата на придонеси за пензиско и инвалидско осигурување за 1995, 1996, 1997, 1998, 2002, 2003, 2004 и 2005 кое тужбено барање од страна на Судот било целосно усвоено.

Тужениот ШИК „Плачковица“ против оваа пресуда поднел жалба до Апелациониот суд, која жалба со Пресуда РОЖ.бр.66/2008 од 27.03.2008 година била делумно уважена, а пресудата на Основниот суд Радовиш била преиначена во однос на платените придонеси за 1995, 1996 и за месеците јануари и февруари 1997 година, односно тој дел од тужбеното барање бил одбиен како неоснован.

Според подносителот на барањето со Пресудата РОЖ.бр.66/2008 од 27 март 2008 на Апелациониот суд Штип била направена повреда по основ на социјална припадност затоа што неколку дена пред донесената пресуда на подносителот на барањето односно на 4 март 2008 година истиот суд во ист судски состав за истиот спорен период но за други тужители ја потврдил пресудата на Основниот суд Радовиш П.бр.268/05 од 11 – 28.01.2008 година.

Според подносителот со наведениот начин на одлучување на Апелациониот суд од Штип што се гледало од образложението на двете пресуди, тој бил ставен во понеповолна положба споредбено со други поранешни вработени кои биле од иста социјална припадност како подносителот. Ова од причини што сите тие биле вработени во ШИК „Плачковица“ и за нив судот правилно одлучил да им се платат придонесите и го задолжил тужениот со тоа, а за него од непознати дискриминаторски причини зазел дијаметрално различен став од претходниот. Подносителот на барањето бара Уставниот суд да донесе одлука со која ќе го определи начинот на отстранување на последиците на поединечните акти со кои било повредено правото на забрана на дискриминација поради социјална припадност.

3. Судот на седницата утврди дека Основниот суд Радовиш на 7 декемвври 2007 година донел пресуда П.бр.132/2007 со која тужбеното барање на Здравко Тумбовски од Радовиш го усвоил и го задолжил тужениот ШИК „Плачковица“ на име на тужителот на сметка на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да ги уплати придонесите за пензиско и инвалидско осигурување на основиците на пресметани и исплатени плати по методологија на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Макеоднија на денот на уплата и тоа за спорните години по месеци на законската основица. Понатаму, во пресудата се наведува дека тужителот бил во редовен работен однос кој тужениот заклучно со април 2006 година. Стечајната постапка над тужениот ШИК „Плачковица“ започнала на 28 февруари 1997 година, при што со одлука на стечајниот совет побарувањето на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување било конвертирано во влог за секој вработен, па и за Здравко Тумбовски требало да ги завери обрасците М4.

Од изведените докази, расправата и увидот во одредени списи, Основниот суд во Радовиш утврдил дека тужениот на тужителот не му исплатил придонеси за пензиско и инвалидско осигурување во фондот по години и месеци и дека тужениот бил должен таквите придонеси да ги исплаќа со исплаќање на платите за секој месец. Основниот суд во Радовиш ги ценел и наводите на тужениот дека истиот ги платил придонесите за пензиско и инвалидско осогурување на тужителот по пат на акции бидејќи тужениот со исплаќањето на 24.094.485 што биле уплатени во Фондот имал пренесено на Фондот 5.442 акции, но истите наводи ги одбил како неосновани од причина што согласно Законот за трговските друштва акциите не преставувале придонес за пензиско и инвалидско осигурување, туку претставувале хартии од вредност кои имале номинална вредност, а исто така и од фактот што новиот сопственик на тужениот со купување на овие акции од берзата немал склучено договор со кој ќе се регулират правата и обврските.

Незадоволен од наведената пресуда останал тужениот ШИК „Плачковица“ и поднел жалба против Пресудата П.бр.132/2007 од 7 декември 2007 година.

По повод жалбата на тужениот, Апелациониот суд во Штип на 27 март 2008 година донел Пресуда РОЖ.бр.66/2008 со која жалбата на тужениот делумно се уважува во смисла на тоа што пресудата на Основниот суд Радовиш П.бр.132/2007 во став 2 од изреката на истата се преиначува и одлучува така што тужбеното барање на тужителот Здравко Тумбовски од Радовиш да се задолжи тужениот ШИК „Плачковица“ на име на тужителот Здравко Тумбовски, а на сметка на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување да ги уплати придонесите за пензиско и инвалидско осигурување за 1995, 1996 и за месеците јануари и февруари 1997 година се одбива како неосновано, а пресудата во останатиот дел се потврдува.

Во образложението на пресудата на Апелациониот суд Штип се наведува дека основан бил жалбениот навод на жалителот – тужениот ШИК „Плачковица“ дека првостепениот суд донесувајќи ја побиваната пресуда и одлучувајќи како во став 2 на изреката по однос на задолжението на тужениот на име на тужителот Здравко Тумбовски, а на сметка на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да ги уплати придонесите за пензиско и инвалидско осигурување на основиците на пресметани и исплатени плати и тоа за 1995, 1996 и за месец јануари и февруари 1997 година погрешно го применил материјалното право.

Од приложените писмени докази во текот на постапката Апелациониот суд констатирал дека за спорниот период побарувањата на вработените меѓу кои спаѓа и тужителот е трансформирано во акции на Фондот кај тужениот. Во прилог на наведеното факт било и посменото бр.02-429 од 13 октомври 2003 година, изготвен лично од сега тужителот кој во тој период бил извршен директор, во кое се наведува дека за период од 1 јануари 1995 година до 27 февруари 1997 година од страна на сега тужениот на Фондот се дадени 5.442 акции со потпишан договор поради што за овој период се смета дека придонесите се платени. Од тие причини судот ја преиначил првостепената пресуда во став 2 од изреката.

Понатаму во постапка е утврдено дека Основниот суд во Радовиш, со Пресуда П.бр.268/05-II од 28 јануари 2008 година, во целост го усвоил тужбеното барање на шест тужители вработени во ШИК „Плачковица“ и го задолжил тужениот на тужителите во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да им ги плати придонесите за пензиско и инвалидско осигурување на основиците на пресметаните плати како и на разликата на основиците за доплата на придонесите по години за секој тужител поименично.

Во образложението на пресудата, покрај другото се наведува дека тужителите се додека биле на работа кај тужениот за целиот период примале плата, а до одредени месеци им биле плаќани придонеси и тоа на дел од основицата, а додека во поголемиот дел како што е наведено по месеци и години не им биле уплатувани придонеси на основицата поради што тужениот е во обврска да ги уплати истите како и да изврши доплата на основицата.

Незадоволен од наведената пресуда тужениот ШИК „Плачковица“ поднел жалба која со Пресуда РОЖЖ.бр.96/2008 од 4.03.2008 година, Апелациониот суд во Штип ја одбил како неоснована, а пресудата на основниот суд во Радовиш П.бр.268/05-II од 28 јануари 2008 година ја потврдил.

Во образложението на пресудата, покрај другото Апелациониот суд утврдил дека првостепениот суд врз основа на изведените докази, а посебно од спроведеното вештачење утврдил дека тужениот во својство на работодавач на тужителите како поранешни вработени не им ги исплатил придонесите за пензиско и инвалидско осигурување по години и месеци и во висина како што навел во изреката на пресудата и тоа спрема најниската плата за пресметување на придонесите.

4. Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејствие му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејствие со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Членот 52 од Деловникот на Уставниот суд утврдува дека во барањето од член 51 е потребно да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Имајќи ги предвид наводите содржани во барањето, произлегува дека во суштина барањето не се однесува на заштита на слободите и правата на што подносителот само се повикува, туку барањето се однесува на испитување од страна на Уставниот суд на уставноста на акт на суд од аспект на различно пресудување по предмети со исти тужбени барања. Имено, подносителот бара Уставниот суд да постапува како инстанционен суд и да одлучува за уставноста на пресуда на Апелациониот суд во Штип поради невоедначена судска практика која е во надлежност на Врховниот суд на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното, произлегува дека поднесеното барање не претставува барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, а кое се однесува на забрана на дискриминација по основ на социјална припадност, туку претставува барање Уставниот суд да одлучува за права и интереси на странката во конкретен предмет од надлежност на други судови за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.16/2010
7 април 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски