229/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 април 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на членовите 81 и 82 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008 и 83/2009).

2. Васил Гагачев од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за повторно оценување на уставноста на членовите 81 и 82 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата и нејзиното дополнување, со одредбата од член 81 од Законот за парничната постапка се воспоставувал монопол во полза на една професија – адвокатурата што било спротивно на член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот, затоа што со него се ограничувала слободата на пазарот, имајќи предвид дека станувало збор за граѓанско правни односи засновани врз пазарни начела – слободно стапување во односи на пазарните субјекти.

Оспорената одредба била правно неодржлива од причина што полномошното бил материјално правен институт кој се регулирал со материјален закон – Законот за облигационите односи,при што правната наука, како ни Уставот кој е конституиран врз меѓународниот правен поредок не познавале дерогација на материјален закон со процесен закон, па макар да станувало збор за посебна негенерална дерогација. Одредбата од членот 82 од Законот била реликт од самоуправниот социјализам кој ја штител „сечијата“ и ничијата „општествена сопственост“.

3. Судот на седницата утврди дека според член 81 став 1 од Законот за парничната постапка, полномошник на странката може да биде:
– адвокат,
– лице-дипломиран правник кое со странката е во работен однос и
– роднина по крв во права линија, брат, сестра или брачен другар, доколку е потполно деловно способен.

Според ставот 2 од овој член од Законот, ако како полномошник се јавува лице спротивно на одредбите од ставот 1 на овој член, судот ќе донесе решение со кое на тоа лице ќе му оневозможи натамошно застапување и за тоа ќе ја извести странката,а според ставот 3 од овој член од Законот, против решението од ставот 2 на овој член не е дозволена посебна жалба.

Според членот 82 од Законот, ако вредноста на предметот на спорот надминува 1.000.000 денари, полномошник на правно лице може да биде лице кое е дипломиран правник со положен правосуден испит и кое е во работен однос со правното лице.

4. Судот, исто така утврди дека со Решение У.бр.226/2005 од 1 февруари 2006 година не повел постапка за оценување на уставноста на членовите 81 и 82 од Законот за парничната постапка.
Во образложението на Решението, Судот изразил став дека имајќи предвид дека со Уставот адвокатурата е дефинирана како јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон, произлегува дека законодавецот има право со закон да утврди под кои услови и во кои случаи адвокатурата обезбедува правна помош, а исто така со закон да утврдува во кои случаи и под кои услови правната помош може да ја обезбедуваат и други лица, односно субјекти.
Со оглед на тоа што со Уставот не е утврдено исклучиво право на адвокатурата да обезбедува правна помош, во конкретниот случај законодавецот со Законот за парничната постапка, освен адвокатите, ги овластил и другите лица определени во оспорените одредби од членовите 81 и 82 од Законот да даваат правна помош.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оценил дека со оспорените членови 81 и 82 од Законот за парничната постапка не се повредувал уставниот принцип на владеењето на правото ниту, пак, другите членови од Уставот, посочени со иницијативите.

5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања.

Според член 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а според ставот 2 на овој член Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Со Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 4/2002 и 5/2003) се уредуваат основите на облигационите и договорните односи во прометот на стоки и услуги, помеѓу правните и физичките лица како учесници во тие односи, а тие во прометот се слободни да ги уредуваат облигационите односи во согласност со Уставот, законите и добрите обичаи.

Според Законот за облигационите односи, полномошното е дефинирано како овластување за застапување што властодавецот со правна работа му го дава на полномошникот. Прашањата кои се однесуваат на формата на полномошното, обемот на овластувањата на полномошникот, обемот на овластувањата, отповикувањето и стеснување на полномошното, дејството на престанувањето и на стеснувањето на полномошното спрема трети лица и други случаи на престанување на полномошното, како и прашањето на деловното полномошно, се уредени во членовите од 82 до 88 од Законот за облигационите односи.

Законот за парничната постапка содржи одредби кои се однесуваат на полношникот односно полномошното во оваа постапка. Имено, според член 80 од наведениот закон, странките можат да преземат дејствија во постапката лично или преку полномошник.

Во членовите 81 и 82 од Законот, се уредени прашањата кои се однесуваат на тоа кој може да биде полномошник на странката во парнична постапка. обемот на полномошното (член 85), какво дејство имаат активностите што ги презема полномошникот (член 84), обемот на овластувања на полномошникот кога тоа лице е адвокат,а при тоа поблиску не се определени овластувања, како и обемот на овластувањето на полношникот кој не е адвокат, односно странката не ги определила овластувањата поблиску.

Во Законот за кривичната постапка, исто тоа е уредено прашањето на застапување на странките и другите учесници во постапката, при што во зависност од видот и висината на запретената казна, дали се работи за осомничен во предкривичната или кривичната постапка, дали се работи за обвинет, оштетен,приватен или супсидијарен тужител, Законот има различен пристап за тоа дали полномошник мора да биде секогаш само адвокат или одредени дејствија може да преземаат и други лица.

Прашањето за полномошници исто така е уредено и во Законот за општата управна постапка.

Од анализата на наведните закони, произлегува дека со институтот “полномошници” се дефинираат и опфаќаат лица, на кои им се пренесени овластувања за преземање на дејствија за заштита на правата и интереси на странките во зависност од материјата која се уредува со законот. Оттука, уредувањето на прашањето на институтот „полномошници “ за потребите на странките во облигационите односи е сосема различно од полномошниците во граѓанскoпроцесна, кривичнoпроцесна или управнoпроцесна материја, односно, за потребите на странките во соодветните постапки и во никој случај тие не би можеле да се поистоветат. Ова дотолку повеќе што застапувањето на странките преку полномошник во постапките пред судовите се уредува со закони кои се носат со двотретинско мнозинство од вкупниот број на пратеници во Собранието имајќи го предвид фактот што положбата на полномошникот во постапката не го определува само односот спрема странката која ја застапува туку и неговиот однос спрема судот и спрема противната странка, наспрема Законот за облигационите односи за кој не е предвидено дека тој се носи со вакво мнозинство.

Тргнувајќи од наведеното, сосема е јасна, недвосмислена и видлива разликата на застапувањето на странката преку полномошник во постапките пред судовите и застапувањето на странката во облигационите односи,од кои причини не може да се прифати и оправда барањето на подносителот на иницијативата за унифицирање на полномошното, односно застапувањето преку полномошник во постапките пред судовите според моделот прифатен во Законот за облигационите односи. Имено, според Судот, целта на законодавецот не била, ниту може да се толкува во правец на дерогирање на одредбите од Законот за облигационите односи преку донесувањето на оспорените одредби од процесниот закон, како што погрешно смета подносителот на иницијативата.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија,Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, наспрема наводите од иницијативата,Судот оцени дека наводите во иницијативата не може да претставуваат основ за поинакво одлучување во однос на предметот У.бр.226/2005,односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.229/2009
7 април 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски