Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 април 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за дел од УЕ „Х.Т. Карпош“,Урбан блок 64, плански опфат помеѓу Бул. „Трета МУБ“, „Гоце Делчев“, „Трст“ и „Вардарска“ – општина Куманово („Службен гласник на општина Куманово“ бр.34/2007), донесена од Советот на општина Куманово.
2. Марјан Манасијевски од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Со иницијативата се оспорува Одлуката за дел од УЕ „Х.Т. Карпош“ Урбан блок 64, во општина Куманово, поради тоа што врз основа на планираната содржина во Планот, лицето Денковски Драган од Куманово пристапил кон градење на објект со кој се затворал патот кој бил единствен влез до куќите во постојното урбано подрачје каде бил и деловниот простор на синот на подносителот на иницијативата, а со тоа се загрозувала неговата деловна професија и работа со која обезбедувал егзистенција поради неможноста во деловниот простор да врши дотур на стока. Имено, градбата на наведеното лице се вршела на градежното земјиште кое тој го купил спротивно на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, бидејќи во членот 6 од овој закон било уредено дека градежното земјиште што е во општа употреба (јавни плоштади, улици, сообраќајници, паркови и јавно сообраќајни површини) и градежно земјиште што со урбанистичките планови е наменето за добра во општа употреба е во државна сопственост и не е предмет на приватизација. Овие земјишта не можеле да се приватизираат и договорите биле ништовни. Оттука, за подносителот на иницијативата било неприфатливо градежното земјиште да го приватизира, односно купи Денковски Драган, ниту било прифатливо во Планот да се планираат објекти, како во случајов, со што се отежнувало нормалното живеење и работење во населбата.
Со оглед на тоа што со предметниот План биле планирани содржини спротивно на членот 6 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на законитоста на оспорената одлука и Судот да одлучи да ги запре градежните дејствија на лицето Денковски Драган кои биле во тек.
3. Судот на седницата утврди дека со членот 1 од оспорената одлука е утврдено дека со оваа одлука се донесува Планот, кој содржел плански опфат помеѓу Бул. „Трета МУБ“, „Гоце Делчев“, „Трст“ и „Вардарска“ – општина Куманово, со техничка документација број 11/2006 изработена од „Урбан Гис“ ДОО-Куманово.
Според членот 2 од Одлуката, составен дел од Деталниот урбанистички план за дел од УЕ „Х.Т.Карпош“, Урбан блок 64, со определениот плански опфат, биле текстуалниот дел со билансни показатели и основни параметри за уредување на просторот и синтезниот графички приказ на планските решенија со технички број 11/2006.
Со членот 3 од Одлуката е утврдено дека урбанистичката документација се заверува во најмалку седум примероци со потпис и печат на градоначалникот на општината Куманово и е определено чувањето на документацијата.
Според членот 4, оваа одлука влегува во сила осмиот ден од објавувањето во „Службен гласник на општина Куманово“.
4. Согласно членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Со оглед на тоа што Одлуката за донесување на Планот не се оспорува од аспект на согласноста на постапката за донесување на Планот со одредбите од Законот за просторното и урбанистичкото планирање и други закони со кои се уредува постапката за донесување на плановите, за што Судот има надлежност да одлучува, туку исклучиво се оспорува во однос на спроведувањето на оспорениот план во урбаниот простор кое било, според наводите во иницијативата, спротивно на одредби од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005, 13/2007, 165/2008 и 146/2009), Судот утврди дека со овој закон не се уредува постапката за донесување на Планот, а воедно Судот нема надлежност да го цени неговото спроведување.
Тргнувајќи од изнесеното Судот утврди дека согласно наведените уставни и деловнички одредби во случајов се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.
5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.220/2009
7 април 2010 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски